Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ТРИНАЕСЕТТА

Машинерија и крупна индустрија


Содржина

1. — Развиток на машинеријата
2. — Пренесување на вредноста од машинеријата на производот
3. — Најблиски дејства на машинското производство врз работниците
а) — Присвојување придадени работни сили од страна на капиталот. Женски и детски труд.
б) — Продолжување на работниот ден
в) — Интензификација на трудот
4. — Фабриката
5. — Борба меѓу работникот и машината
6. — Теоријата на компензацијата во однос на работниците истиснати од машини
7. — Одбивање и привлекување на работниците во врска со развитокот на машинското производство. Кризи во памучната индустрија
8. — Револуционизирање на мануфактурата, занаетот и домашната работа низ крупната индустрија
а) — Уништување на кооперацијата заснована врз занаетот и поделбата на трудот
б) — Обратно дејство на фабричкиот систем врз мануфактурата и домашниот труд
в) — Модерната мануфактура
г) — Модерниот домашен труд
д) — Премин на модерната мануфактура и домашната работа во крупна индустрија
9. — Фабричко законодавство. (Одредби за здравјето и воспитанието.) — Негово сеопшто раширување во Англија
10. — Крупна индустрија и земјоделство


1. Развиток на машинеријата

Џон Стјуарт Мил во своите „Принципи на политичката економија“ вели:

„Прашање е дали сите досега направени механички изнајдоци му го олесниле секојдневниот труд на едно, кое и да е, човечко суштество“.[86]

Сепак, никако и не ѝ е таква целта на машинеријата примената капиталистички. Како и секој друг развиток на производната сила на трудот, и таа треба да ја поевтинува стоката и да го скусува делот од работниот ден, што го употребува работникот за себеси, за да го продолжи другиот дел од работниот ден, што му го дава тој бесплатно на капиталистот. Таа е средство за производство на вишок на вредноста.

Пресвртот на начинот на производството во мануфактурата ја зема за излезна точка работната сила, а во крупната индустрија средствата на трудот. Значи, прво што треба да испитаме е тоа, со што се разликува машината од занаетчискиот инструмент. Овдека се работи само за крупните, општите карактеристични црти, бидејќи ни епохите од историјата на општеството, а ни епохите од историјата на земјата не се разделуваат со апстрактни остри гранични линии.

Математичарите и механичарите — а тоа овде-онде го повторуваат и англиските економисти — алатот го прогласуваат за проста машина, а машината за сложен алат. Тие овде не гледаат никаква битна разлика и дури простите механички потенции, како лостот, стрмната рамнина, винтот, клинот итн. ги викаат машини.[87] Вистина, секоја машина се состои од овие прости потенции па макар како биле тие преоблечени и комбинирани. Сепак од економска гледна точка ова објаснение не чини, бидејќи во него нема историски елемент. Од друга страна, се бара разликата меѓу алат и машина пак во тоа, што кајалатот движечката сила е човекот, а кај машината некоја природна сила различна од човечката, како животно, вода, ветер итн.[88] Според ова и плугот со спрегнати волови, што им припаѓа на најразлични епохи на производството, би бил машина, а пак circular loom [кружниот разбој] на Клаусен, што е движен само од раката на еден работник, што прави по 96.000 котелци на час, би бил само алат и ништо повеќе. Истиот loom [разбој] би бил алат кога би се движел со рака, а машина кога би се движел со пара. Бидејќи употребата на животинска сила е еден од најстарите изнајдоци на човештвото, тогаш тоа би значело дека вистински машинското производство е постаро од занаетчиското производство. Кога Џон Вајт [Вијат] во 1735 ја објави својата предачка машина, а со неа и индустриската револуција од 18 век, тој не спомна ни со еден збор дека на место човек машината ќе ја тера магаре, а сепак оваа ролја падна на магарето. Неговата програма беше машина „за да се преде без прсти“.[89]

Секоја развиена машинерија се состои од три битно различни дела, движечка машина, трансмисионен механизам и најпосле машина-алатка или работна машина. Машината двигател дејствува како движечка сила на целиот механизам. Таа сама ја произведува својата сопствена движечка сила како парната машина, калоричната машина,[1*] електромагнетската машина итн. или таа добива импулс од една веќе готова природна сила надвор од неа, како водно колце од водопадот, крилото на ветерната мелница од ветерот итн. Трансмисиониот механизам, составен од замавни колца, цилиндри, запчени колца, турбини, лостови, ортоми, ремење, садовни комуникатори и направи од различен вид го регулира движењето, а каде што е нужно ја изменува неговата форма, на пр. ја претвора од вертикална во кружна, го распределува движењето и го пренесува на работната машинерија. Обата дела од механизмот суштествуваат само за тоа, за да ја пуштат во движење работната машина, со што таа тогаш го фаќа предметот на трудот и целесообразно го изменува. Индустриската револуција во 18 век тргнува од овој дел на машинеријата, од машината-алатка. А таа и ден-денеска сѐ уште пак ја прави излезната точка штом занаетчиското или мануфактурното производство преминува во машинско.

Ако ја погледнеме сега поодблиску машината-алатка или вистинската работна машина, тогаш ние воопшто и во цело пак ги гледаме иако често во изменета форма, апаратите и алатите со кои работеа занаетчиите и мануфактурните работници, само што наместо да се алати на луѓето, тие се сега алати на еден механизам или машини. Или целата машина е само едно повеќе или помалку изменето механичко издание на стариот занаетчиски инструмент, како што е при механичкиот разбој,[90] или работните органи што се придадени кон скелетот на работната машина се наши стари познаници, како вретеното на машината за предење, иглите на плетачката машина, пилите на стругарската машина, ножевите на машината за сечење итн. Разликата на овие алати од самото тело на работната машина почнува уште од нивното создавање. Имено, тие сѐ уште и во поголемиот дел се произведуваат на занаетчиски или мануфактурен начин, а дури подоцна се прицврстуваат на телото од работната машина што се произведува на машински начин.[91] Значи, машината-алатка е еден механизам, кој од кога ќе добие соодветно движење, ги извршува со своите алати истите операции што работникот ги извршуваше порано со слични алати. Дали сега движечката сила ќе произлегува од човекот или пак само од некоја друга машина, ништо не ја менува cушноcтa на работата. По пренесувањето на вистинскиот алат од човекот на некој механизам настапува машината место простиот алат. Разликата е очигледна дури и кога самиот човек ќе остане сѐ уште прв мотор. Бројот на работните инструменти со кои човекот може едновремено да дејствува е ограничен со бројат на неговите природни инструменти за производство, со неговите сопствени телесни органи. Отпрво во Германија се обиделе еден предач да врти два родана, значи да го принудат да работи едновремено со двете раце и со двете назе. Ова било мошне напорно. Попосле изнашле еден родан со две вретена, но предачи виртуози што можат да предат две жици едновремено биле готово толку ретки, како што се луѓе со две глави. Напротив „jenny”[2*] веќе веднаш преде со 12 до 18 вретена, плетачката машина плете со многу илјади игли наеднаш итн. Бројот на алатите со кои истата машина-алатка работи едновремено однапред е ослободен од органските граници што го стеснуваат рачниот алат на работникот.

Разликата меѓу човекот само како движечка сила и како работник што врши сам рачна работа во многу рачни алати има една особена сетилна егзистенција. На пр., кај роданот ногата дејствува само како движечка сила, додека раката што работи на вретеното, што ја тегне и што ја врти жицата, ја врши вистинската операција на предењето. Индустриската револуција најпрво го зафаќа токму овој последен дел од занаетчискиот инструмент, а отпрво таа му ја препушта на човекот, покрај новиот труд да ја надгледува машината со своите очи и нејзините грешки да ги поправа со своите раце, уште и чисто механичката ролја како движечка сила. Напротив, алатите на кои човекот уште отпрво дејствуваше како проста движечка сила, како на пр. при вртењето рачката на некоја мелница,[92] при пумпањето, при кревањето и спуштањето на рачката од некој мев, при толчењeтo во некој аван итн., навистина први предизвикаа употребување на животните, водата, ветерот,[93] како движечки сили. Овие се претвораат во машини делум во мануфактурниот период, а спорадично уште многу порано пред него, но тие не го револуционираат начинот на производство. Дека се тие машини дури во нивната занаетчиска форма, се покажува во периодот на крупната индустрија. Пумпите на пр. со кои Холанѓаните во 1836-37 го испумпуваа Харлемскато езеро, беа конструирани според принципот на обичните пумпи, само што нивните клипови ги движеа киклопски парни машини наместо човечките раце. Уште се случува понекаде во Англија, обичниот и сосем несовршен ковачки мев само со просто поврзување на неговата рачка со некоја парна машина да се претвори во некоја механичка воздушна пумпа. Самата парна машина каква што е пронајдена кон крајот на 17 век за време на мануфактурниот период и каква што продолжуваше да биде сѐ до почетокот на 80-те години од 18 век,[94] не предизвика никаква индустриска револуција. Напротив, токму создавањето на машините алатки ја направи нужна револуцијата на парната машина. Штом човекот наместо да дејствува со алатот врз предметот на трудот дејствува уште само како движечка сила на некоја машина алатка, тогаш појавата на човечките мускули како носители на движечката сила станува случајна и тие можат да се заменат со ветер, вода, пара итн. Природно е дека тоа не исклучува една таква измена на услови често големи технички изменувања во механизмот што отпрво бил изграден само за човечка движечка сила. Денеска сите машини што допрва мораат да си пробијат пат како шивачки машини, лебарски машини итн. се конструирани едновремено за човечка и чисто механичка движечка сила, ако тие со својата намена уште отпрвин не исклучуваат мали размери.

Машината, од која произлегува индустриската револуција, го заменува работникот што ракува само со еден алат, со еден механизам што одеднаш оперира со маса еднакви или еднородни алати, а го движи една единствена движечка сила каква што сакала била нејзината форма.[95] Ние сега овде ја имаме машината, но само како прост елемент на машинското производство.

За да се наголеми обемот на работната машина и бројот на нејзините алати што оперираат едновремено, се сака еден поголем движечки механизам, а овој механизам сака една посилна движечка сила отколку што е човечката за да го совлада својот сопствен отпор, а да не гледаме дека е човекот едно сосем несовршено средство за производство во поглед на еднообразноста и континуитетот на движењето. Ако претпоставиме дека човекот дејствува уште само како проста движечка сила, т. е. дека на местото на неговиот алат стапила некоја работна машина, сега пак природните сили можат него да го заменат и како движечка сила. Од сите крупни движечки сили, останати од мануфактурниот период најлошата беше коњската сила, делум што коњот има своја сопствена глава, делум поради тоа што е скапа и што е ограничена размерата во која тој може да се употреби во фабриките.[96] Сепак за време на детинството на крупната индустрија коњот беше често употребуван, што покажуваат не само жалбите на тогашните агрономи, туку веќе и до денеска задржаното изразување на механичката сила во коњски сили. Ветерот беше сосем непостојан и не можеше да се контролира, освен тоа употребата на водната сила во Англија, во лулката на крупната индустрија, имаше претежно значење уште во време на мануфактурниот период. Веќе уште во 17 век се обидело, да се стават во движење два воденички вртача, а тоа е исто што и два воденички камења со една водно тркало. Но зголемениот обем на трансмисиониот механизам сега влезе во конфликт со недостатната водна сила, а оваа е една од околностите што упатиле кон целосно испитување на законот за триењето. Исто така, нееднообразното дејство на движечката сила кај мелниците што се движеле со туркање или тргање на рачката, доведе до теориите и до примената на замавното колце,[97] што подоцна во крупната индустрија игра една толку важна ролја. На овој начин мануфактурниот период ги разви првите научни и технички елементи на крупната индустрија. Throstle предачницата на Аркрајта отпрво била терана со вода. На при тоа и употребата на водна сила како основна движечка сила беше сврзана со различни тешкотии. Таа не можеше да се зголемува по желба, а ако беше недостатна, не можеше да се помогне; понекогаш сосем запираше, и пред сѐ беше од чисто локална природа.[98] Дури со втората парна машина на Ват, таканаречената машина со двојно дејство, беше пронајден првиот мотор, што си ја произведува сам својата движечка сила со тоа што голта јаглeн и вода, чијашто сила сосем стои под човечка контрола, а е подвижен и е средство за движење, е градски, а не селски како што е водното колце, ја овозможува концентрацијата на производството по градовите, наместо да ја растура по селата како што е случајот со водното колце,[99] кој во својата технолошка примена е универзален, а неговата локација сразмерно малку зависи од месните околности.

Великиот гениј на Ват се покажува и во спецификацијата на патентот што ја зел тој во април 1784 г., а според која неговата парна машина не била опишана како некој изнајдок за посебни цели, туку како општ двигател на крупната индустрија. Тој спомнува овде и за примените од кои некои, како на пр. парниот чекан, биле воведени дури повеќе од половина век подоцна. Сепак тој се сомневаше за применливаста на парната машина во морепловството. Неговите следбеници, Болтон и Ват, ја изложиле на лондонската индустриска изложба во 1851 најколосалната парна машина за Ocean steamers [океански параброди].

Дури откако алатите се претворија од орудија на човечкиот организам во алати на некој механички апарат, во машина алатка и движечката машина доби сега самостојна форма, сосем слободна од границите на човечката сила. Со таа одделната машина-алатка што ја разгледуваме досега е сведена на прост елемент од машинското производство. Една движечка машина може сега да тера едновремено многу работни машини. Со бројот на едновремено движените работни машини расте и движечката машина, а трансмисиониот механизам се раширува во далекуопфатен апарат.

Сега треба да се прави двојна разлика: кооперација од многу еднородни машини и систем на машини.

Во едниот случај целата изработка ја приготвува истата работна машина. Таа ги изведува сите различни операции што ги извршуваше еден занаетчија со својот алат, на пр. ткајачот со својот разбој, или што ги изведуваа со ред еден по друг занаетчиите своите различни алати, било самостојно или како членови на некоја мануфактура.[100] На пр. во модерната мануфактура за поштенски пликови еден работник ја дипли книгата со диплач, друг го мачка лепилото, трет го превртува капакот на кој се отпечатува монограмот, четврт притиснува моногpaм итн., и при секоја од овие делски операции секој поединечен плик мора да врви од рака на рака. Една единствена машина за правење пликови ги извршува сиве овие операции наеднаш и прави за 1 час 3.000 и повеќе пликови. Една американска машина за правење книжни ќесиња, изложена на индустриската изложба во Лондон во 1862, ја сече книгата, ја лепи, ја дипли и наполно приготвува по 300 парчиња во минута. Целокупниот процес што беше расподелен внатре во мануфактурата и што се извршуваше во еден редослед, овде го врши една работна машина, што дејствува со комбинација од различни алати. Било што сега една таква работна машина е само механичко препроизводство на еден сложен занаетчиски алат, или комбинација од разнородни прости инструменти специјализирани од мануфактурата, — во фабриката, т. е. во работилницата заснована врз машинско производство, пак секогаш се појавува простата кооперација, (секако ако не го земеме предвид работникот) најпрво како просторно натрупани еднородни работни машини што дејствуваат едновремено и заедно. Така една ткајачка фабрика се состои од многу механички разбои, а една шивачка фабрика од многу шивачки машини наредени една крај друга во истата работна зграда. Но овде суштествува техничко единство бидејќи многу еднородни работни машини едновремено и рамномерно го примаат својот импулс од тупањето на срцето на заедничкиот прв мотор, што го пренесува на нив со трансмисиониот механизам, што им е ним делумен и заеднички, бидејќи од него се разгрануваат посебни одводи за секоја поединечна работна машина. Токму така како што многу алатки ги сочинуваат органите на некоја работна машина, многу работни машини сега сочинуваат уште само еднородни органи од истиот движечки механизам.

Но еден вистински машински систем стапува на местото на поединечните самостојни машини, дури тогаш кога предметот на трудот врви едноподруго низ редица различни еден со друг сврзани одделни процеси што ги изведуваат низа разновидни машини алатки, но што се дополнуваат една со друга. Овде пак се појавува својствената за мануфактурата кооперација заснована врз поделбата на трудот, само што сега како комбинација на делски работни машини. Специфичните алати на различните делски работници, на пр. во волнената мануфактура алатите на дрндарот, гребенарот, стрижачот, предачот итн. се претвораат сега во алати на специфицирани работни машини, од кои секоја една е посебен орган за една посебна функција во системот на комбинираниот механизам од алатки. Во оние гранки каде што се воведува најпрво машинскиот систем, самата мануфактура им дава општа природна основа за поделбата, а со тоа и за организацијата на процесот на производството.[101] Притоа веднаш настапува една суштествена разлика. Во мануфактурата работниците мораат поединечно или групно да го изведуваат секој посебен делски процес со своите рачни алати. Ако работникот е приспособен кон процесот, процесот од своја страна уште порано е приспособен кон работникот. Кај машинското производство овој субјективен принцип на поделбата отпаѓа. Целокупниот процес овдека се разгледува објективно, сам посебе, и се разлага на неговите составни фази, а проблемот како ќе се изведува секој делски процес и како ќе се поврзат различните делски процеси се решава со техничка примена на механиката, хемијата итн.[102] при што, природно, теоретското решение мора да се усоврши како и порано, со насобраниот практичен опит во големи размери. Секоја делска машина ѝ ја доставува на таа што иде по неа нејзината суровина, и бидејќи сите едновремено работат, и производот се најдува непрекинато на различни степени од процесот на своето образување, како и во премин од една фаза на производството во друга. Како што непосредната кооперација на делските работници создава во мануфактурата определени бројни односи меѓу посебни групи работници, така и во расчленетиот систем на машини, за да можат делските машини постојано да си даваат една на друга работа, се создава еден определен однос меѓу нивниот број, нивниот обем и нивната брзина. Комбинираната работна машина, што е сега еден расчленет систем од разнородни поединечни работни машини или од групи такви, е толку посовршена колку што е поконтинуиран нејзиниот вкупен процес, т.е. со колку помалку прекини преминува суровината од нејзината прва фаза до нејзината последна, значи колку повеќе самиот механизам место човечката рака ја пренесува неа од едната фаза на производството во другата. Ако во мануфактурата изолирањето на посебните процеси е принцип даден од самата поделба на трудот, тогаш во развиената фабрика напротив владее континуитет на посебните процеси.

Некој систем на машинерија, било тој да почива врз проста кооперација од еднородни работни машини како на ткајачницата, или на комбинација од разнородни работни машини како во предачницата, сам по себеси е еден голем автомат, штом го движи првиот мотор што се движи сам себеси. Притоа целокупниот систем може да го движи на пр. парна машина, иако на одделни машини алатки сѐ уште им требаат за извесни движења работници, како што беше за движењето на mulеѕ [предачката машина] пред да се воведе (selfacting mule) автоматска предачка машина, и како што сѐ уште треба за фино тенко предење; или пак определените делови на машините за да ги извршат своите операции, мораат да бидат ракувани од работниците исто така како и некои алати, како што беше при изградбата на машините пред претворањето на slide rest (апаратот за стругање на железото) во автомат. Штом работната машина ги врши сите движења потребни за изработка на суровината без содејство на човекот, а само со мала припомош, ние имаме автоматски систем на машинерија што може постојано да се дотерува во детали. Така, на пр., апаратот што сам ја запира предачката штом ќе се скине некоја жица и selfacting stops [автоматска сапирачка] што го запира подобрениот парен разбој штом ќе се сврши жицата јаток на цевката од совалката од разбојот, сосем се модерни изнајдоци. Како еден пример за континуитетот на производството така и за воведувањето на автоматскиот принцип може да послужи модерната фабрика за хартија. На производство на хартија општо може во подробности и успешно да се изучува разликата меѓу различните начини на производство врз основа на различни средства за производство, како и врската на општествените производствени односи со овие начини на производство; старото германско правење хартија ни дава пример за занаетчиско производство, Холандија во 17 и Франција во 18 век пример за вистинската мануфактура, а модерна Англија пример за автоматската фабрикација во оваа гранка, освен тоа во Кина и Индија суштествуваат уште две староазиски форми на истата индустрија.

Како расчленет систем на работни машини што го добива своето движење само со трансмисионата машинерија од еден централен автомат, машинското производство ја добива својата најразвиена форма. На местото на поединечната машина овде стапува едно механичко страшилиште, чиешто тело ги исполнува фабричките згради, и чијашто демонска сила, отпрво притаена скоро со свечени одмерени движења на нејзините исполински членови, избувнува во трескаво бесен танец на нејзините безбројни вистински работни органи.

Мулите, парните машини итн. се појавија пред да имаше работник што се занимава исклучиво со правење парни машини, мули итн., токму така како што човекот носеше алишта пред да имаше шивач. Сепак изнајдоците на Вокансон, Аркрајт, Ват итн. можеа да се изведат самo затоа што овие изнајдувачи најдуваа и значајно количество опитни механички работници подготвени од мануфактурниот период. Еден дел од овие работници се состоеше од самостојни занаетчии од различни професии, друг дел беше собран во мануфактурата каде што владееше, како што порано спомнавме, особено строга поделба на трудот. Со множењето на изнајдоците и со сѐ поголемото барање на новоизнајдените машини, сѐ повеќе и повеќе се развиваше од една страна одделувањето на фабрикацијата на машини во различни самостојни гранки, а од друга страна поделбата на трудот во внатрешноста на мануфактурите што изградуваат машини. Според тоа, ние овде гледаме дека е мануфактурата непосредна техничка основа на крупната индустрија. Таа произведува машинерии со кои крупната индустрија го укина занаетчиското и мануфактурното производство во сферата на производството што најпрво ги зафаќа. Значи, машинското производство се издигна природно врз материјална основа што не му одговараше нему. На извесен степен од својот развиток таа мораше да предизвика преврат во самата основа што ја заварило најпрво готова и после ја разработи во нејзината стара форма и да си создаде нова база соодветна на неговиот сопствен начин на производство. Како што поединечната машина останува како кепец сѐ дури ја движи човекот, како што машинскиот систем не можеше слободно да се развие пред да стапи парната машина на местото на заварените движечки сили — животното, ветерот и самата вода, така и целокупниот развиток на крупната индустрија беше парализиран сѐ додека нејзиното најкарактеристично средство за производство, самата машина, имаше да ѝ заблагодари за своето суштествување на личната сила и на личниот опит, значи сѐ додека зависеше од развитокот на мускулите, од острината на погледот и виртуозноста на рацете со кои оперираше делскиот работник со неговите исти кепечки инструменти во мануфактурата и занаетчијата надвор од неа. Ако ја оставиме настрана скапотијата на машините поради ваквиот првобитен начин на нивното производство — една околност од која се раководи капиталот како од свесен мотив — сепак раширувањето на индустријата што веќе работеше машински и проникнувањето на машинеријата во нови гранки на производството остана зависно чисто од порастот на таква категорија работници што можеше да се умножува само постепено, а не со скокови, поради полууметничката природа на нејзината работа. Но на извесен степен од развитокот крупната индустрија дојде и во техничка спротивност со нејзината занаетчиска и мануфактурна база. Проширувањето на обемот на движечките машини, на трансмисиониот механизам и на работните машини; поголемата сложеност, разнообразноста и строгата рамномерност на нивните составни делови, во онаа мера во која работната машина ги прекинува своите занаетчиски модели кои отпрво наполно господареа над нејзината изградба и добиваа слободна форма определена само од нејзината механичка задача,[103] изградувањето на автоматскиот систем и сѐ понеизбежната употреба на тешко обработлив материјал, како на пр. железо наместо дрво — решавањето на сиве овие природно произлезени задачи насекаде се судираше на личните граници, кои дури и комбинираниот работнички персонал во мануфактурата можеше само до некоја мера да ги совлада, но не и всушност да ги острани. Мануфактурата не можеше да дава машини на пр. како модерната печатна преса, модерниот парен разбој и модерната гребенарска машина.

Преврат во начинот на производство во една сфера од индустријата условува преврат и во други сфери. Ова најпрво важи за такви индустриски гранки што вистина се изолирани поради општествената поделба на трудот, така што секоја една од нив произведува самостојна стока, но сепак тие се преплетуваат како фаза на еден целокупен процес. Така машинското предење го направи неопходно машинското ткаење, а обете заедно предизвикаа механичко-хемиска револуција во белењето, во печатењето басми и во бојадисувањето. Така, од друга страна, револуцијата во памучното предење, го предизвика пронајдувањето gin машина за одделување на памyчните влакна од семето, и дури со тоа стана возможно памучното производство во сега саканата голема размера.[104] Но, имено, револуцијата во начинот на производството на индустријата и земјоделството предизвика нужда од револуција во општите услови на општествениот процес на производство, т.е. во средствата за сообраќај и транспорт. Бидејќи средствата за сообраќај и транспорт на општеството чиј pivot [стожер], да се послужам со изразот на Фурие, беше ситното земјоделство со неговата споредна домашна индустрија и градското занаетчиство, повеќе никако не можеа да ги задоволат потребите на производството на мануфактурниот период со неговата раширена поделба на општествениот труд, со неговата концентрација на средствата на трудот и работниците и со неговите колонијални пазари, затоа тие всушност претрпеа преврат. Токму така и средствата за сообраќај и транспорт наследени од мануфактурниот период набргу се претворија во неподнослива запирачка за крупната индустрија со нејзината трескава брзина во производството, со нејзините масовни размери, со нејзиното постојано префрлање на маса капитали и работници од една сфера на производство во друга и со нејзините новосоздадени врски на светскиот пазар. Затоа покрај полниот пресврт во градењето на едрилиците, средствата за сообраќај и транспорт постепено се приспособуваат кон начинот на производство на крупната индустрија со цел систем од речни паробради, железници, океански пароброди и телеграфи. Но страшните маси железо што требаше сега да се коваат, да се заваруваат, да се сечат, да се дупчат и да се оформуваат од своја страна бараа киклопски машини, а мануфактурното градење машини не беше во сила да ги создаде нив.

Според тоа, крупната индустрија мораше да ги совлада своите карактеристични средства за производство, самите машини и да ги произведува со машини. Дури така таа создаде своја адекватна техничка база и застана на свои сопствени нозе. Онака како што растеше машинското производство во првата деценија на 19 век, така машинеријата всушност постепено ја совлада фабрикацијата на машини алатки. Сепак дури во време на последниве децении [пред 1867] огромната изградба на железници и океанско паробродство им даде живот на киклопските машини употребени за градење на првите мотори.

Најбитниот производствен услов за фабрикација на машини со машини беше една таква движечка машина способна да развие секаква моќна сила, а едновремено да може наполно да се контролира. Таа веќе суштествуваше во парната машина. Но едновремено требаше машински да се произведуваат строги геометриски форми, како линија, рамнина, круг, цилиндер, конуси и топки потребни за одделните делови на машините. Овој проблем го реши Хенри Модсли во првата деценија на 19 век со изнајдувањето на slide rest [повратниот струг], што бргу беше автоматизиран и се пренесе во изменета форма од стругарското тезге за кое тој отпрво беше предопределен, на други конструкциони машини. Оваа механичка направа не заменува некое кое било посебно орудие, туку самата човечка рака, која создава една определена форма со држењето, наместувањето и управувањето на острилото од инструментот за сечење итн. кон или над материјалот за работа; на пр. над железото. Така се успеало да се произведуваат геометриските форми на одделните машински делови „со таков степен на леснотија, точност и брзина, што не можела да ја постигне никаква насобрана опитност во раката на најопитниот работник.“[105]

Ако го разгледуваме сега оној дел од машинеријата применуван за изградба на машини, што е самиот машина алатка, тогаш пак ќе го видиме занаетчискиот инструмент само што во киклопски размери. На пр., работниот орган на бормашината е еден огромен сврдел што се тера со парна машина, а без кој пак, од своја страна, не би можеле да се произведуваат цилиндрите на големите парни машини и хидрауличните преси. Механичкото стругарско тезге е киклопско препроизводство на обичното ножно стругарско тезге; машината за стругање е еден железен стругар што со истиот алат го обработува железото како што го обработува стругарот дрвото; алатката што во лондонските бродоградилишта го сече фурнирот е огромен брич; орудието механичка ножница, што сече железо, како што сечат шивачките ножици платно, се монструозни ножици, а парниот чекан оперира со обична глава на чекан, но со таква тежина, што ни самиот Тор не може со него да замавне.[106] На пр. еден од таквите парни чекани, изнајдок на Несмит, е тежок над 6 тони и паѓа вертикално со височина од 7 стапала на наковална што е тешка 36 тони. За него е играчка некоја гранитна карпа да ја направи прав, а исто е способен да закачи клинец во меко дрво со редица еден по друг лесни удари.[107]

Како машинерија средството на трудот добива таков начин на егзистенција, што ја условува замената на човечката сила со природни сили, а добиената рутина — со свесната примена на природните науки. Расчленувањето на општествениот процес на трудот во мануфактурата е чисто субјективна, проста комбинација на делски работници; во системот на машини крупната индустрија има еден сосем објективен производен организам, кого работникот го заварува како готов материјален услов за производство. Во простата кооперација, па и во кооперацијата специфицирана со поделбата на трудот, потиснувањето на изолираниот работник од страна на поопштествениот сѐ уште се појавува повеќе или помалку случајно. Машинеријата, со некои одземки што ќе ги спомнеме подоцна, функционира само во раката на непосредно поопштествениот или заедничкиот труд. Кооперативниот карактер на процесот на трудот, значи, овде е техничка нужност, диктирана од самата природа на средствата на трудот.

2. Пренесување на вредноста од машинеријата на производот

Видовме дека капиталот бесплатно ја добива производната сила што произлегува од кооперацијата или од поделбата на трудот. Тие се природни сили на општествениот труд. Природните сили, како парата, водата итн, што се приспособуваат кон производните процеси, исто така му се бесплатни. Но како што му е на човекот нужен белиот дроб за дишење, така нему му треба „создание на човечките раце“ за да ги троши производно природните сили. Нужно му е водното колце за експлоатација на движечката сила на водата, парната машина за експлоатација на еластичноста на парата. Како е со природните сили, така е и со науката. Штом еднаш бил откриен законот за отклонот на магнетската игла во областа на дејството на електричната струја или законот за создавање магнетизам во железото околу кое кружи електрична струја, тие се добиваат без пет пари.[108] Но за експлоатација на овие закони во телеграфијата итн. е потребен сосем скап и сложен апарат. Машината, како што видовме, не го истиснува алатот. Од кепечко орудие на човечкиот организам, тоа разраснува по обемот и бројот во орудие на механизам создаден од човекот. Капиталот го пушта работникот да работи сега наместо со рачен алат, со машина што сама го управува алатот. Ако е јасно според тоа на прв поглед дека крупната индустрија мора вонредно да ја зголеми производноста на трудот со вовлекувањето во процесот на производството на огромни природни сили и на природните науки, никако не е јасно дека и оваа зголемена производна сила не се плаќа од друга страна со зголемено трошење труд. Исто како и секој друг составен дел од постојаниот капитал, и машинеријата не создава никаква вредност, но ја пренесува својата сопствена вредност на производот, за чие производство таа служи. До колку таа има вредност и затоа ја пренесува вредноста на производот, таа е составен дел од неговата вредност. Наместо таа да го поевтини, таа него го поскапува сразмерно со нејзината сопствена вредност. И очигледно е дека машината и систематски развиената машинерија, карактеристичното средство на трудот во крупната индустрија, несразмерно расте по вредност во споредба со средствата на трудот на занаетчиското и мануфактурното производство.

Сега уште отпрво треба да се забележи дека машинеријата влегува во процесот на трудот постојано цела, а во процесот на оплодувањето на вредноста секогаш само делум. Таа никогаш не придава повеќе вредност отколку што средно губи со нејзиното абење. Значи, имаме голема разлика меѓу вредноста на машината и делот на вредноста што таа го пренесува периодично на производот. Има голема разлика меѓу машината како елемент што образува вредност и како елемент што образува производ. Колку поголем е периодот во кој иста машинерија служи во ист процес на трудот, толку е поголема оваа разлика. Секако, ние видовме дека секое вистинско средство на трудот, или инструмент за производство, секогаш влегува во процесот на трудот цело, а во процесот на оплодувањето на вредноста постојно само делум, сразмерно со неговото средно дневно абење. Сепак оваа разлика меѓу ползувањето и абењето е многу поголема кај машинеријата отколку кај алатот, зашто таа е изградена од потраен материјал и подолго живее, зашто нејзината примена, регулирана по строго научни закони, дава можност за поголема економија во трошењето на нејзините составни делови и на средствата што ги употребува таа, и најпосле зашто нејзиното поле за производство несразмерно е поголемо отколку кај алатот. Ако го извадиме средното дневно чинење на обата, на машинеријата и на алатот, или составните делови од вредноста што ги придаваат тие на производот со средно дневно абење и со трошењето на помошните материи како масла, јаглен итн. тогаш тие дејствуваат бесплатно, токму како природните сили што суштествуваат без содејство на човечкиот труд. Колку што е поголем обемот на дејството на машинеријата од обемот на алатот, за толку е поголем обемот на нејзината бесплатна служба во споредба со алатот. Дури во крупната индустрија човекот учи да го стави во дејство бесплатно и во голема размера производот на неговиот минат веќе опредметен труд како некоја природна сила.[109]

При разгледувањето на кооперацијата и мануфактурата се покажа дека извесни општи услови на производството, како зградите итн., во споредба со расцепканите услови на производството на делскиот работник, стануваат поради заедничкото трошење поекономични, а оттука и производот е помалку скап. Кај машинското производство не само што се троши заеднички телото на една работна машина од многу нејзини орудија, туку и многу работни машини ја трошат заеднички истата движечка машина и еден дел од трансмисиониот механизам.

При дадена разлика меѓу вредноста на машинеријата и делот на вредноста што се пренесува на нејзиниот дневен производ, степенот во кој овој дел на вредноста ќе го поскапи производот пред сѐ зависи од обемот на производот, тукуречи од неговата површина. Господин Бејнс од Блекберн во едно предавање објавено во 1857, смета дека:

„секоја реална[109a] механичка коњска сила тера 450 вретена на автоматската mulе заедно со соодветни направи или 200 throstle-вретена, или 15 разбои за 40 inch cloth [ткаенина од 40 палци], покрај направите за затегнување на основата, гладење итн.“

Според тоа дневното чинење на една парна коњска сила и абењето на машинеријата што ја движи таа се дели во првиот случај на дневниот производ од 450 муле-вретена, во вториот на од 200 throstle-вретена, во третиот на 15 механички разбои, така што благодарение на тоа се пренесува на една унца преѓа или на еден аршин ткаенина само еден сосем ситен дел од вредноста. Исто е во горниот пример со парниот чекан. Бидејќи неговото дневно абење, трошењето јаглен итн. се расподелува на страшна маса железо што тој дневна го исковува, затоа на секоја цента железо се пренесува само многу мал дел од вредноста, што би бил сосем голем кога би требало киклопскиот инструмент да закачува мали клинци.

Ако е даден кругот на дејството на работната машина, т. е. бројот на нејзините алати, или, кога се работи за сила, при даден обем, масата на производите зависи од брзината со која таа оперира, значи на пр. од брзината со која се врти вретеното, или од бројат на ударите што ги дава чеканот во една минута. Некои од овие колосални чекани даваат по 70 удари, ковачката патент-машина на Рајдер, што работи со парни чекани од помали димензии за ковање вретена, дава 700 удари во една минута.

При дадена пропорција во која машинеријата ја пренесува вредноста на производот, големината на овој дел од вредноста зависи од нејзината сопствена големина на вредноста.[110] Но колку самата таа содржи помалку труд, толку помалку вредност му предава на производот. Колку помалку вредност предава, толку е таа попроизводна и толку повеќе нејзината услуга се приближува кон природните сили. Но производството на машинерии со машинерии ја смалува нивната вредност сразмерно со нивното раширување и дејство.

Ако се анализираат напоредно цените на занаетчиски или мануфактурно произведените стоки со цените на истите стоки произведени со машини, воопшто се добива резултат дека составниот дел на вредноста кај машинските производи што произлегува од средствата на трудот релативно расте, но апсолутно опаѓа. Тоа значи дека неговата апсолутна големина опаѓа, но неговата големина во однос на вкупната вредност на производот, на пр. на една фунта преѓа расте.[111]

Јасно е дека се врши само разместување на трудот, т. е. дека вкупната сума на трудот потребна за производството на некоја стока не се смалува, или производната сила на трудот не се зголемува ако производството на некоја машина чини толку многу труд, колку што се добива со нејзината примена. Сепак, разликата меѓу трудот колку што таа чини и трудот што таа го економисува или степенот на нејзината производност очевидно не зависи од разликата меѓу нејзината сопствена вредност и вредноста на алатот што го надоместува таа. Разликата трае дотогаш, додека трудот потрошен на машината, а со тоа и делот на вредноста што го пренесува таа на производот, останува помал одошто вредноста што му ја придава работникот на предметот на трудот со својот алат. Според тоа, производноста на машината се мери со степенот во кој таа ја надоместува човечката работна сила. Според г. Бејнс, на 450 muli вретена со соодветните направи што ги тера една парна коњска сила идат по 2 1/2 работници,[112] а со секое автоматско mulе вретено при десетчасовен работен ден испредуваат по 13 унци преѓа (од среден нумер), значи за 2 1/2 работници иде 365 5/8 фунти преѓа неделно. Следствено при нивното претворање во преѓа приближно 366 фунти памук (поради упростување не ги земаме предвид отпадоците) апсорбираат само 150 работни часа или 15 десетчасовни работни дена, додека со роданот, ако рачниот предач изработуваше 13 унци преѓа за 60 часа, истото количество памук би апсорбирало 2.700 работни дена од по 10 часа или 27.000 работни часа.[113] Каде што стариот метод на blockprinting или на рачното печатење на платно е потиснат со машинско печатење, една единствена машина со содејство на еден човек или младо лице преработува толку платно за еден час колку што порано 200 луѓе.[114] Пред Ели Витни да го пронајде 1793 cottongin [памучниот џин], одделувањето една фунта памук од семето бараше еден среден работен ден. Како последица на неговиот изнајдок една негарка можела дневна да исчисти 100 фунти памук, а дејноста на gin-oт оттогаш се покрена уште позначајна. Една фунта памучни влакна што порано се произведуваше за 50 центи, подоцна се продаваше за 10 центи и тоа со поголем профит, т. е. вклучуваше поголемо количество наплатен труд. Во Индија за одделување на влакното од семето се употребува еден полумашински инструмент, т. н. чурка, со кој еден маж и една жена дневно чистат 28 фунти. Со чурката што ја пронајде пред неколку години Д-р Форбс, 1 човек и 1 момче произведуваат дневно 250 фунти; таму каде што се употребуваа како движечка сила волот, парата или водата, се потребни само неколку помали момчиња или девојчиња како feeders (раце што ѝ даваат материјал на машината). Шеснаесет вакви машини, терани со волови вршат дневно онолку работа, колку што порано средно вршеле 750 луѓе.[115]

Како што веќе спомнавме, парната машина, кај парниот плуг, извршува во еден час, за 3 пенси или шилинг, толку многу работа колку 56 луѓе по 15 шил. на час. Се враќам на овој пример за да се отстрани една неточна претстава. Имено, 15 шил. никако не се израз на трудот придаден од 66 луѓе за време од еден час. Ако е односот меѓу вишокот на трудот и потребниот труд 100%, тогаш овие 66 работници произведуваа за еден час вредност од 30 шил., иако во еквивалентот за самите нив, т. е. во наемнината од 15 шил. се претставуваат само 33 часа од сите 66 часа. Значи, ако претпоставиме машината да чини толку колку годишната наемнина на 150 работници што истиснува таа, да речеме 3.000 ф. ст., тогаш овие 3.000 ф. никако не се паричен израз за трудот што го потрошија 150 работници, а што му го придадоа на предметот на трудот, туку само за делот од нивниот годишен труд, што за нив самите се изразува во наемнина. Напротив, паричната вредност на машината од 3.000 фунти ст. го изразува целиот труд потрошен за време на нејзиното производство, па макар како да се образувал во овој труд односот меѓу наемнината за работникот и вишокот на вредноста за капиталистот. Значи, ако машината чини исто толку колку и работната сила што ја заместува таа, тогаш трудот, опредметен во самата неа, постојано е многу помал од живиот труд што го замести.[116]

Кога се разгледува машинеријата како средство за поевтинувaњe на производот, тогаш границата за употребата на машинеријата е дадена со тоа, што нејзиното сопствено производство чини помалку труд, отколку трудот што се заместува со нејзината примена. Сепак за капиталот оваа граница е уште потесна. Бидејќи тој не го плаќа употребениот труд, туку вредноста на употребената работна сила, тогаш употребата на машини за него е ограничена со разликата меѓу вредноста на машината и вредноста на работната сила што ја заместува таа. Бидејќи поделбата на работниот ден на потребен труд и вишок на трудот е различна во разни земји, а исто така е различна и во истата земја за разни периоди или за истиот период, но во разни гранки на производството; бидејќи потака вистинската наемнина на работникот де паѓа под вредноста на неговата работна сила, де се качува над неа, разликата меѓу цената на машинеријата и цената на работната сила, што ја заместува таа, може мошне да се менува, иако разликата меѓу количество труд потребно за производство на машината и целокупното количество труд што го заместува таа останува иста.[116a] Но само првата разлика е таа што ги определува за самиот капиталист производните трошоци на стоката и влијае врз него со присилните закони на конкуренцијата. Затоа денеска во Англија се изнајдуваат машини што се применуваат само во Северна Америка, како што Германија во 16 и 17 век изнајдува машини, што ги применува само Холандија, и како што напати француските изнајдоци од 18 век беа експлоатирани само во Англија. Самата машина во земјите со постар развиток со својата примена во некои работни гранки произведува во други гранки таков вишок на трудот (redundancy of lаbour, вели Рикардо), што падот на наемнината под вредноста на работната сила овде ја спречува употребата на машините, станува излишна, дури и често невозможна од гледиштето на капиталот, чии печалби и инаку не произлегуваат од смалувањето на употребениот туку на неплатениот труд. Во некои гранки на англиската волнена мануфактура во последниве години мошне е намален детскиот труд, а овде-онде сосем е истиснат. Зошто? Фабричкиот акт наложил двојна детска смена, од кои едната работи по 6 часа, а другата 4 часа или секоја само по 5 часа. Но родителите не сакале да ги продаваат half-timers (полувремениците) поевтино отколку порано full-timers (полновремениците). Затоа палувремениците се заместени со машинерија.[117] Пред да се забрани трудот на жените и децата (под 14 години) во рудниците, капиталот најде метод да употребува голи жени и девојки често заедно со мажите во рудниците за јаглен и во други рудници, што толку се согласуваше со неговиот морален кодекс, а особено со неговата главна книга, што тој дури по забраната на овој труд се фати за машинерија. Јенките изнашле машини за кршење камење. Англичаните не ги употребуваат нив зашто на „сиромавиот“ („wretch“ — сиромав, е технички термин на англиската политичка економија за земјоделскиот работник) што ја врши оваа работа му се плаќа толку мал дел од неговиот труд, што машинеријата би го поскапела производството за капиталистот.[118] Во Англија наместа кај приканалските гемии сѐ уште се употребува за тргање жената наместо коњот итн.,[119] бидејќи трудот потребен за производство на коњите и машините е едно математички дадено количество, додека трудот потребен за одржување на жените на одвишното население е надвор од секаква сметка. Поради тоа нигде не се растура човечката сила побесрамно на бесмислени ситнурии, како што се растура во Англија, во земјата на машините.

3. Најблиски дејства на машинското производство врз работниците

Како што видовме, излезната точка на крупната индустрија ја прави револуцијата на средствата на трудот, а револуционерното средство на трудот ја доби својата најразвиена форма во расчленетиот систем на машини во фабриката. Пред да разгледаме како се припива човечкиот материјал кон овој објективен организам, да разгледаме неколку општи дејства на оваа револуција врз самиот работник.

а) Присвојување придадени работни сили од страна на капиталот. Женски и детски труд.

До колку машинеријата ја прави излишна силата на мускулите, таа станува средство да се употреби работникот без мускулна сила или со понезрел телесен развиток, но со поеластични членови. Поради тоа женскиот и детскиот труд беше првиот збор на капиталистичката примена на машинеријата! Ова силно средство за заместување на трудот и работниците веднаш се претворило со тоа во едно средство за зголемување на бројот на наемните работници со подредување на сите членови од работничката фамилија, без разлика на пол и возраст под непосредното господство на капиталот. Присилниот труд за капиталистот не го узурпирал само времето на детските игри туку и слободниот труд што се вршел за нуждите на самата фамилија во домашниот круг, во рамките на моралните граници.[120]

Вредноста на работната сила беше определена не само со работното време потребно за издршка на индивидуалниот возрасен работник, туку и за работничката фамилија. Притоа машинеријата ги фрла на пазарот на трудот сите членови од работничката фамилија, и така вредноста на работната сила од мажот ја поделува на целата негова фамилија. Со тоа таа ја обезвредува неговата работна сила. Купувањето на пр. на семејството што е раздробено на 4 работни сили можеби чини повеќе отколку што порано чинеше купувањето на работната сила на главата на фамилијата, но затоа настапуваат 4 работни дена наместо порано еден, и нивната цена паѓа во сразмера со разликата на вишокот на трудот од четворицата над вишокот на трудот од едниот. За да може една фамилија да живее, сега мораат четворицата да му даваат на капиталот не само труд туку и вишок на трудот. Така машинеријата, со проширувањето на заварениот човечки материјал за експлоатација, т. е. вистинското поле на капиталистичката експлоатација,[121] едновремено го проширува и степенот на експлоатацијата.

Таа, исто така, го револуционира од основа и формалното изразување на капиталистичките односи, договорот меѓу работникот и капиталистот. Врз основа на стоковната размена, првата претпоставка беше, капиталистот и работникот да стапат еден спроти друг како слободни лица, како независни стопани на стоки, едниот како стопан на парите и средствата за производство, другиот како стопан на работната сила. На сега капиталот купува неполнолетни или полуполнолетни. Работникот порано ја продаваше својата сопствена работна сила, со која тој располагаше како формално слободно лице. Сега тој ги продава жената и детето. Тој станува трговец на робови.[122] Барањето на детскиот труд често и по форма се изедначува со барањето на негарски робови, како што може обично да се прочита во огласите по американските весници.

„Моето внимание“, вели на пр. еден англиски фабрички инспектор, „го привлече еден оглас во локалниот весник на еден од најважните мануфактурни градови во мојата област. Огласот гласеше: 'Се бараат 12 до 20 деца, што навидум да не бидат помали од 13 години. Наемнина 4 шил. неделно. Да се праша'... итн.“[123]

Фразата „навидум да не бидат помали од 13 години“ се однесува на тоа што според Factory Act [фабричкиот закон] деца под 13 години смеат да работат само по 6 часа. Некој официјално ополномоштен за тоа лекар (certifying surgeon) мора да ја потврди возраста. Значи фабрикантот бара деца што ќе изгледаат како веќе да имаат 13 години. Бројот на децата под 13 години земени на работа од фабрикантите напати се смалувал во скокови и тоа што изненадува во англиската статистика за последниве 20 години, било, според исказите на самите фабрички инспектори, во голема мера дело на certifying surgeon, кои ја дотерувале возраста на децата според експлоататорската жедност на капиталистите и трговските нужди на родителите. Во злогласниот лондонски кварт Бетнел Грин секој понеделник и вторник наутро се држи отворен пазар на кој деца од обата пола од 9 години нагоре се изнајмуваат сами кај лондонските копринени мануфактури. „Обични услови се: 1 шил. и 8 пенси неделно (што се за родителите) и 2 пенси само за мене и чајот.“ Договорот важи само за една недела. Сцените и разговорите додека трае овој пазар вистински револтираат.[124] Во Англија сѐ уште се случува жени да земаат деца од Workhouse [работен дом] и да ги издаваат под наем на кој било купец за 2 шил. и шест пенси неделно.[125] И покрај законодавството, сѐ уште во Велика Британија самите родители продаваат најмалку 2.000 деца како живи машини за чистење оџаци иако суштествуваат машини за нивната замена.[126] Револуцијата што ја предизвика машинеријата во правните односи меѓу купецот и продавачот на работна сила, така што целата трансакција ја изгуби дури и самата привидност на некој договор меѓу слободни лица, му даде подоцна на англискиот парламент правна основа да го оправда мешањето на државата во фабричките работи. Секој пат кога фабричкиот закон го ограничувал трудот на децата на 6 часа во дотогаш незафатените од овој закон индустриски гранки, постојано се крева нова олелија на фабрикантите: дека еден дел од родителите ги враќаат сега децата од индустријата што подлежи на регулација за да ѝ ги продадат на таква индустрија каде што уште владее „слободата на трудот“, т.е. каде што децата под 13 години се присилуваат да работат како возрасните, значи да се продаваат и поскапо. Но бидејќи капиталот по својата природа е еден leveller [борец за еднаквост], т.е. бара како природено право на човекот еднаквост во условите за експлоатација на трудот во сите сфери на производството, законското ограничување на детскиот труд во една индустриска гранка повлекува ограничување во другите.

Ние веќе порано укажавме на физичкото пропаѓање на децата и младите лица, како и на работничките жени, кои машинеријата ги потчинува под експлоатацијата на капиталот прво директно, во фабриките што изникнуваа врз основата на машинското производство, а после индиректна во сите други индустриски гранки. Затоа ние овдека ќе се запреме само на една точка, на огромната смртност на работничките деца во првите години на нивниот живот. Во Англија има 16 регистрациони околии во кои на 100.000 живи деца под една година идат средно годишно само 9.000 смртни случаи (во една околија само 7.047), во 24 околии над 10.000 но под 11.000, во 39 околии над 11.000 но под 12.000, во 48 околии над 12.000 но под 13.000, во 22 над 20.000, во 25 околии над 21.000, во 17 над 22.000, во 11 над 23.000, во Хоо, Улвергемнигон, Ештон-Андер-Лаки и Престон над 24.000, во Нотинген, Стакпорт и Бредфорд над 25.000, во Уизбич 26.000 и во Манчестер 26.125.[127] Како што покажа една официјална лекарска анкета во 1861 г., високата норма на смртноста, ако не се земат предвид месните околности, се должи главно на работењето на мајката надвор од куќата, и оттука произлезеното лошо одгледување и запуштеноста на децата, меѓу другото, несоодветната исхрана, скудноста во храна, хранењето со опијати итн., оттука и неприродното[3*] отуѓување на мајката од детето, а поради тоа преднамислено изгладнување и труење.[128] Во такви земјоделски околии „каде што жените минимално одат на работа, нормата на смртноста е, напротив, најниска.[129] Иследната комисија од 1861 сепак даде неочекуван резултат, бидејќи покажа дека во некои чисто земјоделски околии што лежат на Северното Море нормата на смртноста на децата под една година скоро ја достасала нормата во фабричките околии најпрочуени со неа. Поради тоа на Д-р Јулие Хантер му беше наложено на самото место да го испита овој феномен. Неговиот извештај е приложен кон „Sixth Report on Public Health“.[130] Дотогаш се претполагало дека децата ги коси маларијата и другите болести својствени на ниските и блатните краишта. Иследувањето го покажа токму обратното имено,

„дека истата причина што ја уништи маларијата, имено претворањето на Земјата во плодородни ниви, што зимата беше баруштина а преку летото оскудно пасиште, предизвика извонредна висока смртност при доенчињата.“[131]

70 лекарски практичари што ги сослуша Д-р Хантер во тие околии, беа по оваа точка „чудно едногласни“. Имено со револуцијата се воведе во земјоделските култури индустрискиот систем.

„Омажени жени што работат во тајфи заедно со девојки и момци, се изнајмуваат во цели тајфи за една определена сума од страна на еден човек, што се вика 'gangmeister' [водач на тајфа] и му се ставаат на располагање на закупецот. Овие тајфи често патуваат многу милји далеку од нивните села, наутро и навечер се среќаваат по селските патишта; жените се облечени со куси здолништа и соодветни блузи и чизми и напати со панталони, навидум се мошне јаки и здрави, но се расипани поради распуштеност што им стана навика и безобѕирни се спрема жалосните последици што ги носи нивната љубов за ваков активен и независен начин на живеење за нивните деца што скапуваат дома.“[132]

Овде се препроизведуваат сите појави на фабричките околии, а уште во поголем степен прикриено убивање на децата и труење на децата со опијати.[133]

„Моето познавање на злото“, вели Д-р Сајмон, лекар во служба при англискиот Privy Council и главен редактор на извештајот за Public Health [народно здравје] што е создадено од секое пообемно ангажирање на возрасни жени на работа во индустријата, „мора да ја оправда мојата длабока одвратност спрема ова ангажирање.“[134] „Ќе биде вистинска среќа за мануфактурните околии во Англија“, извикнува фабричкиот инспектор R. Baker во еден официјален извештај, „ако на сите омажени жени, што имаат фамилија, им се забрани да работат во која и да било фабрика“.[135]

Моралното пропаѓање произлезено од капиталистичката експлоатација на женскиот и детскиот труд така исцрпно го претстави Ф. Енгелс во книгата „Положбата на работничката класа во Англија“ и други писатели, што јас овде само потсетувам на тоа. Но интелектуалната пустош произведувана вештачки со претворувањето на незрелите луѓе само во машини за фабрикување вишок на вредноста, пустош што сосем се разликува од она природно незнаење, кое го остава умот неразработен, без да ја спакози неговата способност за развиток, самата негова природна плодност, најпосле го присили дури и англискиот парламент да ја воведе во сите индустрии потчинети на фабричкото законодавство основната настава како законски услов за „производната“ употреба на децата под 14 години. Духот на капиталистичкото производство јасно се гледа од невнимателната редакција на таканаречените воспитни клаузули на фабричките акти, од отсуството на административен апарат, поради што оваа присилна настава во поголем дел пак си останува илузорна, од опозицијата на фабрикантите дури и против овој закон за настава и од нивните практични итроштини и заобиколки да го избегнат него.

„За осуда е самото законодавство, зошто тоа издало фиктивен зaкoн (delusive law), што природно се грижи за воспитанието на децата, а не содржи ни една единствена определба со која би можел да ја осигури оваа поставена цел. Тоа не определува ништо друго освен дека децата треба да бидат заклучени определен број часови (3 часа) на ден во место меѓу четири ѕида, што се вика училиште и што господарот на детето мора за тоа да држи потврда издадена од едно лице што е потпишано со своето име како учител или учителка.“[136]

Пред издавањето на поправениот фабрички акт од 1844 не беа ретки потврдите за посетување на училиштето што го потпишува учителот или учителката со еден крст, оти последниве и самите не знаеја да пишуваат.

„При посетата на едно такво училиште што раздаваше такви потврди толку бев потресен од незнаењето на учителот, што му реков: 'Ви се молам, гocподине, знаете ли Вие да читате?' Неговиот одговор беше: 'Јас, да, нешто (summat)'. За да се оправда, тој додаде: 'Секако јас подобро стојам од моите ученици.'“

Во време на подготвувањето на законот од 1844 г. фабричките инспектори ја изнесоа жалосната состојба на местата што се викале училишта, чиишто потврди мораа да ги признаваат по законот како полноважни. Но сѐ што постигнаа тие, беше тоа, што од 1844

„броевите во училишната потврда требаше да бидат исполнети своерачно од учителот, Ditto [исто] така и своето име и презиме мораше лично сам да си го потпише.“[137]

Сер Џон Кинкејд, фабрички инспектор за Шкотска, раскажува за слични службени искуства:

„Првото училиште што го посетив јас, го држеше некоја мисис Ана Килин. На моето барање да го напише своето име, таа веднаш направи грешка што почна со буквата Ц, но веднаш се поправи и рече дека нејзиното име почнувало со К. Сепак при разгледувањето на нејзиниот потпис во книгата на училишните потврди забележав, дека таа се потпишува на различни начини, додека ракописот не оставаше никакво сомнение за нејзината неспособност за обучување. Па и самата призна, дека не можела да води регистар ... Во една друго училиште јас најдов дека собата за учење беше 15 стапала долга и 10 стапала широка, а во оваа просторија се наоѓаа 75 деца што крескаа нешто неразбирливо.“[138] „Сепак не се сите тие такви бедни дупки во кои децата добиваат школски потврди, но не и образование, зашто во многу училишта, каде што е учителот добро подготвен, скоро сите негови настојувања пропаѓаат поради страшно збрканото клопче на деца од сите возрасти, почнувајќи од тригодишна. Неговиот приход, во најдобар случај беден, наполно зависи од бројот на децата што може да се настегаат во една соба и од бројот на пенсите што ги добива од нив. Потоа иде бедната школска обзаведеност, немање книги и друг учебен материјал, и мачното дејство на задушливиот и расипаниот воздух на самите сиромашни деца. Јас бев во многу такви училишта, каде што видов цели редици деца што апсолутно ништо не работеа и сепак ова беше потврдувано како посетување на училиштето, а вакви деца фигурираа во официјалните статистики како воспитани (educated).“[139]

Во Шкотска фабрикантите настојуваа по можност да ги исклучат децата што се задолжени да одат на училиште.

„Ова е достатно за да покаже колку многу фабрикантите се нерасположени спрема воспитните клаузули.“[140]

Ова се покажува ем смешно ем страшно во печатниците на платно итн. што се регулираат со еден особен фабрички закон. Според определбите на тој закон

„секое дете, пред да влезе на работа во таква печатница, морало да има посетувано училиште најмалку 30 дена, а не помалку од 150 часа за време од 6 месеци што изминале непосредно пред првиот ден од неговото влегување на работа. Дури трае неговото работење во печатницата, тоа исто така мора да оди на училиште еден период од 30 дена или 150 часа за секој 6 месеци... Одењето на училиште мора да се изврши меѓу 8 часот наутро и 6 часот попладне. Ниедна посета во еден ист ден помала од 2 1/2 часа или поголема од 5 часа не треба да се смета како дел од 150-те часа. При редовни околности децата одат на училиште пред пладне и попладне 30 дена по 5 часа на ден, и по истекот на 30 дена, кога е исполнета вкупната сума од 150 часа, колку што се сака законски, или, како што велат самите деца, кога ја завршиле книгата, се враќаат назад во печатницата каде што пак остануваат 6 месеци, дури не дојде новиот рок за задолжително одење на училиште, додека пак не ја заврши книгата... Мошне многу деца што одат на училиште за време на пропишаните 150 часа, при нивното враќање по 6 месеци од печатницата се толку далеку со знаење како во почетокот. Се разбира, тие пак го заборавиле она, што го научиле со понапрежното одење на училиште. Во други печатници на платно одењето на училиште е наполно зависно од работните нужди на фабриката. Бараниот број часови се исполнува за секој шестмесечен период со откинување по 3 до 5 часа наеднаш, израсфрлени можеби низ сите 6 месеци. На пр. еден ден се оди на училиште од 8 до 11 часот наутро, друг ден од 1 до 4 часот попладне, а потоа детето пак извесен број денови не оди, после ненадејно пак дојдува од 3 до 6 часот попладне; после оди 3 или 4 дена едноподруго, или една цела недела, потоа пак го снемува 3 недели или цел месец и пак се враќа кога нема работа за неколку дена и неколку часа, кога случајно не му е потребно на неговиот господар и така детето тукуречи се поттурнува (buffet) де ваму де таму од училиште во фабрика, од фабрика на училиште, сѐ додека не се отплати сумата од 150 часа“.[141]

Со претежен додаток на деца и жени кон комбинираниот работен персонал, машинеријата најпосле го скрши отпорот, што сѐ уште машките работници во мануфактурата ѝ го спротивставуваа на деспотијата на капиталот.[142]

б) Продолжување на работниот ден

Ако е машинеријата најмоќно средство за да се зголеми производноста на трудот, т.е. да се скуси работното време потребно за производството на некоја стока, таа како носител на капиталот станува најсилно средство за да се продолжи работниот ден над секоја природна граница отпрво во индустриите кои непосредно ги завладеала таа. Од една страна таа создава нови услови што го оспособуваат капиталот да ги разузда овие свои постојани тенденции, од друга страна создава нови мотиви што ја изоструваат неговата неугаслива жедност за туѓ труд.

Во машинеријата најпрво движењето и дејноста на средствата на трудот стануваат самостојни во однос на работникот. Тие сами по себе стануваат индустриски perpetuum mobile што би продолжило непрекинлива да произведува, а не се судира на извесни природни граници во лицето на своите човечки помошници: на нивната телесна слабост и на нивната самоволност. Како капитал, а како таков овој автомат има во лицето на капиталистот свест и волја, и затоа тој е надарен со стремеж да ги присили бунтовните, но еластичните човечки природни граници на минимален отпор.[143] Овој и инаку е смален со привидната леснотија на трудот на машините и со попокорниот и поеластичен женски и детски елемент.[144]

Производноста на машинеријата, како што видовме, стои во обратна сразмера спроти големината на оној дел на вредноста што го пренесува таа на производот. Колку е поголем периодот во кој функционира таа, толку е поголема масата на производи на кои се разделува вредноста што им ја придава таа, и толку е помал делот на вредноста што ѝ го придодава таа на одделната стока. Но активниот период од животот на машинеријата очевидно е определен со должината на работниот ден или со дневното траење на процесот на трудот помножено со бројот на деновите, во кои се повторува процесот.

Абењето на машината никако не му одговара со математичка точност на времето во кое таа се ползува. Но дури и при оваа претпоставка, некоја машина што работи 7 1/2 години по 16 часа дневно опфаќа еден исто толкав производен период и не му придава на целокупниот производ повеќе вредност отколку што би работела истата машина за време од 15 години по 8 часа дневно. Само што во првиот случај вредноста на машината би била репродуцирана двојно побргу отколку во последниов, а капиталистот со истата за 7 1/2 години би голтнал исто толку вишок на трудот колку што инаку за 15 години.

Материјалното абење на машината е од два вида. Едниот произлегува од нејзината употреба, како што се лиже златникот во циркулацијата, другиот произлегува од нејзината неупотреба, како што 'рѓосува мечот без дејство во ножницата. Во последниов случај неа ја јадат елементите. Абењето од првиот вид повеќе или помалку стои во директна сразмера, а последниов во извесен степен во обратна сразмера спроти нејзината употреба.[145]

Но покрај материјалното, машината подлежи и на едно, така да речеме, морално абење. Таа губи разменска вредност во мера во која машини од иста конструкција можат да се репродуцираат поевтино или и се јавуваат подобри машини како конкуренти.[146] Во обата случаи, нејзината вредност не се определува повеќе од работното време што е вистински опредметено во самата неа, па колку била таа млада и животоспособна, туку од работното време потребно за репродукција на самата неа или за репродукција на подобра машина. Поради тоа таа е повеќе или помалку обезвредена. Колку е покус периодот во кој се препроизведува вкупната вредност, толку е помала опасноста од моралното абење, а колку е подолг работниот ден, толку е покус овој период. При првото воведување на машинеријата во која била гранка од производството идат едноподруго сѐ нови и нови методи за нејзиното сѐ поевтино препроизводство[147] и усовршувања што ги зафаќаат не само одделните делови или апарати, туку и целата нејзина конструкција. Затоа во првиот период од животот на машината овој особен мотив за продолжување на работниот ден дејствува со најостра жестина.[148]

Под инаку еднакви околности и при даден работен ден експлоатацијата на двојно поголем број работници сака исто и двојно поголем дел од постојаниот капитал авансиран во машини и згради, како и авансиран во суровини, помошни материи итн. Со продолжувањето на работниот ден се зголемува размерата на производството, додека делот на авансираниот капитал во машини и згради останува неизменет.[149] Не само што поради тоа расте вишокот на вредноста, туку спаѓаат и издатоците потребни за негова експлоатација. Вистина, ова помалку или повеќе и инаку се врши при секое продолжување на работниот ден, само што овде тоа е од порешавачка важност, бидејќи и делот од капиталот претворен во средства на трудот овдека има општо поголемо значење.[150] Имено, развитокот на машинското производство врзува еден составен дел од капиталот што постојано расте во таква форма, во која тој од една страна може непрекинато да се оплодува, додека од друга страна ја губи употребната и разменската вредност, штом ќе се прекине неговиот допир со живиот труд.

„Кога еден земјоделец ќе ја остави својата лопата“, го поучувал г. Ешворт, англиски памучен магнат, професорот Н. В. Сениор, „тогаш тој за овој период прави бесполезен капитал од 18 пенси. Кога некој од нашите луѓе (т.е. од фабричките работници) ја остава фабриката, тој прави бесполезен капитал што чинеше 100.000 фунти ст.“[151]

Само помислете! Еден капитал што чинеше 100.000 ф. ст. да се направи дури и за еден момент „бесполезен“! Природно е да се писка до небо што некои наши луѓе општо и некогаш ја напуштаат фабриката! Сѐ поголемиот обем на машинеријата го прави „пожелно“ како што Сениор поднаучен од Ешворта, сам го увидува, сѐ поголемото продолжување на работниот ден.[152]

Машината произведува релативен вишок на вредноста, не само со тоа, што таа директно ја снижува вредноста на работната сила и неа посредно ја поевтинува со поевтинувањето на стоките што влегуваат во нејзината репродукција, туку и со тоа што таа, при нејзиното прво спорадично воведување, трудот што го применува стопанот на машината го претвора во потенциран труд, кој ја покачува општествената вредност на машинскиот производ над неговата индивидуална вредност и така го оспособува капиталистот да ја надоместува дневната вредност на работната сила со помал дел од вредноста на дневниот производ. Затоа печалбите за време на овој преоден период, во кој машинското производство има некаков вид монопол, се извонредни, а капиталистот се обидува од основа да ги исползува овие „медени месеци“ по можност со што поголемо продолжување на работниот ден. Големата печалба ја дразни ненаситната глад за уште поголема печалба.

Кога употребата на машинеријата во истата гранка на производството станува општа, општествената вредност на машинскиот производ паѓа на нејзината индивидуална вредност и влегува во дејство законот, според кој вишокот на вредноста не произлегува од работните сили, што ги заменил капиталистот со машини, туку обратно од работните сили, што тој ги зема на работа. Вишокот на вредноста произлегува само од променливиот дел на капиталот, а ние видовме дека масата на вишокот на вредноста е определена од два фактора: од нормата на вишокот на вредноста и од бројот на работниците што работат едновремено. При дадена должина на работниот ден нормата на вишокот на вредноста го определува односот во кој работниот ден се дели на потребен труд и вишок на трудот. Бројот на работниците што работат едновремено зависи од односот на променливиот капитал спроти постојаниот. Сега е јасно, дека машинското производство макар колку тоа со зголемување на производната сила на трудот да го проширува вишокот на трудот за сметка на потребниот труд, овој резултат го постигнува со тоа што го смалува бројот на работниците земени на работа од некој даден капитал. Еден дел од капиталот, што порано беше променлив, т.е. што се претвораше во жива работна сила, сега го претвора тој во машинерија, значи во постојан капитал што не произведува вишок на вредноста. Невозможно е, на пр., да се исцеди од двајца работници исто толку вишок на вредноста како од 24. Ако секој од 24-те работници на 12 часа дава само еден час вишок на трудот, тие заедно даваат 24 часа вишок на трудот, додека вкупниот труд од двајца работници изнесува само 24 часа. Значи, во примената на машинеријата за производство на вишок на вредноста лежи една внатрешна противречност, а таа е во тоа што од двата фактора на вишокот на вредноста што го дава еден капитал од дадена големина едниот фактор, нормата на вишокот на вредноста само со тоа се зголемува, што го смалува другиот фактор, бројот на работниците. Оваа внатрешна противречност се појавува штом употребата на машинеријата ќе стане во некоја индустриска гранка општа и штом вредноста на стоката произведена машински ќе стане вредност што ја регулира општествената вредност на сите стоки од исти вид; а тоа е онаа противречност што го гони постојано капиталот, тој без да е свесен за тоа,[153] кон насилното продолжување на работниот ден, за да го надомести релативното смалување на бројот на експлоатираните работници со зголемување не само на релативниот туку и на апсолутниот вишок на трудот.

Значи, ако капиталистичката примена на машинеријата создава од една страна нови силни мотиви за безмерно продолжување на работниот ден и го револуционира самиот начин на трудот како и карактерот на општественото работно тело, на таков начин, што крши секаков отпор против оваа тенденција; од друга страна, таа произведува — делум поради потчинување под капиталот на порано недостапни слоеви од работничката класа, делум со ослободувањето на работниците што се истиснати од машините[154] едно прекумерно работничко население — кое мора да се препушти на законите што ги диктира капиталот. Оттука е оваа забележлива појава во историјата на модерната индустрија машината да ги руши сите морални и природни граници на работниот ден. Оттука иде економскиот парадокс да се превртува најмоќното средство за скусување на работното време во најнепогрешиво средство за претворање на целиот век на работникот и на неговата фамилија во работно време, што стои на располагање за оплодувањето на капиталот.

„Кога би можело“, си мечтаеше Аристотел, најголемиот мислител од Стариот век, „секое орудие да ја врши определената работа по налог или дури по наша желба, како што се движеле сами од себе вештачките дела на Дедал или како што оделе триножниците на Хефест од сопствен поттик на светиот труд, кога би ткаеле така совалките сами од себе, тогаш не би му требале на мајсторот помошниците ни на господарот робовите.“[155]

И Антипатрос, еден грчки поет од времето на Цицерон, го поздравил изнајдокот на воденицата за мелење жито, оваа елементарна форма на сите производни машинерии, како ослободител на робинките и востановител на златниот век.[156] „Многубошците, да многубошците! — Тие, како што откри умниот Бастиј, а веќе пред него уште поумниот Мекелек, ни поим си немаа од политичка економија и христијанство. Тие, меѓу другото, не можеа да сфатат дека машината е најиспробаното средство за продолжување на работниот ден. Тие го определуваа ропството на едните како средство за целосен човечки развиток на другите. Но да го проповедаат ропството на масите, само за да станат неколку груби и полуобразовани „новобогати“ „emminent spinners”, „extensive sausage makers“ и „іnfluentіal shoe blackdealers“ [видни фабриканти на преѓа, фабриканти на колбаси на јадро и влијателни трговци на лустро за чевли], за тоа го немаа специфичниот христијански орган.

в) Интензификација на трудот

Безмерното продолжување на работниот ден, што го произведува машината кога е во рацете на капиталот, доведува подоцна, како што видовме, да реакција на општеството што е загрозено во својот животен корен, а со тоа и до законски ограничен нормален работен ден. Врз основа на последново, се развива една појава од решавачка важност, а што ја сретнавме веќе порано, имено интензификацијата на трудот. При анализата на апсолутниот вишок на вредноста најпрво се работеше за екстензивната големина на трудот, додека степенот на нејзината интензивност беше претпоставен како даден. Ние сега треба да го разгледаме претворањето на екстензивната големина во интензивна или во степенска големина.

Само од себе се разбира дека со напредокот на машинизмот и со насобраниот опит на една посебна класа машински работници природно расте и брзината, а со тоа и интензивноста на трудот. Така, во Англија продолжувањето на работниот ден оди половина век рака под рака со порастот на интензивноста на фабричкиот труд. Исто така, се разбира дека кај трудот, каде што не се работи за преодни трескави дејности, ами за еднообразност што рамномерно се повторува од ден на ден, мора неизбежно да настапи еден момент каде што продолжувањето на работниот ден и интензивноста на трудот една со друго се исклучуваат, така што продолжувањето на работниот ден станува изводливо само со снижување на степенот на интензивноста на трудот и, обратно, зголемувањето на степенот на интензивноста станува изводлива само со скусувањето на работниот ден. Штом oгopченоста на работничката класа, што постепено стануваше сѐ побујна, ја присили државата, насилно да го скуси работното време и најпрво да диктира во вистинските фабрики нормален работен ден, значи од овој момент кога еднаш за секој пат беше пресечено зголемувањето на производството на вишокот на вредноста со продолжување на работниот ден, капиталот се фрли со сета своја сила и со полна свест на производство на релативен вишок на вредноста со забрзување на развитокот на машинскиот систем. Едновремено со тоа настана измена и во карактерот на релативниот вишок на вредноста. Методите за производство на релативен вишок на вредноста се состојат општо во тоа, да се оспособи работникот со зголемувањето на производната сила на трудот, да произведува повеќе со исто трошење труд во исто време. Истото работно време, како и порано, му придава на вкупниот производ иста вредност, макар што сега оваа неизменета разменска вредност се претставува во повеќе употребни вредности и затоа паѓа вредноста на одделната стока. Сосем е поинаку штом принудното скусување на работниот ден, заедно со огромниот поттик што го дава на развитокот на производната сила и на економијата во условите на производството, едновремено го присили работникот кон зголемено трошење на труд во исто време, кон зголемено напнување на работната сила, кон погусто исполнување на парите на работното време, т.е. кон кондензирање на трудот до еден степен што може да се постигне само во рамките на скусениот работен ден. Ова натапкување на поголема маса труд во eдeн даден период време се смета сега, како што си е, како поголема количество труд. Покрај мерата на работното време како „продолжена големина“ сега се појавува мерата на степенот на неговата згустеност.[157] Поинтензивниот час на десетчасовниот работен ден сега содржи исто толку или повеќе труд, т.е. потрошена работна сила, отколку попорозниот час на дванаесетчасовниот работен ден. Затоа неговиот производ има исто толку или повеќе вредност отколку што има 1 1/5 од порозниот час. Ако го оставиме настрана зголемувањето на релативниот вишок на вредноста со зголемената производна сила на трудот, тоа сега му даваат на капиталистот на пр. 3 1/3 часа вишок на трудот на 6 2/3 часа потребен труд иста маса вредност како понапред 4 часа вишок на трудот на 8 чaca потребен труд.

Сега се праша, како се интензифицира трудот?

Првото дејство на скусениот работен ден почива на саморазбирливиот закон, дека способноста за дејство на работната сила стои во обратна сразмера спроти времето на нејзиното дејствување. Поради тоа, во извесни граници, она што ќе се изгуби во траењето на трошењето на силата се добива во степенот на нејзиното трошење. Но за да направи работникот вистински повеќе работна сила во течна состојба, за тоа се грижи капиталот со методите на плаќањето.[158] По мануфактурите, на пр., во грнчарницата каде што машинеријата не игра никаква или сосем незначителна ролја, воведувањето на фабричкиот закон убедливо покажа дека самото скусување на работниот ден за чудо ја зголеми рамномерноста, еднообразноста, редот, континуитетот и енергијата на трудот.[159] Сепак вакво дејство се чинело сомнително во вистинската фабрика, бидејќи зависноста на работникот од континуелноста и еднообразноста на движењето на машините веќе одамна создаде овдека најстрога дисциплина. Затоа кога се расправаше во 1844 г. за снижувањето на работниот ден под 12 часа, фабрикантите тукуречи едногласно изјавија, дека

„нивните надгледници внимаваат во различните фабрички одделенија рацете да не губат време“, дека „степенот на будноста и вниманието од страна на работникот („the extent of vigilance and attention on the part of the workmen“) одвај може да се поткрене“, и дека, при претпоставка оти сите други околности како брзината на машинеријата итн. ќе останат неизменети, та поради тоа би била Бесмислено да се очекува во добро уредените фабрики некој каков-годе позначаен резултат од зголеменото внимание итн. на работникот.“[160]

Ова тврдење го соборија експериментите. Господин Р. Гарднер воведе во своите две големи фабрики во Престон да се работи до 20 април 1844 место по 12 часа само по 11 часа на ден. Откога измина приближно една година, се покажа дека

„со исти трошоци е добиено истото количество производ и вкупниот работник добивал исто толку наемнина за 11 часа, колку порано за 12.“[161]

Јас овдека ќе преминам преку експериментите во предачниците и чешларниците, зашто тие беа сврзани со зголемувањето на брзината на машинеријата (за 2%). Напротив, во ткајачкото одделение, каде што се ткаени мошне различни сорти лесни фантазии-артикли со фигури, не се извршени сосем никакви измени во објективните услови на производството. Резултатот беше:

„Од 6 јануари до 2 април 1844 со дванаесетчасовен работен ден средната неделна наемнина од секој работник беше 10 шил. и 11 пенси, од 20 април до 29 јуни 1844 со единаесетчасовен работен ден средната неделна наемнина била 19 шил. 3 1/2 пенси.“[162]

За 11 часа овде се произведуваше повеќе одошто понапред за 12, исклучиво поради поголемата и порамномерната издржливост на работниците и економијата во нивното време. Додека тие ја добиваа истата наемнина и добиваа 1 час слободно време, капиталистот ја добиваше истата маса на производство, а трошеше за еден час помалку јаглен, гас итн. Изведен е сличен експеримент со исти резултати во фабриките на г.г. Хорокс и Џексон.[163]

Штом скусувањето на работниот ден стана законски присилно, отпрво ги создава субјективните услови за кондензација на трудот, имено способноста на работникот да претвори во течна состојба во дадено време повеќе работна сила, машината станува во рацете на капиталот објективно и систематски применувано средство, за да се исцеди во исто време повеќе труд. Ова се постигнува на два начина: со зголемување на брзината на машините и со проширување на обемот на машинеријата што е под надзор на еден ист работник или со проширување на неговото поле за работа. Усовршена конструкција на машинеријата делум е нужна поради вршење поголем натиск над работникот, делум тоа е само од себе следено од интензификацијата на трудот, зашто границите на работниот ден го присилуваат капиталистот кон најстрога економија во трошоците на производството. Подобрувањето на парната машина го зголемува бројат на ударите на нејзините клипови во минута и едновремено дава можност, со поголема економија во силата, со еден ист мотор да се движи поширок механизам, со исто па дури и со намалено трошење јаглен. Подобрувањето на трансмисиониот механизам го смалува триењето и, што така очевидно ја разликува модерната машина од постарата, — го сведува пречникот и тежината на малите и големите трансмисиони оски на еден минимум што постојано паѓа. Најпосле подобрувањето на работната машинерија го смалува нејзиниот обем, а ја зголемува брзината и ја проширува дејноста како кај модерниот парен разбој, или го зголемува заедно со нејзиното тело обемот и бројот на нејзините алати, како при предачката машина, или се зголемува подвижноста на овие алати со безначајни детални измени, како кај selfacting mule [автоматска предачка] што во средината на педесеттите години се зголеми брзината на вретеното за 1/5.

Скусувањето на работниот ден на 12 часа во Англија датира од 1833 година. Веќе во 1836 еден англиски фабрикант изјави:

„Во споредба со порано трудот, што се врши сега во фабриките, е мошне пораснат поради поголемото внимание и дејноста што се бара од работникот, поради значително зголемената брзина на машинеријата.“[164]

Во 1844 лорд Ешли, сега гроф Шазбери, ги направи во Домот на општините [Долниот дом] следниве документарно засновани поставки:

„Трудот на вработените во фабричките процеси е сега трипати поголем отколку што беше при воведувањето на овие операции. Нема сомнение дека машините извршија работа што ги заменува жилите и мускулите на милиони луѓе, но тие едночудо (prodigiously) го зголемија трудот на луѓето, што ги потчинија на своето ужасно движење ... Трудот што би се вршел за да се следат две mules [предачки машини] за време од 12 часа предење преѓа од 40 № вклучуваше во 1815 година средно 8 милји пат. Во 1832 година дистанцата што требаше да се изоди по две mules при предењето на истиот нумер и за време од 12 часа изнесуваше 20 милји, а често и повеќе. Во 1825 година предачот требаше да направи за 12 часа 820 затегнувања на секоја mule што дава вкупно 1.640 затегнувања за 12 часа. Во 1832 година предачот требаше да направи за време на својот дванаесетчасовен работен ден по 2.200 затегнувања на секоја mule вкупно 4.400, во 1844 година по 2.400 на секоја mule вкупно 4.800, а во некои случаи се сакало уште поголема маса труд (amount of labour) ... Јас овдека имам на рака еден друг документ од 1842 г., во кој се докажува, дека трудот прогресивно расте, не само поради тоа, што треба да се изоди поголема далечина, туку и дека се умножува квантитетот на произведената стока, додека бројот на рацете пропорционално опаѓа, и потака, дека сега често се преде со полош памук, за што се сака повеќе труд ... Во чешларницата исто така се врши голема пораснување на трудот. Сега едно лице ја врши работата што беше понапред разделена на две ... Во ткајачниците, каде што работат голем број лица, повеќе од женски пол, трудот пораснал за последнава година за полни 10% поради зголемената брзина на машините. Во 1838 година бројот на неделно испредените hanks [пасонца] беше 18.000, во 1843 г. тој се качи на 21.000. Во 1819 година бројот на picks [ударите на совалката] при парниот разбој изнесуваше 60 во минута, во 1842 година тој изнесуваше 140, што покажува голем пораст на трудот“.[165]

Со оглед на овој значаен интензитет, што го постигнал трудот под владеењето на законот за дванаесетчасовен работен ден веќе во 1844, изгледаше дека англиските фабриканти имаа право кога изјавија, дека сепак е невозможен натамошен напредок во овој правец и дека поради тоа, секое натамошно смалување на работниот ден е идентично со смалување на производството. Дека нивните расудувања беа точни само привидно, најдобро се докажува од следнава едновремена изјава на нивниот неуморен цензор, на фабричкиот инспектор Леонард Хорнер.

„Бидејќи произведуваното количество главно се регулира според брзината на машинеријата, фабрикантот мора да има интерес да ја тера до крајниот степен на брзината кајшто е соединлив со следниве услови: машинеријата да се чува од пребрзо трошење, да се задржи квалитетот на фабрикуваните артикли и способноста на работникот, да ги следи нејзиното движење без поголемо напрегнување одошто она што може да го врши непрекинато. Често се случува фабрикантот во своето брзање премногу да го забрза движењето. Тогаш кршењето и лошиот квалитет на изработката претегнуваат над ползата од брзината и тој е присилен да го подзапре одот на машинеријата. Бидејќи еден деен и предвидлив фабрикант го изнајдува максимумот што е возможен да се постигне, јас заклучив дека е невозможно за 11 часа да се произведе колку за 12. Освен тоа, јас претполагав дека наемнината што му се плаќа на работникот од парче го напрегнува него до крајност, за да може тој непрекинато да го додржи истиот степен на трудот.“[166]

Поради тоа Хорнер заклучи, и покрај експериментите на Гарднер итн., дека едно натамошно скусување на работниот ден под 12 часа мора да го смали количеството на производот.[167] Десет години подоцна самиот тој си го цитираше своето сомнение од 1845 г. за доказ, дека тој тогаш уште малку ја разбирал еластичноста на машинеријата и човечката работна сила, што обете во еднаква мера се напнуваат до крајна граница, поради присилното скусување на работниот ден.

Да преминеме сега кон периодот по 1847, од времето кога е воведен законот за десетчасовниот работен ден во англиските фабрики за памук, волна, коприна и лен.

„Брзината на вретената пораснала на Throstles-предалки за 500, на mule за 1.000 обрти во минута, т.е. брзината на Throstle-вретеното што беше во 1839 г. 4.500 обрти во минута, сега (1862) изнесува 5.000, а брзината на mule-вретеното, што беше 5.000 сега изнесува 6.000 во минута; во првиот случај придадената брзина се зголеми за 1/10, а во вториот за 1/6.“[5*][168]

Џемс Несмит, прочуениот цивилен инженер од Петрикрофт кај Манчестер, во една писма од 1852 до Леонард Хорнер говори за подобрувањето на парната машина извршено од 1848-1852. Бидејќи забележува дека парната коњска сила, што сѐ уште продолжува да се цени во официјалната фабричка статистика, според нејзиното дејство од 1828 година,[169] уште е само номинална и може да служи само како индекс за вистинска сила, тој, меѓу другото, вели:

„Нема никакво сомнение дека парни машини од иста тежина, често исти и идентични машини само што се извршени на нив модерни поправки; вршат средно за 50% повеќе работа од порано и дека во многу случаи едни исти парни машини, што даваат 50 коњски сили со ограничена брзина од 220 стапала на минута, денеска даваат над 100 к.с. а трошат помалку јаглен. Модерната парна машина од иста номинална коњска сила дејствува со поголема сила отколку понапред поради усовршувањето во нејзината конструкција, смалениот обем и градењето на парниот казан итн... Поради тоа иако во однос спроти номиналната коњска сила е земен на работа ист број раце како и порано, во однос спроти работните машинерии бројот на рацете е смален.“[170]

Во 1850 г. фабриките на Соединетото Кралство применуваа 134.217 номинални коњски сили за движење на 25.638.716 вретена и 301.445 разбои. Во 1856 година бројат на вретената изнесуваше 33.503.580, а на разбоите 369.205. Ако останат потребните коњски сили еднакви како во 1850 г. тогаш во 1856 г. би биле потребни 175.000 коњски сили. Туку според официјалните податоци сите изнесуваа само 161.435, значи над 10.000 коњски сили помалку отколку што би требало кога би се сметала според базата до 1850 г.[171]

„Последниот извештај од 1856 (официјална статистика) ги утврди фактите, дека фабричкиот систем се шири со страшна брзина, бројот на рацете опаднал во однос на машинеријата, парната машина со економија во силата и со други методи движи машини со поголема тежина, и се постигнува поголемо количество производи поради посовршените работни машини, поради изменетите методи во фабрикацијата, поради зголемената брзина на машинеријата и поради многу други причини.“[172] „Во машинериите наголемо се воведени усовршувања од секој вид, чија производност мошне е качена. Скусувањето на работниот ден дава без секакво сомнение... поттик за овие усовршувања. Овие усовршувања и поинтензивното напрегнување на работникот доведоа до тоа, што во скусениот (за два часа или 1/6) работен ден се добиваат барем исто толку производи колку што се добиваа порано за време на подолгиот работен ден.“[173]

Колку растеше богатството на фабрикантите со поинтензивната експлоатација на работната сила докажува веќе и околноста што средниот пораст на англиските памучни итн. фабрики изнесуваше од 1838 до 1850 по 32 на година, а од 1850 до 1856 изнесуваше напротив 86 годишно.

Макар колку да беше голем напредокот на англиската индустрија за 8 години, од 1848 до 1856 под владеењето на десетчасовниот работен ден, сепак тој беше далеку надминат во следниот шестгодишен период од 1856 до 1862. На пр., во фабриките за коприна имаше вретена: 1856 г. 1.093.799; 1862 г. 1.388.544; 1856 г. разбои 9.260, а 1862 г. 10.709. Напротив бројот на работниците беше 1856 г. 58.137 и 1862 г. 52.429. Ова дава пораст во бројот на вретената за 26,9%, а на разбоите за 15,6% со едновремено опаѓање на бројот на работниците за 7%. Во 1850 г. во волнените фабрики беа применети 875.830 вретена, во 1858 г. 1.324.549 (пораст од 51,2%), а 1862 г.: 1.289.172 (опаѓање од 2,7%). Но ако ги одбиеме вретената за утврдување, што се влезени при пребројувањето во 1856 г. но не фигурираат во тоа од 1862 г., тогаш бројот на вретената од 1856 тукуречи останува постојан. Напротив, од 1850 година наваму брзината на вретената и разбоите во повеќето случаи е вудвоена. Бројот на парните разбои во волнените фабрики беше во 1850 г. 32.617; во 1856 г.: 38.956, а во 1862 г.: 43.048. При тоа работеа во 1850 г. 79.737 лица во 1856 г. 87.794, а во 1862 г.: 86.083, а од тоа беа деца под 14 години — во 1850 г.: 9.956, во 1858 г.: 11.228, во 1862 г.: 13.178. Покрај мошне зголемениот број на разбоите, во 1862 г. во споредба со 1856 г. вкупниот број на работниците земени на работа опадна, а бројот на експлоатираните деца порасна.“[174]

На 27 април 1863 членот на парламентот Феранд изјавил во Долниот дом:

„Делегатите на работниците од 16 околии од Ланкашир и Чешир, во чие име јас говорам, мене ми соопштиле, дека трудот во фабриките постојано расте поради усовршувањето во машинериите. Место како секогаш едно лице со помошник да прислужува два разбоја, тоа сега прислужува три разбои ем без помошник, и дури не е необично едно лице да прислужува четири разбои итн. Како што произлегува од изнесените факти, дванаесет часа труд сега е натапкан во помалку од 10 работни часа. Затоа само по себе се знае, во какви огромни размери се зголемиле во последниве години маките на фабричките работници“.[175]

Поради тоа, иако фабричките инспектори незапирно и со полно право ги фалат благопријатните резултати на фабричките закони од 1844 и 1850, тие сепак признаваат, дека скусувањето на работниот ден веќе предизвикало таква интензивност на трудот што го разурнува здравјето на работникот, значи и самата работна сила.

„Во повеќето памучни, волнени и копринени фабрики изгледа дека состојбата на возбуда што исцрпува, а што е потребна за работа при машинеријата, чиешто движење во последниве години толку извонредно е забрзана, е една од причините на претераната смртност од болеста на градите, што ја докажал Д-р Гринхо во својот најнов чудесен извештај.“[176]

Не подлежи нити на најмало сомнение, оти е тенденцијата на капиталот, штом еднаш за секогаш законски му е спречено да го продолжува работниот ден, да си го поврати тоа со систематско зголемување на степенот на интензивноста на трудот и да го преврти секое усовршување на машинеријата во средство за поголемо исцицување на работната сила, кое пак набргу мора да доведе до пресвртна точка, каде што станува неизбежно ново скусување на работното време.[177] Од друга страна, бурниот развиток на англиската индустрија од 1848 до денеска, т.е. во периодот на десетчасовниот работен ден, го остава многу подалеку зад себеси времето од 1838 до 1847 г., т.е. периодот на дванаесетчасовниот работен ден, отколку што последниов период го остави зад себеси половината век од воведувањето на фабричкиот систем, т.е. периодот на неограничен работен ден.[178]

4. Фабриката

Во почетокот на оваа глава ние го разгледувавме телото на фабриката, склопот на машинскиот систем. Потака видовме, дека машинеријата со присвојување на женскиот и детскиот труд го зголемува човечкиот материјал за експлоатација од страна на капиталот, дека со безмерното продолжување на работниот ден го плени целото животно време на работникот и дека најпосле, нејзиниот напредок, што овозможува да се произведува една чудовишна растечка маса на производи во сѐ покусо време, служи како систематско средство за да се направи во секој час што повеќе труд во течна состојба или работната сила да се експлоатира постојано сѐ поинтензивно. Ние сега ќе се свртиме кон фабриката како кон целост и притоа во нејзината најразвиена форма.

Др. Јур, Пиндар на автоматската фабрика, ни ја опишува неа од една страна како:

„кооперација на различни класи работници, возрасни и невозрасни, што вешто и вредно надгледуваат еден систем од производни машинерии, што непрекинато ги движи една централна сила (првиот мотор)“,

од друга страна како

„еден огромен автомат, составен од безбројни механички и самосвесни органи, што дејствуваат во согласност и без прекин, за да произведат еден ист предмет, така што сиве овие органи ѝ се подредени на една подвижна сила, што се движи сама од себе.“

Обата овие изрази никако не се идентични. Во едниот комбинираниот вкупен работник или општественото работно тело се јавува како субјект што активно дејствува, а механичкиот автомат како објект; во другиот самиот автомат е субјект, а работниците се само како свесни органи пvдредени на неговите бесвесни органи и со нив ѝ се потчинети на централната движечка сила. Првиот израз важи за секоја можна примена на машинеријата од голема размера, а вториот ја карактеризира нејзината капиталистичка примена, а со тоа и модерниот фабрички систем. И затоа Јур сака да ја претстави централната машина, од која произлегува движењето, не само како автомат туку како автократ.

„Во овие големи работилници благотворната сила на парата собира околу себе илјади свои поданици“.[179]

Заедно со работниот алат и виртуозноста за неговото водење преминува од работникот на машината. Делоспособноста на алатот е ослободена од личните граници на човечката работна сила. Со тоа е отстранета техничката основа, врз која почива поделбата на трудот во мануфактурата. Поради тоа наместо карактеристичната за неа хиерархија од специјализирани работници, во автоматската фабрика настапува тенденција кон изедначување или нивелирање на работите, што треба да ги извршат помошниците на машинеријата;[180] место вештачки изникнатите разлики меѓу делските работници, идат претежно природните разлики на возраста и полот.

До колку пак поделбата на трудот се јавува во автоматската фабрика, таа пред сѐ е расподелба на работниците меѓу специјализираните машини, и на работничките маси, кои веќе не се никакви внатрешно поврзани групи, меѓу различни одделенија во фабриката, каде што тие работат на еднородни машини алатки наредени една крај друга, значи тие образуваат меѓу себеси само проста кооперација. Расчленетата група на мануфактурата сега е заменета со поврзаноста на главниот работник со неколку помошници. Битната разделеност е меѓу работниците што се вистински на работа на машините алатки (овдека идат и неколку работници за чување односно за хранење на движечката машина) и меѓу простите помошни работници (тукуречи исклучиво деца) на овие машински работници. Кон помошните работници се бројат повеќе или помалку сите „Feeders“ (што ѝ додаваат на машинеријата материјал за работа.) Покрај овие главни класи иде еден бројно незначителен персонал што е зафатен само со контролата на вкупната машинерија и со нејзиното постојано поправување, како инженери, механичари, столари итн. Тоа е една виша, делум научно образована класа, што е надвор од кругот на фабричките работници и само нему му е придадена.[181] Оваа поделба на трудот е чисто техничка.

Секоја работа на машината сака совреме да ѝ се приучи работникот. Со тоа тој се научува да го нагоди своето сопствено движење со еднообразното и непрекинато движење на некој автомат. До колку самата целокупна машинерија образува систем од разнообразни и комбинирани машини, што дејствуваат едновремено, до толку и кооперацијата што почива врз неа бара расподелба на разнородни работнички групи меѓу разнородни машини. Но машинското производство ја укинува нужноста да се зацврсти оваа мануфактурна поделба со постојаното прикрепување на ист работник кон иста функција.[182] Бидејќи целокупното движење на фабриката не произлегува од работникот, туку од машините, можат да се вршат постојани измени на лица без да се прекинува процесот на трудот. Најубедлив доказ за ова дава Relaissystem-от воведен во време на бунтот на англиските фабриканти од 1848-1850. Најпосле, брзината со која се научува работата на машина во млади години ја отстранува нужноста да се приготвува некоја посебна класа работници исклучиво за машински работници.[183] Но услугите на простите помошни работници во фабриката можат да бидат заменети делум со машини,[184] делум допуштаат, поради нивната совршена едноставност, брза и постојана измена на лицата натоварени со ова 'ргање.

Иако сега машинеријата технички го руши стариот систем на поделбата на трудот, тој отпрво по навика и понатака се вовлекува во фабриката како традиција на мануфактурата, за да биде пак тогаш систематски препроизведуван и зацврстуван од капиталот во уште поодвратна форма како средство за експлоатација на работната сила. Од доживотна специјалност да се води еден делски алат станува доживотна специјалност да се служи една делска машина. Машината се злоупотребува, за да се претвори самиот работник уште од дете во дел на некоја делска машина.[185] Така не само што се смалуваат значително трошоците потребни за неговото сопствено препроизводство, туку едновремено се дополнува и неговата беспомошна зависност од фабриката во целост, значи од капиталистот. Овде како и насекаде мора да се прави разлика меѓу поголемата производност што се должи на развитокот на општествениот процес на производството и поголемата производност, што се должи на капиталистичката експлоатација над овој процес.

Во мануфактурата и занаетот работникот се служи со алатот, во фабриката тој ѝ служи на машината. Таму движењето на средствата на трудот излегува од него, овде тој има да го следи ова движење. Во мануфактурата работниците се членови на еден жив механизам. Во фабриката суштествува еден мртов механизам, независен од нив, а тие се присоединети кон него како жив придаток.

„Мрачната еднообразност на бескрајното мачење при работата, за која еден ист механички процес незапирно се повторува, си личи на работата на Сизиф; тежината на трудот сѐ одново и одново паѓа како карпа на омаломоштениот работник.“[186]

Додека машинскиот труд до крајност го изморува нервниот систем, дотогаш тој ја потиснува многустраната игра на мускулите и ги плени сите слободни телесни и духовни дејности.[187] Дури и олеснувањето на трудот станува средство за мачење, поради тоа што машината не го ослободува работникот од трудот, туку неговиот труд од содржината. На секое капиталистичко производство, до колку тоа не е само процес на трудот, туку едновремено и процес на оплодување на капиталот, заедничко му е тоа, што работникот не ги применува условите на трудот, туку обратно, условите на трудот го применуваат работникот, но дури со машинеријата ова извртување добива технички сетилна реалност. Со претворањето во автомат, средствата на трудот истапуваат спроти работникот во време на самиот процес на трудот како капитал, како мртов труд, што ја потчинува под себе живата работна сила и ја исцицува. Одделувањето на духовните сили на процесот на производството од рачниот труд и нивното претворање во сили на капиталот над трудот се исполнува докрај, како што веќе порано покажавме, во крупната индустрија изградена врз основа на машинеријата. Деталната вештина на индивидуалниот, опустошениот машински работник исчезнува како нешто ситно и споредно пред науката, пред огромните природни сили и пред општествениот масовен труд, што се овоплотени во машинскиот систем и што со него ја прават силата на „мајсторот“ (master). Затоа овој мајстор во чиј мозок се неразделено сраснати машинеријата и неговиот монопол над неа, во случај на судирање со „рацете“ [работниците] им довикнува презриво:

„Фабричките работници треба мошне добро да запаметат дека нивниот труд всушност е една сосем ниска сорта опитен труд; дека нема никаков друг труд што може полесно да се научи и што е подобро платен ако се гледа и неговиот квалитет, дека нема никаков друг труд што може да се набави со кратко обучување од страна на најнеискусните во многу кусо време и во големо изобилство. Машинеријата на мајсторот навистина игра многу поважна ролја во делото на производството отколку трудот и вештината на работникот кое може да се научи за 6 месеци учење, и што може да го научи секој селски мoмок.“[188]

Техничкото потчинување на работникот под еднообразниот ôд на средствата на трудот и своеобразниот состав на работното тело од индивидуи од обата пола и од различна возраст создава една касарнска дисциплина, што се изградува во совршен фабрички режим и наполно го развива веќе порано споменатиот труд на врховниот надзор, значи и поделбата на работниците на рачни работници и надгледници на трудот, на општи индустриски војници и индустриски подофицери.

„Главната тешкотија на автоматската фабрика... се состои... во дисциплината што е нужна, за да се одвикнат луѓето од нивните неправилни навики во работата и да бидат доведени во согласност со неизменливата правилност на големиот автомат. Но за да се изнајде и со успех да се изведе еден дисциплиниран кодекс што им одговара на потребите и брзината на автоматскиот систем, беше подвиг достоен на Херкул, тоа е благородното дело на Аркрајт! Дури и ден денеска, кога системот е организиран во својата цела полност, скоро е невозможно да се најдат, меѓу работниците во зрела возраст... полезни помошници за автоматскиот систем.“[189]

Фабричкиот кодекс, во кој капиталот приватноправно и самовласно без да ја дели власта, инаку толку мила на буржоазијата, и уште без претставнички систем, ја формулира својата автократија над своите работници, е само капиталистичка карикатура на општественото регулирање на процесот на трудот, што станува нужно кога имаме кооперација во крупни размери и кога се употребуваат заеднички средства на трудот, особено машинеријата. Наместо камшикот од чуварот на робовите се јавува казнената книга на надзорникот. Природно, сите казни се сведуваат на парични казни и одбивање од наемнината, а законодавната остроумност на фабричките Ликурзи направила такви закони чие нарушување да биде за нив што се може подобитно одошто нивното исполнување.[190]

Ние овдека само спомнуваме за материјалните услови под кои се врши фабричкиот труд. Сите сетилни органи еднакво страдаат од вештачки покачената температура, од воздухот заситен со отпадоци од суровините, од заглушната врева итн., а да не гледаме на опасноста за живот меѓу тесно начичканата машинерија, што ги произведува своите индустриски билтени за загинати и ранети со рамномерност на годишните времиња.[190a] Економисувањето на општествените средства за производство, што дозреа како во топла леа дури во фабричкиот систем, во рацете на капиталот едновремено станува и систематски грабеж на условите за живот на работникот додека работи, грабеж на просторот, воздухот, светлоста и на личните заштитни средства што го чуваат работникот од животните опасности или од опасните околности за здравјето во процесот на производството, а да не зборуваме за некои направи за удобност на работникот.[191] Немаше ли право Фурие кога ја нарече фабриката „ублажена робијашница“?[192]

5. Борба меѓу работникот и машината

Борбата меѓу капиталистот и наемниот работник почнува уште со самите капиталистички односи. Таа беснее за време на целиот мануфактурен период.[193] Но дури од воведувањето на машинеријата, работникот почна да се бори против самото средство на трудот, против материјалниот начин на егзистенцијата на капиталот. Тој станува против оваа определена форма на средствата за производство како против материјална основа на капиталистичкиот начин на производство.

Скоро цела Европа преживеа низ 17 век работнички бунтови против таканаречената Bandmühle [разбој за ленти] (наречувани и Schnurmühle или Mühlenstuhl), една машина за ткаење ленти и ширити.[194] Кон крајот на првата третина од 17 век, една пилана на ветер, построена близу до Лондон од некој Холанѓанец, падна како жртва на бунтот на масата. Уште во почетокот на 18 век машините за сечење дрва терани со вода со мака го совладаа во Англија отпорот на народот кој беше поткрепуван од парламентот. Кога ја изгради Еверет во 1758 година првата машина за стрижење волна, што ја тераше вода, ја запалија 100.000 луѓе, што останаа без работа. Против scribbling mills [машините гребенарки] и машините за чешлање од Аркрајт поднесоа петиции до парламентот 50.000 работници, што дотогаш живееја од чешлање волна. Масовното разрушување машини во англиските мануфактурни околии во првите 15 години од 19 век, особено поради воведувањето на парниот разбој, познато под името лудитско движење, ѝ дало на антијакобинската влада на Сидмаут, Кастлри итн. изговор за најреакционерни насилнички мерки. Требаше да помине време и опит пред да научи работникот да прави разлика меѓу машинеријата и нејзината капиталистичка примена и со тоа да ги пренесе своите напади од самите материјални средства за производство врз општествената форма на нивната експлоатација.[195]

Борбите за наемнината во рамките на мануфактурата ја имаат за претпоставка мануфактурата и никако не се насочени против нејзиното суштествување. До колку се водеше борба против образувањето на мануфактурата, таа неа не ја водеа наемните работници, туку еснафските мајстори и привилегираните градови. Затоа кај писателите од мануфактурниот период преовладува разбирањето за поделбата на трудот како средство, да се заместат потенцијалните работници, а не да се истиснат вистинските работници. Оваа разлика се разбира само по себе. Кога ќе се каже, на пример, дека во Англија било потребно 100 милиона луѓе за да се испреде со стариот родан памукот што сега го предат 500.000 со машини, тоа природно не значи дека машините им го зафатиле местото на овие милиони што никогаш не суштествувале. Тоа значи само, оти се потребни многу милиони работници за да ги заменат машините за предење. Напротив, ако се каже дека парниот разбој во Англија фрли на улица 800.000 ткајачи, тогаш не се зборува за машинеријата што суштествува и што мора да биде заместена со определен број работници, туку за еден број работници што суштествуваа и што се вистински заместени или истиснати од машинеријата. Во време на мануфактурниот период си остана како основа занаетчиското производство, иако разбиено на одделни операции. Новите колонијални пазари не можеа да бидат задоволени со релативно малиот број градски работници, што беа наследени од средниот век, а вистинските мануфактури едновремено отворија нави производни области за селското население, што било истерано од својата земја со распаѓањето на феудализмот. Тогаш, значи, поделбата на трудот и кооперацијата по работилниците ги покажуваат повеќе позитивните страни, што таа ги прави работниците што се во работа попроизводни.[196] Вистина, кооперацијата и комбинацијата на средствата за работа во рацете на малцина, применета во земјоделството, предизвикуваат во многу земји, далеку пред периодот на крупната индустрија, изненадни и насилни револуции во начинот на производство, а со тоа и во условите на животот и во средствата за заработка на селското население. Само што отпрво оваа борба се разигрува повеќе меѓу крупните и ситните земјосопственици, отколку меѓу капиталот и наемниот труд; од друга страна, до колку работниците биваат истиснувани од средствата за работа, од овците, коњите итн., актите од непосредно насилство ги создаваат овде првите претпоставки за индустриската револуција. Најпрво се истерувани работниците од земјата, а после дошле овците. Дури кражбата на земјата во големи размери, како што беше во Англија, создаде поле за примена на крупното земјоделство.[196a] Оттука во своите почетоци овој преврат во земјоделството имаше повеќе изглед на една политичка револуција.

Штом настапија средствата на трудот како машина, веднаш му станаа конкурент на самиот работник.[197] Самооплодувањето на капиталот со машини стои во директна сразмера кон бројот на работниците, чиишто услови за суштествување ги уништува тоа. Целиот систем на капиталистичкото производство почива на тоа, што ја продава работникот својата работна сила како стока. Поделбата на трудот ја прави оваа работна сила еднострана кога ја сведува на делска вештина, спасобна да води еден делски алат. Штом водењето на алатот ќе премине на машината, заедно со употребната вредност, работната сила ја губи и разменската вредност. Работникот станува непродажлив, како книжните пари повлечени од оптекот. Делот од работничката класа, што така го претвора машинеријата во излишно население, т.е. што повеќе не е потребен за непосредно самооплодување на капиталот, пропаѓа од една страна во нерамната борба на старото занаетчиско мануфактурно производство против малцинството, а од друга страна ги преплавува сите лесно достапни индустриски гранки, ги преплавува пазарот на трудот и со тоа ја урива цената на работната сила под нејзината вредност. Голема утеха за пауперизираните работници треба да биде, што се нивните страдања делум само „привремени“ („А temporary inconvenience“), делум што машинеријата само постепено го потчинува целото поле на некое производство, поради што се намалува обемот и интензивноста на нејзиното разорно дејство. Едната утеха ја побива другата. Каде што машината постепено ја зафаќа некоја сфера на производството, таа произведува хронична беда во оние слоеви работници што конкурираат со неа. Каде што е преминот брз таа дејствува масовно и остро. Светската историја не дава поужасна глетка од постепеното пропаѓање на англиските рачни ткајачи на памук, што се влечеше низ децении и најпосле беше запечатено во 1838. Мнозина од нив умреа од глад, мнозина долго време се крпеа со својата фамилија со 2 1/2 пенси на ден.[198] Напротив, англиската памучна машинерија имаше акутно дејство на Источна Индија, чиј генерален гувернер констатира во 1834-35:

„На страдањето му нема паралела во историјата на трговијата. Од коските на памучните ткајачи се белеат рамнините на Индија“.

Без сомнение, со отстранување на овие ткајачи од „привремениот“ свет, машинеријата не им предизвикува ништо друго освен „привремено зло“. За останатите, „привременото“ дејство на машинеријата е постојано, со тоа што таа постојано зафаќа сѐ нови сфери на производството. Значи, осамостоената и отуѓена форма, што им ја дава капиталистичкиот начин на условите на трудот и на производите на трудот спроти работникот, се развива со машинеријата кон целосна спротивност.[199] Затоа со неа првпат се појавуваат бруталните бунтови на работникот против средствата на трудот.

Средствата на трудот го убиваат работникот. Оваа директна спротивност се пројавува најочигледно секогаш кога новововедената машинерија конкурира со традиционалното занаетчиско и мануфактурно производство. Туку во рамките на самата крупна индустрија постојаното усовршување на машинеријата и развитокот на автоматскиот систем дејствуваат аналогно.

„Постојаната цел на усовршената машинерија е да се смали рачниот труд или да го усоврши производствениот процес во фабриката со заменување на човечкиот апарат со железен“.[200] „Применувањето на парната и водната сила на машинеријата која досега беше движена со раце, се случува секојден... Помалите усовршувања во машинеријата чија цел е економија во движечката сила, подобрување на производот, зголемување на производството во дадено време или истиснување некое дете, некоја жена или некој маж, се постојани, та иако навидум немаат голема важност, сепак имаат важни резултати“.[201] „Насекаде каде што некоја операција сака многу умеење и сигурна рака, се зема таа колку што се може побргу од рацете на многуопитниот работник, кој е наклонет често кон неправилности од секаков вид, за да му се довери на некој посебен механизам кој е толку добро дотеран, што би можело да го надгледува и едно дете.“[202] „Во автоматскиот систем талентот на работникот прогресивно се истиснува.“[203] „Усовршувањето на машинеријата не само што дозволува да се смали бројот на возрасните работници земени на работа или потребни да се постигне еден определен резултат, туку тоа заменува една категорија човечки труд со друга категорија (една класа индивидуи со друга класа), едни помалку опитни место поопитните, деца место возрасните, жени место мажи. Сиве овие измени причинуваат постојана колебање во висината на наемнината.“[204] „Машинеријата незапирно ги исфрла возрасните од фабриката.“[205]

Победоносниот марш на машинизмот предизвикан од натискот на скусениот работен ден ни ја покажа извонредната еластичност на машинството, постигната поради насобраниот практичен опит што е вeќе заварен во обемот на механичките средства и во постојаниот напредок на техниката. Но кој би можел во 1860 г., во времето кога англиската памучна индустрија се најдуваше во зенитот, и да помисли за стремителното усовршување на машинеријата и соодветното на него истиснување на рачниот труд, што беше предизвикана во следните три години потспотнато од Американската граѓанска војна? Доста се овде неколку примери од официјалните наводи на англиските фабрички инспектори по оваа точка. Еден манчестерски фабрикант вели:

„Место 75 машини за чешлање сега ние употребуваме само 12, што го даваат истото количество од исто така добар, ако не и подобар квалитет... Економијата на наемнината изнесува 10 ф. ст. неделно, економијата во памучните отпадоци 10%.“

Во една манчестерска предачница за тенко предење,

„поради забрзаното движење и воведувањето разни автоматски процеси, во едно одделение била отпуштена 1/4, а во друга над 1/2 од работничкиот персонал, додека машината за чешлање што ја заменила втората гребенарска машина мошне го намалила бројот на рацете што биле порано на работа во гребенарницата“.

Една друга фабрика за предење ја цени својата општа економија во „раце“ на 10“. Господата Gilmore, фабриканти на преѓа од Манчестер, изјавуваат:

„Во нашето blowing department [одделение за чистење памук] сметаме дека поради новата машинерија е направена економија во раце и наемнина за една цела третина; во jack-frame room [одделение за сучење] и drawing-frame room [одделение за ленточни машини] приближно за 1/3 помалку трошоци и раце, во предилницата приближно помалку во трошоци. Но тоа не е сѐ; кога сега нашата преѓа оди кон ткајачите, таа е толку подобрена со примената на новите машинерии, што ткајачите произведуваат повеќе и подобра ткаенина отколку со старата машинска преѓа“.[206]

Фабричкиот инспектор А. Редгрев забележува кон ова:

„Смалувањето на работниците при зголемувањето на производството напредува со брзи чекори; во волнарските фабрики пред кусо време почна ново смалување на раце и тоа продолжува; пред неколку дена, ми рече еден учител што живее при Рочдел, дека големото опаѓање на бројот на учениците во женските училишта не е само поради натискот на кризата, туку и поради измената во машинеријата во волнарските фабрики, поради што е отпуштено средно по 70 Halbzeitlern [полувременици].“[207]

Целокупниот резултат од механичкото усовршување во англиската памучна индустрија, што се должат на американската граѓанска војна, го покажува следнава табела:

Број на фабриките 1857 1861 1868
Англија и Велс 2,046 2,715 2,405
Шкотска 152 163 131
Ирска 12 9 13
Соединетото Кралство 2,210 2,887 2,549
Број на парните разбои 1857 1861 1868
Англија и Велс 275,590 368,125 344,719
Шкотска 21,624 30,110 31,864
Ирска 1,633 1,757 2,746
Соединетото Кралство 298,847 399,992 379,329
Број на вретената 1857 1861 1868
Англија и Велс 25,818,576 28,352,125 30,478,228
Шкотска 2,041,129 1,915,398 1,397,546
Ирска 150,512 119,944 124,240
Соединетото Кралство 28,010,217 30,387,467 32,000,014
Број на вработените лица 1857 1861 1868
Англија и Велс 341,170 407,598 357,052
Шкотска 34,698 41,237 39,809
Ирска 3,345 2,734 4,203
Соединетото Кралство 379,213 452,569 401,064

Значи, од 1861 до 1868 исчезнаа 338 памучни фабрики, т.е. попроизводните и покрупните машинерии се концентрираа во рацете на еден помал број капиталисти. Бројот на парните разбои спадна за 20.663, но производот едновремено се зголеми, така што сега, еден посовршен разбој произведува повеќе отколку еден стар. Најпосле бројот на вретената порасна за 1.612.547, додека бројот на работниците на работа опадна за 50.505. Така, „привремената“ беда, со која ги потисна работниците памучната криза, беше зголемена и зацврстена од брзиот и незапирен напредок на машинеријата.

Сепак, машината не дејствува само како надмоќен конкурент, секогаш готов да го направи наемниот работник „излишен“. Капиталот гласна и тенденциозно ја прогласува неа како непријателска сила на работникот и ја ползува како таква. Таа станува најсилното воено средство за задушување на периодичните востанија на работниците, штрајковите итн. против автократијата на капиталот.[208] Според Гескел, парната машина била од својот почеток антагонист на „човечката сила“ што го оспособи капиталистот да ги разбие сѐ поголемите претензии на работникот, кои загрозувале да го дотераат во криза штотуку изникнатиот фабрички систем.[209] Би можело да се напише цела историја на изнајдоци од 1830 г. наваму, што влегле во живот само како воени средства на капиталот против работничките бунтови. Ние пред сѐ потсетуваме на selfactіng mule [автоматската предачка машина], зашто таа отвора нова епоха на автоматскиот систем.[210]

Во своите искази пред Trades’ Union Commission [комисија за тред-јунионите] Несмит, изнајдувачот на парниот чекан, го изјавил следново за усовршувањата на машинеријата што ги вовел тој поради големиот и долготраен штрајк на машинските работници од 1851:

„Карактеристичната црта на нашите модерни механички усовршувања е воведувањето машини алатки што дејствуваат сами. Сѐ што има сега да прави секој еден механички работник, и што може да направи секој младинец, не е сам да работи, туку да ја надгледува убавата работа на машините. Целата класа работници што зависеше исклучиво од својата вештина, сега е отстранета. Порано јас земав на работа четири младинци на еден механичар. Благодарение на новите механички комбинации, јас го сведов бројот на возрасните мажи од 1.500 на 750. Резултатот беше значително зголемување на мојот профит.“

За една машина за печатење во бои во печатниците на платно Јур вели:

„Најпосле капиталистите се обидоа да се ослободат од ова неподносливо ропство (имено, од тешките услови за нив во договорите со работниците), притоа тие ги повикаа на помош изворите на науката и набргу беа повратени во своите законски права, во правата на главата над другите делови на телото“.

За еден изнајдок за гладење на основа, кому непосреден повод му беше еден штрајк, тој вели:

„Ордите на незадоволните што мислеа дека се ушанчиле непобедливо зад мините на старата поделба на трудот, се видоа така приклештени, што нивните одбранбени средства беа уништени од модерната механичка тактика. Тие мораа да се предадат на милост и немилост.“

За изнајдокот на selfactіng mule [автоматската предачка машина] тој вели:

„Таа беше повикана пак да го воспостави редот меѓу индустриските класи... Овој изнајдок ја потврди доктрината што ја развивме веќе, дека капиталот, кога ја присилува науката да му биде во служба, постојано ја присилува бунтовната рака на трудот кон покорност.“[211]

Иако списот на Јур се појави во 1835, значи во времето на уште релативно слабо развиен фабрички систем, тој си останува класичен израз на фабричкиот дух, не само поради неговиот отворен цинизам, туку и поради наивноста со која тој ги издрдорува бесмислените противречности на капиталистичкиот мозок. На пр., откога ја разви тој „доктрината“ дека капиталот со помошта на науката што ја зел во наем „постојано ги присилува бунтовните раце на трудот на покорност“, тој се лути на тоа „што од извесни страни се обвинува механичко-физичката наука дека му служи на деспотизмот на богатите капиталисти и дека се дава да служи како средство за угнетување на сиромашните класи“.

Откако проповедаше надолго и нашироко за тоа какви предности има за работниците брзиот развиток на машинеријата, тој ги предупредува дека тие со нивната непокорност, штрајк, итн. го забрзуваат развитокот на машинеријата.

„Такви насилни побуни“ — вели тој — „ја покажуваат човечката кусогледост во нејзиниот најдолен карактер, во карактер на еден човек што сам станува свој сопствен џелат“.

Неколку страници понапред тој велеше обратно:

„Без жестоките судирања и прекршоци причинети од лажните разбирања на работниците, фабричкиот систем би се развивал уште многу побргу и би бил пополезен за сите заинтересирани страни“.

Тогаш тој пак извикна:

„За среќата на населението од фабричките околии на Велика Британија усовршувањата во механиката се вршат само постепено“. „Неправедно — вели тој — се обвинуваат машините дека тие ја смалуваат наемнината на возрасните со тоа што истиснуваат еден дел од нив, и така нивниот број ги надминува потребите за труд. Но тие го зголемуваат барањето за детски труд и со тоа ја зголемуваат нормата на детската наемнина.“

Истиот утешител, од друга страна ги брани ниските наемнини на децата со тоа што „тие ги задржуваат родителите да не ги праќаат децата прерано во фабрика.“ Целата негова книга е апологија за неограничениот работен ден, а кога законодавството забрани да се мачат деца под 13 години повеќе од 12 часа на ден, тогаш тој ја потсетува неговата либерална душа на најмрачните времиња од средниот век. Ова не го задржува него да бара од фабричките работници да му се заблагодарат на провидението, што со машинеријата им „создаде слободно време да размислуваат за своите бесмртни интереси“.[212]

6. Теоријата на компензацијата во однос на работниците истиснати од машини

Цела редица буржоаски економисти, како Џемс Мил, Мекелек, Торенс, Сениор, Џ. Ст. Мил итн. тврдат дека сите машини што ги истиснуваат работниците, секогаш едновремено и нужно ослободуваат соодветен капитал што им дава работа на тие исти идентични работници.[213]

Да претпоставиме дека еден капиталист, на пр. во некоја мануфактура за тапети ќе употреби 100 работници, од кои секој добива по 30 ф, ст. годишно. Значи, променливиот капитал што го дава за една година изнесува 3.000 ф. ст. Да речеме да ги отпушти тој 50-те работници, а да ги земе на работа преостанатите 50 со една машинерија што чини 1.500 ф. ст. За да упростиме, ние ги оставаме настрана зградите, јагленот итн. Потака земаме дека годишно употребуваната суровина чини како и понапред 3.000 ф. ст.[214] Дали ќе се „ослободи“ некој кој и да било капитал поради оваа метаморфоза? При стариот начин на работа целокупната потрошена сума од 6.000 ф. ст. се состоеше половината од постојан, половината од променлив капитал. Сега таа се состои од 4.500 ф. ст. (3.000 ф. ст. за суровини и 1.500 ф. ст. за машинерија) постојан и 1.500 ф. ст. променлив капитал. Променливиот дел од капиталот или делот од капиталот претворен во жива работна сила сега е уште само 1/4 од целокупниот капитал наместо половина. Место ослободување, овде се врши сврзување на капиталот во една форма во која тој престанува да се разменува за работна сила, т.е. претворање од променлив во постојан капитал. Капиталот од 6.000 ф. ст., под инаку неизменети околности, сега не може никако да земе на работа повеќе од 50 работници. Со секое подобрување на машинеријата ќе зема на работа сѐ помалку работници. Ако новововедената машинерија чини помалку од сумата издадена за работната сила и орудијата на трудот истиснати од неа, значи на пр. наместо 1.500 само 1.000 ф. ст., тогаш би се претворил или би се сврзал еден променлив капитал од 1.000 ф. ст. во постојан, додека би се ослободил капитал од 500 ф, ст. Под претпоставка годишната наемнина да остане иста, последниов капитал би образувал фонд со кој може да се земат на работа приближно 16 работници, додека се отпуштени 50, — туку дури и многу помалку од 16 работници, зашто за претворање во капитал на 500 ф. cт. мора пак еден дел да биде претворен во постојан капитал, значи само еден дел може да се претвори во работна сила.

Да го допуштиме и тоа дека при производството на новата машинерија се земени на работа поголем број механичари; дали може тоа да биде компензација за тапетарите исфрлени на улица. Во најдобар случај, изработувањето на машинеријата дава работа на помалку работници отколку што истиснува нејзината примена. Сумата од 1.500 ф. ст. што ја претставуваше само наемнината на отпуштените тапетари, сега се претставува во формата на машинерија: 1) во вредноста на средствата потребни за нејзиното производство; 2) во наемнината на механичарите што ја приготвуваат неа; 3) во вишокот на вредноста што му се паѓа на нејзиниот „стопан.“ Потака, еднаш готова, машината не треба да се обновува до нејзината смрт. Значи, за да работи придадениот број на механичарите постојано, мораат фабрикантите на тапети еден по друг да ги истиснуваат работниците со машините.

Вистина пак овие апологети и не мислат за ваков вид ослободување на капиталот. Тие мислат на средства за живот на ослободените работници. Не може да се оспори дека на пр, во горниов случај машинеријата не само што ослободува 50 работници и со тоа ги прави „расположиви“, туку едновремено ја прекинува нивната врска со средствата за живот во вредност од 1.500 ф. ст. и така ги „ослободува“ овие средства за живот. Простиот и во никој случај не новиот факт, дека машинеријата го ослободува работникот од средствата за живот, на јазикот од економистите значи, оти машинеријата ги ослободува средствата за живот за работникот или ги претвора во капитал што ќе ги примени работниците. Се гледа, значи, дека сѐ зависи од начинот на изразот Nominibus mollire licet mala [Слободно е да се прикрие злото со зборови].[6*]

Според оваа теорија, средствата за живот во вредност од 1.500 ф. ст. беа капитал што се оплодуваше со трудот на педесетте отпуштени тапетарски работници. Оттука, излегува дека овој капитал ја губи својата употреба, штом ќе останат педесеттемина без работа, и не го фаќа место сѐ додека не најде некоја нова „примена", со што спомнатите педесетмина ќе можат пак производно да го трошат. Значи, порано или подоцна, капиталот и работникот мораа пак да се најдат заедно и тогаш компензацијата е готова. Оттука, страдањата на работниците што се истиснати од машинеријата се преодни како и богатството од овој свет.

Средствата за живот во износ од 1.500 ф. ст. никогаш не стоеле спроти отпуштените работници како капитал. Тоа што спроти нив стоеше како капитал беа овие 1.500 ф. ст. сега претворени во машинерија. Поодблиску разгледувани, овие 1.500 ф. ст. претставуваат само еден дел од тапетите што ги произведуваа годишно отпуштените 50 работници и што ги примаа тие од својот применувач како наемнина во парична форма место во натура. Со тапетите претворени во 1.500 ф. ст. тие купуваат во истиот износ средства за живот. Затоа овие суштествуваа за нив не како капитал туку како стоки, а самите тие не суштествуваа за овие стоки како наемни работници, туку каки купци. Околноста, што машинеријата ги „ослободила“ нив од куповните средства, ги претвора нив од купци во некупци. Со тоа се смалува барањето за овие стоки. Voilà taut [тоа е сѐ]. Ако ова намалено барање не се компензира со зголемено барање од друга страна, тогаш ќе падне пазарната цена на стоките што се бараат помалку. Ако потрае ова подолго време и во поголеми размери, тогаш ќе последи отпуштање на работниците што работат во производството на овие стоки. Еден дел од капиталот, што ги произведуваше порано потребните средства за живот, ќе биде препроизведуван во друга форма. Додека паѓаат пазарните цени и додека трае преместувањето на капиталот, ќе бидат „ослободувани“ и работниците што работат во производството на потребните средства за живот од еден дел од нивната наемнина. Значи, место да докаже дека машинеријата ослободувајќи ги работниците од средствата за живот, едновремено ги претвора последниве во капитал кој ќе ги примени овие работници, господин апологетот го докажува со испробаниот закон за барање и предлагање обратното: дека машинеријата не ги исфрла на улица работниците само од производните гранки каде што е воведена таа, туку и од производните гранки каде што таа не е воведена.

Вистинските факти, испревртени од економскиот оптимизам, се овие: работниците што ги истиснала машинеријата се исфрлаат од работилницата на пазарот на трудот и таму го зголемуваат бројот на работните сили веќе расположиви за капиталистичката експлоатација. Во седмиот оддел ние ќе покажеме дека ова дејство на машинеријата — што овдека ни се претставува како некоја компензација за работничката класа, настапува против работникот како најстрашен камшик. Овдека само ова: работниците, исфрлени од една индустриска гранка, секако можат да се обидат да најдат работа во некоја друга која и да било гранка. Ако најдат тие таква и ако ја воспостават со тоа пак врската меѓу нив и средствата за живот што биле ослободени заедно со нив, тогаш ова ќе биде со посредство на некој нов, придаден капитал што се стреми да биде пласиран, но никако не со посредство на капиталот што функционираше веќе порано, а што е сега претворен во машинерија. Та дури и тогаш, колку се мали нивните изгледи! Осакатени поради поделбата на трудот, овие бедни ѓаволи толку малку вредат надвор од својата стара сфера на дејство, што тие можат да најдат пристап само во неколку подолни и затоа постојано преполнети и слабо платени гранки на трудот.[215] Потака, секоја индустриска гранка привлекува годишно една нова река луѓе што ѝ дава контингент потребен за рамномерно надоместување и за растење. Штом ќе ослободи машинеријата еден дел од работниците што се досега на работа во некоја определена индустриска гранка, и резервата од работниците ќе биде прераспределена одново и ќе влезе во други гранки на трудот, додека првобитните жртви во поголемиот дел страдаат и пропаѓаат во преодниот период.

Не подлежи на никакво сомнение фактот дека машинеријата сама пo себе не е одговорна за „ослободувањето“ на работниците од средствата за живот. Таа го поевтинува и го зголемува производот во гранката што ја зафаќа таа и ја остава отпрво неизменета масата средства за живот произведена во други индустриски гранки. И по нејзиното воведување како и порано општеството располага, значи со исто толку или со повеќе средства за живот за изместените работници, па и сосем да го испуштиме од предвид грамадниот дел од годишниот производ што го растураат неработниците. А ова е pointe [поентата] на економскиот апологет! Не суштествуваат противречности и антагонизми неразделиви од капиталистичката примена на машинеријата, зашто тие не израстуваат од самата машинерија, туку од нејзината капиталистичка примена! Значи, бидејќи машинеријата, разгледувана само по себеси го скусува работното време, а применета капиталистички го продолжува работниот ден, само по себе таа го олеснува трудот, а применета капиталистички ја зголемува неговата интензивност, сама по себе претставува победа на луѓето над природните сили, а применета капиталистички претставува подјармување на луѓето од страна на природните сили, сама по себе го зголемува богатството на производителот, а применета капиталистички него го претвора во паупер итн., буржоаскиот економист просто изјавува дека разгледувањето на машинеријата само по себе убедливо докажува оти сиве овие опипливи противречности се само привид на баналната дејствителност, но сами по себе, а според тоа и во теоријата, дури никако и не суштествуваат. Така тој се запазува од секакво натамошно цепење на главата и на тоа одозгора му ја товари на својот противник глупоста дека тој не се бори против капиталистичката примена на машинеријата, туку против самата машинерија.

Буржоаскиот економист сосем не одречува, дека притоа можат да произлезат привремени непријатности, но кај има медал без опачина! Некое друго исползување на машинеријата освен капиталистичкото за него е невозможно. Значи, експлоатацијата на работникот со машината за него е идентична со експлоатацијата на машината од работникот. Тогаш кој открива каква е вистината со капиталистичката примена на машинеријата, тој не ја сака нејзината примена воопшто, тој е противник на социјалниот напредок![216] Сосем онака како што резонува прочуениот главорез Бил Сајкс:

„Господа поротници, на овој трговски патник вратот му е секако пресечен. Само што за овој факт јас не сум виновен, за тоа е виновен ножот. Дали треба поради вакви привремени непријатности да се укине употребата на ножот? Замислете си! Каде би биле земјоделството и занаетот без нож? Не е ли тој еднакво спасоносен во хирургијата како што ѝ служи на науката во анатомијата? Притоа дали не е тој саканиот помошник при веселите гозби? Уништете го вие ножот — па сте нѐ фрлиле назад во најдлабокото варварство.“[216a]

Иако машинеријата нужно ги истиснува работниците од гранката на трудот каде што е воведена, сепак таа може да предизвика зголемување на оние што се на работа во други гранки на трудот. Самo што ова дејство нема ништо заедничко со таканаречената теорија за компензација. Бидејќи секој машински производ, на пр. еден аршин машинска ткаенина, е поевтин од ист таков занаетчиски производ, што го истиснал тој, се добива следниов апсолутен закон: Ако остане целокупното количество од машински произведениот артикал исто со целокупното количество од артикалот произведен на занаетчиски или мануфактурен начин, а што е заменет со машински, тогаш се смалува целокупната сума на потрошениот труд. Зголемувањето на трудот, на машинеријата, јагленот итн. мора да биде нешто помало од смалувањето на трудот што се добива со примената на машинеријата. Инаку, машинскиот производ би бил исто толку скап или поскап од рачниот производ. Но место да остане иста целокупната маса на машинскиот артикал што го произведуваат еден намален број работници, таа вистински расте далеку над целокупната маса на истиснатиот занаетчиски артикал. Да земеме дека 400.000 аршини машинска ткаенина ќе ја произведуваат помалку работници отколку 100.000 аршини занаетчиска ткаенина. Во четирипати поголемиот производ е влезена четирипати повеќе суровина. Значи, производството на суровината мора да се зголеми за четирипати. Но што се однесува за потрошените средства на трудот, како зградите, јагленот, машините итн., границите, во рамките на кои може да расте придадениот труд потребен за нивното производство, се изменуваат со разликата меѓу масата на машинскиот производ и масата на занаетчискиот производ што може да ја произведат истиот број работници.

Според тоа, со раширувањето на машинското производство во една индустриска гранка расте пред сѐ производството во други гранки што ѝ доставуваат нејзе средства за производство. До каде ќе расте со тоа масата работници земени на работа, зависи, ако е дадена должината на работниот ден и интензивноста на трудот, од составите на употребените капитали, т.е. од односот меѓу нивните постојани и променливи составни делови. Од своја страна, пак, овој однос мошне варира во зависност од обемот во кој машинеријата ги зафатила или ги зафаќа самите овие гранки. Бројот на луѓето осудени да работат во рудниците за јаглен и метали страшно расте со напредокот на англиското машинство, иако овој пораст во последниве децении е постигнат со употребата на нови машинерии во рударството.[217] Заедно со машината влегува во живот и еден нов вид работник — нејзиниот производител. Ние веќе знаеме дека и самата оваа гранка на производството ја зафаќа машинското производство, и тоа постојано сѐ во помасовни размери.[218] Потака, што се однесува за суровините[219] на пр., не подлежи на никакво сомнение дека бурниот развиток на памучните предачници силно го унапреди производството на памук во Соединетите Држави и со тоа не само и африканската трговија со робови, туку едновремено го направи одгледувањето на Негрите главно занимање на таканаречените гранични робовски држави. Кога 1790 беше извршен првиот попис на робовите во Соединетите Држави, нивниот број изнесуваше 697.000, а во 1861, напротив, приближно четири милиони. Од друга страна, не е помалку извесно, дека расцутувањето на механичките волнени фабрики, со прогресивното претворање на ораниците во пасишта, го предизвика масовното прогонување на земјоделските работници и нивното претворање во „прекубројни“. Ирска и во овој момент сѐ уште се најдува во процесот во кој нејзиното население, веќе од 1845 намалено за околу половина, продолжува и натаму да се намалува до мерата што ѝ одговара точно на потребата на нејзините лендлордови и на господата англиски волнарски фабриканти.

Ако ги зафати машинеријата предните или средните степени низ кои треба да помине некој предмет на трудот до неговата последна форма, тогаш со материјалот за работа се зголемува и барањето на трудот во оние гранки каде што се работи на занаетчиски или мануфактурен начин и во кои влегуваат машинските фабрикати. Машинското предење, на пр., дало толку многу и толку евтина преѓа, што рачните ткајачи отпрво, без да ги зголемуваат трошоците, можеле да работат полно време. Така порасна нивниот доход.[220] Оттука наплив на луѓе во памучните ткајачници, дури најпосле, на пр. во Англија пак не ги истепа парниот разбој 800.000-те памучни ткајачи што беа повикани во живот од jenny, throstle и mule. Така со изобилството на материите за алишта расте и бројот на кројачките, шивачките итн., додека не се појави шивачката машина.

Соодветно на сѐ поголемата маса суровини, полуфабрикати, орудија на трудот итн., што ги доставува машинското производство со релативно мал број работници, се разделува и обработката на овие суровини, полуфабрикати во безброј подвидови, а со тоа, значи расте разнообразноста на општествените гранки на производството. Машинското производство ја тера општествената поделба на трудот неспоредливо подалеку отколку мануфактурата, зашто таа ја зголемува во неспоредливо повисок степен производната сила во гранките зафатени од неа.

Првиот резултат на машинеријата е да го зголемува вишокот на вредноста и едновремено со него да ја зголемува масата на производот во која тој се претставува, значи, заедно со зголемувањето на супстанцата од која се храни капиталистичката маса со своите опашки, се зголемуваат и самиве овие општествени слоеви. Нејзиното богатство што постојано расте и постојаното релативно паѓање на бројот на работниците потребни за производство на основните средства за живот, создаваат едновремено со новите потреби за луксуз и нови средства за нивно задоволување. Поголем дел од општествениот производ се претвора во вишок на производ, а поголем дел од вишокот на производот се троши и се препроизведува во пофини и поразнообразни форми. Со други зборови: луксузното производство расте.[221] Сѐ поголемата префинетост и разнообразност на производите произлегува и од новите односи што ги создава крупната индустрија на светскиот пазар. Сега веќе домашните производи не се разменуваат само за средства за наслада од туѓина, туку се внесуваат во домашната индустрија и голема маса туѓи суровини, помошни материи, полуфабрикати итн. како средства за производство. Со овие односи на светскиот пазар расте и барањето за труд во транспортната индустрија, а последнава се дели на безброј нови подвидови.[222]

Умножувањето на средствата за живот и за производство при релативното смалување на бројот на работниците, тера да се прошири трудот во индустриските гранки чии производи ќе донесат плод дури во далечна иднина, како што се каналите, стоковните докови, тунелите, мостовите итн. Било врз директната основа на машинското производство или врз основата на општиот индустриски преврат што ѝ одговара нејзе, се создаваат сосем нови индустриски гранки, а со тоа и нови полиња за труд. Сепак, местото што го зафаќаат во вкупното производство не е никако значајно дури и во најразвиените земји. Бројот на работниците што работат во нив расте во права сразмера со нуждата за препроизводство на најгрубиот рачен труд. Како главни индустрии од овој вид денеска може да се сметаат гасните заводи, телеграфијата, фотографијата, паробродството и железниците. Пописот од 1861 (во Англија и Велс) дава во индустријата на гас (заводи за гас, производство на механички апарати, агенти на гасните компании за гас итн.) 15.211 лица, во телеграфијата 2.399, во фотографијата 2.366, во паробродската служба 3.570 и во железниците 70.599, од кои околу 23.000 вака или онака се постојано на работа „неизучени“ копачи, покрај целиот административен и комерцијален персонал. Значи, вкупниот број лица во овие пет нови индустрии е 94.145.

Најпосле, извонредно зголемената производна сила во сферите на крупната индустрија, последувана, како што е обично, од интензивното и екстензивното зголемување на експлоатацијата над работната сила во сите други сфери на производството, дава возможност непроизводно да се употребува еден сѐ поголем дел од работничката класа, и имено така сѐ помасовно да се препроизведуваат старите куќни робови под името „прислужна класа“, како слуги, слугинки, лакеи итн. Според пописот од 1861 целокупното население од Англија и Велс било 20.066.244 лица, од кои 9.776.259 машки и 10.289.965 женски. Ако се одземат од овој број оние што се престари или премлади за работа, сите „непроизводни“ жени, млади лица и деца, потоа „идеолошките“ слоеви, како што се власта, поповите, правниците, војниците итн., потаму сите оние на кои им е исклучиво занимање да живеат од туѓ труд во форма на земјишна рента, интерес итн., најпосле пауперите, скитниците, престапниците итн. тогаш остануваат точно 8 милиони од обата пола и од најразличните степени на возраста, вклучени тука и сите капиталисти што вршат каква-годе функција во производството, трговијата, финансиите итн. Од овие 8 милиони идат на:

  Лица
Земјоделски работници (заклучно се овчарите, слугите и слугинкитe што живеат при закупецот)1,098,261
Сите лица на работа по фабриките за памук, лен, коноп, коприна, јута и во механичката фабрикација на чорапи и тантели 642,607[223]
Сите лица на работа во рудниците за јаглен и метали565,835
Сите лица на работа во заводите за металургија (високи печки, за валање железо итн,) и во металската мануфактура 396,998[224]
Прислужната класа 1,208,648[225]

Ако ги собереме сите што работат во текстилните фабрики заедно со персоналот од рудниците за јаглен и метали, тогаш ќе добиеме 1.208.442; ако го собереме него со персоналот од сите металски заводи и мануфактури, тогаш вкупниот број е 1.039.695, — во обата пати тој е помал од бројат на модерните домашни робови. Каков возвишен резултат од капиталистичката експлоатација на машинеријата!

7. Одбивање и привлекување на работниците во врска со развитокот на машинското производство.
Кризи во памучната индустрија

Сите претставници на политичката економија, способни да расудуваат, признаваат дека воведувањето на машинеријата дејствува врз работниците како чума во оние традиционални занаети и мануфактури со кои таа најнапред почнува да конкурира. Тукуречи сите го оплакуваат ропството на фабричките работници. А каков е големиот адут што го изигруваат сите? Тој е во тоа дека машинериите, по стравотиите во периодот на нивното воведување и развивање, го зголемуваат во крајна линија бројот на робовите на трудот, наместо дефинитивно да го смалат! Ете, политичката економија се занесува од радост поради одвратната теорема, одвратна за секој „филантроп“ што верува во вечната природна нужност на капиталистичкиот начин на производство — теорема според која веќе дури самата фабрика заснована врз машинското производство по определен период на пораст, па покус или подолг „преоден период“ почнува да измачува повеќе работници отколку што исфрлила таа отпрво на улица.[226]

Вистина, се покажа веќе на неколку примери, како на пр. кај англиските фабрики за фанелица и коприна, дека на извесен степен во развитокот извонредното ширење на фабричките гранки може да биде сврзано не само со релативното, туку и со апсолутното опаѓање на бројот на применетите работници. Во 1860 г., кога по наредба на парламентот се изврши специјален попис на сите фабрики во Соединетото Кралство, во делот фабрички околии на Ланкашир, Чешир и Јоркшир, кој бил потчинет под фабричкиот инспектор Р. Бeјкep, имало 652 фабрики; во 570 од овие имало: 85.622 парни разбои, 6.819.146 вретена (без вретената за усукување), 27.439 коњски сили во парни машини, 1.390 во водни колца и 94.119 лица на работа. Во 1865 година напротив, истите фабрики имале: 95.163 разбои, 7.025.031 вретена, 28.925 коњски сили во парни машини, 1.445 во водни колца и 88.913 лица на работа. Значи, од 1860 до 1865 порастот во овие фабрики изнесува во парни разбои 11%, во вретена 3%, во парни коњски сили 5% додека едновремено бројот на вработените лица спадна за 5,5%.[227] Меѓу 1852 и 1862 г. значителна се зголеми англиската фабрикација на волна, додека бројот на употребените работници приближно остана ист.

„Ова покажува во колку голема мера новововедените машинерии го истиснале трудот од претходните периоди“.[228]

Во понекои случаи порастот на фабричките работници што се на работа често е само привиден, т.е. тој е предизвикан не од проширувањето на фабриката што веќе почива врз машинското производство, туку од постепеното присоединување на споредни гранки. на пр. „зголемувањето на бројот на механичките разбои и на фабричките работници што се со нив земени на работа од 1838-1858 во (британските) памучните фабрики се должеше просто на ширењето на претпријатија во оваа гранка; во другите фабрики, напротив, се должеше на новоприменетата парна сила на разбоите за ќилими, ленти, платно итн., што ги тераше понапред силата на човечките мускули.“[229] Според тоа, зголемувањето на бројот на овие фабрички работници беше само израз на едно смалување на целокупниот број на вработените работници. Овдека најпосле сосем не се зема предвид тоа што насекаде, со исклучок на металските фабрики, младите работници (под 18 години), жените и децата сочинуваат многу поголем дел од фабричкиот персонал.

Сепак е јасно дека и покрај вистински изместената и потенцијално заместената работничка маса од страна на машинското производство, бројот на фабричките работници, поради порастот на машинското производство изразено во зголемениот број еднородни фабрики или во раширените размери на заварените фабрики, на крајот на краиштата, може да стане поголем од бројот на мануфактурните работници или занаетчиите изместени од нив. Да земеме дека неделно применуваниот капитал од 500 ф. ст. се состои на пр., при стариот начин на производство од 2/5 постојан и 3/5 променлив составен дел, т.е. дека се издадени 200 ф. ст. за средства за производство, 300 ф, ст. за работна сила, да речеме по 1 ф. ст. на работник. Со машинското производство се изменува составот на целокупниот капитал. Сега, на пр. тој се дели на 4/5 постојан и на 1/5 променлив составен дел, или ќе се издава уште само 100 ф. ст. за работна сила. Значи, две третини од работниците што беа порано на работа сега се отпуштаат. Ако се прошири ова фабричко производство, при инаку неизменети услови за производство, и ако порасне целокупниот вложен капитал од 500 на 1.500, тогаш ќе се земат сега на работа 300 работници, токму толку колку и пред индустриската револуција. Ако порасте вложениот капитал уште повеќе, на 2.000, тогаш ќе се земат на работа 400 работници, значи за 1/3 повеќе отколку кај стариот начин на производство. Бројот на употребените работници апсолутно расте за 100, а релативно, т.е. во однос на целокупниот авансиран капитал, тој паѓа за 800, бидејќи капиталот од 2.000 ф. ст. би зел на работа при стариот начин на производство 1.200 работници, а не 400. Според тоа, релативното опаѓање на вработени работници може да оди заедно со нивниот апсолутен пораст. Погоре зедовме дека при порастот на целокупниот капитал неговиот состав останува ист, бидејќи не се изменуваат условите за производство. Но ние веќе знаеме дека со секој напредок во машинскиот систем расте постојаниот дел од капиталот составен од машинерија, суровини итн.. додека променливиот капитал, издаден за работна сила, паѓа, и едновремено ние знаеме дека не се така постојани усовршувањата ни во еден друг начин на производство, а со тоа и составот на целокупниот капитал нигде не е така променлив како во машинското производство. Туку оваа постојана измена се нарушува исто така постојано со точки на мирување и со просто квантитативно раширување врз дадената техничка основа. Со тоа расте бројот на вработените работници. Така во 1835 бројот на сите работници во фабриките за преработка на памук, волна, фанелица, лен и коприна изнесуваше во Соединетото Кралство само 354.684, додека во 1861 само бројот на ткајачите при парните разбои (од обата пола и од различни возрасти од 8 години нагоре) изнесуваше 230.654. Секако, ова зголемување се покажува сосем мало ако се сетиме дека бројот на британските рачни ткајачи заедно cоce нивните фамилии, што работеа заедно, изнесуваше во 1838 г. 800.000,[230] ако сосем не ги сметаме ткајачите изместени во Азија и на европскиот континент.

Во малкуто забелешки, што треба уште да ги направиме по оваа точка, ние делум ќе ги засегнеме чисто фактичките односи до кои уште не нѐ довело самото наше теоретско изложување.

Додека машинското производство се шири во една индустриска гранка на сметка на традиционалниот занает или на мануфактурата, неговите успеси се онака сигурни, како што е сигурен успехот на војска вооружена со пушки кременарки против една војска вооружена со стрели. Овој прв период, на кој машината уште ја освојува сферата на своето дејство, е од решавачка важност поради вонредните профити чие производство таа го помогнува. Овие профити не само што претставуваат сами по себе забрзана акумулација, туку го привлекуваат во благопријатната сфера на производството и големиот дел од општествениот придаден капитал што се образува постојано сѐ одново и постојано се стреми да се пласира. Посебните предности на првиот период на бура и устрем постојано се повторуваат во оние гранки на производството во кои за првпат се воведува машинеријата. Но штом фабричкиот систем ќе постигне извесна ширина во својата егзистенција и определен степен на зрелост, штом имено ќе почне неговата сопствена техничка основа — машинеријата — да се произведува со машини, штом се револуционира добивањето јаглен и железо, како и нивната преработка и транспортот, општо речено, штом ќе се воспостават општите услови за производство на крупната индустрија, тогаш овој начин на производство се здобива со еластичност, со способност да се раширува одненадеж и во скокови, способност што сретнува граница само во суровините и во пласманот на пазарот. Машинеријата, од една страна, дејствува директно врз зголемувањето на суровините, како на пр. Cotton gin [машина за чистење памук], што го зголеми производството на памукот.[231] Од друга страна, евтинијата на машинските производи и превратот во транспортните и сообраќајните средства се оружја за освојување на туѓите пазари. Со разрушувањето на нивното занаетчиско производство, машинското производство ги претвора нив насила во поле за производство на негови суровини. Така Источна Индија беше присилена да произведува памук, волна, коноп, јута, индиго итн. за Велика Британија.[232] Постојаното претворање на работниците во земјите со крупна индустрија во „прекубројни“ извонредно го забрзува населувањето и колонизацијата во туѓите земји, кои се претвораат во плантажи на суровини за метрополата, како што е на пр. Австралија една плантажа за волна.[233] Се создава нова интернационална поделба на трудот, соодветна со главните седишта на машинското производство што претвора еден дел од земјината топка во првенствено земјоделско поле на производството, а друг во првенствено индустриско поле. Оваа револуција е во тесна врска со превратите во земјоделството, на кое овдека не му е место понатака да се разгледува.[234]

По иницијатива на г. Гладстон, Долниот дом на Парламентот на 17 февруари 1867 нареди да се направи статистика за целокупниот внос и износ на сите видови жита во зрно и брашно за Соединетото Кралство од 1831 — 1866. Подолу јас го давам општиот преглед. Брашното е сведено на квартер жито.

Грамадната, скокообразната способност на фабричкото производство да се шири и неговата зависност од светскиот пазар, неминовно создаваат трескаво производство што има за последица преполнетост на пазарите, со чие стеснување настапува парализа. Животот на индустријата се претвора во редослед од периоди на средно живнување, просперитет, хиперпродукција, криза и стагнација. Несигурноста и непостојаноста на кои машинското производство ја подвргнува можноста на работникот да најде работа, а со тоа и неговото животно положение, станува со нормализирањето на периодичните измени во индустрискиот циклус нормална појава. Ако не го сметаме времето на просперитетот, меѓу капиталистите беснее жестока борба за нивното индивидуално место на пазарот. Ова место стои во права сразмера спроти евтинијата на производот. Покрај тоа што ова создава ривалство во употребата на усовршените машинерии што ги заместуваат работниците и новите методи на производството, — секогаш настапува една точка кога се јавува стремеж да се поевтини стоката со насилствено снижување на наемнината под вредноста на работната сила.[235]

Значи, порастот на бројот на фабричките работници е условен од пропорционално многу побрзиот пораст на целокупниот капитал вложен во фабриките. Но овој процес се развива само во периодот на прилив и одлив во индустрискиот циклус. Освен тоа, него постојано го прекинува техничкиот напредок, што трудот де потенцијално го надоместува де вистински го истиснува. Оваа квалитативна измена во машинското производство постојано го оддалечува работникот од фабриката или ја затвора нејзината врата пред новата река од регрути, додека простото квантитативно проширување на фабриката голтнува покрај исфрлените, и нови контингенти работници. Така работниците постојано се одбиваат и привлекуваат, се фрлаат ваму-таму и притоа постојано се менува полот, возраста и вештината на заврбуваните.

Судбината на фабричкиот работник најдобро може да се види ако фрлиме површен поглед на судбината на англиската памучна индустрија.

Петгодишен период и 1866 година
Средно за година 1831-1835 1836-1840 1841-1845 1846-1850 1851-1855 1856-1860 1861-1865   1866
Увоз 1,096,373 2,389,729 2,843,865 8,776,552 8,345,237 10,913,612 15,009,871 16,457,340
Извоз 225,263 251,770 139,056 155,461 307,491 341,150 302,754 216,218
Вишок на увозот
над извозот
871,110 2,137,959 2,704,809 8,621,091 8,037,746 10,572,462 14,707,117 16,241,122
Население
Среден годишен број
во секој период
24,621,107 25,929,507 27,262,569 27,797,598 27,572,923 28,391,544 29,381,460 29,935,404
Средно количество
жито итн. во квартери,
годишно потрошено
од одделна единка
при еднаква распределба
меѓу населението,
што е вишок над
домашното производство
0.036 0.082 0.099 0.310 0.291 0.372 0.501 0.543

Од 1770 до 1815 памучната индустрија била само 5 години во притисната состојба или во застој. Во текот на овој прв 45-годишен период англиските фабриканти имаа монопол над машинеријата и над светскиот пазар. Од 1815 до 1821 притисната состојба. Во 1822 и 1823 просперитет, во 1824 укинување на законот на коалициите,[7*] општо големо раширување на фабриките, во 1825 криза, во 1826 голема беда и востанија меѓу памучните работници; во 1827 мало подобрување; во 1828 голем пораст на парните разбои и износот; во 1829 извозот, особено за Индија, ги надминува сите понапрежни години; во 1830 преполнети пазари, голема мизерија; во 1831 до 1833 непрекинато притисната состојба; одземен е од Источноиндиската компанија монополот за трговија со Источна Азија (Индија и Кина). Во 1834 голем пораст на фабриките и машинското производство, недостиг на раце, новиот закон за сиромаштијата го забрзува преселувањето на земјоделските работници во фабричките околии; од селските грофовства децата постепено се прогонуваат во индустријата, трговија со бели робови. Во 1835 голем полет; едновремено рачните памучни ткајачи умираат од глад. Во 1836 голем полет. Во 1837 и 1838 притисната состојба и криза. Во 1839 живнување. Во 1840 голема депресија, востанија, замешување на војската. Во 1841 и 1842 година ужасни страдања на фабричките работници. Во 1842 фабрикантите ги исфрлаат рацете од фабрика за да го наметнат укинувањето на житниот закон, работниците течат во многу илјади кон Јоркшир, враќани се назад од војската, нивните водачи се даваат пред суд во Ланкастер. Во 1843 голема беда. Во 1844 живнување, во 1845 голем полет. Во 1846 отпрво продолжува полетот, после симптоми на реакција, укинување на житниот закон. Во 1847 криза, општо снижување на наемнината за 10 и повеќе проценти за слава на „big loaf“ [големиот сомун]. Во 1848 непрекинато притеснета состојба; Манчестер под заштита на војската. Во 1849 живнување. Во 1850 полет. Во 1851 паѓање на стоковните цени, ниски наемнини, чести штрајкови. Во 1852 почнува подобрување, штрајковите продолжуваат, фабрикантите загрозуваат со увоз на странски работници. Во 1853 износот расте; осуммессчен штрајк и голема беда во Престон. Во 1854 полет, преполнување на пазарите. Во 1855 од Соединетите Држави, Канада и од источно-азиските пазари течат извештаи за банкротства. Во 1856 голем полет. Во 1857 криза. Во 1858 подобрување. Во 1859 голем полет, зголемување на фабриките. Во 1860 англиската памучна индустрија на врвна точка; индиските, австралиските и другите пазари така се преполнети, што дури 1863 одвај го апсорбираа целиот тој смет. Трговски договор со Франција. Огромен пораст на фабриките и машинското производство. Во 1861 полетот продолжува некое време, реакција, граѓанска војна но Америка, глад за памук. Од 1862 до 1863 полн крах.

Историјата на гладот за памук е премногу карактеристична што не можеме да не се запреме за еден момент на неа. Од укажувањето за состојбата на светскиот пазар во 1860 до 1861 се гледа дека памучниот глад добро им дошол на фабрикантите, а делум им бил од полза, факт признаен во извештаите на манчестерската трговска комора, а изнесен во парламентот од Палмерстон и Дерби и потврден од настаните.[236] Секако меѓу 2.887 памучни фабрики во Соединетото Кралство во 1861 г. имало многу ситни. Според извештајот на фабричкиот инспектор А. Редгрев, во околиите потчинети под него, од оние 2.887 се вклучувале 2.109 фабрики, само 392 или 19% од последниве употребувале помалку од 10 парни коњски сили; 345 или од 10 до 20 сили; 1.372 напротив по 20 и повеќе коњски сили.[237] Повеќето од малите фабрики беа ткајачници, основани за време на периодот на полетот по 1858 од шпекуланти, од кои едниот ја дава преѓата, другиот машинеријата, третиот зградите, а нив ги водеа некогашните overlookеrs [фабрички надгледници] или некој друг неимашлив човек. Повеќето од овие мали фабриканти пропаднаа. Истата судбина ќе ги довтасаше нив од трговската криза што беше спречена од памучниот глад. Иако тие сочинуваат 1/3 од бројот на фабрикантите, сепак на нивните фабрики паѓа несразмерно помал дел од капиталот вложен во памучната индустрија. Што се однесува за обемот на парализата, според автентичните проценки во октомври 1862 ја запреле работата 60,3% вретена и 58% разбои. Ова се однесува на целата индустриска гранка и, се разбира, мошне варира во одделните околии. Само сосем малку фабрики работеа полно време (60 часа неделно), другите со прекини. Дури и за малкуте работници што работеа полна време за вообичаената наемнина од парче, неделната наемнина нужно се смалува поради замената на подобриот со полош памук, памук „Ѕеа Island” со египетски (во предачниците за фино предење), американскиот, египетскиот со Surat (источно-индиски), а чистиот памук со мешавина од памучни отпадоци со Surat-oт [полош памук од областа на Бомбај]. Покусите влакна од Surat — памукот, неговата нечистотија, големата кинливост на влакната, заменувањето на брашното со секакви потешки смеси за гладење на основата итн., сево ова ја намалуваше брзината на машинеријата или бројот на разбоите што можеше да ги надгледува еден работник, го зголемуваше трудот за исправање на грешките на машините и ја смалуваше наемнината од парче заедно со смалувањето на масата на производот. При употребата на Surat и кога работникот работи полно време, неговите загуби се качуваат на 20, 30 и повеќе проценти. Но мнозина од фабрикантите ја снижија и нормата на наемнината од парче за 5,7 1/2 и 10 проценти. Затоа може да се сфати положбата на оние што работат само 3,3 1/2, 4 дена во неделата или само 6 часа на ден. Откако во 1863 настапи веќе релативно подобрување, неделната наемнина на ткајачот, предачот итн. изнесуваше 3 шил. и 4 пенси, 3 ш. и 10 п., 4 ш. 6 п., 5 ш и 1 п. итн.[238] Дури и под овие премачни состојби изнајдувачкиот дух на фабрикантите за сметнување на наемнината никако не стивна. Ова се врши делум под вид на казни поради грешките на изработката, што се должи на лошиот памук, непогодна машинерија итн. Но таму каде што фабрикантот беше сопственик на работничките куќички, тој сам си ја исплатуваше киријата за куќата со одбивање од номиналната наемнина. Фабричкиот инспектор Редгрев раскажува за self-acting minders (тие што надгледуваат две автоматски mules) кои:

„на крајот на четиринаесетдневна полна работа заслужуваат 8 шил, 11 пен. и од оваа сума се одбива кирија за куќата, од која фабрикантот сепак им ја враќа половината назад како подарок, така што овие работници на mule носат дома цели 6 ш. и 11 пен. Неделната наемнина на ткајачот за последново време од 1862 г. почнуваше од 2 шил. и 6 пенси, па нагоре.“[239]

Киријата за куќата често е одбивана од наемнината дури и тогаш кога рацете работеа само кусо време.[240] Не е никакво чудо што во некои делови од Ланкашир избувна некој вид гладен тифус! Но од сево ова покарактеристично беше како одеше револуционирањето на процесот на производството на сметка на работникот. Тоа беа формални experimenta in corpore vili [опити на живо тело], како опитите на анатомите над жабите...

„И ако јас — вели фабричкиот инспектор Редгрев — ги дадов вистинските приходи на работниците од многу фабрики не смее од тоа да се заклучи дека тие ја добиваат истата сума секоја недела. Работниците се изложени на најголеми колебања поради постојаните експериментирања („experimentaliring“) на фабрикантите... нивната заработка се крева или паѓа во зависност од квалитетот на памучната смеса, де се приближува за 15% кон нивната поранешна заработка, а де таа паѓа во другата или во подругата недела за 50% до 60%.“[241]

Овие експерименти не се прават само на сметка на средствата за живот на работникот. Тие го плаќаат ова со сите пет свои сетила.

„Оние што работат на отворањето на памукот ми соопштија дека од неподносливата смрдеа им се слошувало... На оние што работат во одделенијата за мешање, гребење и чешлање прашината и нечистотијата што ја пушта памукот им ги исполнува сите отвори на главата, дразни на кашлица и го отежнува дишењето ... Бидејќи влакната се куси, ѝ се придава на преѓата при мазнењето поголема маса материја, и тоа, наместо понапред употребуваното брашно, сега од секакви сурогати. Оттука слошување и лошо варење на храната кај ткајачите. Бронхитот е раширен поради правот, или и воспалението на грлото: потака, една кожна болест поради раздразнетоста на кожата од нечистотијата што ја содржи Ѕurаt-от.“

Од друга страна, сурогатите на брашно беа извори за збогатување на г. г. фабрикантите поради зголемувањето на тежината на преѓата. Тие правеле „15 фунти суровина што кога ќе се исткае да тежи 26 фунти“.[242] Во извештајот на фабричките инспектори од 30 април 1864 читаме:

„Индустријата се ползува сега со овој помошен извор вистина во неприлична мера. Јас знам од авторитетно место, дека ткаенината од осум фунти е направена од 5 1/4 фунти памук и 2 3/4 фунти лепило. Една друга ткаенина од 5 1/4 фунти содржи две фунти лепило. Тие се обични shirtings [материјал за кошули] за извоз. Во други видови напротив, се придодава 50% лепило така што некои фабриканти можат да се пофалат, и навистина се фалат, дека тие станале богати со продавaњe ткаенина за помалку пари отколку што чини номинално преѓата содржанa во нив.“[243]

Но работниците не страдаа само од експериментите на фабрикантите во фабриките и од општинарите надвор од фабриките, не само од снижувањето на наемнината и од безработицата, од скудноста и милостињата, од пофалните слова на лордовите и од членовите на Долниот дом.

„Несреќните жени, останати без работа поради памучниот глад, станаа отпадок на општеството или останаа такви... Бројот на младите проститутки порасна повеќе одошто во последниве 25 години наваму.“[244]

Значи, во првите 45 години од 1770-1815, британската памучна индустрија се најдуваше само 5 години во криза и застој, но тоа беше период на нејзин светски монопол. Вториот 48-годишен период од 1815-1863 имаше само 20 години живнување и полет, а 28 години притисната состојба и застој. Од 1815-1830 почнува конкуренција со континентална Европа и со Соединетите Држави. Од 1833 азиските пазари насила се прошируваат со „уништување на човечкиот род“.[8*] По укинувањето на житниот закон, од 1846-1863, на осум години средно живнување и полет идат 9 години притисната состојба и застој. За положбата на возрасните машки памучни работници, дури и за периодот на полетот, може да се суди од придадената овде белешка.[245]

8. Револуционизирање на мануфактурата, занаетот и домашната работа низ крупната индустрија

а) Уништување на кооперацијата заснована врз занаетот и поделбата на трудот

Ние видовме како машинеријата ја укинува кооперацијата заснована врз занаетот и мануфактурата заснована врз поделбата на занаетчискиот труд. Пример за првиот вид е машината за жниење; таа ја заместува кооперацијата на жетварите. Очигледен пример за вториот вид е машината за фабрикација на игли за шиење. Според Адам Смит во негово време 10 луѓе со поделба на трудот изработувале дневно над 48.000 игли за шиење. Напротив, само една машина вади 145.000 за еден работен ден од 11 часа. Една жена или девојче надгледува средно 4 такви машини и според тоа произведува дневно со машинеријата 600.000, а неделна преку 3.000.000 игли за шиење.[246] До колку една поединечна работна машина стапува наместо кооперацијата или мануфактурата, самата таа може пак да стане основа за занаетчиско производство. Само што ова препроизводство на занаетчиското производство засновано врз машинеријата прави само преод кон фабричкото производство, што секогаш редовно настапува штом механичката движечка сила, парата или водата, ќе ги замести во движењето на машината човечките мускули. Овде-онде, и секако само за кусо време, може и мало претпријатие да се сврзе со механичка движечка сила ако земе под наем пара, како во неколку мануфактури во Бирмингем, или ако употреби мали калорични машини, како во некои гранки на ткаењето итн.[247] Во ткајачниците на пр, во Ковентри стихијно се разви експериментот со „Cottage[9*] — фабрики“. Во средината на редиците од Cottage изградени во квадрат, е построена една таканаречена еngine house [зграда за машини] за парна машина, а оваа е поврзана со вретена со разбоите во Cattages. Во сиве овие случаи парата е издавана под наем, на пр. 2 1/2 шил. на разбој. Оваа рента за парата се плаќаше неделно без разлика дали работел разбојот или не. Секој котеџ има 2-6 разбоја, што им припаѓаат на работниците, било да се купени на кредит, било да се земени под кирија. Борбата меѓу котеџ-фабриката и вистинската фабрика траеше над 12 години. Таа заврши со полната пропаст на 300 котеџи-фабрики.[248] Таму каде што природата на процесот не условува однапред производство на големи размери, новонастанатите индустрии во последнава деценија, како на пр. изработка на поштенски пликови, челични пера итн., по правило поминале прво низ занаетчиско производство, па после низ мануфактурно производство, како краткотрајни преодни фази кон фабричкото производство. Оваа метаморфоза е најтешка таму каде што мануфактурното производство на производот не содржи последователни процеси во развивањето, туку мноштво диспаратни процеси. Ова беше на пр. голема пречка за развивање на фабриката за челични пера. Сепак веќе пред една и пол деценија се пронајде еден автомат што одеднаш извршува 6 разнообразни процеси. Во 1820 занаетот ги произведуваше првите челични пера 12 дузини за 6 ф. ст. и 4 шил., во 1834 мануфактурата ги доставуваше за 8 шил., а денеска фабриката ѝ ги доставува на крупната трговија за 2 до 6 пенси.[249]

б) Обратно дејство на фабричкиот систем врз мануфактурата и домашниот труд

Со развитокот на фабричкиот систем и со превратот во земјоделството што го следи овој развиток не само што се рашируваат размерите на производството во сите други индустриски гранки, туку се изменува и нивниот карактер. Принципот на машинското производство, кој се состои во тоа што го разложува процесот на производството на неговите составни фази и што ги решава така изникнатите задачи со примена на механиката, хемијата итн., кусо речено со природните науки, — насекаде добива решавачко значење. Затоа машинеријата навлегува во мануфактурата де во овој де во оној одделен процес. Со тоа се распаднува нивниот цврсто искристализиран строј што произлегува од старата поделба на трудот и им отстапува место на непрекинатите измени. Освен тоа, во составот на вкупниот работник или комбинираниот работен персонал станува основен преврат. Спротивно на мануфактурниот период, планот на поделбата на трудот се засновува сега врз примената на женскиот труд, врз трудот на децата од секоја возраст, врз неквалификуваните работници, секаде каде што се може, кратко речено врз „Cheap labour“, „евтин труд“, како што го викаат него карактеристично Англичаните. Ова се однесува не само за секој вид комбинирано производство во големи размери, без оглед дали тоа применува машинерија или не, туку и за таканаречената домашна индустрија, било да ја вршат работниците во приватните домови или во мали работилници. Оваа таканаречена модерна домашна индустрија нема, освен името, ништо заедничко со старовремската што имаше за претпоставка независен градски занает, самостојно земјоделство, а пред сѐ куќа на работничката фамилија. Таа сега се претвора во надворешно одделение на фабриката, мануфактурата или трговскиот магазин. Покрај фабричките работници, мануфактурните работници и занаетчиите што ги концентрира капиталот просторно во големи маси и директно ги командува и движи, тој едновремено движи со невидливи конци и една друга армија од куќни работници распрснати по големите градови и по селата. Еден пример; фабриката за кошули на г. Тили од Лондон-Дери во Ирска зема на работа 1.000 фабрички работници и 900 домашни работници распрснати по селата.[250]

Експлоатацијата на евтини и незрели работни сили во модерната мануфактура станува уште побесрамно отколку во вистинската фабрика, бидејќи техничката основа, заместувањето на мускулната сила со машини и леснотијата на трудот, што суштествуваат во фабриката, кај неа отпаѓаат во поголемиот дел, а освен тоа женските или уште незрелите тела се изложуваат на најбесовесен начин на дејството од отровните материи итн. Во таканаречениот домашен труд тоа станува уште посрамно отколку во мануфактурата, зашто способноста на работниците за отпор се смалува со нивната расцепканост, зашто меѓу вистинскиот работодавец и работникот се уфрлуваат редица пљачкашки паразити, зашто домашниот труд насекаде се бори со машинскиот или најмалку со мануфактурното производство на истата производна гранка, зашто сиромаштијата му ги одзема на работникот најнеопходните услови на трудот: просторот, светлоста, вентилацијата итн., зашто нередовноста на работата расте, и најпосле зашто во овие последни прибежишта за сите оние што ги направи крупната индустрија и земјоделството „прекубројни“, конкуренцијата меѓу работниците неминовно го достигнува својот максимум. — Економисувањето на средствата за производство, систематски изработено дури од машинското производство, што едновремено веќе од својот почеток значи безобѕирно пустење на работната сила и грабење на нормалните претпоставки за функцијата на трудот, ја пројавува тоа сега оваа своја антагонистичка и човекоубиствена страна толку повеќе, колку помалку се развиени во некоја индустриска гранка општествената производна сила на трудот и техничката основа на комбинираните процеси на трудот.

в) Модерната мануфактура

Сега сакам да ги објаснам горните поставки на неколку примери. Секако читателот веќе е запознаен со многубројните докази од одделот за работниот ден. Металските мануфактури во Бирмингем и околијата применуваат, и тоа во поголем дел за мошне тешка работа, покрај 10.000 жени и 30.000 деца и млади лица. Ние ги најдуваме нив овдека во опасни за здравјето ливници на бакар, во фабриките за копчиња, кај работите за глазирање, галванизирање и лакирање.[251] Прекумерниот труд за возрасни и невозрасни им го осигури на различни лондонски печатници на весници и книги славното име „кланица“.[251a] Во книгоподврзниците владеат истите претерувања, чии жртви се овде особено жени, девојки и деца. Тежок труд за неполнолетните во ортомџилниците, ноќен труд во соланите, во свеќарските и други хемиски мануфактури; во ткајачниците за коприна, што не се движат механички, убиствено се употребуваат момчиња за вртење на разбоите.[252] Една од најодвратните, најнечисти и најлошо платени работи е сортирањето партали, за кое се применуваат претежно млади девојчиња и жени. Се знае дека Велика Британија, без оглед на нејзините сопствени безбројни партали, образува средиште за трговијата со партали од целиот свет. Тие овдека течат од Јапонија, од најоддалечените јужноамерикански држави и од Канарските острови. Но главните извори за нивниот довоз се: Германија, Франција, Русија, Италија, Египет, Турција, Белгија и Холандија. Тие служат за ѓубриво, за фабрикација на полнетица (за креветни постели), за Shoddy (вештачка волна) и како суровина за хартија. Жените, сортирачки на партали, служат како посредници за разнесување мали сипаници и други заразни болести од кои самите тие се први жртви.[253] Како класичен пример за претеран труд, за тежок и несоодветен труд, и со него сврзаното брутално однесување спрема работниците што се трошат уште од рано детство може да се земе, покрај производството на руди и јаглен и правењето на тули и ќерамиди, за кое во Англија само овде-онде се применуваат новопронајдените машини. (1866) Од мај до септември работата трае од 5 часот наутро до 8 часот навечер, а каде што се сушат надвор на воздух, често таа трае од 4 часот наутро до 9 часот навечер. Работниот ден од 5 часот наутро до 7 часот навечер важи како „редуциран“, „умерен“. Деца од обата пола се употребуваат од 6 па дури и од 4 години. Тие работат ист број часови и често повеќе од возрасните. Трудот е тежок, а летната жега уште ја потсилува исцрпеноста. Во една тулана кај Мосли на пр. една 24-годишна девојка прави 2.000 тули на ден, потпомогнувана од две мали девојчиња како помошници што ѝ ја носеле земјата и ги ределе тулите. Овие девојчиња извлекувале дневно 10 тони по лизгавите страни на туларската јама длабока 30 стапала и на далечина од 210 стапала.

„Невозможно е за едно дете да мине низ чистилиштето на некоја тулана без голема морална дегенерација. Непристојните разговори, што ги слушаат тие од најмладо време, простачките, неприличните и бесрамните навики во кои тие растат без поука и здивено, ги прави во подоцнежниот живот непокорни, расипани и отфрлени. Начинот на живеењето по куќите е страшен извор за деморализација. Секој moulder (калапар) (потокму речено, вешт работник и глава на група работници) ѝ дава на својата група од 7 лица живеалиште и храна во својата колиба или котеџ. Спијат во колибата заедно мажи, момци и девојки, без разлика дали тие ѝ припаѓаат на неговата фамилија или не. Овие се состојат обично од 2 соби, во исклучителни случаи од 3 соби, сите на земја, со малку вентилација. Телата се така исцрпени од тешкото преиспотување преку дента, што не се запазуваат никакви здравствени прописи, чистота и пристојност. Многу од овие колиби се вистински примери на неред, нечистотија и прашливост... Најголемото зло на овој систем, кој младите девојки ги приврзува кон овој вид труд, се состои во тоа што тој нив по правила уште од детството ги приковува за целиот натамошен нивни живот за најрасипаниот џган. Тие стануваат груби, погани на уста, мангупи („rough, foul mounthed boys”), уште пред да ги научи природата дека се жени. Облечени во малку гнасни партали, со разголени нозе над колена, со нечистотија, затестена коса и измачкано лице, се учат тие да се однесуваат со презир спрема секое чувство за приличност и срам. Во време на пладневната починка тие се истегнуваат на ледина или ги гледаат момците што се капат во некој ближен канал. Штом ќе ја завршат тешката дневна работа, тие навираат подобри алишта и одат со мажите во крчмите.“

Сосем е природно што во целата оваа класа уште од детството царува најголемо пијанство.

„Најлошото е што се очајуваат туларите сами од себе. Вие можете, господине, му рекол еден од подобрите тулари на капеланот од Соутхолфид, да се обидете ѓаволот да го подигнете, и вие ќе успеете исто така добро дури и подобро отколку да подигнете еден тулар.“ (You might as well try to raise and improve the devil as a brickie, Sir!”)[254]

За капиталистичкото економисување на условите на трудот во модерната мануфактура (под која овде ги разбираме сите крупни работилници, освен вистинските фабрики) се најдува богат и официјален материјал во IV (1861) и VI (1864) „Public Health Report“. Описот на workshops (работилницата) особено на лондонските печатници и шивачници го преминува и најодвратното што можеше да го даде фантазијата на нашите романописатели. Дејството на здравствената состојба на работникот е само по себе сфатливо. Д-р Сајмон, највисокиот лекарски службеник на Privy Council [државниот совет на монархот] и официјален издавач на „Public Health Reports", меѓу другото, вели:

„Во мојот четврт извештај (1863) јас покажав како практички е невозможно за работникот да настојува на своето прво право на здравјето, на правото, според кое, макар за каква работа да ги собрал нив нивниот претприемач, кој треба да го ослободи трудот, до колку тоа зависи од него, од сите пакосни околности за здравјето, а кои можат да се отстранат. Јас покажав, оти дури работниците не се способни да си го создадат ова право на здравје со своите сопствени сили, тие не можат да чекаат никаква помош од официјалните чиновници од здравствената полиција... Животот на десетици илјади работници и работнички сега без нужда се загорчува и скусува со бескрајните физички страдања, што настануваат само од тоа што работат“.[255]

За илустрација на влијанието на работилницата врз здравната состојба Д-р Сајмон ја дава следнава листа за смртноста:[256]

Број на лицата од сите
возрасти на работа
во односните
индустрии.
Индустрии споредени
во однос на здравјето.
Норма на смртноста на 100.000 луѓе
во односните индустрии според
дадените возрасти
25-35 години 35-45 години 45-55 години
958,265 Земјоделството во
Англија и Велс
743 805 1,145
22,301 мажи
12,379 жени
Лондонски шивачи 958 1,262 2,093
13,803 Лондонски печатари 894 1,747 2,367
г) Модерниот домашен труд

Сега се свртувам кон т.н. домашен труд. За да добиеме претстава за оваа сфера на експлоатација што ја врши капиталот врз основа на крупната индустрија и за нејзините страшилишта, да ја разгледаме на пр. навидум сосем идиличната изработка на клинци во неколку зафрлени села во Англија.[257] Овдека ќе бидат доста неколку примери од производството на тантели и од плетењето слама, во гранки каде што уште или сосем не се работи со машини или се конкурира со машинското или мануфактурното производство.[10*]

Од 150.000 лица на работа во англиското производство на тантели, паѓа приближно 10.000 под дејство на фабричкиот акт од 1861. Огромниот број на другите 140.000 се жени, млади лица и деца од обата пола, при што машкиот пол е застапен слабо. Здравствената состојба на овој „евтин“ материјал за експлоатација се гледа од следнава поставка на Д-р Трумен, лекар при General Dispensary [општ диспанзер] во Нотинген. Од секои 686 пациенти, изработувачки на тантели, најмногу меѓу 17 и 24 години, биле туберкулозни:

1852. — 1 на 45.1857. — 1 на 13.
1853. — 1 на 28.1858. — 1 на 15.
1854. — 1 на 17.1859. — 1 на 9.
1856. — 1 на 15.1861. — 1 на 8. [258]

Ова прогресивно нарастување на процентот на туберкулозните мора да ги задоволи и најоптимистичките прогресисти и најлажливите германски прематари на теоријата за слободната трговија.

Фабричкиот акт од 1861 го регулира вистинското производство на тантели, до колку се врши со машинерија, а таа во Англија е правило. Гранките на кои ние овдека накусо се запираме и тоа не до колку работниците се концентрирани во мануфактурите, магазините итн., туку само до колку се тие т.н. домашни работници, се делат 1) на finishing (последното дотерување на тантелите исфабрикувани машински, една категорија, што од своја страна содржи во себе многубројни подраздели), 2) плетење тантели.

Lace finishing [дотерување на тантелите] се врши или како домашна работа или во т.н. „Mistresses Houses” [куќи на мајсторките] или во приватните живеалишта, каде што го вршат одделни жени или заедно со нивните деца. Жените што држат „Mistresses Houses“ самите се сиромашни. Работилницата е дел од нивното приватно живеалиште. Тие добиваат порачки од фабрикантите, сопствениците на магазините итн. и земаат на работа жени, девојки и мали деца, а според размерите на своите соби и според колебливото барање на работата. Бројот на работничките земени на работа во овие локали се движи во едни од 20 до 40, во други од 10 до 20. Средната минимална возраст од која почнуваат децата да работат е 6 години, напати е пак дури под 5 години. Обично работното време трае од 8 часот наутро до 8 часот навечер со 1 1/2 часа прекин за ручек; јадењето е нередовно и често се врши во истите смрдени работни ќумези. Кога има доста работа, таа често трае од 8 часот, понекогаш и од 6 часот наутро до 10, 11 или 12 часот ноќта. Во англиските касарни пропишаниот простор за секој војник изнесува по 500-600 кубни стапала, во воените болници 1.200. Во овие работни дупки доаѓаат само по 67-100 кубни стапала на секое лице. Едновремено и гасното осветление го троши кислородот содржан во воздухот. За да се држат тантелите чисти, децата мораат често да ги собуваат чевлите, исто и во зима, иако е подот од камени плочи или од тули.

„Не е необично да се најдат во Нотинген 14 до 20 деца натрупани во некое мало сопче, можеби не со повеќе од 12 квадратни стапала, каде што се задржуваат 15 часа од 24-те на една работа што сама по себе со својата досадност и монотонија ги исцрпува, и притоа се врши под секакви само што се може за здравјето попакосни околности. За чудо дури и најмалите деца работат со толку напрегнато внимание и брзина, и скоро никогаш не им даваат мир на своите прсти нити ги движат нешто побавно. Ако ги запраша човек нив, тие ни тогаш не креваат око од работата од страв да не изгубат некој момент“.

„Долгиот стап“ им служи на „mistresses“ [мајсторките] како средство за поттик кога треба да се продолжи работното време.

„Децата постепено се уморуваат беспокојни како пилци, пред крајот на нивната долга прикованост кон монотоната работа што ги расипува очите и го исцрпува телото кога го држи само во една положба. Тоа е вистински робовски труд. („Their work is like slavery“.)“[259]

Таму каде што жените работат заедно со своите сопствени деца дома, т.е. во модерна смисла, во една изнајмена соба, често во една таванска соба, положбата е уште полоша. Ваков вид работа се дава на 80 милји околу Нотинген. Кога ќе ја остават децата што работат во магазините работата во 9 или 10 часот вечерта, често ним им се дава уште една бовча, за да ја доработат дома. Капиталистичкиот фарисеј застапуван од некој наемник, го прави ова, се разбира, со милата фраза: „Тоа е за мајка ти“, но сосем добро знае дека сиромашкото дете мора да седи и да помогнува.[260]

Индустријата за плетење тантели е раширена главно во две англиски земјоделски околии, во тантелната околија Хонитон, на 20 до 30 милји покрај јужниот брег на Девоншир, тука влегува и малку место од северен Девон и во една друга околија што зафаќа поголем цел од грофовствата Бикингем, Бедфорд, Нортхемптон и соседните делови од Оксвордшир и Хамтингдоншир. Котеџите на земјоделските работници обично служат едновремено и за работилници. Некои сопственици на мануфактури применуваат преку 3.000 од овие домашни работници, главно деца и млади лица исклучиво од женски пол. И овдека се повторуваат опишаните услови при Lace finishing. Само што сега наместо „mistresses houses“ идат т.н. „lасе schools“ (училишта за тантели) што ги држат сиромашни жени во нивните колиби. Во овие училишта работат деца од 5 години, понекогаш и помали, до 12 или до 15 години; во првата година најмалите работат од 4 до 8 часа, од 6 часот наутро до 8 и 10 часот навечер.

„Собите се редовно обични сопчиња за живеење како кај помалите котеџи, оџакот се затнува за да нема омав, тие што седат тука дури и во зимата се топлат само од својата сопствена животинска топлота. Во други случаи т. н. училници личат на мали килери без огниште... Преполнетоста на овие дупки и поради тоа расипаниот воздух одат често до крајна мера. На ова треба да се додаде дејството на браздите од нужниците, на материите што гнијат и од друга гадотија, обично при влезат на котеџите.“

Во однос на просторот:

„Во едно училиште за тантели има 18 девојки и една мајсторка, му се паѓаат 35 кубни стапала на секое лице; во едно друго, каде што смрдеата беше неиздржлива, има 18 лица, а по 24 1/2 кубни стапала на глава. Во оваа индустрија се применети и деца од 2 и 2 1/2 години.“[261]

Таму каде што престанува плетењето на тантели во грофовствата Бикингем и Бедфорд, почнува плетењето слама. Тоа се простира низ големиот дел од Хертвордшир и низ западните и северните делови од Есекс. Во 1861 се занимаваа со плетење слама и со правење сламени шапки 40.043 лица, од нив 3.815 од машки пол од сите возрасти, а другите од женски пол, и тоа 14.913 под 20 години, од тоа 7.000 деца. На местото од училиштата за тантели, овде идат „straw plait schools“ (училишта за плетење слама). Овдека децата ја почнуваат наставата за плетење слама обично од 4, а напати меѓу три и четири години. Воспитание тие, се разбира, не добиваат од никого. Самите деца ги викаат основните училишта „natural schools” (природни училишта), за разлика од оние крвопијни заводи, во кои тие се држат просто на работа сѐ додека не изработат толку производ — најчесто 30 јарди на ден, колку што им пропишале нивните полуизгладнети мајки. Овие мајки често ги тераат нив после уште да работат дома до 10, 11 и 12 часот ноќта. Сламата им ги исечкува прстите и устата, со која тие постојано ја навлажуваат. Според општото мнение на медицинските чиновници од Лондон што го резимира Д-р Белард, 300 кубни стапала се минимален простор за секое лице во собата за работа или за спиење. Но во училиштето за плетење слама просторот е мерен уште поскржаво отколку во училиштата за тантели, по 12 2/3, 17, 18 1/2 и под 22 кубни стапала на секое лице.

„Помалите од овие броеви, вели комесарот Вајт, претставуваат простор помал од половината од оној простор што би собрал едно дете спакувано во еден ковчег, што има од сите страни по 3 стапала.“

Оваа е животната радост на децата од 12 или 14 години. Бедните и пропаднатите родители мислат само за тоа да извадат од децата колку што се може повеќе. Штом ќе порастат децата петпари не даваат за родителите и ги напуштаат.

„Не е никакво чудо што преовладува незнаење и порок во едно така воспитано население... Неговиот морал стои на најнизок степен... Поголем број од жените имаат незаконски деца, а многу од нив во таква незрела возраст, што се згрозуваат од тоа дури и посветените во криминалната статистика.“[262]

А татковината на овие примерни фамилии е примерната христијанска земја на Европа, како што вели гроф Монталанбер, несомнено компетентен во христијанството.

Наемнината која е општо бедна во индустриските гранки за кои тукушто расправавме (изнимната максимална наемнина за децата во училиштата за плетење слама е 3 шилинга), се симнува уште повеќе под нејзиниот номинален износ со Truck system[11*] кој е општо раширен, а особено во околиите на тантели.[263]

д) Премин на модерната мануфактура и домашната работа во крупна индустрија
Забрзување на оваа револуција со примената на фабричките закони на овие начини на производство

Поевтинувањето на работната сила само со простата злоупотреба на женската и малолетната работна сила со просто грабање на сите услови за нормална работа и нормален живот и со проста бруталност на претераната и ноќната работа, удира најпосле на извесни природни граници што не можат потака да се пречекоруваат, а заедно со тоа поевтинувањето на стоките што почива врз овие основи се удира на такви граници како и капиталистичката експлоатација воопшто. Штом најпосле ќе се стигне до оваа точка, а тоа трае долго, тогаш удира часот за воведување на машинеријата и сега расцепканата домашна работа (или и мануфактурата) брзо се претвора во фабричко производство.

Најколосален пример за ова движење дава производството на „wearing apparel” (артикли за облека). Според класификацијата на Children’s Employment Commission, оваа индустрија ги опфаќа производителите на сламени и женски шапки, шапкарите, шивачите, milliners и dressmakers,[264] шивачите на кошули и шивачките, корсетарите, нараквичарите, чевларите, покрај тоа многу мали гранки — како фабрикација на јаки, врски итн. Женскиот персонал на работа во оваа индустрија во Англија и Велс во 1861 изнесува 586.298, од кои најмалку 115.242 беа под 20, а 16.650 под 15 години. Бројот на овие работнички во Соединетото Кралство (1861) беше 750.334. Бројот на машките работници во Англија и Велс што беа едновремено на работа во производството на шапки, чевли, нараквици и алишта беше 437.969, од кои 14.964 под 15 години, 89.285 од 15 до 20 години, 333.117 над 20 години. Од овие податоци се изоставени многу помали гранки што припаѓаат ваму. Но ако ги земеме броевите такви какви што се, тогаш според пописот од 1861, само за Англија и Велс се добива сума од 1.024.277 лица, значи приближно толку колку што апсорбираат земјоделството и сточарството. Почнува да се разбира зошто машинеријата волшебно произведува толку грамадни маси производи и така потпомогнува да се „ослободат“ огромни маси работници.

Производството на „wearing aрраrеl“ (артиклите за облека) се врши со мануфактурите, што во својата внатрешност само ја препроизведуваат поделбата на трудот, чии membra disjecta [расфрлени членови] тие ги заварија готови: тоа го вршат и ситни мајстори, само што не работат како порано за индивидуални потрошувачи, туку за мануфактури и магазини, така што често цели градови и краишта се занимаваат како со своја специјалност со такви гранки, како производство на чевли итн., најпосле тоа се врши во големи размери од т. н. домашни работници, што ги сочинуваат надворешните одделенија на мануфактурите, магазините и дури на малите мајстори.[265] Масата на материите за работа, суровините, полуфабрикатите итн. ги доставува крупната индустрија, а масата евтин човечки материјал (taillable à merci et miséricorde) [оставен на милост и немилост] се состои од „ослободените“ од страна на крупната индустрија и земјоделството. Мануфактурите од оваа сфера треба да ѝ заблагодарат за своето изникнување главно на потребата на капиталистите да имаат на рака една готова армија што ќе биде готова да одговори на секое движење на барањето.[266] Овие мануфактури сепак ги пуштија крај себеси и потака да суштествуваат расцепканото занаетчиско производство и домашното производство како своја широка основа. Големото производство на вишок на вредноста во овие гранки на трудот, заедно со прогресивното поевтинување на нивните артикли беше и е главната причина за минимумот наемнина, одвај достатна за бедно проживување, сврзана со максимално работно време што е возможно да го даде еден човек. Имено, евтинијата на човечката пот и на човечката крв претворувани во стоки, постојано ги рашируваше и денеска ги раширува пазарите — за Англија особено колонијалниот пазар, каде што освен тоа преовладуваат англиските навики и вкус. Најпосле, настапи повратната точка. Основата на стариот метод, често бруталната експлоатација на работничкиот материјал, повеќе или помалку следена од систематскиот развиток на поделбата на трудот, не го задоволуваше потака сѐ поголемиот пазар и конкуренцијата меѓу капиталистите што растеше уште побрзо. Часот на машинеријата удри. Машината, што одигра решавачка револуционерна ролја, која рамномерно ги зафати сите безбројни гранки од оваа сфера на производството, како производството на модни стоки, шивачници, чевларници, кројачници, шапкарници итн. е — шивачката машина.

Нејзиното непосредно дејство врз работниците приближно е еднакво како и на секоја машинерија што освојува во периодот на крупната индустрија нови гранки од производството. Децата во најмалолетната возраст се отстрануваат. Наемнината на машинските работници релативно расте во споредба со таа од домашните работници, од кои повеќето припаѓаат кон „најбедните од бедните“ („the poorest of the poor”). Наемнината на подобро поставените занаетчии паѓа со конкуренцијата на машините. Новите машински работници исклучиво се девојки и млади жени. Со механичката сила тие го уништуваат монополот на машкиот труд во тешката работа, а од полесните работи истеруваат маси стари жени и малолетни деца. Надмоќната конкуренција ги убива и најслабите рачни работници. Ужасниот пораст на смртта од глад (death from starvation) во Лондон за време на последнава деценија врвеше паралелно со раширувањето на машинското шиење.[267] Новите работнички на шивачките машини трошат голема работна сила, бидејќи ги движат со раце и со нозе, или само со раце, стоејќи или седејќи, веќе според тежината, големината и специјалноста на машината. Нивното занимање станува штетно за здравјето поради должината на процесот, иако е тој многу покус отколку кај стариот систем. Но насекаде каде што се вовлече шивачката машина и во инаку тесните и преполнети работилници, како кај производството на обувки, корсети, шапки итн., се зголемува влијанието штетно за здравјето.

„Неподнослив е впечатокот“ — вели комесарот Лорд — „при влегувањето во ниските работилници, во кои заедно работат 30 до 40 машински работници. Жештината, што иде делум од гасните печки за вжештување на утиите, е страшна... Дури и тогаш кога се работи во вакви локали т.н. редовно работно време, т.е. од 8 часот наутро до 8 часот навечер, сепак редовно паѓаат во несвест секојден по 3 или 4 лица“.[268]

Превратот во општествениот начин на производство, овој неопходен производ од преобразувањата на средствата за производство, се извршува во една шарена мешаница од преодни форми. Овие форми се изменуваат во зависност од тоа во каков обем и од кое време ја има шивачката машина зафатено едната или другата индустриска гранка; во зависност од тоа во каква положба се заварени работниците, дали претегнува мануфактурното, занаетчиското или домашното производство, од цената на наемот за работилницата[269] итн. На пр., во производството на модни стоки, каде што трудот во поголемиот дел веќе бил организиран главно врз проста кооперација, шивачката машина отпрво се појавува само како еден нов фактор на мануфактурното производство. Во производството на алишта, кошули, чевли итн. се вкрстуваат сите форми. Овдека имаме вистинско фабричко производство. Таму посредниците-применувачи ја добиваат суровината од капиталистот en chef [во маса] и групираат во „собите“ и „мансардите“ по 10 до 50 и уште повеќе наемни работници околу шивачките машини. Најпосле како и при секоја машинерија што не образува расчленет систем и што е употреблива и во најситни размери, ја ползуваат неа и занаетчиите и домашните работници, со сопствената фамилија или заедно со неколку туѓи работници, со нивни сопствени шивачки машини.[270] Вистински пак сега во Англија претежнува таков систем при кој капиталистот концентрира во своите згради голем број машини и тогаш го разделува машинскиот производ за натамошна преработка на цела војска домашни работници.[271] Но шаренилото на преодните форми не ја скрива тенденцијата кон претворање во вистинско фабричко производство. Оваа тенденција ја поддржува самиот карактер на шивачката машина, чијашто разнообразна применливост тера кон соединување на порано раздвоените производни гранки во истата зграда и под командата на истиот капитал; ја поддржува околноста дека некои претходни шивачки работи и некои други операции се вршат најдобро во седиштето на машината; најпосле со неизбежноста експропријација на занаетчиите и домашните работници што произведуваат со сопствени машини. Оваа судбина стигна сега веќе еден дел од нив. Сѐ поголемата маса на капиталот, вложен во шивачките машини,[272] го потспотнува производството и создава застој на пазарот, што е сигнал домашните работници да ги продаваат шивачките машини. Хиперпродукцијата на самите такви машини ги присилува нивните производители што имаат нужда од пазар, да ги издаваат неделно под наем и со тоа создаваат убиствена конкуренција за малите сопственици на машини.[273] Постојаното изменување на конструкцијата на машините и нивното постојано поевтинување што трае исто така постојано ги обесценува нивните стари егземплари, и тие можат да се применат профитоносно уште само во голем број во рацете на крупните капиталисти што ги купуваат за прениски цени. Најпосле и овде како и во сите слични процеси на преврати, решавачко значење има замената на човекот со парната машина. Примената на парната сила удира отпрво на чиста технички пречки, како тресење на машината, тешкотија да се загосподари над нејзината брзина, брзо расипување на полесните машини итн. Сиве овие пречки се такви, што се совладуваат бргу со опит.[274] Ако од една страна концентрацијата на многу работни машини во големите мануфактури тера кон примена на парна сила, таа од друга страна конкуренцијата на парата со човечките мускули ја забрзува концентрацијата на работници и работни машини во големи фабрики. Така сега Англија во колосалната сфера на производството од „wearing apparel“ (артикли за облека), како и во повеќето други гранки, преживува преврат на мануфактурата, занаетот и домашната работа во фабричко производство, но уште пред да се изврши овој преврат сиве овие форми под влијанието на крупната индустрија, наполно се измениле, се распаднале, се искривиле и веќе одамна ги препроизвеле сите грозотии на фабричкиот систем и дури ги надминале, без да ги препроизведат и неговите позитивни развојни моменти.[275]

Оваа индустриска револуција што се развива стихијно вештачки се забрзува со раширувањето на фабричките закони врз сите индустриски гранки во кои работат жени, млади лица и деца. Присилното регулирање на работниот ден во однос на должината, паузите, почетокот и крајот, системот на смени за децата, исклучувањето на сите деца под извесна возраст итн., присилуваат од една страна кон поголема примена на машинерии[276] и замена на мускулите како движечка сила со пара.[277] Од друга страна, за да се добие во простор што се губи во време, се врши раширување на општото ползување на средствата за производство, на печките, зградите итн., значи, со еден збор, голема концентрација на средствата за производство и соодветно на тоа, големо натапкување на работници. Главниот приговор што страсно го повторува секоја мануфактура, кога е застрашена од фабричкиот закон, всушност е нужноста да се направи големи издатоци во капитал за да се продолжи работата во нејзиниот стар обем. Но што се однесува за преодните форми меѓу домашната работа и мануфактурата, како и за самата домашна работа, со ограничувањето на работниот ден и на детскиот труд тие ја губат почвата од под себеси. Безграничната експлоатација на евтините работни сили е единствена основа на нивната способност за конкуренција.

Битен услов за фабричкото производство, особено штом тоа подлежи на регулирањето на работниот ден, е нормалната сигурност на резултатот, т. е. производството на едно определено количество стоки или исполнување еден ползен ефект што се има за цел во даден период време. Законските паузи на регуларниот работен ден потака имаат за претпоставка изненадните и периодичните прекини на трудот да бидат без штети за производот што се најдува во процесот на производството. Природно дека оваа сигурност на резултатот и возможноста да се прекинува трудот полесно се постигнува во чисто механичката производство одошто таму каде што играат некоја ролја хемиските и физичките процеси, како на пр. во грнчарството, белењето, бојадисувањето, пекарството и во повеќето од металските мануфактури. Таму каде што се свикнало на неограничен работен ден, на ноќен труд и на слободно пустење на луѓето, секоја самоникната пречка се чини набргу како вечна „природна граница“ на производството. Нема отров што толку сигурно би сотирал инсекти отколку фабричкиот закон што сотира вакви природни граници. Никој не викал посилно за „невозможноста“ од господата од грнчарниците. Во 1864 ним им беше наложен фабричкиот закон, и веќе 16 месеци подоцна исчезнаа сите невозможности. Предизвиканите од фабричкиот закон:

„посовршени методи за правење на грнчарското тесто (slip) со пресување наместо со сушење, новата конструкција на печката за сушење на непeчената стока итн. се настани од голема важност за грнчарската вештина и означуваат напредок каков што не е забележан во последниот век... температурата на печката значително е смалена при значително смалување на трошењето јаглен и при побрзо дејство врз стоката“.[278]

Покрај сите пророкувања, цената на чинењето на грнчарските производи не се покачи, а се зголеми масата на производот, така што извозот за 12 месеци од декември 1864 до декември 1865 беше во вредност за 138.628 фунти стерл. поголем од средниот извоз за последните три години. Во фабрикацијата на кибритните чкорчиња важеше како природен закон, младите дури и кога го голтаат својот ручек, да ги натопуваат чкорчињата во една топла фосфорна смеса, од која им се креваше отровна пара в лице. Поради нуждата да се води економија во времето, фабричкиот акт (1864) присили да се примени една „dipping machine" (машина за макање) од која парата не може да достаса до работникот.[279] Така сега се тврди во гранките на мануфактурите за тантели што уште не се подлежени под фабричкиот закон, дека ручеците не можат да бидат во редовно време, зашто различниот материјал за тантели бара различни периоди време за сушење, што се колеба од 3 минути до 1 час та и повеќе. На ова членовите на „Employment Commission“ одговараат:

„Околностите се исти како и во печатниците на тапети. Некои од главните фабрикати во оваа гранка докажуваа живо дека природата на применуваните материјали и разнородноста на процесите низ кои врват потоа не дозволуваат да се прекинува ненадејно трудот во време на јадењето без голема загуба... Согласно со точка шеста оддел шести од Factory Acts Extension Act [закон за проширување на фабричкиот акт] (1864) им е даден рок од 18 месеци од денот на издавањето на законот, и по истекот на овој рок сите мораат да се подредат кон прекините за почивка определени од фабричкиот акт“.[280]

Само што законот доби санкција од парламентот, а веќе господата фабриканти открија:

„Незгодите што ги очекувавме од воведувањето на фабричкиот закон не настапија. Ние не најдуваме производството нешто да ослабело. Секако, ние произведуваме повеќе за исто време.“[281]

Се гледа дека Англискиот парламент, на кој сигурно никој нема да му префрли за генијалност, дошол од опит до поглед дека еден присилен закон може со прости одредби да ги отстрани сите т. н. природни пречки што ги поставува против производството ограничувањето и регулирањето на работниот ден. Затоа при воведувањето на фабричкиот акт во некоја индустриска гранка се поставува рок од 6 до 18 месеци а зависи од фабрикантите дали ќе ги отстранат техничките пречки во овој рок. Зборовите на Мирабо: „Impossible! ne me dites jamais ce bête de mot!” [„Невозможно? Никогаш не велете ми го овој глупав збор“] — особено важат за модерната технологија. Но ако фабричкиот закон така бргу доведува до созревање на материјалните елементи потребни за претворање на мануфактурното производство во фабричко производство, тој едновремено со неопходноста за поголемо вложување на капитал ја забрзува пропаста на малите мајстори и концентрацијата на капиталот.[282]

Ако ги испуштиме од предвид чисто техничките и технички отстранливите пречки, регулирањето на работниот ден се судира со нередовните навики на самите работници, особено таму каде што претежнува наемнината од парче и каде што времето загубено во некој дел од денот или од неделата може да се надомести со прекувремен или ноќен труд, еден метод што го брутализира возрасниот работник а го упропастува неговиот неполнолетен или женски другар.[283] Иако оваа нередовност во трошењето на работната сила е природна груба реакција против досадата од монотониот убиствен труд, сепак таа произлегува во неспоредливо повисок степен од анархијата на самото производство, која пак, од своја страна, ја има за претпоставка необузданата експлоатација на работната сила од страна на капиталот. Покрај општите периодични смени на индустрискиот циклус и посебните колебања на пазарот во секоја гранка на производство, на сцената настапува особено таканаречената сезона, било таа сега да почива врз периодичноста на годишните времиња благопријатни за паробродството или врз модата, и настапува изненадноста на големи порачки што треба да се извршат во најкус рок. Последнава навика се раширува со ширењето на железницата и телеграфијата.

„Раширувањето на железничкиот систем по целата земја — вели на пр. еден лондонски фабрикант — мошне го унапреди обичајот за краткорочни порачки, трговците од Глазгов, Манчестер и Единбург идат сега еднаш во 14 дена за купување на јадро во крупните трговски куќи на Сити, на кои ние им доставуваме стоки. Тие даваат порачки, што мораат веднаш да бидат исполнети наместо да купуваат од лагерите, како што беше обичајот. Во понапрежните години ние секој пат можевме да изработиме, во време на слабото барање, стоки за следната сезона, но сега никој не знае да прорече што ќе се бара тогаш.“[284]

Во фабриките и мануфактурите што не му се уште потчинети на фабричкиот закон периодично, за време на т. н. сезона владее напати поради изненадните порачки, најстрашниот претеран труд. Во надворешната сфера на фабриката, на мануфактурата и на стоковниот склад, во сферата на домашната работа, која и инаку е сосема нередовна, а во однос на нејзината суровина и нејзините порачки е наполно зависна од капацитетот на капиталистот, кого овде не го сврзува никаков обѕир за исползување на зградите, машините итн., и кој овде не рескира ништо освен кожата на самите работници, во оваа надворешна сфера се создава така систематски една индустриска резервна армија што е постојано на располагање, што се проретчува во текот на еден дел од годината поради присилување на нечовечен труд, додека во другиот дел се поттуркува поради немање работа.

„Применувачите — вели Children'ѕ Employment Commission — ја експлоатираат вообичаената нередовност на домашната работа, за да ги затегнат тие нив во времето кога е потребна екстра-работа за да работат до 11, 12 и до 2 часот ноќе, а навистина, како што личи да се рече, да ги работат сите часови, и тоа во локали „каде што смрдеата е толку голема, што може да ве кутне (the stench is enough to knock you down). Можеби вие ќе дојдете до вратата и ќе ја отворите, но вие ќе се згрозите и ќе се тргнете назад за да не одите натака.“[285] „Овие наши чорбаџии се смешни чудаци“ — рекол еден од сослушаните сведоци, некој чевлар — „тие мислат дека не му се прави никаква пакост на еден млад човек ако него го измачуваат за време од половина година со убиствена работа, а другата половина го присилуваат да се поттуркува скоро без работа.“[286]

Како што тврдеа за техничките пречки, така заинтересуваните капиталисти тврдеа и тврдат и за овие т. н. „работни навики“ (usages which have grown with the growth of trade) како за „природни граници“ на производството; тоа е милиот повик на памучните лордови во времето кога за првпат загрози фабричкиот закон. Иако нивната индустрија повеќе од секоја друга почива врз светскиот пазар, а со тоа и врз парабродство, сепак опитот ги разобличи нив во лага. Оттогаш англиските фабрички инспектори се однесуваа спрема секоја божем „трговска пречка“ како спрема празна измама.[287] Од основа совесните испитувања на Children'ѕ Employment Commission навистина докажуваат, дека во некои индустрии со регулирањето на работниот ден само рамномерно би се распоредила низ целата година веќе применетата маса на трудот,[288] дека регулирањето на работниот ден е првиот рационален чекор за обуздување на човекоубиствените, бесмислените, ветерничавите каприци на модата, а што сами по себе не се во согласност со системот на крупната индустрија,[289] дека развитокот на океанското паробродство на комуникационите средства општо ја отстрани вистинската техничка основа за сезонскиот труд,[290] дека сите други околности што божем не можат да се контролираат се отстрануваат со раширување згради, со придавање машини, со зголемување бројот на работниците што се едновремено на работа[291] и со обратно влијание што само од себе следува врз системот на трговијата на јадро.[292] Сепак, капиталот, како што изјавил тој толку пати низ устите на своите претставници, се согласува со таков преврат „само под натискот на општиот парламентарен акт“,[293] кој го регулира работниот ден со присилен закон.

9. Фабричко законодавство. (Одредби за здравјето и воспитанието.)
— Негово сеопшто раширување во Англија

Фабричкото законодавство, оваа прва свесна и планска реакција на општеството врз стихијниот строј на неговиот процес на производство е, како што видовме, исто така еден сосем нужен производ на крупната индустрија, како што е памучната преѓа, автоматот и електричниот телеграф. Пред да поминеме кон неговото сеопшто раширување во Англија, нужна е накусо да споменеме уште некои одредби од англискиот фабрички акт што се однесуваат на бројот на часовите на работниот ден.

Здравствените одредби, а да не зборуваме за нивната редакција, што му олеснува на капиталистот да ги заобиколува, се извонредни скудни и вистински се ограничуваат на прописи за белење на ѕидовите и некои други правила за одржување чистота, вентилација и за претпазување од опасните машинерии. Ние во третата книга ќе се вратиме на фанатичната борба на фабрикантите против одредбите што им налагале ним еден мал издаток за претпазување на органите на нивните „раце“. Овдека повторно сјајно се потврдува догмата на слободната трговија дека во едно општество со антагонистички интереси секој придонесува за заедничкото добро кога се стреми кон својата сопствена полза. Доста ќе биде еден пример. Познато е дека во Ирска за време на последниов дваесетгодишен период силно се има раширено ленената индустрија и заедно со неа scutching mills (фабриките за чукање и растресување лен). Во 1864 имаше таму вакви mills 1.800. Периодично преку есента и зимата се тргнуваат од полската работа главна млади лица и жени, синовите, ќерките и жените на соседните ситни фармери, луѓе сосем незапознати со машинеријата, да ја хранат со лен машината за валање на scutching mills. Несреќите по својот размер и интензитет се сосем беспримерни во историјата на машинеријата. Една единствена scutching mills во Килдинен (при Корк) од 1852 до 1856 набројува 6 смртни случаи и 60 тешки осакатувања, а сето тоа можеше да се избегне само со најпрости мерки за цена од неколку шилинзи. Д-р В. Хвајт, certifying surgeon [официјален лекар кој издава сертификати] за фабриките во Даунтпатрик изјавува во еден официјален извештај од 5 декември 1865:

„Несреќите во scutching mills се од најстрашен вид. Во многу случаи се откинува цел черек од телото. Смрт или иднина во бедна неспособност и страдање, тоа се обично последиците од раните. Зголемувањето на фабриките во оваа земја природно ќе ги рашири овие страшни резултати. Јас сум уверен дека со добра контрола од страна на државата над scutching mills ќе се избегнат големите жртви во сакати и мртви.“[294]

Што би можело подобро да го окарактеризира капиталистичкиот начин на производство освен нужноста да му се наложи нему со присилен закон од страна на државата да се држи за најпростите мерки за чистота и здравје?

„Фабричкиот акт од 1814 вароса и исчисти во грнчарското производство над 200 работилници, каде што се избегаваше од ваква операција дваесет години или отсекогаш“ (тоа е „апстиненцијата“ на капиталот!), „и тоа во места каде што работат 27.800 работници што досега во време на претераниот дневен и често ноќен труд, ја дишеле смрдливата атмосфера, која едно инаку релативно безопасно занимање направи извор на болест и смрт. Законот мошне ги умножи средствата за вентилација“.[295]

Едновремено оваа гранка на фабричкиот акт јасно покажува, како го исклучува, зад извесна точка, капиталистичкиот начин на производство со самото свое битие секое рационално подобрување. Неколку пати забележавме дека англиските лекари на еден глас изјавуваат оти 500 кубни стапала воздух на лице е одвај достатен минимум при постојана работа. Е добро! Ако фабричкиот акт сосе сите свои присилни мерки го забрзува индиректното претворање на малите работилници во фабрики, а со тоа индиректно зафаќа во правото на сопственоста на малите капиталисти и го осигурува монополот на големите, тогаш законот што би го осигурил во работилниците потребното количество воздух за секој еден работник одеднаш директно би експроприрал илјадници ситни капиталисти! Тоа би удрило на самите корени на капиталистичкиот начин на производство, т.е. на самооплодувањето на капиталот, било да е тој крупен или ситен, што се врши низ „слободното“ купување и трошење на работната сила. Затоа на фабричкото законодавство му запира здивот кога ќе дојде пред овие 500 кубни стапала воздух. Здравствените служби, иследните комисии за индустријата, фабричките инспектори пак и пак се повторуваат за нужноста од овие 500 кубни стапала и за невозможноста да му ги наложат нив на капиталот. Со тоа тие всушност ги објавуваат туберкулозата и другите градни болести на трудот за животен услов на капиталот.[296]

Колку да се бедни воспитните одредби на фабричкиот акт, земени во цело, тие ја објавуваат основната настава како задолжителен услов на трудот.[297] Нивниот успех најпрво ја докажа возможноста за сврзување на наставата и гимнастиката[298] со рачната работа, следствено исто така и рачната работа со наставата и гимнастиката. Фабричките инспектори набргу открија од исказите на свидетелите учители дека фабричките деца, иако ја учат само половината од наставата што ја учат редовните ученици, научуваат исто толку, а често и повеќе.

„Работата е проста. Оние што се задржуваат во училиштето само една половина од денот се постојано свежи и готови да ја научат наставата. Системот половина на работа и половина на училиште го прави секое од овие занимања одмор и поткрепа за другото и затоа тој е многу позгоден за детето отколку непрекинато да трае едно од двете занимања. Едно дете, што од рано утро седи во училиште, особено во жешко време, не може да се натпреварува со друго дете што иде од својата работа весела и бодро“.[299]

Натамошни докази се најдуваат во говорот на Сениор на социолошкиот конгрес во Единбург, во 1863. Тој овдека покажа, меѓу другото уште и на тоа дека едностраниот, непроизводниот и продолжениот учебен ден на децата од горните и средните класови бесполезно го зголемуваат трудот на учителот, „додека тој не само бесплодно, туку и апсолутно пакосно му ги упропастува времето, здравјето и енергијата на детето.“[300] Од фабричкиот систем, како што може во детали да се проследи кај Роберт Овен, се јави никулецот на воспитанието на иднината, што ќе ги сврзува за сите деца над извесна возраст производниот труд со наставата и гимнастиката, не само како метод за зголемување на општественото производство, туку како метод за производство на сестрано развиени луѓе.

Ние видовме дека крупната индустрија технички ја укинува мануфактурната поделба на трудот со нејзиното доживотно приврзување на еден цел човек кон една одделна операција, додека едновремено капиталистичката форма на крупната индустрија оваа поделба на трудот ја препроизведува во уште пострашен вид; во вистинската фабрика со претворање на работникот во надарен со свест придодаток на некоја одделна машина, а инаку насекаде, делум со спорадична употреба на машините и машинскиот труд,[301] делум со воведување женски, детски и неквалификуван труд, како нова основа за поделбата на трудот. Противречноста меѓу мануфактурната поделба на трудот и сушноста на крупната индустрија се наметнува насекаде насилствено. Таа, меѓу другото, се појавува во страшниот факт, дека еден голем дел од децата на работа во модерните фабрики и мануфактури се приковани од најнежната возраст за најпростите манипулации, се експлоатираат со години, без да изучат каква било работа, што би ги оспособило подоцна да бидат употребливи барем во истата мануфактура или фабрика. На пр., во англиските печатници за книги порано се практикуваше системот што му одговара на мануфактурниот и занаетчискиот период во кој учениците преминуваат од полесна кон посложена работа. Тие врвеа еден ученички пат, додека најпосле не станат изучени печатари. Самиот занает бара сите да мораат да читаат и да пишуваат. Со печатарската машина сѐ се измени. Таа применува два рода работници, еден возрасен работник, што ја надгледува машината, и деца при машините повеќето од 11-17 години, чијашто работа се состои исклучиво во тоа да клаваат во машината по еден лист книга или да го вадат отпечатениот лист. Тие ја вршат, особено во Лондон, оваа заморна работа по неколку дена во неделата непрекинато по 14, 15, 16, часа, а често 36 часа едноподруго, само со два часа одмор за јадење и спиење.[302] Еден голем дел од нив не знаат да читаат, и по правило се сосем здивени, абнормални созданија.

„За да се оспособат за својата работа, ним не им е нужно никакво интелектуално воспитание; тие имаат малку возможност за да добијат искуство, а уште помалку за расудување; нивната наемнина, иако е во извесна мера висока за деца, не расте рамномерно како што растат самите тие, па повеќето од нив немаат никаков изглед за подоходни и поодговорни места, да речеме надгледувачи на машините, зашто на секоја машина иде само еден надгледувач и често 4 деца.“[303]

Штом ќе станат престари за нивната детска работа, значи најмногу до 17 години, тие се отпуштаат од печатницата. Тие стануваат кандидати за злосторства. Неколку обиди да им се создаде некоја работа на друго место пропаднаа поради нивното незнаење, грубост, телесна и духовна заостанатост.

Она што важи за мануфактурната поделба на трудот во рамките на работилницата, важи и за поделбата на трудот во рамките на општеството. Сѐ додека занаетот и мануфактурата ја сочинуваат општата основа на општественото производство, еден нужен момент во развитокот ќе биде потчинувањето на производителите исклучиво под една производна гранка, раскинувањето на нивното првобитно разнообразно занимање.[304] Врз таа основа секоја посебна гранка на производството по емпириски пат ја најдува технички соодветната форма, таа неа постепено ја усовршува и брзо ја кристализира штом ќе достигне до извесен степен на зрелост. Измените што овде-онде стануваат, се предизвикани освен од новиот материјал за работа, што го доставува трговијата, од постепеното изменување на инструментите за работа. Но штом еднаш е најдена со опит соодветната форма на инструментот, таа се скаменува, како што тоа ни го докажува нејзиното често илјадагодишно преминување од рацете на една генерација во рацете на друга. Карактеристично е што сѐ до 18 век одделните занаети се викале mysteries (mystères) [тајни],[305] во чии темнини можел да проникне само емпирички и професионално посветениот. Крупната индустрија го раскина превезот што го криеше од луѓето нивниот општествен процес на производството и ги претвораше различните, природно разделените гранки на производството во загатки една за друга, та дури и за оној што бил посветен во секоја гранка. Принципот на крупната индустрија, секој процес на производството, земен сам за себе и пред сѐ, без оглед на човечките раце, да се растави на неговите составни елементи; ја создаде сосем модерната наука, технологијата. Шарените, привидно несврзаните и закостенетите форми на општествените процеси на производството се распаднаа на свесна планска и систематски расчленета, — веќе според саканиот полезен ефект, — примена на природните науки. Технологијата ги откри исто така и оние неколку големи основни форми на движењето во кои нужно врви целата производна активност на човечкото тело, покрај сета разновидност на употребуваните инструменти, токму така како што механиката не може да се излаже ни од најголемата комплицираност на машинеријата во однос на постојаното повторување на простите механички сили. Модерната индустрија не ги разгледува и не ги третира никогаш дадените форми на еден процес од производството како дефинитивни. Затоа нејзината техничка база е револуционерна, додека сите поранешни начини на производство беа всушност конзервативни.[306] Со машинеријата, со хемиските процеси и со други методи таа постојано прави пресврт во техничката основа на производството и заедно со неа и во функцијата на работникот и општествените комбинации на процесот на трудот. Со тоа таа постојано ја револуционизира поделбата на трудот во рамките на општеството и незапирно префрла маси од капитал и маси од работници од една гранка на производството во друга. Според тоа, природата на крупната индустрија условува измена на трудот, непостојаност на функцијата, сестрана подвижност на работникот. Од друга страна, таа ја препроизведува во нејзината капиталистичка форма старата поделба на трудот со нејзините закостенети специјалности. Ние видовме како го уништува оваа апсолутна противречност секое спокојство, стабилноста, сигурноста на животната положба на работникот, како го загрозува него таа постојано да му ги исфрли од рацете заедно со средствата на трудот и средствата за живот,[307] а заедно со неговата делска функција да го направи и самиот него излишен; исто така ние видовме како оваа противречност го истерува бесот во непрекинато жртвување на работничката класа во најбезмерно растурање на работните сили и во опустошувањата на општествената анархија. Оваа е негативната страна. Но ако сега измената на трудот се воспоставува само како непреодлив, природен закон, и со слепото разорно дејство на еден природен закон што насекаде удира на пречки,[308] тоа, од друга страна, самата крупна индустрија со своите катастрофи ја прави измената на трудот прашање на живот или смрт, а со тоа колку што се може поголемата многустраност на работникот ја признава како општ закон на општественото производство и ги приспособува односите кон неговото нормално осуштествување. Таа го прави како прашање на живот или смрт прашањето да се замени ужасот на една бедно, расположиво работничко население, што се држи во резерва за изменливите експлоататорски потреби на капиталот со апсолутната употребливост на човекот за изменливите потреби на трудот; прашањето, одделната индивидуа, носителот на една општествена одделна функција да се замени со сестрано развиената индивидуа, за која различните општествени функции се начин на дејство што ги исполнува таа наизменично. Еден од моментите на овој процес на преврати што се развиваат стихијно врз основа на крупната индустрија, се политехничките и земјоделските училишта, друг момент се „écoles d’enseignement professionnel“ [професионално училиште], во кои децата на работниците добиваат нешто малку настава од технологија и од практично ракување со различни инструменти за производство. Штом фабричко законодавство, како прва концесија оттргната со мака од капиталот, само ја сврза основната настава со фабричката работа, тогаш не потпаѓа под никакво сомнение дека неизбежното освојување на политичката власт од страна на работничката класа исто така и технолошката настава, како теоретска така и практичка, ќе го освои своето место во работничките училишта. Исто така, малку подлежи на сомнение дека капиталистичката форма на производство и нејзе соодветните економски односи на работниците стојат во полна противречност со такви ферменти на превратот и со нивната цел — уништувањето на старата поделба на трудот. Но развивањето на противречностите во една историска форма на производството е единствен историски пат за нивно решавање и за ново преобразување, “Ne sutor ultra crepidam” [„чевларе, гледај си ги своите чевли.“][15*]! Овој nec plus ultra [врв] на занаетчиската мудрост стана најстрашна глупост од моментот кога часовничарот Вајт ја изнајде парната машина, берберинот Аркрајт разбојот за ткаење со непрекината основа, јувелирскиот работник Фултон паробродот.[309]

До колку фабричкото законодавство го регулира трудот во фабриките, мануфактурите итн., тоа отпрво се појавува само како мешање во експлоататарските права на капиталот. Напротив, секое регулирање на т.н. домашна работа[310] веднаш се претставува како директно навлегување во patria potestas [татково право], т.е. модерно речено, во родителскиот авторитет, а тоа е веќе еден чекор, пред кој деликатниот англиски парламент долго време се отргнуваше лицемерно и со трепет. Сепак силата на фактите најпосле присили да се признае дека крупната индустрија ги разрушува, заедно со економската основа на старата фамилија и соодветната ѝ нејзе фамилијарна работа, и самите стари фамилијарни односи. Мораше да се прокламира правото на детето.

„За несреќа — се вели во завршниот извештај на Children'ѕ Employment Commission — од 1866 од целокупните искажувања на сведоците произлегува, дека децата од обата пола од никого не треба да се штитат толку, колку треба да се штитат од нивните родители.“ Системот на безмерната експлоатација над детскиот труд општо, и над нивниот домашен труд посебно, „се одржува со тоа што родителите вршат над своите млади и нежни потомци самоволно и погубно насилство без узда и контрола... Родителите не смеат да имаат апсолутна власт да ги направат своите деца прости машини, за да извлечат ваква или онаква неделна наемнина... Децата и младите лица имаат право на заштита од законодавството против злоупотребата на родителската власт што предвремено ја крши нивната физичка сила, а нив морално и интелектуално ги снижува до степен на пониски суштества.“[311]

Сепак не е злоупотреба на родителската власт таа што ја создаде директната или индиректната експлоатација на неполнолетната работна сила од страна на капиталот, туку обратно, капиталистичкиот начин на експлоатација е тој што ја претвора родителската власт, со укинување на нејзината соодветна економска основа во злоупотреба. Но и колку страшно и гнасно да е сега разлагањето на старата фамилија при капиталистичкиот систем, сепак крупната индустрија, со решавачката ролја што им ја дава таа на жените, младите лица и децата од обата пола во општествено организираните процеси на производството надвор од областа на куќата, создава нова економска основа за повисока форма на фамилијата и на односите меѓу обата пола. Природно дека е исто така лудо да се смета за апсолутна христијанско-германската форма на фамилијата како и староримската форма или старогрчката, или ориенталската кои освен тоа, сврзани една со друга, прават една историска низа во развитокот. Исто така е очевидно, дека составот на комбинираниот работен персонал од индивидуи од обата пола и од најразлични возрасти, иако во својата стихијна, брутална капиталистичка форма, каде што работникот суштествува за процесот на производството, а не процесот на производството за работникот, нужно претставува чумосан извор на расипаност и ропство, а напротив при соодветни услови мора да се преврти во извор на хуман развиток.[312]

Нужноста фабричкиот закон од еден исклучителен закон за предачниците и ткајачниците — овие први созданија на машинското производство — да се обопшти во еден закон за целото општествено производство, произлегува, како што видовме, од текот на историскиот развиток на крупната индустрија, зад чија заднина се врши полн преврат на традиционалниот строј на мануфактурата, занаетот и домашната работа, мануфактурата постојано се претвора во фабрика, занаетот постојано во мануфактура, сѐ додека најпосле сферата од занаетот и домашната работа не се превртат за релативно чудно кусо време, во жални дупки, каде што капиталистичката експлоатација слободно ги изведува своите бесни оргии. Две околности се кои на крајот на краиштата одиграа решавачка ролја: прво опитот што постојано сѐ наново се повторуваше според кој капиталот, до колку нему му се стави државна контрола само на одделни точки на општествената периферија, си наплатува толку побезмерно на другите точки,[313] второ, викот на самите капиталисти за еднаквост на условите за конкуренција, т.е. за еднакви граници во експлоатацијата на трудот.[314] Да го чуеме ние за ова тупањето на две срца. Господата В. Куксли (фабриканти на клинци, синџири итн. од Бристол) доброволно ги воведоа во своето претпријатие фабричките прописи.

„Бидејќи во соседните претпријатија уште трае стариот нерегуларен систем, тие се подложени на неправда да гледаат како нивните млади работници по 6 часот навечер ги мамат (enticed) за да ја продолжат работата на друго место. 'Ова' — природно велат тие — 'е неправда спрема нас и загуба, бидејќи тука се исцицува еден дел од силата на младите, што наполно целата ни припаѓа нам.'“[315]

Г. Џ. Симпсон (paper box and bagmaker [фабрика за книжни кесиња и кутии], во Лондон) им изјавил на членовите од Children'ѕ Employment Commission: „Тој е готов да ја потпише секоја петиција за воведување на фабричките акти. При сегашната положба, тој нoќе постојано е исполнет со неспокојство „(he always felt restless at night)“, по затворањето на неговата работилница, при мислата дека другите подолго време работат и му ги грабат нему порачките од пред нос“.[316] „Тоа ќе биде неправда“ — вели во резултат на сѐ „Children'ѕ Employment Commission — „спроти крупните претприемачи да се потчинат нивните фабрики на регулација, додека малите претпријатија во истите нивни производни гранки не подлежат на никакво законско ограничување на работното време. Кон неправдата од нееднаквите услови на конкуренцијата во однос на работните часови поради законот за крупните фабриканти, а од кој се исклучени малите работилници, иде уште и таа загуба што приливот на млади и женски работници ќе се одбие кон работилниците негибнати од законот. Најпосле ова би дало поттик за умножување на малите работилници што скоро без исклучок се најмалку благопријатни за здравјето, удобноста, воспитанието и општото подобрување на народот.“[317]

Во својот заклучен извештај „Children'ѕ Employment Commission предлага да се подведат под фабричкиот акт преку 1.400.000 деца, млади лица и жени од кои приближно половината се експлоатираат од мали претпријатија и во домашна работа.[318]

„Ако парламентот — вели комисијата — го прими нашиот предлог во целост, тогаш нема сомнение дека таквото законодавство ќе изврши најблагопријатно влијание не само врз младите и слабите, за кои на прво место се работи, туку уште и врз поголеми маси од возрасни работници, кои директно (жени) или индиректно (мажи) потпаѓаат под областа на неговото дејство. Тој би им наложил редовно и умерено работно време; тој би ја чувал и собирал резервата од физичката сила, од која така мошне зависи нивната сопствена благосостојба и благосостојбата на земјата; тој би го заштитил младото поколение од претерано напрегнување во младата возраст, што ја разнишува нивната конституција и води кон прерана пропаст, најпосле би им дал на децата барем до 13 години возможност за основна настава и со тоа би му направил крај на неверојатното незнаење, што е така верно опишано во извештајот на комисијата и на кое мoже да се гледа само со тешка болка и со длабоко чувство на национално унижување“.[319]

Ториевската влада во престолната реч од 5 февруари 1867 објави дека предлозите[319а] од индустриската иследна комисија ги формулирала во „Bills“ [законски проекти]. За ова бил потребен еден нов дваесетгодишен experimentum in corpore vili [експеримент на жива тело без цена]. Веќе во 1848 година беше наименувана една парламентарна комисија за иследување на детскиот труд. Нејзиниот извештај од 1842, според зборовите од Н. В. Сениор,

„откри ужасна слика на лакомост, себичност и жестокост на капиталистите и родителите, на беда, деградација и уништување на децата и младите лица, каква што светот уште никогаш не видел... Може човек да се утеши дека извештајот ги опишува ужасите на некои изминати времиња. Но, за жал, извештајот вели дека овие ужасии уште продолжуваат така интензивно, како никогаш понапред. Во една брошура што ја објави пред две години, Хардвик изјави дека злоупотребите жигосани во 1842 ги има ден денешен (1863) во полна сила... Овој извештај, (од 1842) си лежеше 20 години, без да му се посвети некое внимание, додека за ова време се допушти оние деца, што израснаа без и најмалку да имаат поим ни за она што го викаме морал, ни за училишно образование, ни за религија или за природна фамилијарна љубов — овие деца да станат родители на сегашната генерација.“[320]

Меѓутоа, општествената положба се измени. Парламентот не се осмели да ги отстрани барањата на комисијата од 1863, како што ги отстрани во свое време во 1842. Затоа уште во 1864, кога комисијата објави еден дел од нејзините извештаи, се ставија под законот што важеше за текстилната индустрија уште и индустриите на земјените стоки (вклучно со грнчарството), фабрикацијата на тапети, кибритни чкорчиња, на патрони и капси, како и стрижењето на кадифе. Во престолната реч од 5 февруари 1867 тогашниот ториевски кабинет најави за натамошните законски проекти (Bills) засновани врз заклучните предлози на комисијата, што, меѓутоа, во 1866 ја заврши својата работа.

На 15 август 1867 г. Factory Acts Extension Act, а на 21 август Workshops’ Regulation Act [закон за регулирање на работилниците] добија кралска потврда: првиот закон ги регулира јадрите, а последниов дробните претпријатија.

Factory Acts Extension Act ги регулира високите печки, заводи за железо и бакар, леарниците, фабриките за машини, металските работилници, фабриките за гутаперка, хартија, стакло, тутун, потака печатниците и книгоподврзниците и воопшто сите индустриски работилници од овој род каде што работат едновремено 50 или повеќе лица најмалку 100 дена во годината. За да се добие претстава за раширувањето на областа опфатена со овој закон, овде даваме неколку дефиниции што ги утврди тој:

„Занает треба да значи (во овој закон): која и да е рачна работа што се врши професионално или поради заработка, при изготвувањето, изменувањето, украсувањето, поправањето, или при довршувањето за продажба на кој и да е артикал, или на еден дел од него.

„Работилница треба да значи: која и да е соба или месност, покриена или под ведро небо, во која работи „занает“ кое било дете, млад работник или жена, и да се има право на пристап и контрола над оној кој зема на работа такво дете, млад работник или жена.

„Вработен треба да значи: што работи во некој занает: било за наемнина или не, под еден мајстор или под еден родител, како што се подолу определени.

„Родител треба да значи: татко, мајка, старател, или друго лице, што води грижа или контрола над кое било... дете или над еден млад работник“.

Член 7 од казнените одредби за вработување на деца, млади работници и жени против одредбите на овој закон, утврдува парични казни не само за стопанот на работилницата, бил тој родител или не, туку и за „родителите или другите лица што ги имаат децата, младите работници или жените под свое, или водат директна полза од нивниот труд.“

Factory Acts Extension Act што се однесува на крупните претпријатија, стои поназад од фабричкиот акт поради многуте бедни одредби за одземки и плашливи компромиси со капиталистите. Workshops’ Regulation Act, жалосен во сите свои детали, останува мртво слово во рацете на градските и месните власти што треба да го спроведуваат него. Кога им ја одзеде парламентот во 1871 оваа власт и ја пренесе на фабричките инспектори чија надгледна област со тоа наеднаш се зголеми за повеќе од 100.000 работилници, само 300 тулани; сепак персоналот на инспекторите со најголема грижа беше зголемен само за осум помошници, иако тој и досега беше сосем малуброен.[321]

Значи она што во англиското законодавство од 1867 паѓа в очи, од една страна, е нужноста наложена на парламентот на владеачката класа да признае во принцип така извонредни и широки мерки против крајностите на капиталистичката експлоатација; а од друга страна, половичноста, неволноста и mala fides [нечесност, злонамерност] со кои после овие мерки тој вистински ги оживотвори.

Иследната комисија од 1862 предложи, исто така, едно ново регулирање на рударската индустрија, индустрија, што се разликува од сите други со тоа што кај неа интересите на земјопоседниците и индустриските капиталисти одат рака под рака. Спротивноста на овие два интереса имаше благопријатно дејство за фабричкото законодавство; отсуството на оваа спротивност е достатно да го објасни продолжувањето и шиканирањето кај рударското законодавство.

Иследната комисија од 1840 направи такви ужасни и одвратни разобличувања и предизвика таков скандал во цела Европа, што парламентот мораше да ја спасува својата совест со „Mining Act“ [рударски закон] од 1842, во кој тој се ограничи на тоа што за жените и децата под 10 години го забрани трудот под земја.

Потака во 1860 дојде Mines' Inspection Act [законот за рударската инспекција], според кој рудниците подлежат на инспекција од државни чиновници наименувани специјално за тоа, а децата меѓу 10 и 12 години не смеат да се земаат на работа, освен ако имаат некое училишно свидетелство или да оделе извесен број часови на училиште. Овој закон си остана наполно мртво слово, поради смешна малиот број назначени инспектори, поради тоа што нивните полномошна беа безначајни и поради други причини, што ќе се разјаснат поодблиску во натамошното излагање.

Една од најновите сини книги за рудниците е Report from the Select Committee on Mines, together with ... Evidence 23 July 1866”. Тоа е дело на еден комитет составен од членови на Долниот Дом, ополномоштен да повикува и сослушува свидетели; една дебела книга in folio формат во која самиот „Report“ опфаќа само пет реда со содржина: дека комитетот не знае што да каже и дека мора да бидат сослушани уште повеќе свидетели!

Начинот на испитувањето на свидетелите потсетува на cross ехаminations [накрсно испитување] пред англиските судови, каде што адвокатот се обидува со бесрамни замрсени и крстосани прашања, да го сплетка свидетелот и да му ги испреврти зборовите во устата. Адвокати овдека се самите парламентарни испитувачи, меѓу нив и сопствениците и експлоататорите на рудниците, свидетели се рударските работници најмногу од рудниците за јаглен. Целата фарса е премногу карактеристична за духот на капиталот за да не дадеме овде неколку изватки. За полесна прегледност ги давам овде резултатите од иследувањата итн. во рубрики. Споменувам дека прашањата и задолжителните одговори во англиската Сина книга се нумерирани, и дека свидетелите, чии искази овдека се цитираат, се работници од рудниците за јаглен.

1. Земање на работа млади од 10 години и нагоре во рудниците. Трудот заедно со задолжителното одење и враќање од рудникот трае по правило 14 до 15 часа, изнимно и подолго, од 3, 4 и 5 часот наутро до 4 и 5 часот навечер (бр. 6, 452, 83). Возрасните работници работат во две смени, или 8 часа, но такви смени за малолетните нема за економија во трошоците (бр. 80, 203, 204). Малите деца главно се употребуваат за отворање и затворање на вратите за омав во различните одделенија на рудникот, поголемите деца за потешка работа, за пренесување јаглен итн. (бр. 122, 739, 1747). Долгиот работен ден под земја трае до 18 или 22 годишна возраст, кога се врши преодот кон вистинскиот рударски труд. (бр. 161). Децата и младите лица посурово се мачат во работа отколку во кој била понапрежен период (бр. 1633, 67). Рударските работници речиси едногласно бараат еден парламентарски акт за забрана на рударскиот труд до 14 години. А сега Хеси Вивиен (и самиот експлоататор на рудник) праша:

„Не зависи ли ова барање од поголемата или помалата сиромаштија на родителите“? — А Мистер Брјус: „Зар не би било жестоко, таму каде што е таткото мртов, или осакатен итн. да ѝ се земе на фамилијата овој извор на приход? И сепак мора да владее општо правило. Сакате ли да се забрани работењето под земја на децата до 14 години во сите случаи?“. Одговор: „Во сите случаи“ (бр. 107 до 110). Вивиен: „Ако се забрани трудот пред 14 години во рудниците, дали нема родителите да ги праќаат децата во фабриките итн.? — По правило не.“ (бр. 174). Работник: Отворањето и затворањето на вратите изгледа лесно. Тоа е сосем мачна работа. И да не гледаме на постојаната омав, децата се поставени во затвор, исто така како во некоја мрачна затвореничка ќелија. „Bourgeois [Буржујот] Вивиен: „Не може ли детето да чита додека ја варди вратата, ако има една свеќа?“ „Прво тоа би морало да си купи свеќа. Но освен тоа нему не би му дозволиле такво нешто. Тоа е тука за да ја варди работата, тоа има да исполни една должност. Јас никогаш не сум видел некое дете да чита во јама.“ (бр. 141-60).

2. Воспитание. Рударските работници бараат закон за задолжителна настава за децата, како во фабриките. Тие го објавија за чисто илузорен членот на актот од 1860 според кој се бара училишно свидетелство за да се земаат на работа момчиња од 10-12 години. „Педантното“ испитување од страна на капиталистичките иследни судии овде станува навистина смешно. (бр. 150).

„Дали е актот повеќе нужен против претприемачите или родителите?“ — И против едните и против другите.“ (бр. l16) „Дали повеќе против едните отколку против другите?“ — „Како треба да се одговори на тоа?“ (бр. 137) „Дали покажуваат претприемачите каков бил стремеж за да ги сообразат работните часови со училишната настава?“ — „Никогаш.“ (бр. 211). „Дали го подобруваат рударските работници после своето воспитание?“ — „Тие општо се расипуваат; тие примаат лоши навики; тие се оддаваат на пијанство, комар и на слично и сосем пpoпаѓаат.“ (бр. 109). „Зошто децата не се праќаат во вечерно училиште?“ — „Во повеќето јагленарски околии нема никакви. Но главно е, дека тие од долга претерана работа се така исцрпени, што очите им се затвораат од умор“ — „Вие сте против воспитанието“, заклучува буржујот. — „Сосем не, туку итн.“ (бр. 443) „Зар сопствениците на рудниците итн. не се присилени со актот од 1860 год. да бараат училишни свидетелства кога земаат на работа деца меѓу 10 и 12 години?“ — Со законот да, само што претприемачите тоа не го прават“ (бр. 444) „Според нашето гледање овие законски одредби не се спроведуваат насекаде?“ — Тие никако не се спроведуваат.“ (бр. 717) „Дали многу ги интересира рударските работници прашањето за воспитанието?“ — Големото мнозинство.“ (бр. 718) „Дали од срце се грижат тие за исполнувањето на законот?“ — Големо мнозинство.“ (бр. 24) „Зошто тогаш тие не налагаат да се спроведе тоа?“ — Некој работник би сакал да не ги пушта децата на работа без училишно свидетелство, но тој тогаш ќе стане еден бележен човек (а marked man)“ (бр. 721) — Кој би го бележал?“ — „Неговиот претприемач.“ (бр. 727) „Да не мислите нешто дека претприемачите би гонеле некој човек поради тоа што му се покорува на законот?“ — „Јас мислам, тие би го сториле тоа.“ (бр. 723) „Зошто работниците не одбиваат да употребуваат такви деца?“ — „Не им се дава да вршат избор.“ (бр. 1634) „Вие барате интервенција на парламентот?“ — Ако се сака да се направи нешто дејствително за воспитанието на децата од рударските работници, тогаш тоа мора да се направи со присилен акт на парламентот.“ (бр. 1636) „Дали треба тоа да важи за сите деца од работниците во Велика Британија или само за рударските работници?“ — Јас сум овде за да зборувам од името на рударските работници.“ (бр. 1838) „Зошто да се разликуваат рударските деца од другите?“ — „Зашто тие прават исклучок од другите.“ (бр. 1639) „Во кој поглед?“ — „Физички.“ (бр. 1640) „Зошто би требало нивното воспитание да има поголема вредност за нив отколку за децата од другите класи?“ — „Јас не велам дека тоа би имало за нив поголема вредност, туку поради нивната претерана работа во рудниците тие имаат и помалку изгледи да се воспитуваат во дневните и неделните училишта.“ (бр. 1646) „Нели е невозможно да се третираат прашања од овој вид апсолутно?“ (бр. 1646) „Има ли доволно училишта во околиите?“ — „Не.“ (бр. 1647) „Ако бара државата да се праќа секое дете на училиште, тогаш од каде би требало да се најдат училишта за сите деца?“ — „Јас мислам дека штом околностите ќе го наложат тоа, училиштата ќе се појават сами по себе. Големото мнозинство не само од децата, туку и од возрасните рударски работници не знаат ни да читаат ни да пишуваат.“ (бр. 705, 726).

3. Женски труд. Вистина работничките од 1842 г. не се употребуваат повеќе за работа под земја, но многу се употребуваат над земја за товарање јаглен итн., да влечкаат ведра кон каналите и железничките вагони, да сортираат јаглен итн. Нивната употреба мошне се зголеми во последниве 3-4 години (бp. 1727). Тие се повеќето жени, ќерки и вдовици на рударските работници од 12 до 50 и 60 години. (бр. 645, 1779)

(бр. 648) „Што мислат рударските работници за трудот на жените во рудниците?“ — Тие него го осудуваат воопшто.“ (бр. 649) „Зошто?“ — „Тие него го сметаат како унижување за женскиот пол... Тие носат некој вид машки алишта, во многу случаи се потиснува секое чувство за срам. Некои жени пушат. Трудот е така нечист, како што е и во рудниците. Меѓу нив има многу омажени жени што не можат да си ги исполнат своите домашни должности.“ (бр. 65, 89); (бр. 703). „Дали можат вдовиците негде на друго место да најдат некоја исто така доходна работа (8-10 шил. неделно)?“ — „Јас за тоа не можам ништо да кажам.“ (бр. 710) „Но сепак вие се решавате (камено срце?) да им ја прекинете оваа издршка на животот?“ — „Сигурно.“ (бр. 1715) „Од каде ова расположение?“ — „Ние, рударските работници имаме премногу уважување спрема убавиот пол за да можеме да гледаме како е осуден да работи во јаглените дупки... Овој труд во најголемиот дел е мошне тежок. Многу од овие девојки креваат по 10 тони на ден.“ (бр. 1732) „Дали мислите дека работничките што работат во рудниците се понеморални од оние што работат во фабриките?“ — „Процентот на порочните е поголем отколку меѓу фабричките девојки.“ (бр. 1733) „Но вие не сте задоволни и со состојбата на моралноста ни во фабриките?“ — „Не.“ (бр. 1734) „Дали сакате да се забрани женскиот труд и во фабриките?“ — „Не, јас не сакам“. (бр. 1735) „Зошто не?“ — „Тој е за женскиот пол поприличен и повеќе му одговара.“ (бр. 1736) „Сепак тој е пакосен за нивната моралност, не е ли така?“ — „Не, ни оддалеку не е така како трудот во рудникот. Но, освен тоа, јас не говорам само од морална, туку и од физичка и од социјална основа. Социјалната деградација на девојките е ужасна и крајна. Кога ќе станат овие девојки жени на рударските работници, мажите длабоко страдаат од оваа деградација и тоа ги гони од дома кон пијанство.“ (бр. 1737) „Зар истото не важи за жените што работат во заводите за железо?“ — „Јас не можам ништо да зборувам за другите гранки од производството.“ (бр. 1740) „Но каква е разликата меѓу жените што работат во заводите за железо и во рудниците?“ — „Јас не сум се занимавал со ова прашање“. (бр. 1741) „Можете ли вие да откриете некоја разлика меѓу жените од едната и од другата класа?“ — „За тоа не можам ништо да кажам со увереност, но одејќи од куќа до куќа јас се запознав со страшната состојба на работите во нашава околија.“ (бр. 1750) „Немате ли вие голема желба да го уништите насекаде женскиот труд, каде што тој жената ја понижува?“ — „Да... најдобрите чувства детето мора да ги добие од мајчиното воспитание.“ (бр. 1751) „Но тоа се однесува и за земјоделскиот труд на жената?“ — „Тој трае само две сезони, тие при нас работат во сите четири сезони, напати ден и ноќ, мокри до кожа, организмот им ослабува, здравјето им пропаѓа“. (бр. 1753) „Вие прашањето (имено за женскиот труд) општо не сте го проучувале?“ — „Јас сум гледал околу себе и можам толку да кажам, дека јас нигде не сум нашол нешто слично со женскиот труд во рудниците за јаглен. Тој е машки труд, и тоа труд за јаки мажи. Подобрата класа од рударските работници што се обидува да се подигне и просвети не само што не најдува никаква поткрепа кај своите жени, туку благодарение на нив се спушта уште подолу.“

Потоа откако буржујот уште понатака накрсно... поиспрашал, излегла најпосле тајната на неговото „сочувство“ за вдовиците, сиромашните фамилии итн.

„Сопствениците на рудниците за јаглен наименувале извесни џентлемени за надзорници, а пак политиката на последниве, за да добијат пофалба, се состои во тоа што сакаат да се постават на колку што се може поекономична нога и да земаат на работа девојки за 1 до 1 шилинг и 6 пенси дневно, каде што еден маж би можел да добие 2 шил. и 6 пенси.“ (бр. 1816).

4. Поротници за преглед на мртвите.

(бр. 36) „Во однос на coroner’s inquests [иследувањата на прегледувачите на мртвите] во вашите околии, дали работниците се задоволни од судската постапка во несреќните случаи? — Не, тие не се.“ (бр. 816) „Зошто не?“ — „Особено затоа што се земаат за поротници луѓе што апсолутно ништо не знаат за рудниците. Работниците не се повикуваат за друго освен за свидетели. Општо, се земаат ситни трговци од соседството што се под влијание на сопствениците на рудниците, своите клиенти, и не ги разбираат дури техничките изрази на свидетелите. Ние бараме рударските работници да сочинуваат еден дел од поротниците. Средно пресудите се во противречност со исказитс на свидетелите.“ (бр. 378) „Дали треба поротниците да бидат непристрасни?“ — „Да.“ (бр. 379) „Дали работниците би биле такви?“ — „Јас не гледам никакви причини зошто тие не би требало да бидат непристрасни. Тие ги познаваат работите.“ (бр. 180) „Но зар тие не би имале тенденција да донесуваат неправедно тешки осуди во ползa на работниците?“ — „Не, јас не верувам.“ (бр. 380.)

5. Лажни мери и тегови итн. — Работниците бараат да им се исплатува неделно место четиринаесетдневно, да се мери според тежината место според кубатурниот простор на ведрото, да се заштитат од употребата на лажни тегови итн.

(бр. 1071). „Ако се зголемат ведрата со измама, тогаш секој може по четиринаесетдневен отказ да го напушти рудникот?“ — „Но ако појде на некое друго место, ќе го најде истото“. (бр. 1072) „Но тој сепак може да го напушти местото, каде што се прави неправда?“ — „Таа секаде владее.“ (бр. 1073) „Но човекот може да го напушти секое свое место по 14-дневен отказ?“ — „Да.“

Ете ти работа!

6. Рударска инспекција. — Работниците не страдаат само од несреќни случаи поради експлозивните гасови.

(бр. 234 и потака) „Ние имаме исто така да се поплачеме за лошата вентилација во рудниците за јаглен, така што луѓето таму одвај можат да дишат; тие со тоа се онеспособуваат за секој вид работа. Така, на пр., баш сега во делот од рудникот каде што работам јас, расипаниот воздух многу луѓе кутна со недели на болничка постела. Главните проходи имаат доста воздух, но немаат баш местата каде што работиме. Ако се поплаче некој човек за вентилацијата до инспекторот, тогаш него го отпуштаат, и станува „бележан“ човек, кој никаде никаква работа не може да најде. „Mines Inspection Act“ [законот за рударската инспекција] од 1860 е само чисто парче книга. Инспекторот — а нивниот број сосем е премал — можеби на 7 години еднаш прави една формална визита. Нашиот инспектор е сосем неспособен седумдесетгодишен човек, кому му се потчинети повеќе од 130 рудници за јаглен. Покрај повеќе инспектори нам ни требаат и подинспектори.“ (бр. 280) „Треба ли тогаш да има владата една таква армија од инспектори, така што тие сами, без информација од работникот, можат да направат сѐ што барате вие?“ — „Тоа е невозможно, но тие би требало сами да дојдат во рудниците за да си земат информации.“ (бр. 285) „Зар не мислите дека дејството од тоа би било што одговорноста (?) за вентилацијата итн. да помине од сопствениците на рудниците на државните службеници?“ — „Никако: нивната работа би морала да биде да присилат кон спазување на веќе постојните закони.“ (бр. 294) „Кога зборувате за подинспектори, мислите ли на луѓе со помала плата и од понизок ранг одошто сегашните инспектори?“ — „Јас не сакам никако да бидат тие пониски, ако ги дадете подобри.“ (бр. 295) „Сакате ли повеќе инспектори или подолна класа луѓе за инспектори?“ — „Ние бараме луѓе што ќе се вртат во самите рудници, луѓе што нема да се плашат за својата кожа.“ (бр. 296) „Ако ви се исполнеше вашата желба за инспектори од полоша сорта, немаше ли нивниот недостиг на вештина да предизвика опасност итн.?“ — „Не; тоа е работа на владата, да назначи луѓе какви што прилега.“

Овој начин на испитување најпосле и на самиот претседател од иследната комисија му стана преглуп.

„Вие сакате“ — се замеша тој — „практични луѓе што сами ќе се вртат во рудниците и ќе го известуваат инспекторот кој тогаш ќе може да ја примени својата виша наука?“ (бр. 501) „Дали нема да им причини вентилацијата на сите тие стари рудници многу трошоци?“ — „Да, трошоците би можеле да пораснат, но би се заштитиле човечките животи.“

(Бр. 581) „Некои јагленарски работници протестираат против 17 член од актот од 1864:

„Сега ако најде рударскиот инспектор некој кој да било дел од рудникот во состојба неспособна за работа, тој мора за тоа да го извести сопственикот на рудникот и министерот за внатрешни работи. Потоа сопственикот на рудникот има 20 дена време за размислување: на крајот од 20-те дена тој може да одбие секакво изменување. Но ако направи така, тогаш тој мора да му пише на министерот за внатрешни работи и да му предложи 5 рударски инженери, од кои министерот треба да одбере судии за помирување. Тврдиме дека во овој случај сопственикот на рудникот фактички ги наименува своите судии.“

(Бр. 586) Буржујот што го врши испитувањето, самиот е сопственик на рудник.

„Тоа е чисто шпекулативен приговор“ (бр. 588) „Значи вие имате coceм ниско мнение за чесноста на рударските инженери?“ — „Јас велам дека тоа е сосем неправилно и неправедно.“ (бр. 589) „Немаат ли рударските инженери некој вид официјален карактер, што да ги издигнува нивните решенија над пристрасноста од која вие се плашите?“ — „Јас одбивам да одговорам на прашањето за личниот карактер на овие луѓе. Јас сум убеден дека тие во многу случаи постапуваат сосем пристрасно и дека треба да им се земе оваа сила, каде што се клаваат на карта човечки животи.“

Истиот буржуј немал срам да праша:

„Не мислите ли вие дека при експлозиите има загуба и сопственикот на рудникот?“

Најпосле (бр. 1042):

„Зар вие работниците не можете сами да си ги браните вашите сопствени интереси, без да викате за помош од владата?“ — „Не.“

Во 1865 г. имаше во Велика Британија 3.217 рудници за јаглен и — 12 инспектори. Некој сопственик на рудник од Јоркшир („Тајмс“, 2 јануари 1867) сам пресметал дека инспекторите, ако не се земат предвид нивните чисто бирократски работи што им го земаат целото нивно време, би можеле да го прегледаат секој рудник само еднаш во 10 години. Не е за чудење што катастрофите во последниве години (особено во 1866 и 1867) прогресивно растат како по број така и по опсег (напати со 200-300 работници жртви). Тоа се убавините на „слободното“ капиталистичко производство!

Секако актот од 1872, колку и да беше недостатен, е првиот што го регулира бројот на работните часови за децата на работа во рудниците, а експлоататорите и сопствениците на рудниците во извесна мера ги направи одговорни за таканаречените несреќни случаи.

Една кралска комисија од 1867 за иследување на трудот на децата, младите лица и жените на работа во земјоделството, објави неколку мошне интересни извештаи. Направени се различни обиди да се применат принципите на фабричкото законодавство во изменета форма на земјоделството, но досега сите тие завршија со полн неуспех. Но она на што јас сакам овде да го привлечам вниманието, е суштествувањето на една непобедлива тенденција за општа примена на овие принципи.

Ако, од една страна, општото раширување на фабричкото законодавство, стана неизбежно како средство за физичка и духовна заштита на работничката класа, тоа, од друга страна, како што веќе спомнавме, го поопштува и забрзува претворањето на распрснатите процеси на трудот од кепечки размери во комбинирани процеси на трудот врз крупна општествена размера, значи во концентрација на капиталот, во апсолутизам на фабричкиот режим. Таа ги разрушува сите стари и преодни форми, зад кои понекогаш сѐ уште се крие господството на капиталот и ги заменува нив со своето директно, неприкриено господство. Така, тоа ја поопштува и директната борба против ова господство. Додека во индивидуалните работилници наложува еднообразност, ред и економија, дотогаш благодарение на огромниот поттик што го добива техниката со границите и регулацијата на работниот ден, таа ги зголемува анархијата и катастрофите на капиталистичкото производство воопшто, ја зголемува интензивноста на трудот и конкуренцијата на машинеријата со работникот. Заедно со сферата на ситното производство и домашната работа, тоа законодавство го уништува и последното прибежиште на „прекубројните“, а со тоа и досегашниот вентил за сигурност на целиот општествен механизам. Заедно со материјалните услови и општествената комбинација на процесот на производството тоа ги узрева противречностите и антагонизмите на неговата капиталистичка форма, следствено, едновремено ги узрева елементите за создавање едно ново општество и моментите за преврат на старото општество.[322]

10. Крупна индустрија и земјоделство

Револуцијата што ја предизвика крупната индустрија во земјоделството и во општествените односи меѓу агентите на неговото производство, ќе може да биде изложена дури подоцна. Овдека е достатно да се споменат накусо неколку претходно земени резултати. Ако употребата на машинеријата во земјоделството во поголемиот дел не причинува такви физички последици, какви што му донесува на фабричкиот работник,[323] тогаш овдека таа дејствува уште поинтензивно и без да има отпор на создавањето на „прекубројните“ работници, како што ќе се види подоцна во подробноста. Во грофовствата Кембриџ и Софолк на пр. површината на обработената земја мошне се зголемила во последниве дваесет години, додека селското население за истиов период не само што се смали релативно, туку и апсолутно. Во Соединетите Држави од Северна Америка земјоделските машини отпрвин ги надоместуваат работниците само потенцијално т.е. им дозволуваат на производителите да обработуваат поголема површина, но вистински не ги прогонуваат работниците што работат таму. Во Англија и Велс бројот на лицата на работа во фабрикацијата на земјоделски машини во 1861 беше 1.034, додека бројот на земјоделските работници на работа при парните и работните машини беше само 1.205.

Во сферата на земјоделството крупната индустрија дејствува најреволуционерно во таа смисла кога таа го уништува бедемот на старото општество, „селанецот“ и го заменува со наемниот работник. Така потребите за социјални преврати и спротивностите на селото се изедначуваат со тие во градот. Место најтрадиционалното и најнерационалното производство настапува свесна технолошка примена на науката. Капиталистичкиот начин на производство го довршува раскинувањето на првобитната семејна врска меѓу земјоделството и мануфактурата, којашто ги сврзуваше обете детински неразвиени форми. Но таа едновремено ги создаде материјалните претпоставки за една нова, повисока синтеза, за сојуз на земјоделството со индустријата врз основа на нивните форми изработени во противности. Со сѐ поголемата претежност на градското население, што се натрупува во големите центри, капиталистичкото производство, од една страна ја натрупува историската движечка сила на општеството, а од друга страна, тоа ја пречи размената на материите меѓу човекот и земјата, т.е. враќањето на земјата на оние нејзини составни делови што биле потрошени од човекот во форма на средства за храна и облекло, значи му пречи на вечниот природен услов за трајна плодност на земјата. Така тоа едновремено му пречи на физичкото здравје на градските работници и на духовниот живот на селските работници.[324] Но едновремено разорувајќи ги чисто стихијно настанатите односи на оваа размена на материјата, капиталистичкото производство присилува да се воспостави таа систематски како закон што го регулира општественото производство, а во форма што му одговара наполно на развитокот на човекот. Во земјоделството како и во мануфактурата, капиталистичкото преобразување на процесот на производството едновремено се појавува како мартирологија на производителите, средството на трудот како средство за подјармување, како средство за експлоатација и како средство за осиромашување на работникот, општествената комбинација на процесот на трудот како организирано потчинување на неговата индивидуална живост, слобода и самостојност. Распрснатоста на земјоделските работници по големи површини едновремено ја крши нивната отпорна сила, додека концентрацијата на градските работилници ја повишува неа. Како во градската индустрија, така и во модерното земјоделство, зголемувањето на производната сила на трудот и неговото пуштање во поголема подвижност се откупува со тоа што се опустошува и исцрпува самата работна сила. А секој напредок во капиталистичкото земјоделство не е само напредок во искуството да се пљачкаат работниците, туку едновремено и во искуството да се пљачка земјата; секој напредок во зголемувањето на нејзината плодност за еден даден временски рок едновремено е и напредок во разрушување на трајниот извор на оваа плодност. Колку повеќе една земја, како на пр. Соединетите Држави од Северна Америка, тргнува од крупната индустрија како од основна база на нејзиниот развиток, толку е побрз овој процес на разорување.[325] Капиталистичкото производство, значи, ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот.


Фусноти

[86] “It is questionable if all the mechanical inventions yet made have lightened the day’s toil of any human being.” Мил требаше да каже “of any human being not fed by other people’s labour” [„кое било човечко суштество што не може да живее од трудот на другите“], оти машинеријата мошне го зголеми бројот на господарските безделници.

[87] Види го на пр. Hutton: “Course of Mathematics.”

[88] „Од оваа гледна точка сепак може да се повлече една остра граница меѓу алатот и машината: лопатата, чеканот, длетото итн. системите од лостови и винтови, колку и да бидат тие инаку совршени, за нив е човекот движечка сила ... сите овие спаѓаат под поимот на алатот; додека плугот движен со силата на животните, мелницата на ветер и другите мелници треба да се бројат кон машините.“ (Wilhelm Schulz: “Die Bewegung der Produktion.” Zürich, 1843, стр. 38.) Едно дело што заслужува во некој поглед да се пофали.

[89] Уште пред него се употребувани машини за предење иако сосем несовршени и веројатно најнапред во Италија. Една критичка историја на технологијата општо би покажала колку малку еден кој и да е изнајдок од 18 век ѝ припаѓа на една одделна индивидуа. Досега такво дело не суштествува. Дарвин го привлече интересот врз историјата на природната технологија, т.е. врз образувањето на растителните и животинските органи како инструменти за производство во животот на растенијата и животните. Зар историјата на образувањето на производните органи на општествениот човек, на материјалната база на секоја одделна општествена организација, не заслужува еднакво внимание? И зар така не би можела полесно да се напише, зашто, како што вели Вико, човечката историја се разликува од природната историја во тоа, што едната ја правиме ние, а другата не ја правиме? Технологијата го открива активниот однос на човекот спрема природата, непосредниот процес на производството на неговиот живот, а заедно со тоа и неговите општествени услови на животот и духовните претстави што произлегуваат од нив. Дури и секоја историја на религијата е нeкритичка ако не ја зема предвид оваа база. Навистина многу е полесно да се изнајдат со анализа на земната јатка темните религиозни претстави, отколку обратно, од дадените односи на реалниот живот да се изведат нивните верски идеализирани форми. Последниов е единствениот материјалистички, а оттука и научен метод. Недостатоците на апстрактниот природонаучен материјализам, кој го исклучува историскиот процес, се покажува уште во апстрактните и идеолошките претстави на неговите предводници, штом ќе се решат тие да излезат надвор од својата специјалност.

[90] Особено во првобитната форма на механичкиот разбој уште на прв поглед пак се препознава стариот разбој. Во својата модерна форма тој се покажува битно изменет.

[91] Дури приближно по 1850 почнува во Англија постојано да се фабрикува машински голем дел од алатите за работните машини, иако не од истите фабриканти што ги произведуваат самите машини. Машини за фабрикација на такви механички алати на пр. се автоматската bobbin-making engine [машина за цевки], card-setting engine [машина за правење гpeбени], машина за ковањe — mule — вретена и — hrostle вретена итн.

[92] Мојсеј од Египет вели: „Ти не треба да му ја врзуваш устата на волот кога врши“. Напротив, христијанско-германските филантропи му клавале на крепосникот, кога го употребувале него како движечка сила при мелењето, еден голем дрвен обрач околу вратот, за да не може да става со рацете брашно во устата.

[93] Холанѓаните биле присилени да употребуваат ветер како движечка сила донекаде поради недостиг на природни водопади, а донекаде поради борбата против вишокот на води. Самата ветерна мелница тие ја примиле од Германија, каде што овој изнајдок предизвика остра борба меѓу дворјанството, свештенството и царот за тоа кому од нив тројца им „припаѓа“ ветерот. Воздухот подјармува (Luft macht eigen) се велеше во Германија, додека ветерот ја прави Холандија слободна. Тоа што овдека тој потчинува не беше Холанѓанецот, ами земјата за Холанѓанецот. Уште во 1836 во Холандија имаше во употреба 12.000 ветерници со 6.000 коњски сили, што бранеле да не се претворат пак во блато две третини од земјата.

[94] Вистина, таа беше веќе мошне усовршена со првата Ватова, таканаречена парна машина за просто дејство, но во оваа форма таа остана проста пумпа за вода и солен раствор.

[95] „Соединувањето на сиве овие прости инструменти, движени од еден единствен мотор сочинува машина.“ (Babbage: „On the Economy of Machinery“. London 1832.)

[96] Во јануари 1861 Џон Л. Мортон прочита во Society of Arts една расправа за „силите што се применуваат во земјоделството“. Таму, меѓу другото, се вели: „Секое подобрување, што ја зголемува еднообразноста на почвата, прави да стане парната машина поприменлива за производство на чисто механичка сила... Коњските сили се потребни таму каде што искривени меѓи и други пречки ја оневозможуваат еднообразната акција. Овие пречки секојден сѐ повеќе исчезнуваат. Во операции каде што се сака повеќе дејство на волјата, а помалку вистинска сила, може да се примени само сила што се управува од минута на минута од човечкиот дух, значи човечка сила“. Г. Мopтoн потоа ја сведува парната сила, коњската сила и човечката сила на единица за мерење вообичаена кај парните машини, т.е. на сила што крева во една минута 33.000 фунти на височина од едно стапало (F и B) и трошоците од една парна коњска сила ги смета кај парната машина на 3 пенси, а кај коњската на 5 1/2 пенси за 1 час. Потака, коњот може да се употребува, при услов наполно да се зачувува неговото здравје, само по 8 часа дневно. Ако се употребува парната сила при обработувањето на земјата за цела година, коњите можат да се смалат од 7 најмалку на 3, и тоа со трошоци не поголеми отколку што изнесуваа трошоците за отпуштените коњи во време од 3 до 4 месеци, кога тие и единствено вистински се ползуваат. Во земјоделските операции, во кои може да се употреби парна сила, најпосле се подобрува и квалитетот на производот, во споредба со квалитетот каде што се употребува коњската сила. За да се исполни работата на парната машина, би морало да се употребат 66 работници со општа сума на наемнина од 15 шилинга за час, а за да се исполни работата од коњот, треба 32 мажи со сума од 8 шилинга на час.

[97] Faulhaber 1625, De Caus 1688.

[98] Модерниот изнајдок на турбините ја ослободи индустриската експлоатација на водните сили од многу понапрежни граници.

[99] „Во раниот период на текстилната мануфактура положбата на претпријатието зависеше од близината на водата чиишто падови биле достатни да го тераат водното колце; но иако воведувањето на мануфактурите со водна сила значеше почеток во распаѓањето на системот на домашната индустрија, сепак тие мануфактури, кои нужно мораат да се ѕидаат на реките и кои често беа доста раздалечени една од друга, побргу беа дел од некој селски систем одошто градски. Дури со заменувањето на водната сила со парна сила се предизвика сосредоточување на фабриките по градовите и по местата каде што има достатни количества јаглен и вода за производство на пара. Парната машина е мајка на индустриските градови.“ (А. Redgrave во RIF, за април 1866, стр. 36.)

[100] Од гледиштето на мануфактурната поделба на трудот ткаењето не беше просто, туку напротив сложен занаетчиски труд, а така е и механичкиот разбој една машина што исполнува сосем различни операции. Општо, сосем погрешна е претставата дека модерната машинерија првобитно загосподарила над такви операции што ги упростила мануфактурната поделба на трудот. Предењето и ткаењето во време на мануфактурниот период беа разделени во нови видови, а нивните алати се поусовршија и изменија но самиот процес на трудот на никој начин не се раздели и си остана занаетчиски. Машината не произлегува од трудот, туку од средствата на трудот.

[101] Пред епохата на крупната индустрија мануфактурата на волна беше владеачка мануфактура во Англија. Затоа во време на првата половина на 18 век во неа се направија најповеќето експерименти. На памукот, чијашто механичка преработка сака помалку тешки подготовки, добро му дојдоа опитите направени на овчата волна како што попосле обратно механичката индустрија на волната се разви врз основа на механичкото предење и ткаење на памукот. Одделни елементи на волнената мануфактура, на пр. чепкањето на волната, беа зафатени од фабричкиот систем дури во последниве децении. „Употребата на механичка cuлa во чешлањето на волната, што се врши во голема размера откога е воведена машината „чешларка“, особено машината на Листер, неоспорно имаше за последица безработица на голем број работници. Понапред волната се чешлаше на рака, главно во колибата од чешларот. Сега таа насекаде се чешла во фабриката, а рачниот труд стана излишен, со исклучок на неколку вида работи при кои ѝ се дава предимство на волната чепкана на рака. Многу рачни чешлачи најдоа работа во фабриката; на производот на рачното чешлање во споредба со производот на машината е толку незначителен, што еден мошне голем број од чешлачите останаа без работа.“ [RIF, за 31 октомври 1856, стр. 16.)

[102] Принципот на фабричкиот систем се состои во тоа што се заменува поделбата на трудот меѓу одделните занаетчии со расчленување на процесот на трудот на неговите битни составни делови.“ (Ure: „Philosophy of Manufactures“, стр. 20)

[103] Механичкиот разбој во својата прва форма главно се состои од дрво; усовршениот, модерниот, од железо. До која мера старата форма на средството за производство во почетокот владее неговата нова форма покажува, меѓу другото, и најповршната споредба на модерниот парен разбој со стариот, на модерните инструменти за дување во топилниците за железо со првата беспомошна механичка репродукција на обичниот мев; и можеби поочигледно од сите други е споредбата на една локомотива пробана пред изнајдувањето на сегашната локомотива, која всушност имала две нозе што ги кревала една по друга како некој коњ. Дури по натамошниот развиток на механиката и натрупаниот практичен опит формата наполно се определува од механичкиот принцип и оттука напално се ослободуваат старите телесни форми на алатот, кои сега се развиваат во машина.

[104] Cottongin [машина за чистење памук од семето], изнајдокот на јенкиот Елих Витни сѐ до последново време всушност помалку се изменила од која и да било друга машина од 18 век. Дури во последната деценија (пред 1867) еден друг Американец, г. Емери од Албани, Њујорк, ја извади од употреба машината на Витни со едно подобрување исто толку просто колку и ефикасно.

[105] „The Industry of Nations“ London 1855, дел II, стр. 239. Таму се вели и следново: „Овој додаток кон стругарското тезге може да изгледа прост и навидум без важност; но сметаме дека нема да претераме ако речеме дека неговото влијание врз усовршувањето и ширењето на употребата на машината беше исто така големо колку Ватовото усовршување на парната машина. Неговото воведување веднаш предизвика усовршување и поевтинување на сите машини и даде поттик за нави изнајдоци и подобрувања“.

[106] Во Лондон една ваква машина за ковање на paddle-wheelshaft (оски за вртење на колцата од паробродот) се вика „Thor“. Таа кове една оска 16 1/2 тони тешка, исто така лесно како што ковачот кове некоја потковица.

[107] Машини што обработуваат дрва, а што можат да се употребуваат во мала размера, најповеќето се американски изнајдок.

[108] Науката воопшто не го чини „ништо“ капиталистот, но тоа нему сосем не му пречи да ја експлоатира неа. „Туѓата“ наука капиталот ја присвојува како што го присвојува и туѓиот труд. Но „капиталистичкото“ присвојување и „личното присвојување“ било на наука, било на материјално богатство, се сосем различни работи. Дури и др. Јур се поплакува на грубото непознавање на механиката од неговите мили фабриканти што експлоатираат машини, а Либиг раскажува за страшното непознавање на хемијата на англиските хемиски фабриканти.

[109] Рикардо, напати го има ова дејство на машината, што тој инаку така малку го разви како што малку ја разви и општата разлика меѓу процесот на трудот и процесот на образувањето на вредноста, така исклучиво предвид, што тој во тој случај го заборава составниот дел на вредноста што се пренесува од машините на производот и машините наполно ги фрла на еден куп со природните сили. Така, на пр., тој вели: „Адам Смит никаде не ги потценува услугите што ни ги прават природните сили и машините, но сосем точно ја разликува природата на вредноста што им ја придаваат на стоките... Бидејќи тие ја вршат својата работа бесплатно, или помошта што ни ја даваат не придава ништо на разменската вредност.“ (Ricardo: „Principles etc.,“ cтp. 336, 337.) Се разбира оти белешката на Рикардо е точна на однос на Ж. Б. Сеј, што дрдори дека машините ја вршат „услугата“ со тоа што создаваат вредност што сочинува дел од „профитот“.

[109a] (Белешка кон 3 издание. — Една „коњска сила“ е еднаква со силата од 33.000 стапала — фунти во минутата, т.е. со сила што крева 33.000 фунти во минутата на височина од 1 стапало (англиско) или 1 фунта на височина од 33.000 стапала. Ова е коњската сила за која се мисли горе. Но во обичниот трговски говор, а овде-онде и во цитатите на оваа книга се прави разлика меѓу „номинални“ и „комерцијални“ или „индицирани“ коњски сили на истата машина. Старите или номиналните коњски сили се сметаат исклучиво според ударите на клиповите и дијаметарот на цилиндрите и сосем не се зема предвид брзината на клипот и натискот на парата. Т. е. со тоа фактички се искажува следново: Оваа парна машина има на пр. 50 коњски сили, ако се тера со истиот слаб натисок на пара и со истата мала брзина на клиповите како во времето на Болтон и Ват. Hо обата последни фактори оттогаш наваму вонредно нараснаа. За да се измери механичката сила што денеска навистина ја дава една машина, изнајден е индикаторот кој го покажува натисокот на парата. Брзината на клиповите може лесно да се утврди. Така единицата за мера на „индикаторската“, или „комерцијалната“ коњска сила од некоја машина е една математичка формула што едновремено ги зема предвид дијаметарот на цилиндерот, висината на ударот на клипот, брзината на клипот и натисокот на парата, и со тоа покажува колку пати машината во минутата навистина дава 33.000 фусови-фунти. Според тоа, една номинална коњска сила навистина може да даде три, четири, дури пет индикаторски или вистински коњски сили. Ова за објаснение на различни подоцнежни цитати. Ф. Е.)

[110] Читателот, опфатен со капиталистички претстави, природно е што овде зачуден се праша каде е „интересот“ што му го придодава на производот машината pro rata [сразмерно] на својата капитална вредност. Сепак е лесно да се увиди дека машината, како и некој кој и да било друг составен дел од постојаниот капитал не создава нова вредност, не може да придава таква под името „интерес“. Потака е јасно дека овдека, каде што се работи за производството на вишокот на вредноста, ни еден негов дел не може a priori [однапред] да се претпостави под името „интерес“. Капиталистичкиот начин на сметање, кој prima facie [на прв поглед] изгледа бесмислен и противречен на законот за создавање на вредноста, ќе си го најде своето објаснение во третата книга од ова дело.

[111] Овој составен дел на вредноста што го придодаваат машините опаѓа апсолутно и релативно таму каде што машините истиснуваат коњи, или работен добиток општо, што се ползува само како движечка сила, а не како машина за измена на материјата. Патем забележуваме дека Декарт со својата дефиниција за животните како прости машини гледа на нив со очите на мануфактурниот период за разлика од Средниот век, за кој животните важеле како помошник на човекот, како што попосле и за г. Фон Халер во неговата „Restauration der Staatswissenschaften.” Дека Декарт, исто така и Бекон, во изменетиот лик на производството и во практичното совладување на природата од страна на човекот гледал како на резултат од изменетиот метод на мислењето, покажува неговото „Discours de la Methode“, каде што, меѓу другото се вели: „Возможно е“ (со методот што го вовел тој во филозофијата) „да се дојде до знаења мошне полезни за животот и спротивно од онаа спекулативна филозофија што се учи по школите да се најде практична примена на овие знаења со чија помош — кога ги познаваме силата и дејството на огнот, водата, воздухот, ѕвездите и на сите други предмети од својата околина, исто така точно како што ги познаваме работите на нашите занаетчии — ние би можеле да ги примениме нашите знаења за секоја употреба за која се тие погодни; така ние би можеле да станеме господари и поседници на природата“ и така „да придонесеме за усовршување на човечкиот живот“. Во предговорот кон Sir Dudley North: „Discourses upon Trade“ (1691) се вели дека методот на Декарт, применет на политичката економија почнал неа да ја ослободува од старите басни и суеверните претстави за парите, трговијата итн. Сепак англиските економисти од поранешниот период средно земено, се приклучуваат кон Бекон и Хобс како кон свои филозофи, а пак подоцна Лок бил kat exochn [главен] „филозоф“ исклучиво на политичката економија за Англија, Франција и Италија.

[112] Според еден годишен извештај на трговската комора од Есен (октомври 1863), Круповата фабрика за топење челик произвела во 1862 г. со помошта на 161 печка за калење. усвитување и циментирање 32 парни машини (во 1800 година целокупниот број од применуваните парни машини во Манчестер бил приближно толку) и 14 парни чекани, што заедно претставува 1.236 коњски сили, а со 49 ковачки топилници, 203 машини алатки и околу 2.400 работници произвела — 13 милиони фунти лиен челик. Овдека не идат ни двајца работници на 1 коњска сила.

[113] Бебиџ смета дека во Јава на вредноста од памукот ѝ се придава скоро 117% само од трудот на предењето. Во исто време (1832) во Англија целокупната вредност, што му ја придаваат памукот, машинеријата и трудот во предилниците за фино предење, изнесувала приближно 33% од вредноста на суровината. („On the Economy of Machinery“. London 1832, стр. 214.)

[114] Освен тоа при печатењето со машини се прави економија и во бојата.

[115] Спореди: „Paper read by Dr. Watson, Reporter on Products to the Government of India, before the Society of Arts“, 17. IV. 1860.

[116] „Овие неми агенти (машините) секогаш се производ на многу помал труд, отколку што е трудот што го заменуваат, дури и тогаш кога се од иста парична вредност.“ (Ricardo: „Principles etc.,“ стр. 40.)

[116a] Белешка кон 2 издание. Затоа во една комунистичко општество машинеријата би имала една сосем поинакво поле за дејство отколку во буржоаското општество.

[117] „Претприемачите не сакаа да задржат без потреба две смени деца под 13 години, т.е. полувременици. Една група фабриканти, предачите на волнена преѓа, денеска навистина ретко земаат на работа деца под 13 години, т.е. полувременици. Тие на разни начини ги усовршија машините и внесоа нови, што ја направија излишна употребата на децата“ (т.е. под 13 години). „Како илустрација за смалувањето на бројот на децата ќе го споменам процесот на трудот при кој на постојните машини им е придаден еден апарат таканаречен piecing machine [машина за сврзување] и со чија помош едно момче (над 13 години), „а според особината на речената машина, врши труд за шестмина или четворица полувременици ... Системот на полувремениците беше непосреден поттик „за изнајдување на машината за сврзување“ (RIF за 31 октомври 1858.)

[118] „Машинеријата често не може да биде примена сѐ додека не се покачи трудот (се мисли на наемнината).“ Ricardo: (Principles etc“., стр. 479.)

[119] Види: „Report of the Social Science Congress at Edinburg“, October 1863.

[120] За време на памучната криза, што следуваше по американската граѓанска војна, англиската влада го испрати др. Едвард Смит во Ланкашир и Чешир за да ја иследи здравствената состојба на работниците од памучната индустрија. Меѓу другото, тој соопштува: во хигиенски поглед криза имаше, а да не говориме за истиснувањето на работниците од фабричката атмосфера, и многу други предности. Работничките жени го добија нужното време да ги надојат своите деца на градите, наместо да ги трујат со Godfrey's Cordial (еден опијат). Тие добија време да се научат да готват. За несреќа, ова готварско умеење дојде во момент кога тие немаа ништо за јадење. Но се гледа како го узурпира капиталот за своето самооплодување трудот нужен за трошење на фамилијарни потреби. Исто така, кризата беше исползувана за да научат ќеpките на работниците во специјални школи да шијат. Беше потребна една американска револуција и една светска криза за да научат да шијат работничките девојчиња што предат за цел свет.

[121] „Бројот на работниците силно нарасна, бидејќи трудот на жените во сѐ поголема мера го потиснуваше трудот на мажите, а особено го потиснуваше детскиот труд трудот на возрасните. Три девојчиња од 13 години платени 6-8 шил. неделно, заменуваат еден зрел човек чија неделна наемнина се движи меѓу 18 и 43 шилинга.“ (Th. de Quincey: „The Logic of Political Economy“, London 1845, стр. 147. забел.) Бидејќи извесни функции на фамилијата, на пр. учењето и доењето на децата итн. не можат сосем да се отстранат, мајките на фамилијата што ги конфискувал капиталот, мораат повеќе или помалку да изнајмат заменици. Работите што требаат за фамилијарното трошење, како шиење, крпење итн. мораат да се надоместат со купување готови стоки. На смаленото трошење на куќниот труд, значи, му одговара зголемено издавање пари. Поради тоа трошоците на производството на работничката фамилија растат и го бришат вишокот на приходите. На тоа одозгора економијата и целесообразноста во ползувањето и приготвувањето на средствата за живот станува невозможна. За овие факти, што официјалната политичка економија ги затајува, се најдува богат материјал во Reports на фабричките инспектори, во извештаите на „Children'ѕ Employment Commission“, а особено и во „Reports on Public Health”.

[122] Спротивно на големиот факт, дека ограничувањето на женскиот и детскиот труд во англиските фабрики го извојуваа возрасните машки работници во борба со капиталот, сѐ уште можат да се најдат во најновите извештаи Children'ѕ Employment Commission навистина одвратни и наполно исти белези на трговија со робови кај работничките родители во однос на тргувањето со своите деца. Капиталистичкиот фарисеј, како што може да се види од истиот Children'ѕ Employment Commission, ја разобличува онаа бестијалност што ја создаде, овековечи и експлоатира самиот тој, која инаку ја крсти како „слобода на трудот“. „Земен е во помош и трудот на децата ... и сега тие мораа сами да си го заработуваат својот насушен леб. Немајќи сила за да го издржат напорот што толку малку им одговара, неподучувани како да го водат во иднина својот живот, тие беа препуштени на физичко и морално пропаѓање. Еврејскиот историчар што има пишувано за Титовото разорување на Ерусалим вели дека не било никакво чудо што дошло до тоа страшно уништување, кога една мајка го жртвува своето дете за да го засити гладот што ја мачел“, „Public Economy Concentrated“, Саrlisle 1833, стр. 66.

[123] А. Redgrave во RIF, за 31 октомври 1858, стр. 40, 41.

[124] СЕС., V, 1866, стр. 81 бр. 31. (Кон IV издание. — Копринената индустрија во Бетнел Грин сега е скоро уништена. — Ф. Е.)

[125] CEC, III, 1864, стр. 53, бр. 15.

[126] СЕС, V, стр. XХIII бр. 137.

[127] PHR, VI, 1864, стр. 34.

[128] „Таа (анкетата од 1861)... покажа освен тоа дека под опишаните околности од една страна пропаѓаат децата поради запуштеноста и лошото однесување што им го носи со себе фабричкиот труд на нивните мајки, а од друга страна мајките ги губат во страшна мера природните чувства спрема своите родени деца. Нивната смрт обично не ги разжалостува многу, а понекогаш ... и самите прибегнуваат до директни мерки за да ја предизвикаат." (Исто.)

[129] Исто, стр. 454.

[130] Исто, стр. 454 до 463. „Report by Dr. Henry Julian Hunter on the excessive mortality of infants in some rural districts of England.“

[131] PHR, VI, 1864, стр. 35, 455, 456.

[132] Исто, стр. 456.

[133] Трошењето опиум од ден на ден така се раширува меѓу англиските возрасни работници и работнички во земјоделските околии како што се раширува и во индустриските околии. „Целта на некои претприемчиви гросисти ... е да ја зголемат потрошувачката на опијатите. Дрогеристите ги сметаат за најмногу барани артикли.“ (Исто, стр. 459.) Цицалчињата што ги добиваат опијатите „се збрчкуваат во мали стари човечиња или овенуваат како мајмунчиња“. (Исто, стр. 460.) Ете Индија и Кина како ѝ се одмаздуваат на Англија.

[134] Исто, стр. 37.

[135] RIF, за 31 октомври 1862, стр. 59. Овој фабрички инспектор понапред бил лекар.

[136] Leonhard Horner во RIF, за 30 јуни 1857, стр. 17.

[137] Leonhard Horner во RIF за 31 октомври 1855, стр. 18, 19.

[138] Sir John Kincaid во RIF, за 31 октомври 1858, стр. 31, 32.

[139] Leonhard Horner во RIF, за 31 октомври 1857, стр. 17, 18.

[140] Sir Ј. Kincaid во RIF, за 31 октомври 185, стр. 66.

[141] А. Redgrave во RIF, за 31 октомври 1857, стр. 41, 42. Во англиските индустриски гранки каде што веќе од долго време важи вистинскиот фабрички акт (не штотуку во текстот наведениот „Print Works Act“) во последниве години до некоја мера се совладани пречките против одредбите за воспитувањето. Во индустриите што не се потчинети под фабричкиот закон сѐ уште во голема мера владеат погледите на фабрикантот на стакло Ј. Geddes, што вака го поучи членот на анкетната комисија Хвајт: „Колку што можам да видам, поголемиот дел од воспитувањето што го уживаше еден дел од работничката класа во последниве години е штетен. Тоа е опасно зашто работниците ги прави премногу независни.“ (CEC, IV, 1865, стр. 253.)

[142] „Господин Е., фабрикант, ми соопшти дека тој при неговиот механички разбој зема на работа исклучиво жени; тој им дава предност на омажените жени, особено на оние што имаат дома фамилија што се издржува од нив; тие се многу повнимателни и попослушни отколку немажените и се присилени до крајност да ги напрегнуваат своите сили за да ги добават неопходните средства за живот. Така добродетелите, особените добродетелите својствени на женскиот карактер се превртуваат во штетни за него, така сѐ што е морално и нежно во нивната природа се претвора во средство за нивното ропство и нивните страдања.“ („Ten Hours’ Factory Bill. The Speech of Lord Ashley, 15th March. London 1844, стр. 20)

[143] „Откога насекаде се воведени скапи машини, од човечката сила се бара да даде многу повеќе отколку што може средно да даде.“ (Robert Owen: „Observations on the effects of the manufacturing system“ 2 изд. London 1817.)

[144] Англичаните, кои се склони да ја земаат првата емпиричка појавна форма на некој предмет како нејзина причина, често го наведуваат како причина за долгото работно време во фабриките големиот херодовски грабеж на деца што го изведе капиталот во почетокот на фабричкиот систем од домовите за бедните и од домовите за сирачињата и со што капиталот си припои човечки материјал што беше роден без своја волја. Така, на пр., Филден, кој е и самиот англиски фабрикант, вели: „Неоспорно е оти продолжувањето на работното време беше причинето со тоа што беспомошни деца од сите краишта на земјата им беа ставени на располагање на претприемачите во толкав број, што последниве станаа независни од работниците. А штом со помошта на бедниот материјал што го добиваат на ваков начин внесоа во обичај долго работно време, тогаш него полесно можеа да им го натрапат и на своите соседи.“ (J. Fielden: „The Curse of the Factory System.“ London 1836, стр. 11.) Во поглед на женскиот труд фабричкиот инспектор Сондерс вели во фабричкиот извештај од 1844: „Меѓу работниците има жени што работат, со исклучок само на неколку дена, многу недели едно подруго од 6 часот наутро до 12 часот навечер, со прекинување нешто помалку од 2 часа за јадење, така што за 5 дена во неделата им остануваат од 24-те часа на ден само 6 часа, за одење од дома и кон дома и за починка во постелата“.

[145] „Се расипуваат... деликатните и подвижните делови од металниот механизам зашто е тој бездејствен“. (Ure: „Philosophy of Manufactures“, стр. 281.)

[146] Веќе понапред споменатиот „Manchester Spinner“ [манчестерски фабрикант на преѓа], („Times“ од 26 ноември 1862) ги смета меѓу трошоците на машинеријата: „Тоа (имено отпишувањето поради абењето на машината) треба да ја покрие и загубата што непрекинато произлегува од тоа што нови и подобри конструкции ги истиснуваат машините уште пред да бидат вистински истрошени.“

[147] Општо се смета, дека за да се направи првата машина според некој нов модел чини петпати повеќе отколку реконструкцијата на истата машина според истиот модел. (Babbage: „On the Economy of Machinery etc.,“ стр. 211.)

[148] „Од неколку години наваму во фабрикацијата на тилот се направени така значително и многубројни усовршувања, што една добро зачувана машина со првична цена од 1.200 ф. ст. неколку години подоцна се продаваше за 60 ф. ст. ... Усовршувањата следуваа едно подруго со таква брзина, што машините остануваа недовршени во рацете на нивните градители, зашто поради посреќни изнајдоци тие веќе застаруваа.“ Затоа фабрикантите на тил во овој бурен период бргу го продолжуваат првобитното работно време од 8 часа, со двојна смена на рацете, на 24 часа. (Исто, стр. 233.)

[149] „Само по себе се разбира оти со колебањата на условите на пазарот, и додека барањето се смалува и зголемува, на фабрикантот постојано му се даваат возможности кога може тој да употребува придаток во обртен (floating) капитал, а да не мора да употребува придаток во основен капитал (фиксен) ако придаденото количество суровина може да се преработи без придаток во трошоци за згради и машини.“ (R. Torrens: „Оn Wages and Combination.“ London 1831, стр. 64.)

[150] Споменатата во текстот околност е спомената само заради целост, бидејќи јас ќе ја разгледувам нормата на профитот, т.е односот на вишокот на вредноста спрема целокупниот авансиран капитал дури во третата книга.

[151] Senior: „Letters etc.,“ стр. 13, 14.

[152] „Кога ќе претегне основниот капитал над обртниот капитал ... тогаш е за сакање подолго работно време“. Колку е поголем обемот на машинеријата итн., „толку повеќе растат мотивите за продолжување на работниот ден, што е единственото средство да се направат рентабилни големите маси од основниот капитал.“ (Исто, стр. 11 до 13.) „Во една фабрика има различни расходи што остануваат постојани, па работела ли фабриката повеќе време или помалку време; на пр. рента за зградите, локалните и општите даноци, осигурувањето од оган, наемнините за разни постојани работници, расипување на машинеријата и ред различни други расходи, чиишто однос спрема профитот спаднува во истата сразмера во која расте обемот на производството.“ (RIF, за 31 октомври 1862, стр. 19.)

[153] Зошто оваа иманентна противречност не му влегува во свеста на одделниот капиталист, а според тоа и на политичката економија што се најдува во власта на неговите претстави, ќе се види од првите оддели на третата книга.

[154] Една од големите заслуги на Рикардо и Сисмонди е таа што машинеријата не ја сметаа само како средство за производство на стоки, но и како средство за производство на „redundant population“ [прекумерно население].

[155] F. Biese: „Die Philosophie des Aristoteles.” Berlin 1842, кн. II, стр. 408.

[156] Јас го давам овде Штолберговиот превод од песната, зашто тоа, точно така како и понапрежните цитати за поделбата на трудот, ја карактеризира спротивноста на античките и модерните погледи:

Нека си починат, о воденички, вашите раце,
спијте си слатко! Петелот попусто утрото ќе ви го гласи!
Вашата работа Део[4*] на нимфите им ја предала веќе,
сега по колцата лесно си скокаат, и потресените оски
сосема спиците вртат наоколу тежок воденичен камен.
Да си живееме како татковци ни, и без работа дарот
нека нѐ радува кајшто богинката еве нaм ни го даде.
(„Gedichte aus dem Griechischen übersetzt von Christian Graf zu Stolberg”, Hamburg 1782.)

[157] Се разбира дека во различни гранки на производството ние имаме општо различности во интензивноста на трудот. Овие делум се израмнуваат, како што покажа веќе А. Смит, со странични околности својствени на секој вид труд. Но и овие различности вршат влијание врз работното време како мера на вредноста само до колку интензивната и екстензивната големина се јавуваат како спротивни изрази на едно исто количество труд и што еден со друг се исклучуваат.

[158] Особено преку наемнината од парче, една форма, што ќе се разгледува во шестиот оддел.

[159] Види RIF, за 31 октомври 1865.

[160] RIF, за 1844 и за тримесечје што свршува со 30-IV-1845, стр. 20, 21.

[161] Исто, стр. 19. Бидејќи наемнината од парче останува иста, висината на неделната наемнина зависи од количеството на производот.

[162] Исто, стр. 22.

[163] Исто, стр. 21. Моралниот елемент играл важна ролја во горе споменатите експерименти. „Ние“, му изјавиле работниците на фабричкиот инспектор, „работиме со поголем занес и постојано ја имаме пред очи наградата да можеме навечер порано да си појдеме дома; во целата фабрика сите се зафатени со духот на активност и радост во трудот, од најмладиот помошник па до најстариот работник, а и заемно ние можеме подобро еден со друг да се помогнуваме во работата“. (Исто.)

[164] John Fielden: „The Curse etc.“, стр. 32.

[165] Lord Ashley: „The Ten Hours' Factory Bill etc.,“ стр. 6-9 и натаму.

[166] RIF, за 30 септември 1844 и од 1 октомври 1844 до 30 април 1845, стр. 20.

[167] Исто, стр. 22.

[168] RIF, за 31 октомври 1862, стр. 62.

[169] Ова се измени со „Parliamentary Return“ [парламентарното известие] од 1862. Овдека настапува вистинската парна коњска сила од модерните парни машини и водните колца на местото од номиналните парни коњски сили (види белешка 109а.) Исто така повеќе не се мешаат Dublierspindeln [вретената за усукување на преѓата] со вистинските вретена за предење (како што е во „Returns“ од 1839, 1850 и 1856) потака за фабриките на волна е придаден бројот од „gigs“ [машина за четкање], воведена е разлика меѓу фабриките за јута и кадела од една страна и фабриките за лен од друга страна; најпосле за првпат влегува во извештајот плетењето чорапи.

[170] RIF, за 31 октомври 1856, стр. 11.

[171] Исто, стр. 14 и 15.

[172] Исто, стр. 20.

[173] RIF, за 31 октомври 1858, стр. 9, 10. Спор.: RIF, за 30 октомври 1860, стр. 30 и понатаму.

[174] RIF, за 31 октомври 1862, стр. 100, 130.

[175] Со модерниот парен разбој еден ткајач на 2 разбоја произведува сега за 60 часа неделно 26 парчиња од некој вид ткаенина со определена должина и ширина, од која тој на стариот парен разбој можеше да произведе само 4 парчиња. Трошоците за ткаењето на едно таква парче веќе во почетокот на 1850 година од 2 шил. и 9 пенси паднаа на 5 1/2 пенси.

Додаток кон второто издание. „Пред 30 години (1841) бил потребен еден предач на памучна преѓа со три помошници за надгледување само на еден чифт „mulеѕ” со 300-324 вретена. Сега (при крајот на 1871) тој со 5 помошници надгледува „mulеѕ” чијшто број на вретената изнесува 2.200, а произведува најмалку седумпати повеќе преѓа отколку во 1841.“ (Alexander Redgrave, фабрички инспектор во „Journal of the Society of Arts“ од 5 јануари 1872.)

[176] RIF, за 31 октомври 1861, стр. 25, 26.

[177] Агитацијата за осумчасовен работен ден сега (1867) почна меѓу фабричките работници во Ланкашир.

[178] Овие неколку цифри го покажуваат напредокот на вистинските „фабрики“ во Соединетото Кралство од 1848 г.

Количество
на извозот
1848
Количество
на извозот
1851
Количество
на извозот
1860
Количество
на извозот
1865
Фабрики за памук
Памучна преѓа (фунти)
135,831,162

143,966,106

197,343,655

103,751,455
Памучен конец (фунти)
4,392,176

6,297,554

4,648,611
Памучна ткаенина (јарди)
1,091,373,930

1,543,161,789

2,776,218,427

2,015,237,851
Фабрики за кадели и лен
Преѓа (фунти)
11,722,182

18,841,326

31,210,612

36,777,334
Ткаенини (јарди)
88,901,519

129,106,753

143,996,773

247,012.529
Фабрики за коприна
Сурова коприна и преѓа од коприна (фунти)
466,825

462,513

897,402

812,589
Ткаенини (јарди)
1,181,455

1,307,293

2,869,837
Фабрики за волна
Волнена фабричка преѓа (фунти)

14,670,880

27,533,968

31,669,267
Ткаенина (јарди)
151,231,153

190,371,507

278,837,418
Вредност
на извозот
1848
(ф. ст.)
Вредност
на извозот
1851
(ф. ст.)
Вредност
на извозот
1860
(ф. ст.)
Вредност
на извозот
1865
(ф. ст.)
Фабрики за памук
Памучна преѓа5,927,8316,634,0269,870,87510,351,049
Памучна ткаенина16,753,36923,454,81042,141,50546,903,796
Фабрики за кадела и лен
Преѓа493,449951,4261,801,2722,505,497
Ткаенина2,802,7894,107,3964,804,8039,155,358
Фабрики за коприна
Сурова коприна и преѓа од коприна77,789196,380826,107768,064
Ткаенина1,130,3981,587,3031,409,221
Фабрики за волна
Волнена фабричка преѓа776,9751,484,5443,843,4505,424,047
Ткаенина5,733,8288,377,18312,156,99820,102,259

(Види ги сините книги: „Statistical Abstract of the United Kingdom“, бр. 3 и бр. 13, London 1861 и 1866.)

Во Ланкашир бројот на фабриките се зголеми меѓу 1839 и 1850 само за 4%, меѓу 1850 и 1856 за 19%, меѓу 1856 и 1862 за 33%, додека во обата единаесетгодишни периода бројот на вработените работници апсолутно порасна, а peлативно падна. Спор. RIF, за 31 октомври 1862, стр. 63. Во Ланкашир превладуваат памучните фабрики. Но колку големо место заземаат тие во фабрикацијата на преѓа и ткаенина општо, се гледа од тоа, што од сите фабрики од овој род во Англија, Велс, Шкотска и Ирска на памучните паѓа 45,2%, од сите вретена 83,3%, од сите парни разбои 81,4%, од сите парни коњски сили што ги движат фабриките 72,5%, и од целокупниот број на вработените лица 58,2%. (Исто, стр. 62 63.)

[179] Ure: „Philosophy of Manufactures“, стр. 18.

[180] Исто, стр. 200 Спор. Karl Marx: „Misère etc.“, стр. 140, 141.

[181] Карактеристично за замислата на статистичка измама, што инаку може да се докаже и во подробности, е тоа што англиското фабричко законодавство изрично ги исклучува штотуку споменатите во текстот работници од сферата на своето дејство како нефабрички работници, додека од друга страна извештаите издадени од парламентот исто така изрично ги сметаат во категоријата на фабричките работници не само инженерите, механичарите итн. туку и директорите на фабриките, трговските патници, разнесувачите, магационерите, пакетарите итн., накусо сите луѓе со исклучок на самиот сопственик на фабриката.

[182] Др Јур го признава тоа. Тој вели дека работникот „во случај на нужда“ може да биде преместен по волјата на директорот од една машина на друга и во триумф извикнува: „Измените од овој род стојат во отворена противречност со старата рутина, која го дели трудот и му дава задача на едниот работник да ја приготвува главата на топуските, а на други да го остри нејзиниот врв“. Тој побргу требаше да се запраша зошто во автоматската фабрика оваа „стара рутина“ се напушта само во „случај на нужда“.

[183] Кога им е нужно на луѓето, како на пр. во време на американската граѓанска војна, фабричките работници исклучително се употребуваа од буржоазијата за најгрубите работи, како изградба на патишта итн. Англиските „atèliers nationaux“ [национална работилница] од годината 1862 и следните, за безработните памучни работници, се разликуваа од француските од 1848 со тоа што во овие работникот вршеше непроизводен труд за сметка на државата, а во оние производни градски работи во полза на буржоазијата и навистина поевтино отколку редовните работници, со кои тие беа така фрлени во конкуренција со нив. „Телесниот изглед на памучните работници несомнено се поправи. До колку се однесува за мажите, тоа му го припишувам на занимањето на општествените работи на отворен воздух“. (Овде се работи за фабричките работници од Престон што работеа на „Престонското Мочуриште“ (RIF, за 31 октомври 1863, стр. 59.)

[184] Пример: Различните механички апарати што беа воведени во волнените фабрики по законот од 1844 г. поради надоместувањето на детскиот труд. Штом и децата од самите господа фабриканти треба да „учат училиште“ како помошни работници во фабриките, тогаш оваа скоро уште необработувана област на механиката бргу ќе добие значаен поттик за напред. „Автоматските mule можеби се исто така опасна машинерија како и која и да била друга. Најповеќето несреќни случаи што ги погодуваат малите деца произлегуваат поради тоа што тие лазат под машините за да заметат додека се предачките во движење. Мнозина 'minders' (работници при предачките) беа давани (од фабричките инспектори) под суд и осудувани на парични казни поради вакви престапи но без какви било општи резултати. Кога би сакале градителите на машините да изнајдат некоја самочистачка со чија употреба би се отстранила нужноста да метат овие мали деца под машините, тоа би бил еден среќен придонес кон нашите заштитни мерки.“ (RIF, за 31 октомври 1866, стр. 63.)

[185] По ова може да се процени баснословната идеја на Прудон кој ја „конструира“ машинеријата не како синтеза на средствата на трудот туку како синтеза на делските видови труд за самите работници.

[186] Ф. Енгелс: „Положбата на работничката класа во Англија“, стр. 217. Дури и еден сосем ординарен, оптимистички приврзаник на слободната трговија, господин Молинари забележува: „Еден човек побргу се троши ако по 15 часа на ден надгледува некое еднолично движење на некоја машина, отколку ако ја напрегнува за исто време својата физичка сила. Оваа надгледничка служба, која можеби би можела да послужи како полезна гимнастика за духот ако не трае подолго, со својата претераност го упропастува и духот и телото.“ (G. de Molinari: “Études Économiques.” Paris, 1846. [стр. 49].)

[187] Ф. Енгелс: „Положбата итн.“ стр. 216.

[188] “The factory operatives should keep in wholesome remembrance the fact that theirs is really a low species of skilled labour; and that there is none which is more easily acquired, or of its quality more amply remunerated, or which by a short training of the least expert can be more quickly, as well as abundantly, acquired... The master’s machinery really plays a far more important part in the business of production than the labour and the skill of the operative, which six months’ education can teach, and a common labourer can learn.” (“The Master Spinners’ and Manufacturers’ Defence Fund. Report of the Committee.” Manchester, 1854, стр. 17). Подоцна ние ќе видиме дека „master“ дува на друга свирка штом е заплашен да ги загуби своите „живи“ автомати.

[189] Ure: „Philosophy of Маnufасturеѕ”, стр. 15. Кому му е позната биoгpaфијата на Аркрајт, нему ни на ум нема да му падне да му го прикачи зборот „блaгорден" на овој генијален бербер. Од сите велики изнајдувачи од 18 век тој неоспорно беше најголем крадец на туѓите изнајдоци и најнизок никаквец.

[190] „Ропство во кое буржоазијата го оковува пролетаријатот, нигде не излегува појасно на видело отколку во фабричкиот систем. Овдека престанува секоја слобода и правна и фактичка. Работникот мора наутро во 5 1/2 часот да биде во фабриката: ако дојде некоја минута подоцна, ќе биде казнет, ако дојде 10 минути подоцна, тогаш тој дури нема ни да биде пуштен додека не помине појадокот и губи една четвртина од дневната наемнина. Тој мора под команда да јаде, да пие и да спие ... Деспотскиот ѕвонец го скорива него од постела, го крева него од појадок и од ручек. А како му е сега нему во самата фабрика? Овдека фабрикантот е апсолутен законодавец. Тој издава фабрички правила како што му е волја; тој ги изменува и дополнува неговите закони како што си сака, а и ако придаде најлуди работи, тогаш сепак судиите му велат на работникот: Бидејќи доброволно си се подал под овој договор, ти мораш сега него и да го исполнуваш... Овие работници се проколнати да живеат од деветата година до смртта под духовен и телесен калшик“ (Ф. Енгелс: Положбата итн., стр. 217 и натаму.) Што „велат судовите“, јас сакам да објаснам на два примера. Едниот случај се одигра во Шефилд кон крајот на 1866 г. Таму еден работник се изнајмувал во една металска фабрика за 2 години. Поради една караница со фабрикантот тој ја напуштил фабриката и изјавил оти под никакви услови не сака повеќе да работи за него. Обвинет поради кршење на договорот, тој беше осуден на два месеца затвор. (Ако го прекрши фабрикантот договорот, тогаш може да биде обвинет само civiliter [по граѓанско право] и може да ризикува само некоја парична казна.) Откако ги одлежа тој двата мeceцa, истиот фабрикант врз основа на стариот договор го повика него да се врати назад во фабриката. Работникот изјави: не. Прекршувањето на договорот тој веќе го одлежа. Фабрикантот одново го тужи, судот поново го осуди, иако еден од судиите, мистер Shee, тоа јавно го дамкоса како јуристичка чудовишност, според која еден човек може да биде периодично пак и пак казнуван за целиот свој живот за еден ист престап односно злосторство. Оваа пресуда не падна од „Great unpaid” [великите неплатени мировни судии од провинција.] од провинцијалниот Догбери, туку во Лондон, од еден од највисоките судови. (Кон четвртото издание. — Ова е сега укинато. Со исклучок на неколку случаи, — на пр. кај општествените гасни фабрики — сега во Англија при кршење на договорот работниците се изедначени со применувачите и можат да се обвинуваат само по граѓанска постапка. — Ф. Е.) Вториот случај се одигра во Вилтшир кон крајот на ноември 1863. Приближно 30 ткајачки на парни разбои на работа при некојси Хароп, фабрикант на штофови во Леорес Мил, Вестбери Ли, направиле штрајк, зашто овој истиов Хароп имал пријатен обичај да им одбива ним од наемнината за задоцнување наутро, и тоа 6 пенси за 2 минути задоцнување, 1 шилинг за 3 минути, а 1 шилинг и 6 пенси за 10 минути. Сметано по 9 шилинга на час, ова прави 4 ф. ст. и 10 шилинга на ден, додека нивната средна наемнина никогаш во годината не се качува над 10 до 15 шилинга за неделата. Хароп исто така поставил едно момче со труба да го објавува часот за почнување на работата во фабриката, што самиот тој често го правел тоа пред 1 часот наутро; и ако рацете не бидат тука токму штом тој ќе престане, вратите се заклучуваат, а другите надвор се казнуваат, а бидејќи во зградата немаше никаков часовник, тоа несреќните раце беа во власта на младиот трубач инспириран од Хароп. Рацете што го зафатија „штрајкот“, мајки на фамилии и девојки, изјавија оти сакаат пак да се вратат назад на работа, ако трубачот на време се замени со еден часовник и ако се заведе поразумна казнена тарифа. Хароп изведе пред суд 19 жени и девојки поради кршење на договорот. При гласно огорчување на публиката, тие беа осудени на по 6 пенси казна и да платат трошоци по 2 шилинга и 6 пенси. Хароп беше испратен од судот од народна маса која го исвиркуваше. — Една од најсаканите операции на фабрикантите е да ги казнуваат работниците со закинување од наемнината за лошиот квалитет на материјалите доставени од самите нив. Овој метод во 1866 предизвика во англиските грнчарски околии општ штрајк. Извештаите на „Children'ѕ Employment Commission” (1863-1866) наведуваат случаи кога работниците наместо да добијат наемнина, како резултат на својот труд и благодарение на казнените одредби, тие на тоа одозгора им станувале должници на своите „господари“. Поучни примери за остроумноста на фабрикантските автократи во закинувањето на наемнината даде и последната памучна криза. „Самиот јас“, вели фабричкиот инспектор Р. Бејкер, „пред кусо време поведов судско дело против еден фабрикант на памук, зашто тој во овие тешки и мачни времиња им одбивал на неколку млади (постари од 13 години) работници што работеле кај него по 14 пенси за лекарско свидетелство, а што него го чинело само 6 пенси, за што законот дозволувал одбивање од 3 пенси, а обично не се зема ништо... Еден друг фабрикант, за да ја постигне истата цел без да дојде во конфликт со законот, му земал на секое сиромашно дете што работело за него по еден шилинг како такса за изучување на вештината и тајната на предењето штом него лекарското свидетелство ќе го прогласи способно за ова занимање. Значи суштествуваат длабоки струи кои мораат да се познаваат за да се разберат извонредните појави, како што е штрајкот во време како денешново (се работи за еден штрајк меѓу машинските ткајачи во фабриката во Дарвен, јуни 1863.) RIF, за 30 април 1863, стр. 50, 51. (Фабричките извештаи секогаш одат потака отколку нивниот официјален датум.)

[190a] Законите за заштита од опасните машинерии дејствуваа благотворно. „Но... сега суштествуваат нови извори на несреќни случаи, кои пред 20 години не суштествуваа, имено зголемената брзина на машинеријата. Колцата, валцовите, вретената и разбоите сега се тераат со позголемена и со сѐ поголема сила; прстите мораат побргу и посигурно да го фаќаат скинатиот конец, зашто тие ќе се жртвуваат ако се фаќа пополека и невнимателно... Голем број од несреќните случаи е причинет од стремежот на работниците бргу да ја извршат работата. Мораме да се сетиме дека е за фабрикантот од најголема важност да се држи неговата машинерија во движење, т.е. да произведува преѓа и ткаенина. Секое запирање од една минута е не само загуба во движечка сила, туку и во производот. Затоа надзорниците заинтересирани за количеството на производот ги тераат работниците да ја држат машинеријата во движење; а ова не е ништо помалку важно и за работниците што се плаќаат по тежина или на парче. Поради тоа, и ако е во повеќето фабрики формално забрането да се чисти машинеријата во време на нејзиното движење, оваа практика е пак општа, Само оваа причина за последниве 6 месеци предизвика 906 несреќни случаи... Иако чистењето се врши секој ден, сепак саботата главно е утврдена за темелно чистење на машинеријата и тоа се врши во најголемиот дел во време на движењето на машинеријата... Таа е една операција што не се плаќа, и затоа работниците се обидуваат да свршат со тоа колку што се може побргу. Оттука бројот на несреќните случаи во петок, а особено во сабота е многу поголем отколку во другите денови на неделата. Во петок вишокот несреќни случаи над средниот број од првите 4 дена во неделата изнесува приближно 12%, во сабота вишокот несреќни случаи над средниот број од претходните пет дена изнесува 25%, но ако се земе предвид дека фабричкиот ден во сабота изнесува само 7 1/2 часа, а другите денови на неделата 10 1/2 часа — тогаш вишокот ќе се крене за повеќе од 65%.“ (RIF, за 31 октомври 1866, стр. 9, 15, 16, 17.)

[191] Во првиот оддел од Третата книга јас ќе раскажам за најнов поход на англиските фабриканти против одредбите на фабричкиот акт за заштита на членовите од „рацете“ од опасните машини за животот. Овде доста ќе биде само еден цитат од еден официјален извештај на фабричкиот инспектор Лeонapд Хорнер: „Јас сум ги слушал фабрикантите да говорат со непростлива фриволност за некои несреќни случаи; на пример загубата на еден прст била ситница. Животот и изгледите за иднината на еден работник така многу зависат од неговите прсти, што една таква загуба претставува за него крајно сериозен настан. Кога слушам такви бесмислени брборења јас прашам: да речеме оти вам ви треба еден дополнителен работник, а ќе се јават двајца, обата во секој друг поглед се еднакво добри, но едниот е без палец или без кажипрст: кого ќе го одберете вие? Тие никогаш ни за момент не се колебаа да се решат за оној со сите прсти... Овие господа фабриканти имаат погрешни претстави против она што го викаат тие псевдо-филантропско законодавство.“ (RIF, за 31 октомври 1855.) Овие господа се „бистри луѓе и не се загревале залудо за бунтот на господарите на робови.

[192] Во фабриките што му се потчинети одамна на фабричкиот акт со неговото присилно ограничување на работното време и со другите прописи, исчезнале некои од понапрежните зла. Самото усовршување на машините на извесна точка бара „подобрена конструкција на фабричките згради“, што оди во полза на работниците. (Спор.: RIF, за 31 октомври 1863, стр. 109.)

[193] Види меѓу другото John Houghton: “Husbandry and Trade Improved.” London, 1727. “The Advantages of the East India Trade, 1720.” John Bellers: „Proposals for raising a College of Industry”, London 1696. „Фабрикантите за несреќа, се во постојана војна со работниците. Незаменлива цел на првите е да дојдат колку што се може до поевтин труд, а за таа цел тие употребуваат секаква итроштина, додека другите со еднаква настојчивост се фаќаат за секој случај, за да ги натераат фабрикантите да им ги поткренат наемнините.“ „An Inquiry into the causes of the Present High Prices of Provisions.” 1767, стр, 61, 62. (Авторот, свештеникот Натаниел Форстер, наполно е на страната на работниците.)

[194] Bandmühle била изнајдена во Германија. Италијанскиот опат Ланчелоти во една дело излезено во Венеција во 1636 раскажува: „Антон Милер од Данциг пред приближно 50 години (Л. пишувал во 1579) видел во Данциг една мошне искусна машина што изработувала 4-6 ткаенини наеднаш; но бидејќи градскиот совет се загрижил дека ќе може овој изнајдок маса работници да направи питачи, го уништи изнајдокот, а пронајдувачот наредил потајно да се задуши или да се удави.“ Во Лејден иста таква машина била најпрво применета во 1629. Дури бунтот на гајтанџиите ја присилил општината да ја забрани: со разни уредби од 1623, 1639 итн. од страна на Генералните држави требаше да се ограничи нејзината употреба; најпосле со уредбата од 15 декември 1661 беше дозволена под извесни услови. „Во овој град“, вели Боксхорн („Institutiones Politicae“. Leyden 1633) за воведување на машината за ленти во Лејден, „неколку луѓе изнашле пред дваесетина години разбој за ткаење со кој само еден работник можел да изработи повеќе ткаенини и полесно отколку инаку мнозина и за истото време. Затоа настанаа немири и поплаки од ткајачите, додека власта најпосле не ја забрани употребата на овој разбој“. Иста машина беше забранета во Келн во 1676, а пак нејзиното воведување во Англија едновремено предизвика работнички немири. Со царски едикт од 19 февруари 1685 беше забранета нејзината употреба во цела Германија. Во Хамбург таа беше по заповед на општината јавно запалена. Карл VI го обнови на 9 февруари 1719 едиктот од 1685, а кнежевството Саксонија ја дозволи нејзината општа употреба дури 1765. Оваа машина, што крена толку многу врева во светот, всушност беше претходник на предачките и ткајачките машини, значи на индустриската револуција од 18 век. Таа оспособува во ткаењето со просто туркање на една движечка летва наваму-натаму сосема неопитни момчиња да го стават во движење целиот разбој со сите негови совалки и дава, во нејзината поусовршена форма, 40-50 парчиња наеднаш.

[195] Во старомодните мануфактури се повторува понекогаш уште и денеска грубата форма на работничкиот бунт против машинеријата. Така, нa пр. во гладењето на турпии во Шефилд 1865.

[196] Сер Џемс Стјуарт го разбира дури и дејството на машинеријата наполно во оваа смисла. „Јас, според тоа, во машината гледам средство кое (според својата сила на дејството) го зголемува бројот на работните луѓе што не ќе мораме да ги храниме ... Зар дејството на новите машини се разликува од дејството на новите жители?“ (Principles etc.“, француски превод, том I, кн. 1, гл. 19.) Многу е понаивен Пети кој вели дека таа ја заместува „полигамијата“. Оваа гледна точка во најдобар случај може да им одговара на некои делови од Соединетите Држави. Напротив: „Машинеријата ретко може со успех да се употреби, со цел да се смали трудот на одделниот работник; за нејзината изработка би требало повеќе труд отколку што би можело да се заштеди со таа примена. Со вистинска полза се применува само таму каде што дејствуваат на големи маси, каде што една машина го помогнува трудот од илјади луѓе. Поради тоа машини има во најголем број во густо населените земји во кои има најмногу безработни луѓе ... Тие не се применуваат поради тоа што има малку работни сили, но поради леснотијата, со која можат во маси да се привлечат на работа.“ (Piercy Ravenstone: “Thoughts on the Funding System and its Effects.” London 1824, стр. 45.)

[196а] (Кон четвртото издание. — Ова важи и за Германија. Таму, каде што кај нас суштествува крупно земјоделство, значи особено на исток, тоа стана возможно само поради Bauernlegen [чистењето на селаните], кое се рашири по 16 век, но особено по 1648 — Ф.Е.)

[197] „Машините и работниците се во постојано натпреварување“. (Ricardo: „Principles etc.,“ стр. 479.)

[198] Пред воведувањето на законот за бедните од 1833 се продолжува конкуренцијата меѓу рачното и машинското ткаење во Англија благодарение на тоа што се надополнуваат со парохиска помош наемнините, длабоко паднати под минимумот. „Пречесниот Турнер бил во 1827 парох во Вилилгод, во фабричката околија Чешир. Прашањата на одборот за анкетата за иселување и одговорите од Турнер покажуваат на кој начин се одржува рачниот труд во конкуренција со машинскиот труд. Прашање: „Зар примената на машинските разбои не го истисна рачниот разбој?“ Одговор: „Несомнено; тој уште повеќе би го истиснал ако рачните ткајачи не беа способни да го поднесат уривањето на наемнината“. Прашање: „Но зар рачниот ткајач откога е присилен да прима наемнина што е недостатна за неговата издршка, зар не е упатен на поткрепата за бедни за да го надополни она што му треба за издршка“? Одговор: „Да, конкурентската способност на рачниот ткајач спроти машинскиот ткајач фактички станува возможна само благодарение на поткрепата за бедните.“ Така ползата, за која работните луѓе треба да му заблагодарат на воведувањето на машинскиот систем се состои во понизно питање или во емиграција; таа се состои во тоа што работниците, порано уважувани и донекаде независни занаетчии, стануваат сега бедници што се на колена и јадат од понизниот леб на милостивиот. Таа се вика привремено зло,“ (“A Prize Essay on the Comparative Merits of Competition and Co-operation.” London 1834, стр. 29.)

[199] „Истата причина што може да го зголеми чистиот доход од земјата (т.е. како што објаснува Рикардо на истото место, доходот на лендлордовите и капиталистите, чиешто богатство, од економска гледна точка воопшто = на богатството на нацијата) може едновремено да создаде прекумерно население и да ја влоши положбата на работниците“. (Ricardo: „Principles etc.,“ стр. 469.) „Постојана цел и тенденција на секое усовршување на механизмот фактички е наполно да се ослободи од трудот на човекот или неговата цена да се смали со заменувањето на возрасниот машки труд со женски и детски труд, или квалификуваниот труд со неквалификуваниот". (Ure.„Philosophy etc.,“ стр. 23.)

[200] RIF, за 31 октомври 1858, стр. 43.

[201] RIF, зa 31 октомври 1856, стр. 15.

[202] Ure: „Philosophy etc“., стр. 19. Големата полза од машинеријата применета во туланите е во тоа што го прави сопственикот наполно независен од квалификуваните работници“. (СЕС, V, 1866, стр. 184, бр. 46.)

Додаток кон второто издание. Г-н А. Sturrock, главен директор на машинскиот оддел на „Great Northern Railway“, во однос на изградбата на машини (локомотиви итн.) вели: „Скапите (expensive) англиски работници секој ден сѐ помалку ќе се употребуваат. Производството ќе се зголеми со примена на посовршени инструменти, а овие инструменти од своја страна ќе се прислужуваат од пониска класа работници (а law class of labour) ... Понапред квалификуваниот труд беше неопходен за производството на сите делови од парната машина. Овие делови сега се произведуваат со помалку квалификуван труд, но со добри инструменти... Под инструменти јас ги разбирам машините употребени при изградбата на машини.“ („Royal Commission on Railways. Minutes of Evidenсе“, бр. 17.862 и 17.863. London 1867.)

[203]203 „Ure: „Philosophy etc.,“ стр. 20.

[204] Исто, стр. 321.

[205] Исто, стp. 23.

[206] RIF, за 31 октомври 1863, стр. 108 и потака.

[207] Исто, стр. 109. Брзото усовршување на машинеријата во време на памучната криза им дозволи на англиските фабриканти веднаш по завршувањето на американската граѓанска војна за момент пак да го преполнат светскиот пазар. Веќе за последните 6 месеци од 1866 ткаенините скоро не можеа да се продаваат. Со тоа почна испраќањето на стоките за Кина, Индија, кое, се разбира, уште повеќе ја засили „glut“ [преполнетоста на пазарот]. Во почетокот на 1867 фабрикантите пребегнаа кон своето вообичаено средство — кон снижувањето на наемнините за 5%. Работниците се спротивија и изјавија, теоретски сосем точно, дека единствено помошно средство е да се работи покусо време — 4 дена во неделата. По долг отпор, оние што сами себеси се викаа капетани на индустријата, мораа да се согласат, на некои места да се снижи наемнината за 5%, а на некои места да не се снижува.

[208] „Односот меѓу стопаните и рацете во фабриките за билјури и стаклени шишиња е еден хроничен штрајк“. Оттука полетот во мануфактурите за пресување стакло, каде што главните операции се изведуваат со машинерија. Една фирма во Њукасл, што понапред произведуваше 350.000 фунти дувано билјурно стакло годишно, сега наместо тоа произведува 3.000.500 фунти пресувано стакло. (СЕС. IV, 1865, стр. 262, 263.)

[209] Gaskell. “The Manufacturing Population of England.” London 1833, стр. 3, 4.

[210] Г. Ферберн, поради штрајкот во неговата фабрика за машини, изнајде неколку мошне големи примени на машините за правење машини.

[211] Ure: „Philosophy of Manufactures“, стр. 367-370.

[212] Ure, исто, стр. 368, 7, 370, 280, 321, 281, 475 [370].

[213] Рикардо отпрво го има истиот поглед, но тој подоцна него изрично го измени со нему карактеристичната научна непристрасност и љубов спрема вистината. Види Ricardo: „Principles etc.,“ гл. 31, „За машината“.

[214] Јас ја давам илустрацијата точно на начин од горе споменатите економисти.

[215] Еден рикардијанец во полемика против бесмислиците на Ж. Б. Сеј забележува во врска со тоа: „Кај развиената поделба на трудот, вештината на работникот е применлива само во онаа специјална гранка, во која таа е изучена; самите работници се некој вид машини. Затоа ништо не помогнува папагалското дрдорење дека предметите имаат некоја тенденција да се урамнотежат. Ние мораме да погледнеме околу нас и ќе видиме дека тие за долго време не можат да дојдат во својата рамнотежа, а ако тие и дојдат да неа, нивото тогаш стои пониско отколку во почетокот на процесот“. („An Inquiry into those Principles respecting the Nature of Demand etc.,“ London 1821, стр. 72.)

[216] Еден виртуоз во овој самодоволен кретенизам, меѓу другите, е и Мекелек. „Ако е полезно“, вели тој на пр. со афектирана наивност на едно осумгодишно дете, „да се развива сѐ повеќе и повеќе искуството на работникот, така што тој да биде способен, со исто или со помало количество труд да произведува постојано сѐ поголемо количество стоки, тогаш мора да биде полезно и тоа тој да се служи со таква машинерија, што го поткрепува него најефикасно да го постигне овој резултат.“ (Мас Culloch: „The Principles of Political Economy.” London 1830, стр. 182.)

[216a] „Изнајдувачот на предачката машина ја упропасти Индија, што, притоа, нас ни најмалку не нѐ засегнува.“ A. Thiers: „De la propriété” [Paris 1848.] Г. Тиер ја смешал овдека предачката машина со механичкиот разбој, „што, притоа, нас ни најмалку не нѐ засегнува.“

[217] Според пописот од 1861 (Лондон 1863, том II) бројот на работниците на работа во рудниците за јаглен во Англија и Велс изнесува 246.613, од кои 73.545 под, а 173.067 над 20 години. Во првата рубрика идат и 835 од 5 до 10 години, 30.701 лице од 10 до 15 години, 42.010 лица од 15 до 19 години. Бројот на работниците зафатени во рудниците за железо, олово, цинк, бакар и сите други рудници за метали изнесувал 319.222.

[218] Во Англија и Вeлc 1861 имаше на работа во производството на машинерии 60.807 лица, сметајќи ги тука и фабрикантите заедно со нивните помошници итн. ditto [исто] сите агенти и трговци од истата гранка. Напротив, исклучени се производителите на помали машини, како шивачките машини итн., исто и производителите на алати за работните машини, како вретена итн. Бројот на сите цивилни инженери изнесуваше 3.329.

[219] Бидејќи железото е една од најважните суровини, овде треба да се забележи дека во 1861 г. во Англија и Велс имаше 125.771 ливци на железо, од кои 123.430 машки, 2.341 женски. Од првите 34.810 беа под, а 92.620 над 20 години.

[220] „Една фамилија од 4 возрасни лица (ткајачи на памук) со две деца како winders [намотувач] добиваше при крајот на последниот и во почетокот на сегашниов век 4 ф. ст, неделно за десетчасовен работен ден; ако беше работата мошне брза, тогаш таа можеше да заработи повеќе ... Порано таа секогаш страдала од недостатно предлагање преѓа." (Gaskell: „The Manufacturing Population etc.,“ стр. 25-27.)

[221] Ф. Енгелс во „Положбата на работничката класа во Англија“ — укажува на жалната положба на голем дел токму на овие луксузни работници. Многубројни нови докази за тоа види во извештаите на СЕС.

[222] Во 1861 во Англија и Велс имаше на работа во трговската морнарица 94.665 морнари.

[223] Од тоа само 177.596 машки над 13 години.

[224] Од тоа женски 30.501.

[225] Од тоа машки 137.447. Од овие 1.208.648 се исклучени сите лица што не служат по приватни куќи.

Додаток кон второто издание. Од 1861 до 1870 бројот на машките слуги приближно се вудвои. Тој беше нараснал на 267.671. Во 1847 година имаше 2.694 чувари на дивеч (на аристократските ловишта), 1869 напротив 4.991. — Девојчињата што служеа при лондонската ситна буржоазија се викаа на народен јазик „little slaveys“ [мали робинки].

[226] Ганил, напротив, како краен резултат на машинскиот труд го смета апсолутното смалување на бројот на работничката класа, на чија сметка живее еден зголемен број „gens honnêtes” [чесен свет] и го развива своето прочуено „perfectibilité perfectible“ [совршенство способно за усовршување]. Колку малку Ганил да го разбира движењето на производството, тој во најмала мера чувствува дека машинеријата е мошне фатална институција, ако нејзиното воведување ги претвора работниците што се на работа во паупери, и ако нејзиниот развиток создава повеќе рабови на трудот отколку што ги сотрела таа. Кретенизмот на неговото сопствено гледиште може да се изрази само со негови сопствени зборови: „Класите што се осудени да произведуваат и да трошат се смалуваат, а класите што го управуваат трудот, што го помогнуваат целото население, се множат ... и ги присвојуваат сите блага што произлегуваат од смалувањето на трошоците на трудот, од изобилството на стоковните резерви, од ниските цени на предметите за потрошувачка. Одејќи во тој правец, човечкиот род се воздигнува до највисокиот врв на творечкиот гениј, проникнува во таинствените длабини на религијата, им осигурува важност на спасоносните принципи на моралот“, (кој се состои во тоа што ги „присвојува сите блага“ итн.) „на законот за заштита на слободата" (слободата за „класите што се осудени да произведуваат“?) „и на власта, на послушноста и праведноста, на должноста и човечноста“. Оваа матканица се најдува во М. Ch. Ganilh: „Des Systèmes d'Économie Politique etc.,“ том II, стр. 224. Спор. исто, стр. 212.

[227] RIF, за 31 октомври 1865, cтp. 58 и натака. Но едновремено е дадена веќе и материјалната основа за ангажирање на работа еден сѐ поголем број работници во 110 нови фабрики со 11.625 парни разбои, 628.756 вретена, 2.695 парни и водни коњски сили (Исто.)

[228] RIF, за 31 октомври 1862, стр. 79. Додаток кон второто издание. При крајот на декември 1871 фабричкиот инспектор А. Редгрев рече во едно предавање одржано во Брадфорд во „New Mechanics' Institution”: „Тоа што мене ме фрапира од некое време е изменетиот изглед на волнарските фабрики. Понапред тие беа исполнети со жени и деца, сега изгледа оти машините ја вршат целата работа. На моето прашање еден фабрикант ми го даде следново објаснение: Под стариот систем кај мене работеа 63 лица; по воведувањето посовршени машини јас ги сведов моите раце на 33, и најпосле, поради новите големи измени, јас бев во состојба да ги сведам нив од 33 на 13.“

[229] RIF, за 31 октомври 1856, стр. 16.

[230] „Страдањата на рачните ткајачи (на памук и материи мешани со памук) беа предмет за иследување на една кралска комисија, но иако нивната беда беше признаена и ожалена, подобрувањето (!) на нивната положба беше препуштено на случајот и времето, та можеме да се надеваме дека овие страдања сега (20 години подоцна!) речиси (nearly) исчезнаа, за кое придонесе сегашново големо раширување на парните разбои.“ (RIF, за 31 октомври 1856, стр. 15.)

[231] Други методи со кои машинеријата дејствува врз производството на суровините ќе се споменат во Третата книга.

[232] Извоз на памук од Источна Индија во Велика Британија: 1846 г. 34.540.143 фунти, 1860 г. 204.141.168 ф., 1865 г. 445.947.600 ф.

Извоз на волна од Источна Индија во Велика Британија: 1846 г. 4.570.581 ф., 1860 г. 20.214.173 ф., 1865 г. 20.679.111 ф.

[233] Извоз на волна од 'Ртот Добра Надеж во Велика Британија: 1846 г. 2.958.457 ф., 1860 г. 16.574.345 ф., 1865 г. 29.920.623 ф.

Извоз на волна од Австралија во Велика Британија: 1846 г. 21.789.346 ф., 1860 г. 59.166.616 ф., 1865 г. 109.734.261 ф.

[234] Самиот економски развиток на Соединетите Држави е производ на европската а особено на англиската крупна индустрија. Соединетите Држави во нивниот сегашен вид (1866) мораат сѐ уште да се сметаат како колонија на Европа (Кон четвртото издание. — Оттогаш тие се развија во втора индустриска земја во светот, без притоа сосем да го загубат својот колонијален карактер. — Ф. Е.)

Извоз на памук од Соединетите Држави во Велика Британија во фунти
1846401,949,393
1852765,630,543
1859961,707,264
18601,115,890,608
Извоз на жито итн. од Соединетите Држави во Англија (1850 и 1862)
(во англиски центи)
Пченица16,202,31241,033,503
Јачмен3,669,6536,624,800
Зоб3,174,8014,496,994
Р'ж388,7497,108
Пченично брашно3,819,4407,207,113
Хељда1,05419,571
Пченка5,473,16111,694,818
Бере или биг (особен вид јачмен)2,0397,675
Грашок811,6201,024,722
Грав1,822,9722,037,137
Вкупен увоз: 74,083,441

[235] Во еден проглас на работниците исфрлени на улица со еден „локаут“ од фабрикантите на обувки во Лестер до „Trade Societies of England” [англиските синдикати] во јули 1866, меѓу другото, се вели: „Нешто пред 20 години во производството на обувки во Лестер е извршен преврат со воведување ковање на место шиење. Тогаш можеа да се заслужат добри наемнини. За брзо време оваа нова работа се рашири. Настапи голема конкуренција меѓу разни фирми, која ќе може да достави повкусни артикли. Сепак малку потоа произлезе еден лош вид конкуренција, имено да си ги уриваат еден со друг цените на пазарот (undersell). Набргу потоа се покажаа штетните резултати во снижување на наемнините, и така голема беше брзината на падот на цената на трудот, што многу фирми веќе уште сега ја плаќаат само половината од првобитната наемнина. Но сепак, иако наемнината паѓа сѐ подлабоко и подлабоко, изгледа дека профитот расте со секое изменување на тарифата на трудот“. — Фабрикантите ги исползуваат дури и неблагопријатните периоди за индустријата, за да направат извонредни профити со претерано уривање на наемнините, т. е. со директен грабеж на најнужните средства за живот на работникот. Еден пример. Се работи за кризата на ткајачниците на коприна во Ковентри. „Според податоците што ги добив јас како од фабрикантите така и од работниците, несомнено следува дека наемнината е смалена во поголема мера отколку што налага конкуренцијата на странските производители или други околности. Повеќето од ткајачите работат за наемнина снижена за 30% до 40%. Едно парче лента за кое ткајачот пред пет години добиваше 6 или 7 шилинга сега му донесува само 4 шилинга и 3 пенси, или 3 шилинга и 6 пенси; друг труд понапред плаќан по 4 шилинга сега добива само 2 шилинга или 2 шилинга и 3 пенси. Уривањето на наемнината е поголемо отколку што се сака за поткинување на барањето. Факт е дека при многу видови ленти уривањето на наемнината многупати не било проследено од какво било снижување на цените на стоката.“ [Извештај на членот на комисијата Ф. Д. Линц во СЕС, V. 1866, стр. 114, бр. 1).

[236] Спор. RIF, за 31 октомври 1862, стр. 30.

[237] Исто, стр. 19.

[238] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 41-45.

[239] RIF, за 31 октомври 1863, стр. 41-42.

[240] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 51.

[241] Исто, стр. 50 и 51.

[242] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 62, 63.

[243] RIF, за 30 април 1864, стр. 27.

[244] Од писмото на шефот на полицијата Харис во Болтон, во RIF, за 31 октомври 1865, стр. 61, 62.

[245] Во еден проглас на памучните работници, од пролетта 1863, за образување едно друштво за иселување, меѓу другото, се вели: „Нема никој да одрекува дека сега е апсолутно неопходно големо иселување на фабрички работници. Но дека е потребно постојано иселување во секое време и дека без тоа нам ни е невозможно да ја одржиме нашата положба под обични околности покажуваат следниве факти: официјалната вредност (која е само индекс на количеството на извезената памучна стока во 1814 година беше 17.665.378 ф. ст., нејзината вистинска пазарна вредност 26.070.824 ф. ст. Во 1858 година официјалната вредност на извезената памучна стока беше 182.221.681 ф. ст., нејзината вистинска пазарна вредност само 43.001.322 ф. ст., така што десетпати поголемото количество претставуваше малку повеќе од двоен еквивалент. Овој резултат така кобен за целата земја општо, а особено за фабричките работници беше предизвикан од различни причини што дејствуваа заедно. Една од најјаките е постојаниот вишок на трудот, неопходен за оваа индустриска гранка, на која ѝ е потребно постојано раширување на пазарот, ако не сака да пропадне. Нашите памучни фабрики можат да ја запрат работата поради периодичните стагнации на трговијата, кои се во денешново устројство исто така неизбежни како и самата смрт. Но поради тоа човечкиот изнајдувачки дух не стои мирен. Иако, дури и по ниска проценка, за последниве 25 години ја напуштија оваа земја 6 милиони луѓе, сепак, поради непрекинатото истиснување на трудот, со цел да се поевтини производот, голем процент од возрасните мажи дури и во времето на највисок просперитет не се во состојба да најдат во фабриките каква и да е работа под какви и да било услови.“ (RIF, за 30 април 1863, стр. 51, 52). Во една од следните глави ние ќе видиме како г. г. фабрикантите во време на памучната катастрофа се обидувале на секој начин, дури и со силата на државната власт, да го спречат иселувањето на фабричките работници.

[246] CEC, IV, 1864, стр. 188, бр. 447.

[247] Во Соединетите Држави овој вид препроизводство на занаетот врз основа на машинеријата е честа појава. Токму поради тоа, концентрацијата, при неизбежното преминување во фабричко производство, ќе оди таму со гигантски чекори во споредба со Европа, па дури и со Англија.

[248] Спореди RIF, за 31 октомври 1865, стр. 64.

[249] Г. Џилот ја подигна во Бирмингем првата мануфактура на челични пера во крупен размер. Таа веќе во 1815 доставуваше над 180 милиони пера, а годишно трошеше 120 тони челични листови. Бирмингем, кој држи монопол на оваа индустрија во Соединетото Кралство, сега произведува милијарди челични пepa годишно. Бројот на лицата на работа, според пописот од 1861 изнесува 1.428, од нив 1.268 работнички, почнувајќи од 5-годишните нагоре.

[250] CEC, II, Report, 1864, стр. LXVIII, бр. 415.

[251] А сега дури деца зафатени со гладење на турпии во Шефилд!

[251a] CEC, V, Report 1, стр. 3, бр. 24; стр. 6, бр. 55, 56; стр. 7, бр. 59, 60.

[252] Исто, стр. 114, 115, бр. 6, 7. Комесарот правилно забележува дека, ако инаку машината го заменува човекот, овде децата буквално ја заменуваат машината.

[253] Види го извештајот за трговија со партали и многубројните докази во „Public Health VIII, Report.“ London 1866, додаток стр. 196-208.

[254] СЕС, V, Report 1866, стр. XVI, бр. 96, 97; стр. 130, бр. 39, 61. Спор. на исто место III, 1864, стр. 48, 56.

[255] „Public Health. VI Report.“ London 1864, стр. 31.

[256] Исто, стр. 30. Д-р Сајмон забележува дека смртноста на лондонските шивачи и печатари од 25-30 години навистина е многу поголема, зашто нивните лондонски применувачи примаат голем број млади луѓе до 30 години што идат од село како „чираци“ и „improvers” (оние што сакаат да се усовршат во занаетот). Тие фигурираат во пописот како лондончани, та го зголемуваат бројат на главите врз кои се пресметува смртноста во Лондон, без да придонесуваат во соодветна сразмера кон бројот на смртните случаи во Лондон. Имено, поголемиот дел од нив се враќа назад на село, а особено во случај на тешка болест. (Исто).

[257] Овдека се работи за ковани клинци, за разлика од сечените клинци, изработувани со машини. Види СЕС, III Report стр. XI, XIX, бр. 125-130, стр. 53, бр. 11; стр. 114, бр. 487; стр. 137, бр. 674.

[258] CEC, II, Report, стр. XXII, бр. 166.

[259] CEC, II, 1864, стр. XIX, ХX, XХI.

[260] Исто, стр. XXI, XXVI.

[261] Исто, стр. XXIX, ХХХ.

[262] CEC, II, 1864, стр. XL, XLI.

[263] СЕС, I, 1863, стр. 185.

[264] Milliners и dressmakers, поправо се занимаваат со накити за глава, но работат и женски палта и дамски мантили, додека dressmakers се изедначуваат со нашите модистки.

[265] Англиските millinery и dressmaking работат повеќето во зградите на претприемачот, делум ангажирани работнички што тука живеат, делум надничарки што живеат надвор.

[266] Комесарот Вајт посетил една мануфактура за војнички алишта, во која имало на работа 1.000 до 1.200 лица, речиси сите жени, една мануфактура за обувки со 1.300 лица од кои приближно половината деца и млади лица итн. (СЕС, II, стр. XVII, бр. 319)

[267] Еден пример. На 26 февруари 1864 неделниот извештај за смртноста од Registrar General[12*] забележа 5 смртни случаи од глад. На истиот ден „Тајмс“ известува за еден нов случај смрт од глад. Шест смртни жртви од глад за една недела!

[268] СЕС, II, 1864, стр. LXVII, бр. 406-9, стр. 84, бр. 124, стр. LXXIII, бр. 441, стр. 66, бр. 6, стр. 84, бр. 126, стр. 78, бр 85, стр. 76, бр. 69 стр. LXXII, бр. 483.

[269] „Киријата за работилницата изгледа дека е елемент што ја определува во крајна линија границата. Токму поради тоа во главниот град најдолго време беше се задржал системот да им се издава работа на мали претприемачи и фамилии, и таму најбргу пак се врати овој систем.“ (Исто, стр. 83, бр. 123) Завршната реченица исклучиво се однесува за производството на обувки.

[270] Ова го нема во производството на нараквици итн., каде што положбата на работниците одвај ако се разликува од положбата на пауперите.

[271] CEC, II, 1864, стр. 2, бр. 122.

[272] Во Лестер, само во индустријата за чизми и обувки, што произведува за продажба на крупно, имаше во употреба во 1864 г. веќе 800 машини за шиење.

[273] CEC, II, 1864, стр. 84, бр. 124.

[274] Таков е случајот во военото депо за облека во Пимлико во Лондон, во фабриката за кошули на Тили и Хендерсон во Лондондери, во фабриката за облека од фирмата Тејт во Лимерик, која применува 1.200 раце.

[275] „Тенденцијата кон фабрички систем“, (Исто, стр. LXVII.) „Целата оваа гранка денеска е во преодна состојба и ги преживува истите измени што се извршија во индустријата за тантели, во ткајачката индустрија итн“. (Исто, стр. XLVI, бр. 318) „Тоа е полн преврат“. (Исто, стр. XLVI, бр. 318). Во времето на Children'ѕ Employment од 1840 плетењето чорапи сѐ уште било рачна работа. Од 1846 се воведени различни машини, кои денеска ги тера пара. Целокупниот број на лицата на работа во англиските претпријатија за плетење чорапи изнесуваше во 1862 приближно 129.000 лица од обата пола и од сите возрасти од 3 години па нагоре. Од овој број, според парламентарниот извештај од 11 февруари 1862 г., сепак само 4.063 потпаѓаа под фабричкиот акт.

[276] Така на пр., во однос на грнчарството фирмата Кокрен од „Britain Pottery, Glasgow” известува: „За да го одржиме нашето производство на висина, сега употребуваме во голем обем машини што ги послужуваат неизучени работници, и секој ден нас нѐ уверува оти можеме да произведуваме поголеми количества отколку при старата постапка“. (RIF, за 31 октомври 1865, стр. 13). „Дејството на фабричкиот акт е во тоа што тера натаму да се воведуваат машини“. (Исто, стр. 13, 14.)

[277] Така по воведувањето на фабричкиот акт во грнчарството имаме голем пораст на power jiggers [механички грнчарски колца] наместо на handmoved jiggers [рачни грнчарски колца].

[278] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 96, 127.

[279] Воведувањето на овие и други машинерии во фабриките за кибритни чкорчиња само во едно одделение замени 230 млади лица со 32 деца и девојчиња од 14 до 17 години. Оваа заштеда на работници во 1865 беше уште позголемена со парната сила.

[280] CEC, II, 164, стр. IX, бр. 50.

[281] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 22.

[282] „Нужните усовршувања... не можат да бидат воведени во многу стари мануфактури, без да се извршат такви издатоци на капитал што ги надминуваат средствата на мнозина сегашни сопственици ... Една преодна дезорганизација нужно го следи воведувањето на фабричкиот акт. Размерите на оваа дезорганизација стојат во директна сразмера кон големината на злото што треба да се отстрани.“ (Исто, стр. 96, 97.)

[283] На пр. кај високите печки „работата при крајот на неделата мошне се продолжува поради навиките на работниците да го празнуваат понеделникот, а понекогаш и половината па дури и целиот вторник.“ (СЕС, III, стр. VI.) „Кај ситните мајстори работното време обично е неуредно. Тие губат по 2 и 3 дена, а потоа работат по цели ноќи за да го надоместат тоа... Тие секогаш ги тераат на работа своите сопствени деца, ако ги имаат“. (Исто, стр. VII.) „Владее неуредност во почнувањето на работата, за што помогнува и навиката да се надомести загубеното со прекувремена работа“. (Исто, стр. XVIII.) „Огромно губење време во Бирмингем, зашто едниот дел од времето се минува во безделништво, додека во другиот дел се 'рга како робови до омаломоштување“. (Исто, стр. XI.)

[284] СЕС, IV, стр. XXXII, XXXIII. „Се вели дека ширењето на железниците многу придонесло за навиката на краткорочните порачки, како и за брзината, безредноста во јадењето и за прекувремениот труд, што произлегле оттука“. (Исто, стр. ХXXI.)

[285] Исто, стр. XХXV, бр. 235 и 237.

[286] Исто, стр. 127, бр. 56.

[287] „Кога се зборува за тоа каква загуба трпи трговијата од тоа што налозите за товарењето на параброците не можат да се извршат благовремено, се сеќавам дека тоа беше мил аргумент на г.г. фабриканти во 1832 и 1833 г. Ништо од тоа што се изнесува денеска за овој предмет не може да ја има важноста што ја имале тие причини тогаш, кога парата уште не беше ги преполовила сите далечини и кога уште не беше вовела сосем нови уредувања за транспорт. На практичната проба тој аргумент тогаш се покажа како сосем слаб, та сигурно и сега ќе се покаже дека е слаб штом ќе се стави на проба.“ (RIF, за 31 октомври 1862, стр. 54, 55.)

[288] СЕС, І. стр. XVIII, бр. 118.

[289] Уште во 1699 г. Џон Белерс забележал: „Непостојаноста што владее за модата нужно го зголемува бројот на сиромасите. Таа донесува со себеси две големи неволи: 1) преку зимата работниците живеат во беда поради безработица, зашто нити деталистите нити фабрикантите на ткаенини не се решаваат да го авансираат својот капитал за да ги земат на работа работниците додека не дојде пролетта и додека не видат каква ќе биде модата; 2) напролет бројот на работниците не е достатен, а фабрикантите на ткаенини мораат да земат голем број чираци за да ја задоволат за три или шест месеци потребата на кралството. Така земјоделството останува без раце, полињата без работна сила, градовите се полни со питачи, а преку зимата мнозина умираат од глад, зашто се срамат да питаат“. („Еѕѕауѕ etc.“, стр. 9.)

[290] СЕС, V, стр. 171, бр. 31.

[291] Така, на пр.. по свидетелските искази на извозните трговци од Бредфорд се вели: „Под овие околности јасно е оти нема потреба да се држат на работа во магазините деца подолго од 8 часот наутро до 7 или 7 1/2 часот навечер. Тоа е само едно прашање за екстра-издатоци и за екстра-раце. (Децата не би имало потреба да работат толку доцна во ноќта, кога некои претприемачи не би биле толку гладни за профит; една придадена машина чини само 16 или 18 ф. ст.) ... Сите тешкотии произлегуваат од непогодни уреди и недостатен простор.“ (Исто. стр. 171, бр. 31, 36, 38.)

[292] Исто. Еден лондонски фабрикант, кој меѓу другото, присилното регулирање на работниот ден го смета како заштитно средство на работниците против фабрикантите, како и на самите фабриканти против трговијата на крупно, се искажува: „Натискот на нашите работи причинет од извозниците, кои на пр. ја праќаат стоката со некоја едрилица, а сакаат да бидат за една определена сезона на самото место и едновремено да ја стават во џебот разликата на тарифата меѓу едрилицата и паробродот, или пак од два пароброда го одбираат оној што трга порано, за да се појават на странскиот пазар понапред од своите конкуренти“.

[293] „На ова би можело да му се помогне“, вели еден фабрикант, „ако се прошират работилниците под натискот на некој општ парламентарен закон“. (Исто, стр. Х, бр. 38.)

[294] СЕС, V, стр. XV, бр. 72 и натака.

[295] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 127.

[296] Со опит е утврдено дека една здрава средна индивидуа троши при секое вдишување од средна интензивност приближно 25 кубни цоли воздух, а прави приближно 20 вдишувања во минута. Според тоа, потрошувачката на воздух на една индивидуа во 24 часа изнесува приближно 720.000 кубни цоли или 416 кубни стапала. Притоа е познато дека еднаш вдишениот воздух веќе не може да служи за истиот процес пред да биде прочистен во големата работилница на природата. Според експериментите на Валентин и Брунер, изгледа дека еден здрав човек издишува за еден час приближно 1.300 кубни цоли јаглена киселина; тоа значи оти градите исфрлаат во 24 часа приближно 8 унци тврд јаглен. „Секој човек би требало да има најмалку 800 кубни стапала воздух.“ (Huxley.)

[297] Според англискиот фабрички акт, родителите не можат да праќаат деца помали од 14 години во „контролираните“ фабрики, без да им дадат едновремено основна настава. Фабрикантот е одговорен за исполнувањето на законот. „Фабричката настава е задолжителна и едновремено е услов за работа.“ (RIF, за 31 октомври 1863, стр. 111.)

[298] За полезните резултати од сврзувањето на гимнастиката (за младинците и војничките вежби) со присилната настава на фабричките деца и учениците од домовите за бедни, види го говорот на Н. В. Сениор на VII годишен конгрес. „National Association for the Promotion of Social Science“ во „Report of Proceedings etc.“ London 1863, стр. 63, 64, исто и извештајот на фабричките инспектори за 31 октомври 1865, стр. 118, 119, 120, 126 и натаму.

[299] RIF, за 31 октомври 1865, стр. 118. Еден наивен фабрикант на коприна му изјавил на членот од иследната комисија „Children'ѕ Employment.“ „Јас сум наполно уверен оти вистинската тајна на производството на добри работници е изнајдена во сврзувањето на трудот со наставата во периодот на детинството. Се разбира, трудот не смее да биде ни пренапорен, ни одвратен, ни нездрав. Јас би сакал, моите сопствени деца да работат, да играат за да сменат од училиштето.“ (СЕС, V, стр. 82, бр. 36.)

[300] Сениор во “Report of Proceedings“ од седмиот годишен конгрес на „Nationai Association for the Promotion of Social Science“, стр. 66. Како врши преврат и во главите крупната индустрија, кога ќе дојде до извесен степен во развитокот, со превратот во начинот на материјалното производство и во општествените производствени односи, јасно покажува една споредба меѓу говорот на Н. В. Сениор од 1863 и неговите филипики против фабричкиот закон од 1833, или кога ќе се спореди гледиштето на споменатиот конгрес со фактот, дека во извесни земјоделски делови во Англија на сиромашните родители сѐ уште им е забрането под казна на гладна смрт, да ги воспитуваат своите деца. Така на пр. г. Снел соопштува дека во Сомерсетшир станало обична практика штом некое од сиромашните лица ќе се помоли за парохиска помош, тогаш тоа лице бидувало присилено да ги извади своите деца од училиште. Така г. Волестон, свештеникот во Релтхем, раскажува за случаи кога им била откажана на извесни фамилии секаква помош од парохијата „дека тие ги праќале своите деца на училиште.“

[301] Таму каде што занаетчиските машини, терани со човечка сила, директно или индиректно конкурираат со поразвиени машини, кои имаат за претпоставка механичка движечка сила, се врши големо преобразување во однос на работникот што ја тера машината. Отпрво парната машина го замени овој работник, сега треба тој да ја замени парната машина. Поради тоа напрегнувањето и трошењето на неговата работна сила стануваат во чудовишни размери, а особено за неполнолетните што се осудени на ова мачење! Така комесарот Лонџ нашол во Ковентри и околината дека деца од 10 до 15 години се употребуваат за вртење разбој на лента, а да не гледаме на уште помалите деца што ги вртеле разбоите од помали димензии. Тоа е извонредно мачен труд. Детето е проста замена на парната сила.“ (СЕС, V, 1866, стр. 114, бр. 6.) За убиствените последици на „овој робовски систем“, како што го викаат официјалните извештаи, види на истото место и на следните страници од извештајот.

[302] Исто, стр. 3, бр. 24.

[303] СЕС, V, 1866, стр. 7, бр. 60.

[304] „Според Statistical Account [статистички извештај] во некои делови од Горна Шкотска... мнозина овчари и „cotters”[13*] со своите жени и деца носеле обувки што сами си ги правеле од кожа, што сами си ја штавеле, алишта што никаква рака не ги гибнaлa освен нивната, чиишто материјал тие самите си го стрижеле од овците или за кои самите си саделе лен. При изработката на алиштата одвај ако влегувал некој каков бил купен артикал, освен шила, игли, напрсток и сосем малку железни делови во разбојот. Боите си ги правеле самите жени од дрвја, грмје и корење итн.“ (Dugald Stewart во „Works“, изд. Hamilton, том VIII, стр. 327-28.)

[305] Во прочуената книга: „Livre des métiers“ од Етиен Боало, меѓу другото, се пропишува помошникот, при неговото примање за мајстор, да даде клетва „оти своите браќа по занает братски ќе ги љуби, ќе ги поткрепува, доброволно не ќе ја оддава тајната на занаетот, и дури, во интерес на целината, кога му ја препорачува својата стока на купецот, нема да му обрнува внимание на недостатоците на изработките на другите.“

[306] „Буржоазијата не може да суштествува, а непрекинато да не ги револуционира орудијата за производство, т.е. односите на производството, значи целокупните општествени односи. Напротив, на сите понапрежни индустриски класи прв услов за суштествување им беше неизменетото задржување на стариот начин на производство. Непрекинатите преврати на производството, непрекинатите потреси на сите општествени состојби, вечната несигурност и движење ја обележуваат епохата на буржоазијата од сите понапрежни. Сите цврсти, за'рѓосани односи заедно со нивните од памтивек претстави и погледи што им следат се разрушуваат, сите новонастанати застаруваат, пред да можат да се закостенат. Сѐ што е запрено и што стои се испарува, сѐ што е свето се сквернави, а луѓето најпосле се присилени трезно да погледнат на својата животна положба, на своите заемни односи.“ (F. Engels und Karl Marx: „Manifest der Kommunistichen Partei”, London 1848, стр. 5.) [македонски превод].

[307]

„Кога ми ги земате средствата за живот —
ми го земате животот.“
(Шекспир)[14*]

[308] Еден француски работник при неговото враќање од Сан Франциско пишува: „Јас никогаш не би поверувал оти би бил способен да ги работам сите занаети што ги вршев во Калифорнија. Јас бев цврсто убеден оти освен за печатарство за ништо друго не ме бидува... Но еднаш кога се најдов во средината на овој свет на авантуристи, што својот занает полесно го менуваат отколку својата кошула, мили мој!, јас работев како и другите. Бидејќи работата во рудниците не се покажа многу доходна, ја напуштив и си отидов в град, каде што по ред бев типограф, покривач на тавани, ливец на олово итн. Овој опит ме увери, оти сум способен за сите работи, и јас помалку се чувствувам како мекотел, а повеќе како човек.“ (A. Corbon: „De l’enseignement professionnel,“ 2 изд. стр. 50.)

[309] Џон Белерс, вистински феномен во историјата на политичката економија, уште при крајот на 17 век со полна јасност го сфатил нужното укинување на сегашното воспитание и поделбата на трудот, која создава хипeртрофија и атрофија на обата пола на општеството, иако во спротивни правци. Тој меѓу другото, убаво вели: „Празното учење не чини ништо повеќе отколку да се учи на безделништво... физичкиот труд е примарна божја одредба... за здравјето на телото трудот е исто така потребен како што е јадењето за неговото одржување; страдањата од кои ќе се ослободиме со безделништвото ќе ни се вратат во вид на болести... Трудот тура масло во светилникот на животот, мислењето го пали неговиот пламен. Едно детински глупо занимање (овде тој пророкува против Безедовците и нивните модерни поддржувачи) го остава детскиот дух во глупост.“ (John Bellers: „Proposals etc.,“ стр. 12, 14, 18.)

[310] Меѓу другото, ова се случува во поголем дел и во малите работилници, како што видовме кај мануфактурата за тантели и кај плетарниците на слама и како што може поподробно да се види особено во металските мануфактури во Шефилд, Бирмингем итн.

[311] СЕС, V, стр. XХV, бр. 112 и II, стр. XXXVIII, стр. 285, 289, стр. XXХV, бр. 191.

[312] „Фабричкиот труд би можел да биде исто така чист и пријатен како и домашниот труд, а можеби и во поголема мера“. (RIF, за 31 октомври 1865, стр. 127.)

[313] Исто, стр. 27, 32.

[314] Многубројни докази за тоа во RIF.

[315] СЕС, V, стр. X, бр. 35.

[316] Иcто, стр. IX, бр. 28.

[317] Исто, стр. XXV, бр. 165-167. За предноста на големите претпријатија над ситните спореди: СЕС, III, стр. 13, бр. 144; стр. 25, бр. 121; стр. 26, бр. 125; стр. 27, бр. 140 итн.

[318] Индустриските гранки што треба да се потчинат под фабричкиот закон се: мануфактурата на тантели, чорапеното производство, плетењето слама, мануфактурата за производство на алишта со нејзините многубројни видови, изработката на вештачко цвеќе, чевли, шапки и нараквици, шивачкиот занает, сите металски фабрики, од високите печки до фабриката за игли итн. Фабриката за хартија, мануфактурата за стакла, за тутун, India-Rubberfabrikе [фабрика за гуми], изработката на основа (за ткаење), рачното ткаење ќилими, мануфактурата на чадори, фабрикацијата на вретена и цевки, печатните, книгоподврзниците, трговијата со материјали за пишување („stationary“), овдека спаѓа изработката на кутии од картон, карти, бојадисување хартија итн., јажарството, мануфактурата за украси од ќилибар, туланите, рачната мануфактура за свила, coventry-ткаењето, соланите, индустријата за восок, индустријата за цемент, рафинеријата за шеќеp, производството на бисквити, различните преработки на дрва и другите комбинирани производства.

[319] CEC, V, стр. XXV, бр. 169.

[319a] Factory Acts Extension Act [закон за проширување на фабричкиот акт] замина низ парламентот на 12 август 1867. Тој ги регулира сите металски леарници, ковачници и металски мануфактури, вклучно и фабриките за машини, потака мануфактурите за стакло, хартија, гутаперка, каучук, тутун, печатниците, книгоподврзниците, најпосле сите работилници, во кои работат повеќе од 50 лица. — Hours of Labour Regulation Act [закон за регулирање на работното време] поминат низ Парламентот на 17 август 1867, ги регулира малите работилници и таканаречениот домашен труд.

Јас ќе се вратам назад на овие закони, на навиот Mining Act [рударски закон] од 1872 итн., во II книга.

[320] Senior: „Social Science Congress”, стр. 55, 56 [57 итн.].

[321] Персоналот на фабричките инспектори се состои од 2 инспектори, 2 помошници инспектори и 41 подинспектори. Во 1871 г. беа назначени нови 8 подинспектори. Вкупните трошоци за спроведувањето на фабричките закони во Англија, Шкотска и Ирска изнесуваа во 1871-72 само 25.347 ф. ст., вклучително тука и судските трошоци при процесите против нарушувањата на законот.

[322] Роберт Овен, таткото на кооперативните фабрики и дуќани, кој сепак, како што понапред забележавме, не ги споделуваше илузиите на своите следбеници за далекусежноста на овие изолирани елементи на преобразувања, не само што фактички тргнуваше во своите опити од фабричкиот систем, туку тој него и теоретски го објаснуваше како излезна точка на социјалната револуција. Г. Висеринг, професор по политичка економија на универзитетот во Лајден, изгледа оти претчувствува нешто слично, кога тој во својата книга „Handboek van Practische Staatshuishoudkunde, 1860-62,” каде што плиткоста на вулгарната економија се изнесува во соодветна форма, запалено се застапува за занаетчиското производство против крупната индустрија.

Кон четвртото издание. — „Новиот правнички хаос што го создаде англиското законодавство со меѓусебно противречните фабрички акти, со Законот за проширување на фабричките акти и со Законот за работилниците (Factory Acts, Factory Acts Extension Act и Workshops’ Act) најпосле стана неподнослив и така дојде во Factory and Workshop Act од 1878 до кодификација на целото постојано законодавство во таа област. Природно дека овдека не може да се даде исцрпна критика на овој индустриски законик, што е уште во сила во Англија. Затоа се ограничуваме на следниве белешки. Актот опфаќа:

1) текстилните фабрики. Главно овде си останува сѐ по старо: за децата над 10 години се допушта работно време од 5 1/2 часа на ден, или по 6 часа на ден, но тогаш саботата е слободна за младите лица и жените по 10 часа петте дена, а саботата најмногу 6 1/2.

2) Нетекстилните фабрики. Овдека определбите многу повеќе се приближуваат кон тие од бр. 1 отколку понапред, но сѐ уште суштествуваат некои одземки благопријатни за капиталистите, кои во некои случаи, со специјална дозвола на министерот за внатрешни работи можат и да се рашират.

3) Workshops [работилниците] се oпpeделуваат приближно како во претходниот акт; до колку се таму на работа деца, млади работници или жени, до толку работилниците горе-долу се изедначени со нетекстилните фабрики, но пак со олеснување во подробности.

4) Workshops во кои не се земаат на работа ни деца ни млади работници, туку само лица од обата пола над 18 години; за овие категории важат уште и други олесненија.

5) Domestic workshops [домашни работилници], каде што работат само членови на фамилијата во своето фамилијарно живеалиште; определбите овдека се уште поеластични, а едновремено ограничувањата се такви, што инспекторот без особена дозвола од министерот или судот може да влезе само во такви простории што не се ползуваат едновремено како живеалиште; најпосле, плетењето слама, везењето тантели и изработувањето нараквици во рамките на фамилијата безусловно се ослободени од контрола. Покрај сите недостатоци, овој акт, покрај швајцарскиот сојузен фабрички закон од 23 март 1877, сѐ уште е најдобриот закон по овој предмет. Една споредба на истиов со споменатиот швајцарски сојузен закон е од особен интерес, зашто таа ги прави мошне очевидни како предностите, така и недостатоците на обата законодавни метода на англискиот „историски“ метод, кој дејствува од случај да случај, и континенталниот, кој е изграден врз традициите на Француската револуција, метод кој повеќе обопштува. За жал, англискиот закон во својата примена на Workshops, во поголемиот дел сѐ уште е мртво слово, поради недостатниот персонал за инспекција. — Ф. Е.

[323] Исцрпно опишување на машинериите што се применети во англиското земјоделство се најдува во книгата на Dr. W. Наmm: „Die landwirtschaftliche Geräte und Maschinen Englands.“ 2 изд. 1856. Во својата скица за развитокот на англиското земјоделство г. Хам сосем некритички го следи г. Леонс де Лаверњ. Кон четвртото издание. — Се разбира оти сега тоа е застарена. — Ф. Е.

[324] „Вие го делите народот на два непријателски табори, на глупи селани и на исцедени селани. Фала ти, господе! Нацијата што ја распокинале спротивните интереси на земјоделството и на трговијата, самата себе се вика здрава, дури нешто повеќе — таа се претставува како просветена и цивилизирана не само спротивно на таа страшна неприродна расподелба туку токму поради неа.“ (David Urquhart: „Familiar Words“, стр. 119.) Ова место ја покажува едновремено силата и слабоста на еден вид критика што знае за сегашноста да суди и да ја осудува, но не знае да ја разбере.

[325] Спореди го Liebig: “Die Chemie in ihrer Anwendung auf Agricultur und Physiologie,” 7 изд. 1862, особено во првиот том “Einleitung in die Naturgesetze des Feldbaus.” Излагањето на негативната страна на модерното земјоделство од природонаучна гледна точка е една од бесмртните заслуги на Либиг. И неговите историски забелешки за историјата на земјоделството, иако не се без груби заблуди, сепак расветлуваат некои моменти. Си останува за жалење што тој има смелост потамина да дава изјави како следнава: Со едно натамошно прекопување и почесто орање станува побргу изменувањето на воздухот во внатрешноста на шупликавите делови од земјата, а се зголемува и обновува површината на делот од земјата врз кој треба да дејствува воздухот, но лесно може да се разбере дека вишокот на приносот од полето не може да биде сразмерен со употребениот труд на полето, туку дека приносот расте во многу помала размера. „Овој закон“, додава Либиг, „е изречен најнапред од Џ. Ст. Мил во „Principles of Political Economу.” том I, стр. 17 на овој начин: „Општиот закон на земјоделството е дека приносот од земјата caeteris paribus [при инаку еднакви околности] расте во помала мера од бројот на употребените работници.“ (Г. Мил го повторува дури и Рикардовиот школски закон во погрешна формулација, бидејќи „the decrease of the labourers employed“, смалувањето на бројот на применетите работници во Англија постојано одело заедно со напредувањето на земјоделството, тоа овој закон, изнајден за Англија и во Англија не би можел да најде никаква примена, барем во Англија најмалку.) Доста е чудно, оти на Мил не му бил познат овој закон“ (Либиг во цитираното дело, том I стр. 143 и белешката). И да не говориме за неправилното толкување на зборот „труд“, под кој Либиг разбира нешто друго одошто политичката економија, секако „доста е чудно што го прави тој Џ. Ст. Мила за прв творец на една теорија, што најнапред ја објави, во времето на А. Смит, Џемс Ендерсон и ја повторуваше во различни дела сѐ до почетокот на 19 век; неа ја анексира во 1815 Малтус, воопшто мајстор за плагијати (целата негова теорија за населението е бесрамен плагијат), која во исто време и независно од Ендерсона ја разви Вест, која во 1817 Рикардо ја доведе во врска со општата теорија на вредноста и која оттогаш под името на Рикардо го заврте наоколу светот, која во 1820 ја вулгаризира Џемс Мил (таткото на Џ. Ст. Мил) и која најпосле меѓу другите, повторувана и од г. Џ. Ст. Мил, како готова шкотска догма стана општо место. Неоспорно е дека Џ. Ст. Мил треба да заблагодари на својот секако „достоен за чудење“ авторитет скоро само на слични qui pro quo [заменувања].


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Калорична машина — машина која работи на принципот на зголемување и смалување на обемот на воздухот преку затоплување и ладење. Во споредба со парната машина била гломазна и понеефикасна. Пронајдена е во почетокот на 19 век, но веќе кон крајот на тој век изгубила секакво практично значење.

[2*] „Jenny“ — машина за предење која е пронајдок на Џемс Харгрејвс во периодот 1764—1767 г. и го добила името по неговата ќерка.

[3*] Во 3. и 4. издание: природно.

[4*] Во грчката митологија — богинки на земјоделството (Деметра).

[5*] Во 1. до 4. издание 1/5.

[6*] Овидиј „Ars amatoria“, книга 2, стих 657.

[7*] Закон за коалициите — Во годините 1799-1800 донесени се закони со кои се забранува основањето и работењето на сите работнички организации. Овие закани парламентот ги укина во 1824, но и потоа власта многу ги ограничувала работничките организации во нивната работа. Што се однесува пак до агитацијата за влегување на работниците во некоја организација или за учество во некој штрајк се гледало како на „притисок“ и „присилување“ над работниците и се казнувало како кривичен престап.

[8*] Маркс овде укажува на интензитетот со кој се служеле англиските приватни трговци по укинувањето на монополот, а Источноиндиската компанија во трговијата со Кина (1833). За тоа не бирале средства. Првата опиумска војна (1839-1842), агресивна војна на Англија против Кина, требаше да ѝ ги отвори на англиската трговија кинеските пазари. Со тоа почна претворањето на Кина во полуколонијална земја. Англија се обидела во почетокот на 19. век со илегално внесување во Кина опиум приготвен во Индија да го израмни својот пасивен трговски биланс со Кина, но тоа се пресретна со отпор од страна на кинеската власт, која наредила во 1839 да се запленат и запалат сите залихи на опиум на странските бродови во Кантон. Тоа станало причина за војна во која Кина била поразена, Англичаните го исползувале поразот на феудална Кина за да ѝ наложат разбојнички мировен договор во Нанкинг (1842). Според овој договор се отворени за англиската трговија пет кинески пристаништа (Кантон, Амој, Фучоу, Нингпо и Шангај), додека Хонконг ѝ е предаден на Англија „за вечни времиња“ и утврдено е да ѝ се плаќаат на Англија големи контрибуции. Според додатниот протокол кон Нанкишкиот договор Кина беше присилена да им признае права на екстериторијалност на странските лица.

[9*] Котеџи — куќички на сиромашни селани или надничари.

[10*] Во 1 до 4 издание: Manufakturtriebe, а сега Manufakturbetriebe.

[11*] Плаќање со стоки, давани на кредит на работникот.

[12*] Генерален регистратор — Така се викал во Англија службеникот кој стоел на чело на бирото за регистрација на сите граѓански акти. Во неговиот делокруг влегувала регистрацијата на сите родени, умрени и склучени бракови. Покрај тоа бирото вршело секои десет години и попис на населението.

[13*] Вид земјоделски ситен закупник во Шкотска, каде што рентата не е определена нити од обичај нити од приватен договор, туку од јавната власт.

[14*] „Венецијански трговец“ чин 4, сцена 1.

[15*] Со овие зборови старогрчкиот сликар Апел ги отфрлил критичките забелешки на неговата слика од страна на еден чевлар.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива