Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел петти
Производството на апсолутниот и релативниот вишок на вредноста

ГЛАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТТА

Апсолутен и релативен вишок на вредноста


Процесот на трудот (види ја петтата глава) отпрво е разгледуван апстрактно, независно од неговите историски форми, како процес меѓу човекот и природата. Таму рековме: „Ако се разгледува сега целиот процес од гледиштето на неговиот резултат, на производот, тогаш обата, средството на трудот и предметот на трудот се покажуваат како средства за производство, а самиот труд како производен труд.“ А во белешката 7 беше дополнето: „Оваа определба на производниот труд, како што излегува од гледна точка на простиот процес на трудот, никако не е достатна за капиталистичкиот процес на производство“. Тоа сега ќе го развиеме понатака.

Додека е процесот на трудот чисто индивидуален, во истиот работник се соединети сите функции, што подоцна се раздвојуваат. Тој сам себеси се контролира во индивидуалното присвојување природни предмети за негови животни цели. Подоцна него го контролираат. Одделниот човек не може да дејствува врз природата без да ги стави во движење своите сопствени мускули под контрола на својот мозок. како што во природниот систем главата и раката одат заедно една со друга, така и процесот на трудот го соединува умствениот и рачниот труд. Подоцна тие се раставуваат до непријателски спротивности. Производот општо се претвора од непосреден производ на индивидуалниот производител во општествен, во заеднички производ на вкупниот работник, т.е. на еден комбиниран работен персонал, чиишто членови стојат подалеку или поблиску од ракувањето со предметот на трудот. Затоа со самиот кооперативен карактер на процесот на трудот нужно се проширува поимот за производниот труд и неговиот носител — производниот работник. За да се работи производно, сега веќе не е нужно рацете да се ставаат врз предметот на трудот; достатно е да се биде орган на целокупниот работник, да исполнува која била од неговите подфункции. Горната првобитна определба за производниот труд, изведена од самата природа на материјалното производство, останува секојпат точна за вкупниот работник, разгледуван како цело. Но тоа повеќе не важи за секој негов член, земен одделно.

Но, од друга страна, поимот за производниот труд се стеснува. Капиталистичкото производство е не само производство на стоки, тоа е всушност производство на вишок на вредноста. Работникот не произведува за себеси, туку за капиталот. Затоа не е повеќе достатно што тој општо произведува. Тој мора да произведува вишок на вредност. Производен е само работникот што произведува вишок на вредност за капиталистот или што служи за самооплодување на капиталот. Ако ни е слободно да одбереме еден пример надвор од сферата нa материјалното производство, тогаш еден учител е производен работник тогаш ако тој не ги обработува само детските глави, туку кога и самиот работи да го збогати претприемачот. Тоа што последниов го вложил својот капитал во фабриката за учење наместо во некоја фабрика за колбаси, ништо не ја изменува работата. Според тоа, поимот за производниот работник никако не го вклучува само односот меѓу дејноста и полезниот ефект, меѓу работникот и производот на трудот, туку и еден специфично општествен, историски настанат производствен однос, кој го обележува работникот како непосредно средство за оплодување на капиталот. Затоа не е никаква среќа да се биде производен работник, туку тоа е проклетство. Во четвртата книга од ова дело, каде што се третира историјата на теориите, ќе се види поодблиску дека класичната политичка економија одамна го сметаше производството на вишок на вредноста како решавачка карактеристика на производен труд. Затоа со измена на нејзиното разбирање за природата на вишокот на вредноста се изменува и нејзината дефиниција за производниот труд. Така физиократите го прогласија за производен само земјоделскиот труд, дека само тој дава вишок на вредност. За физиократите суштествува вишок на вредност, но исклучиво во форма на земјишна рента.

Продолжувањето на работниот ден зад границата, до која работникот би произведувал само еквивалент за вредноста на неговата работна сила и присвојувањето на овој вишок на трудот од страна на капиталот — ете тоа е производството на апсолутниот вишок на вредноста. Производството на апсолутниот вишок на вредноста ја образува општата основа на капиталистичкиот систем и излезната точка за производството на релативниот вишок на вредноста. При производството на релативниот вишок на вредноста работниот ден однапред е разделен на два дела: на потребен труд и вишок труд. За да се зголеми вишокот на трудот, се скусува потребниот труд со методи со кои се произведува еквивалентот на наемнината за покусо време. Производството на апсолутниот вишок на вредноста се врти само околу должината на работниот ден: производството на релативниот вишок на вредноста од корен ги револуционизира техничките процеси на трудот и општествените групирања.

Тоа значи, дека производството на релативниот вишок на вредноста претпоставува специфичен капиталистички начин на производство што изникнува стихијно и се развива заедно со неговите методи, средства и услови, врз основа на формалното потчинување на трудот под капиталот. На местото на формалната потчинетост на трудот под капиталот стапува реалната.

Достатно е само да се укаже на хибридните форми [zvitterformen], во кои вишокот на трудот нити се исшмукува од производителот со директно насилство над него, ниту пак настапила неговата формална потчинетост под капиталот. Капиталот овдека сѐ уште не го потчинил непосредниот процес на трудот. Покрај самостојните производители што ги водат занаетите и земјоделството на традиционален предедовски начин, настапува лихварот или трговецот, лихварскиот капитал или трговскиот капитал, што ги цица нив паразитски. Ако во едно општество преовладува оваа форма на експлоатација, тогаш се исклучува капиталистичкиот начин на производство, иако од друга страна таа може да биде, како што беше во подоцниот Среден век, преодна форма кон него. Најпосле, како што покажува примерот со модерната домашна работа, извесни смешани форми можат да се препроизведуваат на места, иако со сосем изменет изглед, а врз основата на крупната индустрија.

Ако е од една страна за производството на апсолутниот вишок на вредноста достатно само формалното потчинување на трудот под капиталот, на пр. кога занаетчијата, што порано работел за самиот себеси или и како помошник кај некој еснафски мајстор, стапува сега како наемен работник под директна контрола на капиталистот — тоа од друга страна се покажува дека методите за производство на релативниот вишок на вредноста едновремено се методи за производство на апсолутниот вишок на вредноста. Секако, безмерното продолжување на работниот ден ни се претставува како најкарактеристичен производ на крупната индустрија. Специфично капиталистичкиот начин на производство престанува воопшто да биде само средство за производство на релативниот вишок на вредноста, штом тој ќе потчини некоја цела гранка од производството, а уште повеќе штом ќе ги потчини сите решавачки гранки од производството. Тој сега станува општа форма на процесот на производството што владее во општеството. Како посебен метод за производство на релативниот вишок на вредноста, дејствува тој сега само уште прво до колку ги зафаќа индустриите што му биле досега само формално подредени на капиталот, значи во неговото ширење.[1*] Второ, до колку индустриите што веќе потпаднале под него, без запир се револуционизираат со измената на методите на производството.

Од извесна гледна точка разликата меѓу апсолутниот и релативниот вишок на вредноста изгледа општо илузорна. Релативниот вишок на вредноста е апсолутен, зашто има за услов апсолутно продолжување на работниот ден над работното време потребно за суштествување на самиот работник. Апсолутниот вишок на вредноста е релативен, зашто тој има за услов еден развиток на производноста на трудот, што дозволува да се ограничи потребното работно време на еден дел од работниот ден. Но ако се обрне вниманието на движењето на вишокот на вредноста, оваа привидна индентичност ќе исчезне. Штом еднаш ќе се воспостави капиталистичкиот начин на производство и штом ќе стане општ начин на производство, разликата меѓу апсолутниот и релативниот вишок на вредноста станува осетлива штом се работи за зголемување на нормата на вишокот на вредноста општо. Ако претпоставиме да се плаќа работната сила по својата вредност, тогаш ние стоиме пред оваа алтернатива: ако се дадени производната сила на трудот и нормалниот степен на интензивноста, тогаш нормата на вишокот на вредноста може да се зголеми само со апсолутното продолжување на работниот ден; од друга страна при дадена граница на работниот ден, нормата на вишокот на вредноста може да се покачи само со измена на релативната големина на составните делови на работниот ден, т.е. на потребниот труд и вишокот на трудот што, од своја страна, претпоставува измена во производноста или интензивноста на трудот, до колку не треба наемнината да падне под вредноста на работната сила.

Ако му треба на работникот целото негово време за да произведува средства за живот потребни за издршка на самиот себеси и за својата фамилија, тогаш нему не му останува време да работи бесплатно за трети лица. Без извесен степен на производноста на трудот работникот нема вакво расположиво време, а без ваков вишок време нема вишок труд, а според тоа нема ни капиталисти, но затоа нема ни сопственици на робови, ни феудални барони, со еден збор, нема класа од крупни сопственици.[1]

Следствено, може да се говори за една природна база на вишокот на вредноста, но само во сосема општа смисла, дека нема никаква апсолутна природна пречка што би го задржала некого, да не го растовари од себеси трудот, потребен за своето сопствено суштествувањe, и да не му го натовари него на еден друг, исто така како што нема на пр. апсолутни природни пречки што ќе го задржат некого да не го употребува како храна месото од другиот.[1a] Никако не треба, како што се прави овде-онде, да се сврзува оваа природно настаната производност на трудот со мистични претстави. Само тогаш кога луѓето со труд се откинале од нивната првобитна животинска состојба, значи кога веќе и самиот нивни труд бил во извесен степен поопштествен, настапуваат услови во кои вишокот на трудот од едниот станува услов за суштествување на другиот. Во почетоците на културата постигнатата производна сила на трудот е малечка, но исто се малечки и потребите што се развиваат заедно со средствата за нивното задоволување и во зависност од нив. Потака, во овие почетоци сразмерата на деловите од општеството што живеат од туѓ труд сосем е мала во споредба со масата директни производители. Со напредокот на општествената производна сила на трудот овој дел расте апсолутно и релативно.[2] Но капиталот како општествен однос изникнува на една економска почва што е производ на долг процес на развитокот. Заварената производност на трудот, од која тој тргнува како од основа, не е дар од природата, туку дар од историјата, што зафаќа илјадници векови.

Ако не ја земеме предвид повеќе или помалку развиената форма на општественото производство, производноста на трудот останува врзана за природните услови. Сиве овие можат да се сведат на природата на самиот човек, на расата итн. и на природата што го опкружува него. Надворешните природни услови во економски поглед се делат на две големи класи: природно богатство со средства за живот, значи плодност на земјата, богати води со риби итн., и природно богатство со средства на трудот, како живи водопади, пловни реки, дрво, метал, јаглен итн. Во почетоците на културата решавачко значење има првиот, во повисокиот степен на развитокот, вториот вид природни богатства. Нека се спореди на пр. Англија со Индија или, во античкиот свет Атина и Коринт со крајбрежните земји на Црното Море.

Колку е помал бројот на природните потреби што апсолутно мораат да се задоволат, и колку е поголема природната плодност на земјата и поблагопријатна климата, толку е помало работното време потребно за одржување и репродукција на производителите. Но поради тоа толку поголем може да биде вишокот на неговиот труд за други над неговиот труд за самиот себе. Така уште Диодор забележа за старите Египќани:

„Сосем е неверојатно колку малку труд и трошоци им причинува ним одгледувањето на нивните деца. Тие им готват ним најпроста храна што ќе им се најде; им го даваат да го јадат и долниот дел од папирусот, до колку може на оган да се испече, и корење и прачки од блатни растенија, делум сурови делум и варени и печени. Повеќето деца одат без обувки и необлечени, бидејќи воздухот е толку благ. Затоа додека да израсте една дете му чини на неговиот родител сенасе не повеќе од дваесет драхми. Главно оттука може да се објасни зошто населението на Египет е толку многубројно и зошто можеле да се издигнат толку многу големи градби.“[3]

Но пак за големите градби на стариот Египет помалку треба да му се заблагодари на опсегот на неговото население отколку на фактот што со ова население можеше да се располага за тоа во големи размери. Како што индивидуалниот работник може да доставува толку повеќе вишок труд, колку е помало неговото потребно работно време, така и колку е помал делот од работното население потребен за производство на потребните средства за живот, толку е поголем неговиот дел со кој може да се располага за други работи.

Штом сме го зеле еднаш за претпоставка капиталистичкото производство, тогаш, под инаку неизменети околности и при дадена должина на работниот ден, големината на вишокот на трудот ќе се изменува со измената на природните услови на трудот, а особено со плодноста на земјата. Но од тоа никако не следува и обратно, дека најплодната земја е и најпогодна за пораст на капиталистичкиот начин на производство. Овој претпоставува господство на човекот над природата. Една премногу изобилна природа „го води човекот за рака како што се води детето кога проодува.“[2*] Таа не го прави неговиот сопствен развиток природна нужност.[4] Не е тропската клима со нејзината бујна вегетација татковината на капиталот, туку умерената зона. Не апсолутната плодност на земјата, туку нејзината диференцираност, разнообразноста на нејзините природни производи прави природна основа за општествената поделба на трудот, а со измената на природните околности, во кои човекот живее, тој е поттикнуван кон проширување на своите сопствени разнородни потреби, способности, средства на трудот и начин на трудот. Нужноста општествено да се контролира некоја природна сила, со неа да се стопанисува, таа да се исползува или потчини во големи размери со делата на човечката рака, игра најрешавачка ролја во историјата на индустријата. Така на пр. регулацијата на водите во Египет,[5] Ломбардија, Холандија итн. или во Индија, Персија итн. каде што вадењето со вештачки канали ѝ ја носело на земјата не само неопходната вода, туку заедно со нејзиниот талог и минерално ѓубриво од планините. Тајната за расцветот на индустријата во Шпанија и Сицилија под арапското господство беше во канализацијата.[6]

Благопријатните природни услови секогаш ја доставуваат само возможноста за вишок труд, но тие никогаш не даваат и вистински вишок труд, значи ни вишок на вредноста или вишок производ. Различните природни услови на трудот дејствуваат така, што истото количество труд во различни земји задоволува различни потреби,[7] значи според тоа, под инаку слични услови, потребното работно време е различно. Врз вишокот на трудот тие дејствуваат само како природни граници, т.е. со определувањето на границата откаде што може да се почне работата за други. Оваа природна граница се повлекува назад во истата мера во која индустријата оди напред. Во средината на западноевропското општество, каде што работникот само со вишок на трудот ја откупува дозволата да работи за своето сопствено суштествување, лесно се вообразува како да има човечкиот труд некој вроден квалитет да дава вишок на производ.[8] Но да ги земеме на пр. жителите на источните острови од азискиот архипелаг каде што дрвото саго расте диво во шумите.

„Кога жителите, откако ќе дупнат една дупка во дрвото, ќе се уверат во тоа дека срцето е зрело, тие го кутнуваат стеблото и го разделуваат на неколку дела, го изгребуваат срцето надвор, го мешаат со вода и го процедуваат, тогаш тие добиваат наполно употребливо сагово брашно. Едно дрво обична дава 300 фунти, а може да даде и 500 до 600 фунти. Таму, значи, се оди в шума и се нацепува за себеси леб, како што кај нас се нацепува за себеси огревно дрво.“[9]

Да земеме дека на еден ваков источноазиски цепач на леб му требаат 12 работни часа во неделата за да ги задоволи сите свои потреби. Благопријатната природа му дава непосредно многу слободно време. За да го употреби тој ова време производно за самиот себе, нужна е цела низа општествени околности, а да го издаде тој тоа како вишок на трудот за туѓи лица, се сака да е присилен однадвор. Кога би се вовело таму капиталистичко производство, тогаш нашиов јунак можеби би морал да работи 6 дена во неделата за да си присвои за себеси производ од еден работен ден. Изобилноста на природата ништо не објаснува зошто работи тој сега 6 дена во неделата или зошто дава 5 дена вишок на трудот, т.е. огромен вишок на производот. Таа го објаснува само тоа зошто е ограничено неговото потребно работно време на еден ден во неделата. Но неговиот вишок на производот во никој случај не произлегува од некое тајно својство што му е вродено на човечкиот труд.

Производните сили на трудот, како општествените, што се историски развиени, така и условените од природата, се покажуваат како производни сили на капиталот кому тие му се приклучени.

Рикардо никогаш не се замислува за потеклото на вишокот на вредноста. Тој него го разгледува како нешто внатрешно својствено на капиталистичкиот начин на производство кој во неговите очи се покажува како природна форма на општественото производство. Таму каде што зборува за производноста на трудот, тој и не се обидува да ги пронајде причините за суштествувањето на вишокот на вредноста, на само причините што ја определуваат неговата големина. Напротив, неговата школа гласно ја прогласи производната сила на трудот како причина на изникнувањето на профитот (читај: вишок на вредноста). Секако ова е напредок спроти меркантилистите, што од своја страна, вишокот на цената од производот над трошоците за неговото производство го изведуваат од размената, од неговата продажба над неговата вредност. Покрај сето тоа, и Рикардовата школа само го заобиколи проблемот, но не го реши. Навистина овие буржоаски економисти имаат правилен инстинкт дека е мошне опасно да се завлезе подлабоко во скокотливото прашање за потеклото на вишокот на вредноста. А што да се рече за г. Џон Стјуарт Мил, кога половина век по Рикарда достоинствено ја констатира својата надмоќност над меркантилистите, со тоа што тој лошо ги повторува погрешните извртувања на првите вулгаризатори на Рикарда?

Мил вели:

„Причината на профитот е во тоа, што трудот произведува повеќе отколку што се сака за неговата издршка“.

Дотука ништо друга освен старата песна; туку Мил сака да придаде овде и нешто свое:

„Или поинаку изразено: причината поради која капиталот дава профит е во тоа што храната, облеклото, суровините и средствата на трудот траат подолго време отколку што е потребно за нивното производство“.

Мил овде го меша траењето на работното време со траењето на неговите производи. Според ова гледиште еден лебар чии производи траат само еден ден не би можел да извлече од своите наемни работници еднаков профит колку еден машиноградител чиишто производи траат дваесет години и повеќе. Секако, ако седелата од птиците не можат да издржат подолго време отколку што е патребно за нивното правење, тогаш птиците би морале да поминат и без седела.

Откако ја утврди еднаш оваа основна вистина, Мил ја утврдува својата надмоќност над меркантилистите:

„Значи јасно се гледа дека профитот настанува не од случајноста на размената, туку од производната сила на трудот; производната сила на трудот го определува секогаш целокупниот профит на една земја, сосем независно од тоа дали се врши размена или не. Ако нема поделба меѓу занимањата, тогаш нема да има ни купувачка ни продажба, но сѐ уште ќе има профит“.

Значи размена, купувачка и продажба, овие општи услови на капиталистичкото производство овдека се чиста случајност, а профит секогаш има и без купувачка и продажба на работната сила!

Потака:

„Ако целокупноста на работниците на една земја произведува 20% над сумата од нивните наемнини, тогаш профитот ќе биде 20%, па макар каква сакала да биде состојбата на стоковните цени“.

Ова, од една страна, е една извонредно крајна успешна тавтологија, зашто ако работниците произведат вишок на вредноста од 20% за нивните капиталисти, тогаш профитот ќе се однесува кон вкупната наемнина на работниците како 20:100. Од друга страна, апсолутно не е верно дека профитот „ќе биде 20%.“ Тој секогаш мора да биде помал, зашто профитот се смета на целокупната сума авансиран капитал. Капиталистот на пр. авансирал 500 фунти ст., од кои 400 ф. ст. во средства за производство, а 100 ф. ст. во наемнина. Нормата на вишокот на вредноста нека биде, како што се зеде погоре, 20%, тогаш нормата на профитот ќе биде како 20:500, т.е. 4%, а не 20%.

Потака следува еден сјаен пример како ги третира Мил различните историски форми на општественото производство:

„Јас насекаде ја претпоставувам сегашната состојба на нештата, која, со мали одземки, владее насекаде, т.е. дека капиталистот авансира сѐ, вклучувајќи ги тука и платите на работниците“.

Ретка оптичка илузија, да се гледа насекаде една состојба што досега владееше на земјината топка само како одземка! Мил е благосклон да се согласи оти „не е апсолутно нужно да биде тоа така.“[3*] Напротив.

„Работникот би можел да почека со плаќањето на целиот износ на својата наемнина додека не биде работата наполно готова, кога би имал за тоа време средства потребни за својата издршка. Само што во овој случај тој ќе биде во извесен степен капиталист, што го вложил капиталот во претпријатието и што дал еден дел од фондот потребен за неговото натамошно водење“.

Мил би можел исто така да каже дека работникот, што сам на себеси авансира не само средства за живот туку и средства на трудот, навистина е свој сопствен наемен работник. Или дека американскиот селанец е свој сопствен роб, кој само што работи ангарија за себеси место за некој туѓ господар.

Откако Мил ни објасни вака јасно дека дури и кога не би суштествувала капиталистичко производство, сепак секојпат би суштествувало, тој е сега доста консеквентен за да докаже дека самото капиталистичко производство не суштествува и тогаш кога тоа суштествува.

„Дури и во последниов случај (кога капиталистот му ги авансира на наемниот работник сите негови средства за живот) може работникот да се разгледува од истата гледна точка (т.е. како капиталист). Зашто со тоа што го дава својот труд под пазарната цена (!), може да се смета како тој да му ја авансира разликата (!) на својот претприемач итн.“[9a]

Во вистинската реалност работникот му го авансира на капиталистот својот труд една недела итн. бесплатно, за да ја добие при крајот на неделата итн. неговата пазарна цена; тоа, според Мил, го прави него капиталист! На гола рамнина и купче земја изгледа како рид; нивото на нашата денешна буржоазија се мери со калибарот на нејзините „големи духови“.


Фусноти

[1] „Веќе и самото суштествување на капиталистичките претприемачи како посебна класа зависи од производноста на трудот.“ (Ramsay: „An Essay on the Distribution” etc., стр. 205.) „Кога би можел трудот од секој еден човек да го произведе само своето издржување, не би можела да суштествува сопственоста.“ (Ravenstone: „Thoughts on the Fonding system“ etc., стр. 14, 15.)

[1а] Според една сметка направена пред кусо време, живеат само во веќе испитаните области од светот најмалку уште четири милиони канибали.

[2] „Кај дивите Индијанци во Америка на работникот му припаѓа скоро сѐ; од 99% од производот има да му се припише на трудот. Во Англија на работникот можеби не му приnаѓаат ни две третини.“ („The Advantages of the East India Trade etc.,“ стр. 73.)

[3] Diodorus Siculus: „Bibliotheca Historica.“ кн. 1, гл. 80.

[4] „Колку и да е првото (природното богатство) благопријатно и полезно, сепак тоа е причина населението да стане безгрижно, гордо и склоно кон секакви разузданости; напротив, другото го присилува кон будност, наука, искуство и кон политички институции“. „England'ѕ Treasure by Foreign Trade. Or the Balance of our Foreign Trade is the Rule of our Treasure. Written by Thomas Mun, of London Merchant and now published for the common good by his son John Mun,“ London 1669, стр. 181, 182.) „Не може да се најде потешко проклетство за некој народ, отколку да биде фрлен на таква почва каде што производството на средствата за живот се врши во најголемиот дел само од себе и каде што климата скоро го ослободува човекот од грижата за облекување и за заштита од невреме... Секако, крајност може да има и на другата страна. И онаа земја од која трудот не може да извлече никакви производи е лоша како и земјата што донесува без труд богати плодови.“ („An Inquiry into the Present High Price etc.“ London 1767, стр. 10.)

[5] Нужноста да се пресметуваат периодите на движењето на Нил ја создаде египетската астрономија, а со тоа и господството на свештеничката каста како раководител на земјоделството. „Сончевата пресвртница е оној момент во годината кога Нил почнува да расте, и поради тоа Египќаните морале да го набљудуваат со најголемо внимание... За нив било важно да го утврдат овој годишен период за да можат да ги уредат според него своите земјоделски работи. Затоа тие морале да бараат на небото јасен знак за неговото враќање.“ (Cuvier: „Discours sur les révolutions de la surface du globe“, изд. Hoefer. Paris 1863, стр. 141.)

[6] Регулирањето на наводнувањето на Индија беше една од материјалните основи на државната власт над меѓу себе неповрзаните ситни производни организми. Мухамеданските владетели на Индија тоа го разбираа подобро отколку нивните англиски наследници. Ние ќе потсетиме само на гладот од 1866, што голтна преку еден милион животи од Индусите во округот Орис, во Бенгалското президентство.

[7] Нема ни две земји што произведуваат еднаков број средства за живот во исто количество и со исто трошење труд. Луѓето имаат поголеми или помали потреби, според тоа дали климата под која тие живеат е остра или блага. Поради тоа е различна и мерата на занаетчиското производство што се присилени да го вршат луѓето во разни земји, а колкава е таа разлика, може поблиску да се определи само со степенот на топлината или на студот. Оттука може да се изведе заклучок дека количеството на трудот потребно за извесен број население е најголемо под студената клима, а најмало е под топлата клима, зашто под првото не само што им се потребни на луѓето и повеќе алишта, туку и почвата мора да се обработува повеќе.“ („Аn Essay on the Governing Causes of the Natural Rate of Interest.“ London 1750, стр. 60.) Писателот на ова епохално дело е Џ. Маси. Хјум од него ја зеде својата теорија за интересот [каматата].

[8] „Секој труд мора“ (а изгледа оти тоа припаѓа во droits et devoirs du citoyen [правата и должностите на граѓанинот]) „да даде вишок.“ (Прудон).

[9] F. Skouw: „Die Erde, die Pflanzen und der Mensch.“ 2 изд. Leipzig 1854, стр. 148.

[9а] Ј. St. Mill: „Principles of Political Economy.” London 1868, стр. 252-253 и натаму [кн. ІI, гл. XV, § 5]. (Горниве места се преведени според француското издание на „Капиталот“ — Ф. Е.)


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Последниов додаток на реченицата во германскиот оригинал гласи: „... аlѕо in ihrer Propaganda...“ („...значи во неговата пропаганда“). Во англиското издание од 1946 г.: „... ѕо far аѕ it is propagandist“ („до колку е тој пропагандист“). Во изданието на Просвета од 1970 г., во руското, словенечкото и бугарското издание овој дел од реченицата е преведен со смисла раширување на дејноста.

[2*] „Го води човекот за рака како што се води детето кога проодува.“ — парафразирани зборови од поемата „An die Natur“ на германскиот поет од крајот на 18. век Фридрих Леополд Штолберг.

[3*] Во своето писмо до Н.Ф. Даниелсон, од 29 ноември Маркс ја предложил следнава редакција на овој пасус: „Следува еден сјаен образец како Мил постапува со различните форми на општественото производство: 'Јас насекаде ја претпоставувам', вели тој, 'сегашната состојба на нештата, која со мали исклучоци, владее насекаде, каде што работниците и капиталистите стојат еден спроти друг како класи, т.е. дека капиталистот ги издава сите претходни издатоци, вклучно и исплаќањето на работникот'. Господин Мил би сакал да верува, дека тоа не е некоја апсолутна нужност да биде така — дури и во економскиот систем, во кој работниците и капиталистите стојат еден спроти друг како класи.“


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива