Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ВТОРА

Претворање на вишокот на вредноста во капитал


Содржина

1. — Капиталистичкиот процес на производството во раширена размера. Преобратување на законот за сопственоста на стоковното производство во закон на капиталистичко присвојување
2. — Погрешно разбирање на препроизводството во раширен размер од страна на политичката економија
3. — Поделба на вишокот на вредноста на капитал и доход. Теоријата за воздржување
4. — Околности што го определуваат опсегот на акумулацијата независно од пропорционалната поделба на вишокот на вредноста во капитал и доход: степен на експлоатацијата на работната сила. — Производна сила на трудот. Растечка разлика меѓу употребениот и потрошениот капитал. — Големина на авансираниот капитал
5. — Таканаречениот фонд на трудот


1. Капиталистичкиот процес на производството во раширена размера. Преобратување на законот за сопственоста на стоковното производство во закон на капиталистичко присвојување

Порано ние разгледувавме како произлегува вишокот на вредноста од капиталот, а сега ќе разгледаме како произлегува капиталот од вишокот на вредноста. Употребувањето на вишокот на вредноста како капитал или повторното претворање на вишокот на вредноста во капитал се вика акумулација на капиталот.[21]

Да го разгледаме прво овој процес од гледиштето на одделниот капиталист. Да земеме на пр. дека еден фабрикант на преѓа има авансирано капитал од 10.000 ф. ст., од кои четири петини во памук, машини итн, последната петина во наемнина. Годишно тој произведува 240.000 фунти преѓа во вредност од 12.000 ф. ст. При една норма од вишок на вредноста од 100%, вишокот на вредноста се претставува во вишок на производ или во чист нето-производ од 40.000 фунти преѓа, во една шестина од целокупниот бруто-производ, во вредност од 2.000 ф, ст. што ќе биде реализирана со продажбата. Една сума на вредност од 2.000 ф. ст. е само една сума на вредност од 2.000 ф. ст. Ни по мирисот ни по изгледот на овие пари не се гледа дека се тие вишок на вредноста. Карактерот на некоја вредност како вишок на вредноста покажува, како допаднала таа кај нејзиниот сопственик, но тоа ништо не ја изменува самата природа на вредноста или на парите.

Според тоа, за да ја претвори фабрикантот на преѓа новодобиената сума од 2.000 ф. ст. во капитал, ако останат сите други околности неизменети, тој мора да ги авансира четирите петини од неа во купување памук итн.; а едната петина во купување нови предачки работници, кои ќе најдат на пазарот средства за живот, чија вредност капиталистот им ја авансирал. Тогаш новиот капитал од 2.000 ф. ст. ќе функционира во предењето и од своја страна ќе носи вишок на вредноста од 400 ф. ст.

Вредноста на капиталот беше првобитно авансирана во парична форма; вишокот на вредноста напротив уште отпрво суштествуваше како вредност на определен дел од бруто производ. Ако се продаде последниов, ако се претвори во пари, тогаш вредноста на капиталот пак ја добива својата првобитна форма, но вишокот на вредноста го изменува својот првобитен начин на суштествување. Сепак од овој момент и вредноста на капиталот и вишокот на вредноста се парични суми и нивното повторно претворање во капитал се развива на сосем еднаков начин. И едната како и другата сума ја вложува капиталистот во купување стоки, што му овозможуваат да го започне одново приготвувањето на својот артикал и притоа овој пат во проширена размера. Но за да ги купи овие стоки, тој мора да ги најде нив на пазар.

Неговата сопствена преѓа циркулира само затоа што тој го донесува на пазар својот годишен производ, исто онака како што прават сите други капиталисти со своите стоки. Но пред да дојдат тие стоки на пазар, тие веќе се најдуваат во фондот на годишниот производ, т.е. во целокупната маса предмети од секаков вид во која се претвора во текот на годината целокупната сума на одделните капитали или целокупниот општествен капитал, а од кој фонд секој одделен капиталист има во рацете само еден аликвотен дел. Процесите што се вршат на пазарот само ги разместуваат одделните составни делови од годишниот производ, ги праќаат нив од рака на рака, но тие ни можат да го зголемат целокупното годишно производство, ни да ја изменат природата на произведуваните предмети. Значи, каква употреба може да се направи од целокупниот годишен производ, зависи од неговиот состав, на никако не од циркулацијата.

Најнапред годишното производство мора да ги достави сите предмети (употребни вредности) од кои треба да се надоместат материјалните составни делови од капиталот што се потрошени во текот на годината. Па одбивањето на ова останува нето производот или вишокот на производ во кој е содржан вишокот на вредноста. А од што се состои овој вишок на производ? Можеби од предмети што се определени за задоволување на потребите и желбите на капиталистичката класа, значи што влегуваат во нејзиниот фонд за потрошувачка? Кога би било тоа сѐ, тогаш вишокот на вредноста би се израстурил до последна пара, и би се вршело само просто препроизводство.

За да се акумулира, мора еден дел од вишокот на вредноста да се претвори во капитал. Но, без да се прават чуда, можат да се претвораат во капитал само такви предмети што се употребливи во процесот на трудот, т.е. средства за производство, а потоа, предмети од кои може да се издржува работникот т.е. средства за живот. Според тоа, еден дел од годишниот вишок на вредноста мора да биде употребен за создавање додатни средства за производство и средства за живот над она количество што е потребно за заместување на авансираниот капитал. Со еден збор: вишокот на вредноста може да се претвори во капитал само затоа што вишокот на производот, чија вредност е тој, веќе ги вклучува материјалните составни делови на еден нов капитал.[21а]

Но сега за да функционираат фактички овие составни делови како капитал, на капиталистичката класа ѝ треба додатно количество труд. Ако не е возможно да се зголеми експлоатацијата на работниците што се на работа ни екстензивно ни интензивно, тогаш мора да се наместат на работа додатни работни сили. И за ова веќе се потрудил механизмот на капиталистичкото производство што ја препроизведува работничката класа како класа зависна од наемнината, а чија обична наемнина достасува не само да го осигури нејзиното одржување туку и нејзиното умножување. Овие додатни работни сили од различни возрасти што му ги доставува работничката класа секоја година на капиталот, треба овој уште само да ги приклучи кон додатните средства за производство содржани во годишното производство, и тогаш претворањето на вишокот на вредноста во капитал е готова работа. Конкретно гледано, акумулацијата се сведува на препроизводство на капиталот во прогресивна размера. Кружниот тек на простото препроизводство се изменува и се претвора, според, изразот на Сисмонди, во спирала.[21б]

Да се вратиме сега назад на нашиот пример. Тоа е старата историја: Аврам го роди Исака, Исак го роди Јакова итн. Првобитниот капитал од 10.000 ф. ст. донесува вишок на вредност од 2.000 ф. ст. што се капитализира. Новиот капитал од 2.000 ф. ст. донесува вишок на вредност од 400 ф. ст. ... овој вишок на вредност од своја страна пак се капитализира, значи се претвора во втор придаден капитал, и донесува еден нов вишок на вредност од 80 ф. ст. итн.

Ние овде не го земаме предвид оној дел од вишокот на вредноста што го троши капиталистот. Исто така за овој момент нас малку нѐ интересира дали придадените капитали се присоединуваат кон првобитниот капитал или се одделуваат од него за самостојно оплодување; дали ги ползува истиот капиталист што ги акумулирал нив, или ги пренесува тој на други. Само што ние не смееме да заборавиме дека покрај новообразуваните капитали првобитниот капитал продолжува да се препроизведува и да произведува вишок на вредност и дека истово важи за секој акумулиран капитал во однос на придадениот капитал создаден од него.

Првобитниот капитал се образува со авансирањето на 10.000 ф. ст. Од кај ги нашол нив нивниот стопан? Тој ги спечалил со својот сопствен труд и со трудот на своите предедовци! — ни одговараат нам едногласно претставниците на политичката економија,[21в] а оваа нивна претпоставка навистина изгледа дека е единствена што е во согласност со законите на стоковното производство.

Сосем инаку стои работата со придадениот капитал од 2.000 ф. ст. Процесот на неговото изникнување ние сосем точно го познаваме. Тој е капитализиран вишок на вредноста. Уште од самото изникување тој не содржи ни еден единствен атом од вредност што не потекнува од неплатен туѓ труд. Средствата за производство кон кои се присоединува придадената работна сила, како и средствата за живот со кои се одржува, не се ништо друго освен составни делови од вишокот на производот, т.е. данокот што го откинува капиталистичката класа секоја година од работничката класа. Ако капиталистичката класа со еден дел од даноков ја купува од работничката класа придадената работна сила, та дури и по полна цена, така што еквивалент да се разменува за еквивалент, тогаш секогаш си останува старата постапка на завојувачот кој откупува стоки од победените со нивните сопствени пари што им ги ограбил.

Ако придадениот капитал го зема на работа истиот работник што го произвел него, тогаш овој мора прво да продолжи да го оплодува првобитниот капитал и притоа тој мора да го купува назад производот од својот минат труд со повеќе труд отколку што чинеше тој. Ако го разгледуваме ова како зделка меѓу капиталистичката класа и работничката класа, работата ништо нема да се измени од тоа, ако со неплатениот труд на работниците, што биле досега на работа се земаат на работа придадени работници. Капиталистот можеби го претвори и придадениот капитал во машина, која ќе го исфрли на улица и самиот производител на придадениот капитал и ќе го замести со неколку деца. Во секој случај, работничката класа со својот годинашен вишок на труд создала капитал, што во идната година ќе земе на работа придаден труд.[22] Тоа е она што се вели: капиталот прави капитал.

Претпоставката за акумулацијата на првиот придаден капитал од 2.000 ф. ст. беше сумата во вредноста од 10.000 ф. ст. авансирана од капиталистот и што му припаѓа нему по силата на неговиот „првобитен труд“. Претпоставката за вториот придаден капитал од 400 ф. ст., напротив, не е ништо друго освен претходната акумулација на првиот, од 2.000-те ф. ст. чиј капитализиран вишок на вредноста е тој. Сопственоста на претходниот неплатен труд се јавува сега како единствен услов за сегашното присвојување на живиот неплатен труд во сѐ поголем обем. Колку капиталистот повеќе акумулирал, толку повеќе тој повеќе да акумулира.

До колку вишокот на вредноста, од кој се состои придадениот капитал No 1, бил резултат од купувачката на работната сила со еден дел од оригиналниот капитал, купувачка, што одговара на законите на стоковната размена, и, правно гледано, претпоставува само слободно располагање од страна на работникот со своите способности, а слободно располагање од страна на стопанот на парите или стоките со вредностите што му припаѓаат нему; до колку придадениот капитал II итн. е просто резултат од придадениот капитал I, значи последица од оној прв однос; до колку секоја одделна трансакција продолжува да му одговара на законот на стоковната размена, капиталистот постојано купува работна сила, а работникот постојана ја продава неа, и при тоа да земеме дури по нејзината вистинска вредност — јасно излегува дека законот за присвојување или законот за приватната сопственост што почива врз стоковно производство и стоковна циркулација се преобратува со самата своја сопствена, внатрешна, неизбежна дијалектика во своја директна спротивност. Размената на еквиваленти, што се појавуваше како првобитна операција, така се изврте, што таа само привидно се разменува, со тоа што прво самиот дел од капиталот што се разменува за работната сила е само еден дел од производот на туѓиот труд присвоен без еквивалент, и второ, што неговиот производител, работникот, не само што мора да го надомести тој дел, туку мора да го надомести со нов вишок. Според тоа, односот на размената меѓу капиталист и работник станува само привид што му припаѓа на циркулациониот процес, гола форма што ѝ е туѓа на самата содржина и што само неа ја мистифицира. Постојаната купувачка и продажба на работната сила е формата. Содржината е тоа, што капиталистот еден дел од веќе опредметениот туѓ труд што го присвојува тој непрекинато без еквивалент, постојано се одново го разменува за поголемо количество жив туѓ труд. Отпрво ни се чинеше дека правото на сопственост е засновано врз сопствениот труд. Најмалку оваа претпоставка мораше да важи, бидејќи само рамноправни стопани на стоки стапуваат еден спроти друг, а средство за присвојување туѓа стока можеше да биде само отуѓувањето на сопствената стока, а последнава пак може да се создаде само со труд. Сопственоста сега се појавува, на страната на капиталистот, како право за присвојување туѓ неплатен труд или неговиот производ, а на страната на работникот како невозможност да се присвои својот сопствен производ. Раздвојувањето меѓу сопственоста и трудот станува неминовна последица од законот што изгледаше дека произлегува од нивната идентичност.[23]

Според тоа, иако изгледа дека капиталистичкиот начин на присвојување навидум им противречи на првобитните закони на стоковното производство, сепак тој никако не произлегува од нивното кршење, туку напротив од примената на овие закони. Еден кус поглед назад врз редоследот на фазите на движењето, чија крајна точка е капиталистичката акумулација, уште еднаш го разјаснува тоа.

Најнапред видовме дека првобитното претворање на една сума вредност во капитал се развива сосем сообразно со законите на размената. Едниот од контрахентите [контракторите] ја продава својата работна сила, другиот ја купува. Првиот ја прима вредноста на својата стока и со тоа ја отуѓува нејзината употребна вредност — трудот — во рацете на вториот. Сега вториов средствата за производство, што му припаѓаат веќе нему, ги претвора со помошта на трудот, што му припаѓа исто така нему, во нов производ, кој исто така по право му припаѓа нему.

Вредноста на овој производ вклучува во себеси: прво, вредноста на потрошените средства за производство. Полезниот труд не може да ги потроши овие средства, без да ја пренесе нивната вредност на новиот производ; но работната сила, за да може да се продаде, мора да биде во состојба да доставува полезен труд во индустриската гранка каде што таа треба да биде применета.

Натаму, вредноста на новиот производ вклучува во себеси: еквивалент на вредноста на работната сила и еден вишок на вредноста. А така е поради тоа, што работната сила, продадена за еден определен период време, за ден, за недела итн. има помала вредност отколку што создава нејзината употреба за ова време. Но на работникот му се исплатила разменската вредност на неговата работна сила и со тоа е отуѓена нејзината употребна вредност — како што е случајот при секоја купувачка и продажба.

Што оваа особена стока — работната сила — има своеобразна употребна вредност да доставува труд, значи да создава вредност, не може да го засега општиот закон на стоковното производство. Значи, ако сумата на вредноста авансирана во наемнина, не се појавува само просто пак во производот, туку се појавува и зголемена за извесен вишок на вредноста, тоа никако не произлегува од некоја измама над продавачот, бидејќи тој си ја добил вредноста за неговата стока, туку произлегува само од употребата на оваа стока од страна на купецот.

Законот на размената условува еднаквост само за разменските вредности на стоките што се разменуваат една за друга. Тој дури однапред условува различност на нивните употребни вредности и нема апсолутна никаква работа со нивната употреба, што почнува дури откога ќе се заврши и заклучи трговија.

Првобитното претворање на парите во капитал значи се развива во најполна согласност со економските закони на стоковното производство и со изведеното од нив право на сопственост. Но покрај сето тоа има за резултат:

1) Производот му принадлежи на капиталистот, а не на работникот;

2) Вредноста на овој производ вклучува во себе, освен вредноста на авансираниот капитал, извесен вишок на вредноста, што му чинел на работникот труд, а на капиталистот ништо, а кој сепак станува законска сопственост на капиталистот;

3) Работникот ја дочувал својата работна сила и може одново да ја продаде, ако најде некој купец.

Простото препроизводство е само периодично повторување на оваа прва операција; секогаш сѐ одново и одново парите се претвораат во капитал. Значи, законот не се крши, туку напротив тој само добива возможност трајно да се извршува.

„Plusieurs échanges successifs n'ont fait du dernier que le représentant du premier.“ [„Повеќе акти на размена кои следуваат еден по друг последниот го прават само претставник на првиот.“] (Sismondi, том I, стр. 70).

И сепак ние видовме дека е достатно просто препроизводство, за да се измени од основа карактерот на оваа нова операција — доколку ја разгледуваме неа како изолиран процес.

„Parmi ceux qui se partagent le revenu national, les uns“ (работниците) „y acquièrent chaque année un nouveau droit par un nouveau travail, les autres“ (капиталистите) „y ont acquis antérieurement un droit permanent par un travail primitif.“ [„Од лицата што го делат меѓусебе националниот доход, едните, (работниците) секоја година добиваат со нов труд ново право на тоа; другите (капиталистите) веќе порано добиле трајно право на тоа со првобитниот труд.] (Sismondi, том 1, стр. 110, 111)

Како што се знае, областа на трудот не е единствена област каде што првородството прави чуда.

Работата не се изменува ако простото препроизводство биде заменето со препроизводство во проширен размер, со акумулација. Во првиот случај капиталистот го растура целокупниот вишок на вредноста, во вториот тој ја докажува својата граѓанска добродетел со тоа што троши само еден дел од вишокот на вредноста, а остатокот го претвора во пари.

Вишокот на вредноста е негова сопственост, тој никогаш не му припаѓал на некој друг. Ако го авансира тој него во производство, тогаш тој прави исто така како што правеше во денот кога првпат стапи на пазар, имено авансира од својот сопствен фонд. Тоа што сега овој фонд потекнува од неплатениот труд на неговиот работник, апсолутно ништо не ја изменува работата. Ако работникот В се најми на работа со вишокот на вредноста што го произвел работникот А, тогаш, прво, А го доставил овој вишок на вредноста без да му биде нему скусена ни една пара од вистинската цена на неговата стока, а второ оваа работа општо ништо не го засега работникот В. Она што В бара, и има право да бара, е да му ја плати капиталистот вредноста на неговата работна сила.

„Tous deux gagnaient encore; l'ouvrier parce qu'on lui avançait les fruits de son travail” (треба да гласи: du travail gratuit d'autres ouvriers) “avant qu'il fût fait;” (требало да се каже: avant que le sien ait porté de fruit) “le maître, parce que le travail de cet ouvrier valait plus que le salaire” (требало да се каже: produisait plus de valeur que celle de son salaire) [„Уште притоа обајцата добиле: работникот, му ги платиле плодовите на неговиот труд (треба да гласи: со неплатен труд од други работници) пред да биде довршен трудот (треба да гласи: пред да донесе плод неговиот труд); фабрикантот („lе maitre“), трудот на овој работник чинеше повеќе од неговата наемнина (треба да гласи: произвел поголема вредност од вредноста на својата нaемнина).“] (Sismondi, том 1, стр. 135).

Секако работата изгледа сосем поинаку ако го разгледуваме капиталистичкото производство во непрекинат тек на неговото обновување и ако наместо одделниот капиталист и одделниот работник ја опфаќаме со нашиот поглед целокупноста, капиталистичката класа и спротивно на неа работничката класа. Но со тоа ние би примениле една мерка што му е сосем туѓа на стоковното производство.

Во стоковното производство стојат еден спроти друг, само еден од друг независни, купецот и продавачот. Нивните меѓусебни односи се свршуваат со истекувањето на договорот склучен меѓу нив. Ако се повтори зделката, тогаш[1*] тоа се повторува како резултат на нов договор, што нема ништо општо со претходниот, и само случајно можат да се доведат заедно пак истиот купец и истиот продавач.

Според тоа, ако треба да се суди за стоковното производство или за некоја негова појава според неговите сопствени закони, тогаш мораме да го разгледуваме секој акт од размената одделно, надвор од секаква врска со актот на размената што му претходеше, како и од тој што му следува. А бидејќи купувачките и продажбите се исклучуваат само меѓу одделни индивидуи, тогаш е недопуштено да се бараат во нив односи меѓу цели општествени класи.

Колку сакал бил долг редот на периодичните препроизводства и на претходните акумулации низ кои минал капиталот што функционира денеска, тој секојпат си ја чува својата првобитна девственост. Сѐ додека при секој акт од размената земено одделно ќе се одржуваат законите на размената, може да се изврши полн преврат во начинот на присвојување, без да се гиба во правото на сопственост што му одговара на стоковното производство. Истово ова право останува во сила, како во почетокот кога производот му припаѓа на производителот, и кога може овој, со разменувањето на еквивалент за еквивалент, да се збогатува само со сопствениот труд, така и во капиталистичкиот период, кога општественото богатство станува постојано во сѐ поголема мера сопственост на оние што се во положба постојано и сѐ одново да го присвојуваат неплатениот труд од другите.

Овој резултат станува неизбежен штом самиот работник слободно ја продава работната сила како стока. Но баш оттогаш и стоковното производство зема општ карактер и станува типична форма на производството; токму оттогаш секој производ уште отпрво се произведува за продажба, а сето производствено богатство врви низ циркулацијата. Дури тогаш кога ќе стане наемниот труд негова основа, стоковното производство му се наложува на целокупното општество; но токму дури тогаш тоа ги развива сите свои скриени потенции. Да се каже дека појавувањето на наемниот труд го фалсифицирало стоковното производство, значи да се каже дека, за да остане стоковното производство нефалсифицирано, тоа треба да го запре својот развиток. Во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување.[24]

Ние видовме дека дури и кај простото препроизводство целиот авансиран капитал, па како и да е добиен, тој отпрво се претвора во акумулиран капитал или во капитализиран вишок на вредноста. Но во поројот на производството целиот првобитен авансиран капитал општо станува бескрајно исчезнувачка големина (magnitudo evanescens во математичка смисла) во споредба со директно акумулираниот капитал, т.е. со вишокот на вредноста или со вишокот на производот што е одново претворен во капитал, та било тој сега да функционира во рацете на оној што го акумулирал, било во туѓи раце. Затоа политичката економија го претставува капиталот како „акумулирано богатство“ (преобразен вишок на вредноста или доход) „што се применува одново за производство на вишок на вредност“,[25] а капиталистот како „стопан на вишокот на производот“.[26] Истиот начин на гледање, само што во друга форма, се изразува кога се вели дека целиот опстоен капитал е акумулиран или капитализиран интерес, бидејќи интересот е само една дропка од вишокот на вредноста.[27]

2. Погрешно разбирање на препроизводството во раширен размер од страна на политичката економија

Пред да завлеземе во некои поблиски определби на акумулацијата или во обратното претворање на вишокот на вредноста во капитал, нужно е да се отстрани една двосмисленост создадена од класичната политичка економија.

Како што стоките што ги купува капиталистот со еден дел од вишокот на вредноста за својата сопствена потрошувачка не му служат нему како средства за производство и за оплодување на вредноста, исто така и трудот што го купува за задоволување на своите природни и општествени потреби не е производен труд. Наместо со купувачката на овие стоки и на труд да го претвори вишокот на вредноста во капитал, тој напротив го троши или го издава него како доход. Противно на стариот дворјански принцип што, како што вели правилно Хегел, „се состоеше во трошење на готовото“, а особено во ширењето на луксузот на личните услуги, за буржоаската економија беше од решавачко значење да се објави акумулацијата на капиталот како прва граѓанска должност и неуморно да проповеда: не може да се акумулира, ако се изедува целиот доход наместо еден добар дел од него да се издава во најмување придадени производни работници, кои повеќе придонесуваат отколку што чинат. Од друга страна, политичката економија требаше да се бори против народната предрасуда што го меша капиталистичкото производство со собирањето благо[28] и поради тоа си вообразува дека акумулираното богатство е богатство што се спасува од разрушувањето во неговата дадена природна форма, значи извлечено од трошењето или и од циркулацијата. Да се исклучат парите од циркулацијата би било баш противното од нивното оплодување како капитал, а акумулацијата на стоки во смисла на собирање благо би била чиста лудост.[28a] Акумулацијата на стоки во големи маси е резултат од некој застој во циркулацијата или од хиперпродукцијата.[29] Секако, во народната претстава се влева од една страна сликата на натрупаните добра во потрошувачкиот фонд на богатите што се трошат полека, а од друга страна образувањето резерва, една појава што им припаѓа на сите начини на производство и на која за момент ќе се запреме при анализата на процесот на циркулацијата.

Според тоа, класичната економија до толку има право кога како карактеристичен момент во процесот на акумулацијата го нагласува трошењето на вишокот на вредноста од страна на производните работници место од страна на непроизводните. Но овдека почнува и нејзината заблуда. А. Смит беше вовел мода да се претставува акумулацијата само како просто трошење на вишокот на производот од страна на производните работници, или капитализираниот вишок на вредноста да се претставува како негово просто преобратување во работна сила. Да го слушнеме на пр. Рикарда:

„Мора да се разбере, дека сите производи на една земја се потрошуваат: но најголемата разлика што може да се замисли се состои во тоа, дали производите ги трошат оние што препроизведуваат нова вредност, или оние што не ја препроизведуваат неа. Ако кажеме дека доходот се чува и се присоединyвa кон капиталот, тогаш ние мислиме дека делот од доходот, за кој се вели оти е присоединет кон капиталот, се троши од производни место од непроизводни работници. Нема поголема заблуда отколку да се претпостави дека капиталот се зголемува со нетрошење.“[30]

Нема поголема заблуда од заблудата на А. Смит, а што ја повторуваат Рикардо и сите нивни подоцнежни следбеници, дека „делот од доходот, за кој се вели дека е придаден кон капиталот, се троши од производни работници.“

Според оваа претпоставка целиот вишок на вредност што се претвора во капитал, би станал променлив капитал. А тој навистина се дели, како и првобитно авансираната вредност, на постојан и променлив капитал, на средства за производство и на работна сила. Работната сила е онаа форма во која суштествува променливиот капитал во рамките на производството. Во овој процес самата неа ја троши капиталистот. Работната сила ги троши со својата функција — со трудот — средствата за производство. Едновремено исплатените пари за купување на работната сила се претвораат во средства за живот, но не се трошат од страна на „производниот труд“, туку од „производните работници“. А. Смит со една од основа погрешна анализа иде до бесмислениот резултат дека, иако секој индивидуален капитал се дели на постојан и променлив составен дел, општествениот капитал се сведува пак само на променлив капитал или се издава самo за плаќање на наемнините. Да земеме дека некој фабрикант на шајак претвора 2.000 ф. ст. во капитал. Тој вложува еден дел од парите во купување ткајачи, еден друг дел во волнена преѓа, во машини за волна итн. Но луѓето од кои ги купи тој преѓата и машините, плаќаат од своја страна еден дел од тоа за труд итн. сѐ додека сите 2.000 ф. ст. не бидат издадени за исплаќање наемнини или сѐ додека не го потрошат производните работници целокупниот производ што се претставува со 2.000 ф. ст. Јасно е: целата сила од овој аргумент лежи во зборовите „итн.“ што нѐ праќаат нас од Понтиј до Пилат. И навистина, А. Смит го прекинува иследувањето токму таму, каде што почнува да станува тешко.[31]

Сѐ додека го имаме пред очи само фондот на целокупното годишно производство, годишниот процес на препроизводството лесно е разбирлив. Но сите составни делови на годишното производство мораат да се донесат на пазар, и тешкотијата почнува тука. Движењето на одделните капитали и личните доходи се вкрстуваат, се мешаат, се губат во едно општо испреместување, — во циркулацијата на општественото богатство — што го заблудува погледот и поставува пред испитувањето да се решат сосем заплетени задачи. Во третиот оддел од втората книга ќе дадам анализа на вистинските врски и зависности. — Големата заслуга на физиократите е во тоа што во својата „Tableau économique“ за првпат направија обид да дадат слика на годишното производство во онаа форма, во која произлегува тоа од циркулацијата.[32]

Инаку само од себе се разбира дека политичката економија не пропушти да ја исползува во интерес на капиталистичката класа поставката на А. Смит: дека работничката класа го троши целиот дел од нето производот што се претвора во капитал.

3. Поделба на вишокот на вредноста на капитал и доход. Теоријата за воздржување

Во претходната глава ние го разгледавме вишокот на вредноста, односно вишокот на производот само како фонд за индивидуална потрошувачка на капиталистот, а во оваа глава досега само како фонд на акумулација. Но тој пак не е ни само едното, ни само другото, туку едновремено обете. Еден дел од вишокот на вредноста го троши капиталистот како доход,[33] другиот го употребува тој како капитал или го акумулира.

Кога е дадена масата на вишокот на вредноста, едниот дел од неа ќе биде за толку поголем, за колку е помал другиот. Ако се земат сите други околности како неизменети, односот во кој се врши оваа поделба се определува од големината на акумулацијата. Но оваа поделба ја врши сопственикот на вишокот на вредноста, капиталистот. Значи таа е акт на неговата волја. За оној дел од данокот што го насобра тој, делот што го акумулира, се вели дека го штеди бидејќи не го изел него, т.е. оти тој ја врши својата функција како капиталист, имено функцијата да се збогатува.

Само до колку е капиталистот персонифициран капитал, тој има историска вредност и она историско право на суштествување кое, како што вели остроумниот Лихновски, нема никаков датум.[2*] И само до толку преодната неопходност на неговото сопствена суштествување се вклучува во преодната неопходност на капиталистичкиот начин на производство. Но до толку и неговиот движечки мотив не е употребна вредност и уживање, туку разменска вредност и нејзино зголемување. Како фанатик за оплодувањето на вредноста, тој безобѕирно го присилува човештвото кон производство заради производство, а со тоа и кон развиток на општествените производни сили и кон создавање материјални услови за производство, што единствени можат да ја сочинуваат реалната база на една повисока општествена форма, чиј основен принцип е полниот и слободен развиток на секоја индивидуа. Капиталистот може да се респектира само како персонификација на капиталот. Како таков тој го дели со собирачот на благо апсолутниот стремеж за збогатување. Но тоа што се покажува кај последниов како индивидуална манија, кај капиталистот е дејство на општествениот механизам, во кој е тој само едно движечко колце. Освен тоа, развитокот на капиталистичкото производство го прави нужно постојаното зголемување на капиталот вложен во некое индустриско претпријатие, а конкуренцијата му ги наложува на секој индивидуален капиталист внатрешните закони на капиталистичкиот начин на производство како надворешни присилни закони. Таа го присилува него, постојано да го проширува својот капитал, за да го одржи, а тој може него да го проширува само со прогресивна акумулација.

Поради тоа, до колку се неговите постапки само функција на капиталот обдарен во неговото лице со волја и свест, неговата сопствена приватна потрошувачка важи како пљачка на акумулацијата на неговиот капитал, како што во италијанското книговодство приватните издатоци фигурираат на страната на долговите на капиталистот спроти капиталот. Акумулацијата е освојување на светот на општественото богатство. Ширејќи ја масата на експлоатираниот човечки материјал, таа едновремено го шири директното и индиректното господство на капиталистот.[34]

Но првородниот грев дејствува насекаде. Со развитокот на капиталистичкиот начин на производство, на акумулацијата и на богатството, капиталистот престанува да биде просто овоплотување на капиталот. Тој сеќава „човечки трепет“[3*] кон својот сопствен Адам и станува толку образован, што ја исмева занесеноста кон аскетизмот како предрасуда на старомодниот собирач на благо. Додека класичниот капиталист ја означува индивидуалната потрошувачка како грев против својата функција и како „воздржување“ од акумулацијата, модерниот капиталист е во состојба да ја разбере акумулацијата како „одречување“ од неговиот стремеж за уживање. „Ах! две души живеат во неговите гради, едната сака да се раздели од другата!“[4*]

Во историските почетоци на капиталистичкиот начин на производство — а секој капиталистички parvenü [нов богат] индивидуално го применува овој историски стадиум — преовладува нагонот за збогатување и за скржавштина како апсолутна страст. Но напредокот на капиталистичкото производство не создава само свет од наслади. Со развитокот на шпекулацијата и на кредитот тој отвора илјади извори за ненадејно збогатување. На извесен степен во развитокот, извесен конвенционален степен на растурање, што е едновремено и покажување на богатството, а со тоа и средство за добивање кредит, станува дури нужност во работата на „кутриот“ капиталист. Луксузот влегува во репрезентативните трошоци на капиталот. И онака капиталистот не се збогатува сразмерно со својот личен труд и со воздржување од своето лично трошење, како што прави собирачот на благо, туку во онаа мера во која тој исцицува туѓа работна сила и го присилува работникот да се одрече од животните наслади. Иако поради тоа растурањето на капиталот го нема bona fide [широкоградиот] карактер како растурањето на распуштениот феудален господар, туку напротив зад него секогаш се крие најгнасната скржавштина и најгрижливата сметка, сепак неговото растурање расте заедно со неговата акумулација, без да мора едното да го засега другото. Едновремено со таа се развива во благородните гради на капиталовата индивидуа фаустовски конфликт меѓу стремежот за акумулација и стремежот за наслада.

„Манчестерската индустрија“ — се вели во еден спис од Д-р Ејкин, објавен во 1759 — „може да биде поделена на четири периоди. Во првиот, фабрикантите беа присилени да работат тешко за одржување на својот живот.“

Тие особено се збогатуваа со поткрадувањето на родителите, што им ги даваа своите деца како apprenticies (чираци) и морале да плаќаат скапо за учењето, додека чираците ги оставаа изгладнети. Од друга страна, средните профити беа ниски, а акумулацијата бараше голема штедливост. Тие живееја како собирачите на благо и ни оддалеку не го трошеа ни интересот од својот капитал.

„Во вториот период почнаа сите да добиваат мали имоти, но работеа исто така тешко како и понапред“, зашто непосредната експлоатација на трудот чини труд како што го знае тоа секој надгледувач на робови, „а живееја исто така скромно како и дотогаш... Во третиот период почнува луксузот, а работите фатија да се рашируваат со распраќање коњаници (трговски патници-коњаници) по порачки во сите трговски градови во кралството. За верување е дека пред 1690 г. суштествуваа малку или никако не суштествуваа капитали од 3.000 до 4.000 ф. ст. спечалени во индустријата. Сепак, околу ова време или нешто подоцна, индустријалците веќе акумулираа пари и почнаа да прават куќи од камен наместо од дрво и малтер... Уште во првите децении на 18 век секој манчестерски фабрикант кој сакаше да ги почести своите гости со едно грнче странско вино, се изложуваше да го прекажуваат и да го разнесуваат со прекор сите негови соседи.“

Пред да се појави машинеријата, вечерниот трошок на фабрикантите во крчмите каде што се собираа не беше повеќе од 6 пенси за една чаша пунч и 1 пенси за еден фишек тутун. Дури во 1758 за првпат се видело, и тоа претставува епоха „во сопствен екипаж едно лице навистина заангажирано во индустријата!“ „Четвртиот период“ — последната третина ад 18 век — „е период на голем луксуз и растурање, поткрепувани со раширувањето на работите.“[35] Што би рексл добриот Д-р Ејкин, кога би воскреснал некако денеска во Манчестер!

Акумулирајте, акумулирајте! Тоа е Мојсие и пророците! „Трудољубивоста го доставува оној материјал што го акумулира штедливост“.[36] Значи, штедете, штедете, т.е. претворете што се може поголем дел од вишокот на вредноста или од вишокот на производот во капитал! Акумулација заради акумулација, производство заради производство — тоа е формулата во која ја изрази класичната економија историската мисија на буржоаскиот период. Таа ни за минута не се лажеше за породилните маки на богатството,[37] но каква полза има од поплаките над историската неминовност?

Ако пролетаријатот важеше за класичната економија само како машина за производство на вишок на вредноста, тогаш за неа важеше и капиталистот само како машина за претворање на овој вишок на вредноста во вишок на капиталот. Таа ја смета неговата историска функција за сосем сериозна. За да го ослободи срцето на капиталистот од злокобниот конфликт меѓу нагонот за уживање и нагонот за збогатување Малтус бранеше, во почетокот на дваесеттите години од овој век, една таква поделба на трудот, според која на капиталистот, што е вистински зафатен во производството му ја определува работата на акумулацијата, а работата на растурањето или ја дава на другите соучесници во дележот на вишокот на вредноста, на земјишната аристократија, на лицата што добиваат приходи од државата или црквата итн. Тој вели дека е од најголема важност „да се држи одделена страста за трошење од страста за акумулација“ („the passion for expenditure and the passion for accumulation”).[38] Господата фабриканти, кои веќе одамна се претворија во светски луѓе и љубители на животот дигнаа врева. Што, се извика еден нивни предводник, рикардијанец — господин Малтус проповеда високи земјишни ренти, високи даноци итн. за да ги направи непроизводните потрошувачи постојани потспотнувачи на индустријалците! Секако лозунгот гласи, производство, производство во сѐ поширока размера, но

„со таков процес производството побргу ќе се попречи место да се унапреди. Но не е и сосем право („nor is it quite fair“) да се поддржува еден број лица да безделничат, само за да се стегнат други, од чии карактер може да се заклучи („who are likely, from their characters“) дека би можеле со успех да функционираат кога би можеле да ги присилите да функционираат сите.“[39]

Колку и да смета за неправедно да се подбуцнува индустрискиот капиталист кон акумулација со тоа што ќе му се отцрпува маста од неговата супа, толку понужно му се чини нему да се ограничи наемнината на работникот на колку што е возможно понизок минимум „за да се одржи тој работлив“. Тој исто така ни за момент не крие дека присвојувањето на неплатениот труд е тајната за правење профит.

„Зголеменото барање работа од страна на работниците не значи ништо друго освен нивна готовност да земат за себеси помалку од својот сопствен производ, а да му остават поголем дел од него на својот претприемач; и кога се вели дека ова, со смалувањето на потрошувачката (на страна на работникот), создава glut (преполнетост на пазарот, претерано производство), тогаш јас можам да одговорам дека glut e синоним за висок профит.“[40]

Учената препирка за тоа, како е најзгодно да се распределат акумулацијата, пљачката исцицана од работникот меѓу индустрискиот капиталист и безработниот земјопоседник итн. замолкна пред Јулската револуција. Скоро потоа градскиот пролетаријат во Лион ги удри камбаните на бунт, а селскиот пролетаријат во Англија го пушти црвениот петел. Од оваа страна на каналот беснееше овенизмот, а од онаа страна сенсимонизмот и фуриеризмот. Беше удрил часот на вулгарната политичка економија. Токму пред една година откако Насау В. Сениор изнајде во Манчестер дека профитот (заедно со интересот) од капиталот е производ од наплатениот, последниот, дванаесеттиот работен час, тој му објави на светот едно друго откритие. „Јас — рече тој свечено — го заменувам зборот капитал, разгледуван кака инструмент за производство, со зборот апстиненција (воздржување).“[41] Ова е ненадминат образец од „откритијата“ на вулгарната. економија! Таа заменува една економска категорија со една сикофантска фраза. Voilà tout [Тоа е сѐ] Кога дивјакот фабрикува лак — поучува Сениор, тогаш тој се занимава со индустрија, но не ја практикува апстиненцијата.“ Ова ни објаснува нам како произведувале и зошто произведувале во понапрежните општествени состојби средства на трудот „без апстиненцијата на капиталистот“. „Колку повеќе напредува општеството, толку повеќе се бара апстиненција“,[2] имено од оние што се занимаваат со индустрија на присвојување на туѓата индустрија и нејзиниот производ. Сите услови на процесот на трудот се претвораат отсега во исто толку акти на апстиненција на капиталистот. Тоа што житото не само се јаде, туку и се сее, треба да ѝ се заблагодари на апстиненцијата на капиталистот! И што виното добива време да преврие, и за тоа треба да ѝ се заблагодари на апстиненцијата на капиталистот![43] Капиталистот си ги краде своите сопствени наслади, кога му ги „зајмува на работникот орудијата за производство“ (!), инаку речено, кога нив ги оплодува како капитал со придавање работна сила место да ги пројаде парните машини, памукот, железниците, гноевите, работниот добиток итн., или како што детински си го претставува вулгарниот економист, да ја растури „нивната вредност“ во луксузни и други средства за потрошувачка.[44] Како би требало капиталистичката класа да го изведе тоа е тајна, која вулгарната економија досега строго ја чувала. Доста е што светот уште живее само од самоизмачувањето на капиталистот, на тој модерен поклоник на Вишну. Не само акумулацијата, туку и простото „одржување на еден капитал бара постојано да се напнува силата за да му се противстави на искушението да се изеде“.[45] Значи, јасно е дека простата хуманост бара да се спаси капиталистот од мачеништвото и искушението на истиот начин како што беше спасен пред кратко време, со укинувањето на ропството, господарот на робовите од Џорџија од тешката дилема дали да го пропие цел во шампањ вишокот на производот, што го извадил со камшик од неговиот роб, или пак да употреби повторно еден дел во повеќе Негри и повеќе земји.

Во најразличните општествено-економски формации се врши не само просто препроизводство, туку, иако во различни мери препроизводство во проширена размера. Прогресивно повеќе се произведува и повеќе се троши, значи и повеќе производи се претвораат во средства за производство. Но овој процес не се покажува кака акумулација на капиталот, а поради тоа ни како функција на капиталистот, cѐ додека не истапат спроти работникот во форма на капитал неговите средства за производство, следствено и неговиот производ, и негавите средства за живот.[46] Умрениот пред неколку години Ричард Џoнc, наследник на Малтуса на катедрата по политичка економија на источноиндискиот колеџ во Хајтбери, убаво го разјаснува ова на два крупни факта. Бидејќи најмногубројниот дел од индискиот народ се состои од селани што водат самостојно стопанство, тоа и нивниот производ, и нивните средства за живот не суштествуваат „во форма“ („in the shape“) на некој фонд, што е заштеден од туѓ доход („saved from revenue“), та според тоа никогаш не заминале низ некој претходен процес на акумулација“ („a previous process of accumulation”).[47] Од друга страна, во провинциите каде што англиското господство најмалку го разрушило стариот систем, неземјоделските работници директно се земани на работа од големците, на кои им придојдува еден дел од селскиот вишок производ како данок или земјишна рента. Еден дел од овој производ го трошат големците во природна форма, другиот дел им го претвораат работниците во луксузни и други средства за потрошувачка, додека остатокот е платата на работниците, што се сопственици на своите орудија на трудот. Производството и препроизводството во раширена размера оди овде по својот пат без секакво посредништво на оној чуден светец, на оној рицар со жалосен лик, на капиталистот „полн со самоодречување.“

4. Околности што го определуваат опсегот на акумулацијата независно од пропорционалната поделба на вишокот на вредноста во капитал и доход: степен на експлоатацијата на работната сила. — Производна сила на трудот. Растечка разлика меѓу употребениот и потрошениот капитал. — Големина на авансираниот капитал

Ако претпоставиме дека е даден односот во кој се дели вишокот на вредноста на капитал и доход, тогаш големината на акумулираниот капитал очевидно се управува според апсолутната големина на вишокот на вредноста. Да земеме дека 80% се капитализира, а 20% се пројадува, тогаш акумулираниот капитал е 2.400 ф. ст. или 1.200 ф. ст. во зависност од тоа дали целокупната сума од вишокот на вредноста изнесува 3.000 ф. ст. или 1.500 ф. ст. Според тоа, при определувањето на големината на акумулацијата содејствуваат сите околности што ја определуваат масата на вишокот на вредноста. Ние овдека уште еднаш ќе се вратиме на нив, но само до колку тие даваат нови гледни точки во однос на акумулацијата.

Ние се сеќаваме дека нормата на вишокот на вредноста најнапред зависи од степенот на експлоатацијата на работната сила. Политичката економија толку високо ја цени оваа ролја, што таа напати го идентифицира забрзувањето на акумулацијата, низ повишената производна сила на трудот, со нејзиното забрзување низ повишувањето на експлоатацијата над работникот.[48] Во одделите за производството на вишокот на вредноста постојано претпоставуваме наемнината барем да е еднаква со вредноста на работната сила. Сепак, во практичното движење на наемнината нејзиното насилствено уривање под оваа вредност игра многу важна ролја, па затоа ќе се задржиме на тоа за еден момент. Во рамките на извесни граници, тоа фактички го претвора фондот потребен за потрошувачка на работникот во фонд за акумулација на капиталот.

„Наемнините“ — вели Џ. Ст. Мил немаат производни сили; тие се цена на некоја производна сила; наемнините, покрај самиот труд, ништо не придонесуваат за производството на стоките, како ни самата цена на машинеријата. Кога би можело да се добие труд без купување, тогаш наемнините би биле излишни.“[49]

Но кога би можеле работниците да живеат од ветар, тие не би можеле да се купат за никаква цена. Значи, сведувањето на нивното чинење на нула во математичка смисла е граница постојано непостиглива.

Постојана тенденција на капиталот е да ја сметне неа на оваа нихилистичка точка. Еден писател од 18 век, кого често го цитирав, авторот на „Essay on Trade and Commerce” само ја издава најдлабоката тајна на англискиот капитал кога го прогласува за историска животна задача на Англија сметнувањето на англиската наемнина на нивото на француската и холандската.[50] Тој, меѓу другото наивно вели:

„Hо ако нашите сиромаси“ (технички израз за работници) „сакаат да живеат луксузно ... нивниот труд природно мора да биде поскап ... Да погледнеме само на страшната маса од излишности („heap of superfluities“) што ги трошат нашите мануфактурни работници: ракија, џин, чај, шеќер, странски плодови, силна бира, печатено платно, бурмут, тутун итн.“[51]

Тој ја цитира брошурата на еден фабрикант од еден Нортхемптоншир, кој се плаче со свртени очи кон небо:

„Трудот за една цела третина е поевтин во Франција отколку во Англија: оти француските сиромаси работат напорно, скромни се во јадењето и облекувањето, а главни предмети за потрошувачка им се лебот, плодовите, зелјето, корењето и сушената риба; зашто тие сосем ретко јадат месо; а ако е пчeницата скапа, јадат и сосем малку леб.“[52] „Притоа — придава потака есеистот — нивниот пијалак се состои од вода и слични слаби пијалоци, така што тие навистина зачудо издаваат малку пари... сигурно дека е тешко да се доведе таква состојба на работите и овде, но тоа не е нешто непостижно, како што упадливо докажува неговото суштествување во Франција и Холандија.“[53]

Две децении подоцна еден американски лажливец, баронизираниот Јенки Бенџамин Томпсон (инаку гроф Румфорд), тргна по истата филантропска линија со големо благоволение на бога и на луѓето. Неговите „Еѕѕауѕ“ се готвачка книга исполнета со рецепти од секаков вид, за да се заменат нормалните јадења на работникот со сурогати. Еден особено успешен рецепт од овој чуден „филозоф“ е следниов:

„Пет фунти јачмен, пет фунти царевка, за 3 пенси харинга, за 1 пенс сол, за 1 пенс киселина, за 2 пенси пипер и мирудии — сѐ заедно сума од 24 3/4 пенси дава една чорба за 64 човека; а пак со средни цени на житото, трошоците можат да се снижат на 1/4 пенс на глава (помалку од три фенинга).“[54]

Со развитокот на капиталистичкото производство, фалсификацијата на стоките, ги направи излишни идеалите на Томпсон.[55]

При крајот на 18 век и во првите децении на 19 век англиските фармери и лендлордови толку ја снижија апсолутната наемнина, што тие им исплаќаа на земјоделските надничари во форма на наемнина помалку отколку што е минимумот, а остатокот им се исплаќал во форма на парохиска помош за бедни. Еве еден пример за кловновство со кое дејствуваа тогаш англиските Догбери (селските властели) при нивното „законско“ право да ја утврдат тарифата на наемнините:

„Кога squires [селските властелини] ја утврдувале во 1795 г. наемнината за Спинхемленд, тие си го изеле ручекот, но очигледно мислеле дека тоа не е нужно за работниците ... Тие решија неделната наемнина да биде 3 шилинга на човек ако сомунот леб од 8 фунти и 11 унци чини 1 шилинг, и дека таа рамномерно треба да расте сѐ додека сомунот не дојде да чини 1 шил. и 5 пенси. Штом ќе се качи лебот над оваа цена, наемнината треба пропорционално да паѓа додека цената на лебот дојде на 2 шил., а тогаш храната на човекот треба да биде помала за 1/5 отколку понапред.“[56]

Во 1814 пред иследната комисија на Домот на Лордовите некојси А. Бенет, крупен закупник, мировен судија, управник на дом за бедни и регулатор на наемнина, беше запрашан:

„Дали се запазува каква било пропорција меѓу вредноста на дневниот труд и парохиската помош за бедни што ја добиваат работниците?“ Одговор: ,Да. Неделниот доход на секоја фамилија се дополнува над нејзината номинална наемнина до еден сомун леб од галон (8 фунти и 11 унци) и 3 пенси на глава... Ние претпоставуваме дека галон леб достасува за да се прехрани през неделата секое лице во фамилијата; а 3-те пенси се за облекла; а ако сака парохијата да ги дава сама алиштата, тогаш се одбиваат 3-те пенси. Оваа практика не владее само во целиот западен Валтшир, туку мислам, во целата земја.“[57] „Така“ — се извикува еден буржоаски писател од ова време — „закупниците со години деградираа една класа од свои земјаци достојни за уважавање, присилувајќи ги последниве да најдат засолниште во работните домови (workhouse) ... Закупникот ја зголеми својата сопствена печалба со тоа што самиот тој ја спречи акумулацијата на страната на работникот дури и на најнеопходниот фонд за потрошувачка“.[58]

Каква ролја игра и ден денеска директниот грабеж, на неопходниот фонд за потрошувачка на работникот во образувањето на вишокот на вредноста, а со тоа и во образувањето на акумулациониот фонд на капиталот, примерно се виде од т.н. домашен труд (види глава XIII, дел 8). Натамошни факти ќе се изнесат во текот на овој оддел.

Иако во сите индустриски гранки делот од постојаниот капитал што се состои од средства на трудот мора да биде достатен за извесен број работници, определен со големината на авансираниот капитал, сепак не значи дека тој мора секојпат да расте во истата сразмера како што расте количеството на употребениот труд. Во една фабрика можат сто работници при осумчасовна работа да достават 800 работни часа. Ако сака капиталистот да ја поткрене оваа сума уште за половина, тогаш тој може да го направи тоа ако земе 50 нови работници, но тогаш тој мора да авансира и нов капитал не само за наемнина туку и за средства на трудот. Но може и старите 100 работници да ги пушти да му работат по 12 часа наместо по 8, и тогаш ќе бидат доста и веќе постојните средства на трудот, само што тие тогаш побргу се абат. Така придадениот труд, создаден со зголеменото напрегнување на работната сила, може да го зголеми вишокот на производот и вишокот на вредноста, супстанцата на акумулацијата, без претходно и сразмерно да се зголеми постојаниот дел од капиталот.

Во екстрактивната индустрија, на пр. во рудниците, суровините не се никаков составен дел од авансираниот капитал. Предметот на трудот овдека не е производ од минатиот труд, туку е бесплатен дар од природата. Такви се металната руда, минералите, камениот јаглен, каменот итн. Постојаниот капитал се состои овдека скоро исклучиво од средства на трудот, што мошне добро можат да поднесат зголемено количество труд (на пр. дневна и ноќна смена на работници). Ако останат сите други околности еднакви, тогаш масата и вредноста на производот растат во директна сразмера со употребениот труд. Токму како и во првиот ден на производството, овдека одат заедно првобитните творци на производот, а заедно со тоа и творците на материјалните елементи на капиталот — човекот и природата. Благодарение на еластичноста на работната сила, областа на акумулацијата се раширила без претходното зголемување на постојаниот капитал.

Во земјоделството е невозможно да се прошири обработливата земја, без да се авансира придадено семе и гној. Но штом еднаш ќе се изврши ова авансирање, тогаш дури чисто механичката обработка на земјата врши чудно дејство за да се зголеми масата на производот. Така поголемото количество труд, што го даваат досегашниот број работници, ја зголемува плодноста, без да сака авансирање на нови средства на трудот. Тоа пак е директно дејство на човекот врз природата, што станува непосреден извор на повишена акумулација, без никакво учество на некој нов капитал.

Најпосле, во вистинската индустрија, секое придадено издавање труд претпоставува соодветно придадено издавање суровини, но не нужно и средства на трудот. Бидејќи екстрактивната индустрија и земјоделството ѝ ги доставуваат на преработувачката индустрија нејзините сопствени суровини и суровина за нејзините средства на трудот, тоа на последнава се ползува и овој вишок на производот, кој го создале првите без авансирање на придаден капитал.

Општиот резултат е: со тоа што си ги приклучува капиталот обата првотворци на богатството, работната сила и земјата, добива тој таква експанзивна сила, што му дозволува да ги растегне елементите на својата акумулација зад границите што му ги поставува привидно неговата сопствена големина, граници што му ги поставува вредноста и масата на веќе произведените средства за производство во кои егзистира капиталот.

Еден друг важен фактор во акумулацијата на капиталот е степенот на производноста на општествениот труд.

Со производната сила на трудот расте и масата на производот во кој се претставува определена вредност, па според тоа и вишокот на вредноста од дадена големина. При неизменета норма на вишокот на вредноста, дури и кога паѓа таа, само ако паѓа побавно отколку што расте производната сила на трудот, масата на вишокот на производот расте. Затоа, при неизменета поделба на овој вишок на доход и придаден капитал, може потрошувачката на капиталистот да расте, без да се смалува фондот на акумулацијата. Самата пропорционална големина на акумулациониот фонд може да расте за сметка на фондот за потрошувачка, кога поевтинувањето на стоките му дава едновремено на располагање на капиталистот исто толку или повеќе средства за задоволство отколку порано. Но со порастот на производноста на трудот, како што веќе видовме, иде рака за рака поевтинувањето на трудот, значи пораст на нормата на вишокот на вредноста, дури и кога расте реалната наемнина. Таа никогаш не расте во иста сразмера со производноста на трудот. Значи, истата променлива вредност на капиталот пушта во движење повеќе работни сили и според тоа повеќе труд. Истата постојана вредност на капиталот се претставува во повеќе средства за производство, т.е. средства на трудот, материјал за работа и помошни материи, значи доставува исто така повеќе средства за образување како на производот така и на вредноста, или елементи за исцицување труд. Затоа при неизменета и при смалена вредност на придадениот капитал се врши забрзана акумулација. Не само што материјално се раширува размерата на препроизводството, туку побргу расте и производството на вишокот на вредноста од вредноста на придадениот капитал.

Развитокот на производната сила на трудот реагира и на оригиналниот капитал и на капиталот што се најдува веќе во процесот на производството. Еден дел од постојаниот капитал што е во функција се состои од средства на трудот, како машинерии итн. што се трошат, а според тоа и се препроизведуваат или се заменуваат со нови егземплари од истиот род само во подолги периоди. Но секоја година изумира еден дел од овие средства на трудот, или ја достигнува крајната цел на својата производна функција. Според тоа, тој дел секоја година се најдува во стадиум на периодично препроизводство или во заменување со нови егземплари од истиот род. Ако се зголемила производната сила на трудот во гранките каде што се создаваат овие средства на трудот, а таа се развива постојано заедно со незапирниот прогрес на науката и техниката, тогаш наместо старите машини, орудија, апарати итн. идат нови поефективни и поевтини, гледано со оглед на опсегот на нивното дејство. Стариот капитал се препроизведува во попроизводна форма, а и да не зборуваме за постојаните одделни измени во постојните средства на трудот. Другиот дел од постојаниот капитал, суровините и помошните материи, постојано се препроизведуваат во текот на годината, а оние што произлегуваат од земјоделството редовно еднаш годишно. Според тоа, секое воведување подобри методи итн. овде дејствува скоро едновремено на придадениот капитал и на капиталот што е веќе во функција. Секој напредок на хемијата не само што го умножува бројот на полезните материи и полезната примена на веќе познатите и поради тоа со порастот на капиталот ја проширува и сферата на неговото пласирање, туку тој едновремено нѐ учи да ги фрлиме отпадоците од процесот на производството и од процесот на потрошувачката назад во кружниот тек на процесот на препроизводството; така тој создава нов материјал за капитал без претходно вложување капитал. Како што се постигнува зголемена експлоатација на природното богатство само со просто повишување на напнатоста на работната сила, токму така науката и техниката, независно од дадената големина на капиталот што функционира, се една потенција за неговата експанзија. Тие реагираат едновремено и на делот на оригиналниот капитал што влегол во стадиумот на своето обновување. Во својата нова форма капиталот си го присоединува бесплатно општествениот напредок, што е извршен зад грбот на неговата стара форма. Вистина, овој развиток на производната сила го следи едновремено едно делимично обезвредување на капиталот што функционира. До колку ова обезвредување стане благодарение на конкуренцијата остро осетлива, главната тежина паѓа на работникот, имено во онаа повишена експлоатација со која капиталистот се обидува да ја надомести загубата.

Трудот ја пренесува на производот вредноста на средствата за производство што ги потрошил. Од друга страна, вредноста и масата на средствата за производство, пуштени во движење со дадено количество труд, растат во иста сразмера со производноста на трудот. Значи, иако истото количество труд им придава на своите производи секогаш само иста сума од нова вредност, тоа сепак со порастот на производноста на трудот расте и старата вредност на капиталот што се пренесува едновремено од него на производот.

Така на пр. ако можат еден англиски и еден кинески предач да работат ист број часови со еднаква интензивност, тогаш тие обајцата ќе произведат во една недела еднаква вредност. И покрај оваа еднаквост суштествува огромна разлика меѓу вредноста на неделниот производ на Англичанецот што работи со силен автомат, и на Кинезот, што има само родан. Во истото време во кое Кинезот ќе испреде една фунта памук, Англичанецот ќе испреде повеќе стотини фунти. За неколку стотини пати поголема сума од стари вредности ја зголемува вредноста на неговиот производ, во кој овие стари вредности се одржуваат во нова полезна форма и така можат одново да функционираат како капитал. „Во 1782 г.“ — се научуваме од Ф. Енгелс — „лежеше во Англија уште непреработен цел стриг волна од трите изминати години поради недостиг на работници, уште ќе требаше да лежи ако не дојдеше на помош новопронајдената машинерија и ако не ги испредеше.“[59] Природно дека трудот, опредметен во форма на машинеријата, не создаде ни еден нов работник, но тој овозможи со мал број работници, со придавање релативно малку жив труд, не само волната производно да се потроши и да ѝ се придаде нова вредност, туку и да се додржи нејзината стара вредност во форма на преѓа итн. Со тоа тој едновремено даде средство и тласок за раширено препроизводство на волна. Тоа е природниот дар живиот труд да одржува стара вредност, додека тој создава нова вредност. Според тоа, трудот, со порастот на ефективноста, опсегот и вредноста на неговите средства за производство, значи со порастот на акумулацијата што го следи развитокот на неговата производна сила, одржува и овековечува сѐ во нова форма една вредност на капиталот што расте постојано.[60] Оваа природна сила на трудот се пројавува како сила за самоодржување на капиталот кон кој е таа присоединета, токму онака како што се покажуваат општествените производни сили на трудот како својства на капиталот, и како што се покажува постојаното присвојување на вишокот на трудот од страна на капиталистот како постојано самооплодување на капиталот. Сите сили на трудот се претставуваат како сили на капиталот, како што се претставуваат сите форми од вредноста на стоката како форма на парите.

Со порастот на капиталот расте и разликата меѓу употребуваниот капитал и потрошуваниот капитал. Со други зборови, расте вредноста и материјалната маса на средствата на трудот, како згради, машинерии, дренажни цевки, работен добиток, апарати од секаков род, кои функционираат за подолг или покус период, во постојано повторуваните процеси на производството, или служат за постигање определени полезни ефекти во полниот свој опсег, а пак се абат само постепено, и затоа ја губат својата вредност само дел по дел, значи и ја пренесуваат на производот само дел по дел. Во онаа мера, во која овие средства на трудот служат за создавање на производот, без да му придаваат вредност на производот, значи до колку се применуваат цели, а се трошат дел по дел, во таа мера тие вршат, како што спомнавме порано, иста бесплатна служба како и природните сили, водата, пареата, воздухот, електрицитетот итн. Оваа бесплатна служба на минатиот труд, кога ќе ја зафати и кога ќе ја одушеви живиот труд, акумулира заедно со сѐ поголемиот размер на акумулацијата.

Бидејќи минатиот труд постојано се преоблекува во капитал, т.е. бидејќи пасивата од трудот на работникот А, В, С итн. се претвора во актива на неработникот Х, буржујот и политичките економисти се исполнети со фалба за заслугите на минатиот труд, на кој, според шкотскиот гениј Мекелек, би требало да му се определи дури особена награда (интерес, профит итн.)[61] И така, сѐ поголемата важност на минатиот труд што содејствува под формата на средства за производство во живиот процес на трудот, му се припишува на неговиот капиталов лик, на неговиот лик што му станал отуѓен на самиот работник, чиј е тој минат и неплатен труд. Практичните агенти на капиталистичкото производство и нивните идеолошки дрдорковци се исто така неспособни да ги замислат средствата за производство одделно од антагонистичката општествена карактерна маска, што му е залепена денеска нему, како што и еден стопан на робови не може да го замисли самиот работник одделно од неговиот карактер како роб.

При даден степен на експлоатацијата на трудот, масата на вишокот на вредноста се определува од бројот на едновремено експлоатираните работници, а последниов ѝ одговара, иако во изменета сразмера, на големината на капиталот, значи колку што повеќе расте капиталот поради прогресивната акумулација, тоа повеќе расте и сумата на вредноста, што се дели на акумулационен фонд и фонд за потрошувачка. Затоа капиталистот може и повесело да живее и едновремено повеќе да се „одречува“, и најпосле, сите пружини на производството играат толку поенергично, колку што повеќе се раширува неговата размера со зголемувањето на масата на авансираниот капитал.

5. Таканаречениот фонд на трудот

Во текот на ова испитување се покажа дека капиталот не е никаква постојана големина, туку дека е еден еластичен дел од општественото богатство што постојано се колеба во зависност од поделбата на вишокот на вредноста во доход и придаден капитал. Потака видовме дека дури и при дадена големина на капиталот што функционира, приклучената кон него работна сила, наука и земја (под што треба да се разберат од економска гледна точка сите предмети на трудот што ги има во природата без содејство на човекот) образуваат еластични потенции на капиталот, што му допуштаат нему во рамките на извесни граници, широко поле за дејство, независно од неговата сопствена големина. Притоа ние не ги зедовме предвид сите околности на процесот на циркулацијата што причинуваат да дејствуваат истите маси на капиталот во мошне различни степени. Бидејќи ги зедовме како претпоставка рамките на капиталистичкото производство, значи една чисто стихијно настаната форма на општествениот процес на производството, тоа ние се апстрахиравме од секаква рационална комбинација која може непосредно и плански да се постигне со постојните средства за производство и со работните сили. Класичната политичка економија отсекогаш сакала да го разгледува општествениот капитал како постојана големина со постојан степен на дејство. Од оваа предрасуда направи догма дури родоначалникот на филистрите Џepeми Бентхем, овој трезвено-педантен, брборливо-лигав оракул на буржоаскиот разум од 19 век.[62] Бентхем е меѓу филозофите она што е Мартин Тупер меѓу поетите. И обата можеа да бидат исфабрикувани само во Англија ...[63] Од гледна точка на неговата догма, наполно не се сфатливи најобичните појави на процесот на производство како на пр. неговите ненадејни раширувања и собирања па дури и акумулацијата.[64] Оваа догма ја исползува како самиот Бентхем, така и Малтус, Џемс Мил, Мекелек итн. за апологетски цели, имено со цел да се претстави еден дел од капиталот, променливиот или капиталот што може да се преобрати во работна сила, да се претстави како една постојана големина. Испредоа басна како да е материјалната егзистенција на променливиот капитал, т.е. масата на средствата за живот, што ја претставува тој за работниците, или таканаречениот фонд на трудот, одделен дел од општественото богатство, дел што е ограничен со природни вериги и што не може да се пречекори. За да се стави во движење делот од општественото богатство, што треба да функционира како постојан капитал или — изразено материјално — како средства за производство, се сака определена маса жив труд. Оваа маса е дадена технолошки. Но нити е даден бројот на работниците, што е потребен да ја направи оваа маса труд во течна состојба, бидејќи тој број се менува со измената во степенот на експлоатацијата над индивидуалната работна сила — нити е дадена цената на оваа работна сила, туку само нејзината минимална и притоа сосем еластична граница. Фактите што лежат во основата на догмата се следниве: од една страна, работникот нема право на глас при расподелбата на општественото богатство во средства за наслада за неработниците и во средства за производство. Од друга страна, тој може само во изнимни среќни случаи да го прошири т.н. „фонд на трудот“ за сметка на „доходот“ на богатите.[65]

До каква бесмислена тавтологија се доаѓа кога се сака да се претворат капиталистичките граници на фондот на трудот во негови општествени природни граници, ќе ни покаже, меѓу другото, професорот Фосет.

„Циркулациониот капитал[66] на една земја“ — вели тој — „е нејзиниот фонд на трудот. Според тоа, за да ја пресметаме средната парична наемнина што ја добива секој работник, ние треба само просто да го поделиме овој капитал со бројот на работничкото население.“[67]

Со други зборови, значи, прво ги собираме во една сума вистински исплатените индивидуални наемнини, а потоа потврдуваме дека овој збир е сума на вредност на „фондот на трудот“, потврден од бога и природата. Најпосле, ја делиме така добиената сума со бројот на работничките глави, за да откриеме одново по колку може средно да му се падне на секој работник индивидуално. Нема што, извонредно итра процедура. Таа не му пречи на г. Фосет на еден здив да каже:

„Целокупното богатство што се акумулира во Англија за една година се дели на два дела. Едниот дел се употребува во Англија за одржување на нашата сопствена индустрија, другиот дел се извезува во други земји... Делот употребен во нашата индустрија не е никаков значаен дел од богатството што се акумулира годишно во оваа земја.“[68]

И така, поголемиот дел од годишно принарастениот вишок на производот, што им е одземен на англиските работници без еквивалент, не се капитализира во Англија, туку во туѓи земји. — Но, со така изнесениот придаден капитал се изнесува и еден дел од „фондот на трудот“, изнајден од Бога и Бентхема.[69]


Фусноти

[21] „Акумулацијата на капиталот. Употребување еден дел од доходот како капитал.“ (Маlthus: „Definitions in Political Economy“, изд. Cazenove, стр. 11.) “Претворање на доходот во капитал.“ (Malthus: „Principles of Political Economy”. 2 изд. London 1836, стр. 320.)

[21a] Овде се апстрахира од надворешната трговија со чија помош некоја нација може да ги превртува луксузните артикли во средства за производство или во средства за живот и обратно. За да го зафатиме предметот на нашето иследување во неговиот чист вид, ослободен од странични околности што ја заматуваат работата, ние мораме овде целокупниот трговски свет да го гледаме како една нација и да претпоставиме дека капиталистичкото производство насекаде се утврдило и дека ги завладеала сите индустриски гранки.

[21б] Сисмондиевата анализа на акумулацијата ја има таа голема мана, што тој мошне се задоволува со фразата: „Превртување на доходот во капитал“, а не ги иследува материјалните услови на оваа операција.

[21в] „Првобитниот труд на кој неговиот капитал треба да му заблагодари за своето изникнување.“ (Sismondi: „Nouveaux Principes etc.“ Изд. Paris, том 1, стр. 109.)

[22] „Трудот го создава капиталот, пред капиталот да го употребува трудот.“ „Labour creates capital, before capital employs labour“.) Е. G. Wakеfield: „England and America.“ London 1833, том II, стр. 110.

[23] Сопственоста на капиталистот над производот од туѓ труд е неминовна последица од законот за присвојувањето, чиј основен принцип напротив беше исклучивото право на сопственост на секој работник над производот од својот сопствен труд. (Cherbuliez: „Riche ou Pauvre“. Paris 1841, стр. 58, каде што сепак не е правилно развиен овој дијалектички пресврт.)

[24] Како да не ѝ се чудиме според тоа на итроумноста на Прудон, кој сака да ја укине капиталистичката сопственост со тоа што притоа ѝ ги противставува вечните закони на сопственоста на стоковното производство!

[25] „Капиталот е акумулирано богатство што се употребува со цел да се прави профит.“ (Malthus: „Principles etc“.) „Капиталот ... се состои од богатство што се штеди од доходот, а се употребува за правење профит“. (R. Jones: „An Introductory Lecture on Political Economy. London 1833, стр. 16.)

[26] „Поседниците на вишокот на производот (surplus produce) или на капиталот.“ („The Source and Remedy of the National Difficulties. A Letter to Lord John Russel.“ London 1821.)

[27] „Капиталот со интерес на интерес за секој ден од заштедениот капитал расте така страшно, што целокупното светско богатство, што придонесува доход, веќе одамна не е ништо друго туку некогашен интерес на капиталот.“ (London „Economist“, 19 јули 1859.) „Економист“ е навистина прескромен. Одејќи по стапките на др. Прајс, тој би можел да докаже со точни сметки дека на нашата земја мора да ѝ се придадат уште неколку други планети ако се сака да му се даде на капиталот сѐ што му следува.

[28] „Ниеден политички економист од нашиве дни под штедење не може да разбере просто собирање благо. А кога не ја земаме предвид оваа ограничена и недоволна постапка, тогаш изразот штедење може да се примени на националното богатство само во една смисла, а таа е заштеденото различно да се употреби кога се прави разлика меѓу различните видови на трудот што се одржуваат од неа.“ (Malthus: „Principles“ etc., стр. 38, 39.)

[28а] Така кај Балзака, кој ги проучи темелно сите нијанси на скржавштината, стариот лихвар Гопсек веќе подетинува кога почнува да создава блага од натрупаните стоки.

[29] „Акумулација на капитали ... застои во размената ... хиперпродукција.“ (Th. Corbet: „An Inquiry“ etc., стр. 14.)

[30] Ricardo: „Principles“ etc., стр. 163, белешка.

[31] И покрај својата „Логика“, Џ. Ст. Мил никогаш не ги откри дури оние грешки во анализата на своите претходници што се најдуваат дури во рамките на буржоаскиот хоризонт, кои чисто од гледна точка на стручност, плачат за исправка, Тој насекаде со ученички догматизам ги регистрира заблудите на своите учители. Така и овде: „Самиот капитал на крајот на краиштата наполно се сведува на наемнини, а кога ќе се надомести со продажбата на производот, тој повторно се претвора во наемнина.“

[32] А. Смит за излагањето на процесот на репродукцијата, а според тоа и на акумулацијата, во многу односи не само што не направи никаков чекор напред, туку направи решавачки чекор назад во споредба со неговите претходници, а особено со физиократите. Со неговата илузија што е спомната во текстот стои во врска и една навистина баснословна догма, која ја наследи политичката економија исто од него, имено дека цената на стоката е составена од наемнина, профит (интерес) и земјишна рента, значи само од наемнина и вишок на вредноста. Излегувајќи од оваа база, Шторх барем наивно признава: „Не е возможно нужната цена да се раствори на нејзините најпрости елементи." (Storch: „Cours etc.,“ том II, стр. 140, забел.) Една убава економска наука, која објавува дека е невозможно да се разложи цената на стоките на нејзините најпрости елементи! Поблиску за ова ќе говориме во третиот оддел од втората и во седмиот оддел од третата книга. (Спор. и „Theorіen über den Mehrwert“, том I, стр. 164 и натаму.)

[33] Читателот ќе забележи дека зборот доход (Revenue) се употребува во двојна смисла; прво, за да се означи вишокот на вредноста како плод што периодично произлегува од капиталот, второ, да се означи делот од овој плод што капиталистот периодично го троши или го присоединува кон неговиот фонд за потрошувачка. Јас ја задржувам оваа двојна смисла, зашто е таа во согласност со вообичаениот речник на англиските и француските економисти.

[34] Лихварот, таа старомодна, но и постојано подновувана форма на капиталистот, му послужи на Лутера мошне добро да го прикаже властољубието како елемент на нагонот за збогатување: „Јазичниците можеа да разберат само со својот ум дека лихварот е четворен крадец и убиец. Но ние христијаните им имаме ним таква чест, што сме готови да им правиме метании за нивните пари... Кој му ја ишмукува, граба и краде на некој друг храната, тој прави исто така грозно убиство (до колку тоа зависи од него) како кога некого го пушта да умре од глад или сосем го погубува. Но токму тоа го прави лихварот, и сепак сигурно си седи во својата фотелја, додека поправедно би било да виси на бесилка и да биде колван од толку гарвани, колку што накрал талири, само кога би имало на него толку месо што секој гарван да колвне барем едно парче. Но малите крадци ги бесат... Малите крадци ги клаваат да лежат во пранги, големите крадци се дујат во злато и коприна... Затоа на земјава и нема (по ѓаволот) поголем непријател на човекот отколку што е скржавиот и лихварот, зашто тој сака да биде бог над сите луѓе. Турците, завојувачите, тираните исто така се лоши луѓе, сепак тие мораат да ги остават луѓето да живеат и да признаат дека си се злосторници и непријатели, и можат, та дури мораат понекогаш да се смилуваат над некој. Но лихварот и скржавиот сакаат целиот свет да пропадне во глад и жедост, во жалост и немаштија, само ако успее со тоа сешто да е само негово, и сите други да примаат од него како од некој бог и вечно да бидат негови крепосници. Тој носи кафтан, златни синџири, прстење, си ја забришува устата, се покажува како верен, набожен, и достоен за пофалба... Лихварот е големо и страшно чудовиште како волкот што пустоши сѐ, полош од кој и да бил Какус, Герион или Антеј. А сепак се кити и сака да биде набожен, за да не се види каде влегуваат воловите, што тој од заднешкум ги втерува во своето легало. Но Херкул треба да го чуе рикот на воловите и крикот на заробениците и да го најде Какуса дури и на спилите и во карпите и да ги ослободи воловите од злосторникот. Зашто Какус се вика еден злосторник што е набожен лихвар, кој сѐ краде, гpaбa и голтнува. А сепак се прави како ништо да не сторил, та и никој нема да ги најде, оти тој назаднешкум ги вмолкнал воловите во своето легало, и по трагата од копитата изгледа како да излегле. Значи така лихварот сака да го измајсториса и светот како да е тој полезен и да му ги дава на светот воловите, иако тој само кон себе нив ги влечка и ги голтнува... И како што се расчеречуваат на колца и обезглавуваат разбојниците, убијците и напасниците, така и уште повеќе би требало да се расчеречат на колце, да се разгонат, проколнат и да им се претрупи главата на сите лихвари.“ (Martin Luther: „An die Pfarrherrn“ etc.)

[35] Dr. Aikin: „Description of the Country from 30 to 40 miles round Manchester.“ London 1795, стр. 182 и натаму.

[36] А. Smith: „Wealth of Nations“, кн. II, гл. III.

[37] Дури и Ж. Г. Сеј вели: „Заштеденото на богаташите се врши за сметка на сиромасите.“ „Римскиот пролетер живееше скоро сосем за сметка на општеството... Готово може да се каже дека модерното општество живее за сметка на пролетерите, од делот што тоа ним им го откинува од наемнината на трудот.“ (Sismondi: „Etudes etc.,“ том I, стр. 24.)

[38] Malthus: „Principles etc.,“ стр. 319, 320.

[39] „An Inquiry into those principles respecting the Nature of Demand etc.,“ стр. 67.

[40] Исто, стр. 50.

[41] Senior: „Principes fondamentaux del’Économie Politique.“ Превел Arrivabene. Paris 1836, стр, 308. На приврзаниците на старата класична школа сепак тоа им беше нешто премногу лудо. „На местото на изразот труд и капитал г. Сениор го подметнува изразот труд и апстиненција... Апстиненција е гола негација. Изворот на профитот не е апстиненција, туку употребата на производно применетиот капитал.“ (John Cazenove во своето издание на Малтусовите „Definitions in Political Economy.“ London 1853, стр. 130, белешка.) Г. Џ. Ст. Мил, напротив, од една страна ја препишува Рикардовата теорија за профитот, а од друга страна ја усвојува Сениоровата „награда за апстиненцијата“. Колку што му е нему туѓа Хегеловата „противречност“, извор на секаква дијалектика, толку му се нему блиски плитките противречности.

Придаток кон второто издание. На вулгарниот економист никогаш не му дошла на ум простата мисла дека секое човечко дејство може да се зема како „апстиненција“ од неговата спротивност. Јадењето е воздржување од постењето, одењето воздржување од стоењето, работењето воздржување од безделништвото, безделништвото воздржување од работењето итн. Би требало еднаш господата добро да се поразмислат за Спипозовото: “Determinatio est Negatio.” [определбата е одрекување]

[42] Senior, исто, стр. 342.

[43] „Никој... на пр. не ќе го посее своето жито и не ќе го држи в земја една година нити ќе го чува своето вино со години во визбите, место веднаш да ги потроши, било самиве овие предмети, било нивниот еквивалент... кога не би очекувал на овој начин да добие придадена вредност итн.“ (Scrope: „Political Economy." G d. А. Potter, New-York 1841, стр. 133, 134.)

[44] „Оскудувањето што си го натура капиталистот кога му ги позајмува на работникот средствата за производство“ (Овој еуфемизам е употребен за тоа што според испробаниот манир на вулгарните економисти, наемниот работник, експлоатиран од страна на индустрискиот капиталист, го изедначува со самиот индустриски капиталист, кој се ползува со парите од капиталистот што дава на заем пари!) „наместо сам да ја потроши нивната вредност со нивното претворање во предмети за употреба и луксуз.“ (G. de Molinari: „Études economiques etc.,”, стр. 36.)

[45] Courcelle-Seneuil: „Traité théorique" etc., стр. 57.

[46] „Одделни класи доход, што најмногу придонесуваат за напредокот на националниот капитал, се изменуваат во различните стадиуми од овој напредок, и поради тоа се наполно различни кај народите што се најдуваат на различни степени од напредокот... Профитот во понапрежните општествени степени е незначителен извор на акумулацијата во споредба со наемнината и рентата.... Штом донекаде ќе пораснат силите на националниот труд, се зголемува и сразмерната важност на профитот како извор на акумулација.“ (Richard Jones: „Textbook etc.“, стр. 16, 21.)

[47] Исто, стр. 36 и потака. (Забелешка кон четвртото издание. — Мора да е некоја грешка, местото не можеше да биде изнајдено. — Ф. Е.)

[48] „Рикардо вели: 'Во различни стадии на општеството, акумулацијата на капиталот или на средствата за примена (т.е. за експлоатирање) на трудот, е повеќе или помалку брза, а во секој случај мора да зависи од производната сила на трудот. Производните сили на трудот, општо земено, се најголеми таму каде што суштествува вишок плодородна земја.' Ако во оваа реченица производните сили на трудот значат ситница од делот на секој производ што им припаѓа на оние, чија рачна работа го произведува него, тогаш реченицата е тавтологичнa, бидејќи другиот преостанат дел е фонд од кој се може, ако тоа му се сака на неговиот сопственик („if the owner рlеаѕеѕ“), да се акумулира капитал. Но во повеќето случаи тоа не е така таму каде што е земјата најплодна.“ („Observations on Certain Verbal Disputes etc.", стр. 74, 75.)

[49] Ј. St. Mill: „Essays on Some Unsettled Questions of Political Economy,” стр. 90.

[50] “An Essay on Trade and Commerce,” London 1770, стр. 44. Слично и „Тајмс“ од декември 1866 и јануари 1867 донесе срдечни изливи на англиските сопственици на рудниците во кои се опишуваше среќната состојба на белгиските рударски работници, кои нити бараат повеќе нити добиваат повеќе, отколку што е токму нужно да живеат за своите „masters“ [господари]. Белгиските работници многу трпат, но да фигурираат во „Тајмс“ како примерни работници — тоа е премногу? Одговор е штрајкот на белгиските рударски работници (кај Маршиен) во почетокот на февруари 1867 г. кој е задушен со барут и олово.

[51] Исто, стр. 44, 46.

[52] Фабрикантот од Нортхемптоншир врши овдека Pia fraus [набожна измама], која го оправдува стремежот на неговото срце. Тој божем го споредува животот на англиските и француските мануфактурни работници, но тој ги опишува со погоре цитираните зборови, како што подоцна во сметеност и сам признава, француските земјоделски работници!

[53] Исто, стр. 70, 71, забелешка кон третото издание. Денеска, благодарение на конкуренцијата на светскиот пазар што настана потоа, ние сме отишле добар цел напред, во што ги фрлил развитокот на капиталистичкото производство работниците од целиот свет. Сега веќе не се работи само за тоа да се сметнат англиските наемнини на нивото од наемнините од континентална Европа, туку се работи за таа во поблиска или подалечна иднина европското ниво на наемнините да се сметне на кинеското. Таа е перспективата што ја изнесе пред своите избирачи ва еден говор за цената на трудот г. Степлтон, член на англискиот парламент. „Ако Кина“, им говореше на своите избирачи членот на парламентот Степлтон „стане голема индустриска земја, тогаш јас не гледам како би можело европското работничко население да ја издржи борбата, без да се спушти на нивото на своите конкуренти“. „Тајмс“, 3 септември 1873.) Сега веќе не се континенталните, туку кинеските наемнини цел кон која се стреми англискиот капитал.

[54] Benjamin Thompson: „Essays, political, economical and philosophical“ etc., 3 тома, London 1796-1802. Том I, стр. 288. Во својата книга “The State of the Poor, or an History of the Labouring Classes in England etc.“ cep F. М. Eden топло им ја препорачува на управниците на работните домови Рукфордовската питачка торба и со упрек им укажува на англиските работници дека „кај Шкотланѓаните има многу фамилии што со месеци наместо со пченица, 'рж и месо живеат со овесна каша и јачмено брашно смешано само со сол и вода, и притоа живеат уште многу удобно (and that very comfortably too)“. (Исто, том I, кн. II, гл, 2 стр. 503.) Слични „укажvвања“ има и во ХIX век. „Англиските земјоделски работници“ — се вели на пр. — „не сакаат да јадат смеса од пониски сорти жита. Во Шкотска каде што е воспитанието подобро, оваа предрасуда веројатно е непозната.“ (Charles Н. Parry: “The Question of the Necessity of the Existing Corn Laws Considered.” London 1816, стр. 69.) Истиот Пари сепак се плаче дека англискиот работник сега (1815) е многу пропаднат во споредба со времето на Идн (1797).

[55] Од извештаите на последната парламентарна иследна комисија за фалсифицирањето на средствата за живот се гледа дека дури фалсифицирањето на лековите во Англија не е одземка, туку правило. Испитувањето на пр. на 34 проби од опиум, земени од исто толку различни аптеки во Лондон, покажа дека во 31 случаи опиумот бил фалсифициран со афионски шапки, пченично брашно, гумена пена, иловица, песок итн. Многу од пробите не содржеа ни атом морфиум.

[56] G. B. Newnham (barrister-at-law): “A Review of the Evidence before the Committee of the two Houses of Parliament on the Corn Laws.” London 1815, стр. 28.

[57] G. L. Newnham: „А Review of the Evidence etc.“, стр. 19, 20.

[58] Ch. Н. Parry: „The Question etc.“, стр. 69. Господата лендлордови од своја страна не само што се „вознаградија“ за загубите во антијакобинската војна, која ја вадеа во името на Англија, туку и страшно се збогатија. За 13 години нивните ренти се вудвоија, вутроија, вучетворија и, во исклучителни случаи, се зголемија за шест пати (Исто, стр. 100, 101).

[59] F. Engels: “Lage der arbeitenden Klasse in England,” Leipzig 1845, стр. 20.

[60] Класичната политичка економија поради недостатна анализа на процесот на трудот и на процесот на оплодувањето на вредноста никогаш не го разбрала како што треба овој важен момент на препроизводството, како што може на пр. да се види кај Рикардо. Тој на пр. вели: Колку и да се изменува производната сила, „еден милион луѓе во фабриките произведуваат постојано иста вредност.“ Ова е точно, ако се дадени степенот на екстензивноста и интензивноста на нивниот труд. Но Рикардо во извесни свои заклучоци иcпyштил од предвид дека тоа ништо не пречи еден милион луѓе — при различна производна сила на трудот — да претвораат во производ многу различни маси средства за производство а во тоа во нивниот производ да одржуваат многу различни маси вредности, значи и вредноста на производите што ги доставуваат тие да се од многу различни вредности. Патем да забележиме, Рикардо залудо се обидуваше на овој пример да му ја објасни на Ж.Б. Сеј разликата меѓу употребната вредност (што ја вика овде wealth, материјално богатство) и разменската вредност. Сеј му одговори: „Што се однесува за мачнотијата на која укажува Рикардо, кога зборува дека со применувањето на поусовршени методи еден милион луѓе можат да произведат два или три пати повеќе богатство, а да не произведат повеќе вредност, оваа мачнотија се губи штом ние гледаме, како што и треба, во производството размена во која ги даваме производните услуги на својот труд, на своето земјиште, на своите капитали, за да ги добиеме производите. Овие производни услуги се она со чија помош ги добиваме сите производи што суштествуваат на светов... Значи... колку е поголемо количеството на полезните предмети што ги постигнуваме во производството викано размена со нашите производни услуги, толку е поголема вредноста на нашите услуги, толку располагаме со поголемо богатство“. (J. B. Say, “Lettres à M. Malthus,” Paris 1820, стр, 168, 169). “Difficulté” [Тешкотијата] што треба да ја објасни Сеј, — а таа суштествува за него, а не за Рикардо — се состои во следново: Зошто не се зголемува вредноста на употребните вредности, кога расте, поради повишената производна сила на трудот, нивното количество? Одговор: Тешкотијата е така решена, што употребната вредност благоволиле да ја наречат разменска вредност. Разменската вредност е нешто, one way оr another [вака или инаку], што има некаква врска со размената. И така, ако го наречеме производството „размена“ на трудот и средствата за производство за производот, тогаш ќе ни стани јасно како ден дека ќе добиваме толку повеќе разменска вредност колку повеќе употребни вредности ќе ни доставува производството. Со други зборови: „Колку повеќе употребни вредности, на пр. чорапи, ќе му дава еден работен ден на фабрикантот на чорапи, тој ќе биде толку побогат со чорапи. Сепак Сеј дополнително се придосетува дека „со поголемото количество“ чорапи паѓа нивната „цена“ (која природно нема ништо заедничко со разменската вредност), „бидејќи конкуренцијата ги присилува производителите да ги продаваат своите производи по толку колку им чинат.“ Но од каде иде профитот, ако ја продава капиталистот стоката по цената на чинењето? Но, never mind [ништо затоа]. Сеј изјавува дека, поради повишената производност, сега секој добива во замена за истиот еквивалент две рала чорапи наместо порано едно рало итн. Резултатот до кој тој иде е токму Рикардовиот принцип којшто тој сакаше да го побие. По вакво силно умно напрегнување тој триумфално се обрнува кон Малтуса со следниве зборови: „Ова, господине, е една добра сврзана теорија без која, изјавувам, е невозможно да се објаснат најголемите тешкотии на политичката економија, а особено прашањето како може една нација да биде сѐ побогата додека на нејзините производи им спаѓа вредноста, а ваму богатството сепак се состои од вредности.“ (Исто, стр. 170.) Еден англиски економист по повод слични мајстории во „Lettre“ на Сеја забележува: „Овие афектирани манири на брборење („those affected ways of talking”) го сочинуваат наполно она што г. Сеј сака да го вика своја доктрина и она што му го клава на срце на Малтуса за да го предава на Хертфорд, како што тоа веќе се прави dans plusieurs parties de l’Europe [во повеќе делови од Европа]. Тој вели: „Ако најдете во сите овие начела нешто парадоксално, тогаш погледнете ги нештата што ги изразуваат тие и можам да се надевам дека ви се сторат сосем едноставни и сосем разбирливи.“ Без сомнение, и едновремено поради истите процеси, ќе се покаже сѐ друго, само ништо оригинално и важно.“ (“An Inquiry into those Principles Respecting the Nature of Demand, etc.“, стр. 116, 110.)

[61] Мекелек го зел патентот на „wages of post labour” [награда за минат труд] многу понапред пред да го земе патентот Сениор на „wages of abstinence” [награда за воздржување].

[62] Спореди го меѓу другото, Ј. Bentham: “Théorie des Peines et des Récompenses,” превел Et. Dumont. 3 изд., Paris 1826, том II, кн. IV, гл. II.

[63] Џереми Бентхем е чисто англиски феномен. Ни во една епоха и ни во една земја уште никој, дури и да не го одземаме и нашиот филозоф Кристијан Волф, не се дуел со таква самодопадливост со најпрозаичните баналности. Принципот за полезноста не беше никаков Бентхемов изнајдок. Тој само бездарно го репродуцираше она што даровито го рекле Хелвециј и другите Французи од 18 век. Ако сакаме на пр. да знаеме што му е на еден пес полезно, тогаш мораме темелно да ја проучиме песјата природа. Самата оваа природа не може да се конструира од „принципот на полезноста“. Ако сакаме да го примениме овој принцип, т.е. ако сакаме да ги оцениме според принципот на полезноста сите човечки дејствија, движења, односи итн., тогаш прво се работи за човечката природа воопшто, а после за човечката природа која се изменува во секоја историска епоха. На Бентхем за тоа апсолутна не му мисли. Со најнаивна тупост тој го изедначува модерниот филистер, особено англискиот филистер — со нормалниот човек. Сѐ што е полезно за овој тип од нормален човек и за неговиот свет, е полезно и само по себе. После тој со оваа мерка го мери минатото, сегашноста и иднината. На пр. христијанската религија е „полезна“ зашто таа од религиозна гледна точка ги осудува истите злосторства што ги осудува од правна гледна точка и казнениот закон. Уметничката критика е „штетна“ зашто таа му пречи на чесниот свет во неговото уживање во Мартин Тупер итн. Со таков смет исполни овој славен човек, чија девиза е “nulla dies sine linea!,” [ни еден ден без некој ред],[5*] цели планини книги. Кога би го имал куражот на мојот пријател Х. Хајне, јас би го нарекол г. Џереми гениј на буржоаската глупост.

[64] „Политичките економисти се премногу наклонети да третираат едно определено количество капитал и еден определен број работници како орудија за производство што имаат еднообразна сила и што дејствуваат со извесна еднообразна интензивност ... Оние што тврдат дека стоките се единствените агенти на производството, докажуваат дека производството воопшто не може да се прошири, зашто за едно такво проширување најнапред би морале да се умножат средствата за живот, суровините и орудијата, што всушност се сведува на тоа, дека не може да има никаков пораст во производството без да се изврши негов претходен пораст, или, со други зборови речено, дека никаков пораст не е возможен“. (S. Bailey: „Money and its Vicissitudes“, стр. 59 и70.) Бејли ја критикува догмата главно од гледна точка на обртниот процес.

[65] Џ. Ст. Мил вели во своите „Principles of Political Economy“ [кн. II, гл 1, § 3]: „Производот на трудот во денешново време се дели обратно пропорционално спроти трудот — најголемиот дел им припаѓа на оние што никогаш не работат, следниот дел по големина на оние чијшто труд е скоро само номинален, и така, по надолна скала, наградата сѐ повеќе се смалува колку што трудот станува потежок и понепријатен, така што најзаморниот телесен труд што најмногу исцрпува не може да смета со сигурност да го добие барем она што му е најпотребно за живот“. За да се избегнат недоразбирањата, забележувам дека, иако луѓето како Џ. Ст. Мил и нему слични се за прекорување поради противречноста меѓу нивните стари економски догми и нивните модерни тенденции, би била сосем неправедно да се фрлаат на еден куп со апологетите на вулгарната економија.

[66] Н. Fawcett, професор по политичка економија во Кембриџ: „The Есonomic Position of the British Labourer.“ London 1865, стр. 120.

[67] Овдека го потсетувам читателот дека категориите: променлив и постојан капитал за првпат јас ги употребив. Политичката економија по А. Смит, ги фрла определбите што произлегле од нив заедно со различните форми на основниот и обртниот капитал што произлегле од процесот на циркулацијата во една шарена смеса. Поблиску за тоа во вториот оддел од втората книга.

[68] Fawcett: „The Economic Position” etc., стр. 123, 122.

[69] Може да се каже дека секоја година од Англија се извезува не само капитал туку и работници во форма на иселување. Сепак во текстот ни збор не станува за peculium[6*] на иселениците, кои во големиот свој дел не се работници. Тие се во најголемиот дел закупнички синови. Англискиот придаден капитал што годишно се испраќа во странство со цел да се извлекува од него интерес, стои во поголема сразмера спроти годишната акумулација отколку годишното исеnување спроти годишниот прираст на населението.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во 4 издание: denn (зашто).

[2*] Нема никаков датум — Реакционерниот шлески големопоседник Лихновски зеде збор на 31 август 1848 г. во Националното собрание на Франкфурт и се искажа против историското право на Полска за самостојна егзистенција. Притоа тој неколку пати го повторил горниот израз:„keinen Datum nicht hat“ наместо „keinen Dаtum hat“, на што присутните секој пат одговарале со голема смеа, бидејќи во германскиот јазик се употребува само една негација. Маркс и Енгелс во свое време ја изнеле оваа комична сцена во весникот „Neue Rheinische Zeitung“.

[3*] Фридрих Шилер, „Die Bürgschaft“.

[4*] Парафразиран цитат од Гетеовиот „Фауст“. дел. 1, „пред портата“.

[5*] Овие зборови му се припишуваат на старогрчкиот сликар Апел, кој си поставил како правило секој ден, макар малку, да поработи на своите слики.

[6*] Peculium — делот од имотот кој можел во стариот Рим главата на семејството до го предаде на некој слободен, на пр. на синот, или на роб со него да стопанисува и да го управува. Поседувањето на пекулиумот фактички не ја укинува зависноста на робот од неговиот господар, а правно пекулиумот си останувал сопственост на главата на семејството.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива