Кочо Рацин

Испанска балада


Напишано: 1937
Прв пат објавено: „Разгледи“, Скопје, год. XXIII (1981), бр. 9 (ноември), 779-782 стр.
Извори: Кочо Солев Рацин „Поезија“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 162 стр. Блаже Ристовски „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица“, Скопје, 2009, 278-279 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2014



Над Мадрид оловното утро беше легнало како камен.
Тежеа оч[н]ите капки и душеше од неспање здихот
И храбрите борци ги мамеше слатката дремка.
Ох, само малцишко сон. Два дена клепките тежат
Малцишко само. А после напред!
На црниот крвав змеј! Црна крвава смрт!

Но око не трепкај. И крепки вие до око стојте!
Другари будно другари: На штрек!
На Франка дивите орди дошле дури пред Мадрид.
Не! Не! Нон пасарон! И нема да поминат они,
У река от топла крв нека се издават сите,
Но навакај не! На Мадрид земјата е света.

Така тој у таја утрина тешка ги храбреше борците морни
И со сипкав глас даваше наредби последни.
Додека смрта от далеку му шепнуеше думи страсни
И тој со топлиот глас милуеше ухото немо
Таја утрина си Ганчо веќе мој!

И падна тој!
Со коскини раци сакаше да го загрне смрта
Но тогај светата земја на Мадрид му разгрна страсните си гради
целуна го, крепко притисна и милно му шепна:
Другар! Другар на клетата македонска сестра!
Другар, не умре ти и нема за тебе смрт!
Тука у градите мои бесмртници лежат!
И тие и овиа. И тиа далеку до и двата брегови на Вардар
за слободата на милата си земја што паднаа по полињата бескрајни.
Другар и тиа и овиа и ти ела,
Ела у таја наша страсна ноќ да те загрнат моите гради.

А утре другар мил и непознат, утре е слободата наша,
Милионите ни идат на гости утре слушаш ли другар ох, послушни
милиони идат со песни и бајраци црвени носат
А на бајраците чекан и срп и името ваше бесмртно!
Мртов е за довек црниот фашизам, крвавиот црн змеј!
Слобода! Слобода! Над земјата се вее и знамето црвено.


Рацинова архива

Архива на Ганчо Хаџи Панзов

Архива за Шпанската граѓанска војна и револуција

марксистичка интернет архива