Јосиф Ќаевски – Перо

Сеќавање за смртта на Кочо Рацин


Првпат објавено: „Нова Македонија“, 16-30 март 1990.
Извор: Глигор Стојковски, „Искрвавени мугри: како загина Кочо Рацин“, „Орбита-С“, Скопје, 1997, 99-102 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2019


Беше околу десетти јуни 1943 година, кога првпат преспавме во оваа база (станува збор за втората, по напуштањето на првата база поради балистичките напади претходните денови - Г. С.). Изутрината сонцето уште не беше огреало во густата шума на Козјак, како што се викаше ова место на Бистра. Со Кочо седевме до една бука и разговаравме. По некое време тој од неговото мало торбиче извади една тенка тетратка со сини корици и почна нешто да пишува. Јас долго го набљудував, а тој нешто ќе запише, пa ќе застане, ќе размисли и повторно ќе продолжи со пишувањето. Одеднаш погледна во мене и ми рече: „Дали знаеш ти, Перо, дека писменоста на целото словенство потекнува од Македонија. За тоа сега пишувам. Ти си млад, знам сигурно оти не си учел за тоа во бивша Југославија, зашто не се дозволуваше да се истакне македонското, за нив ние бевме Срби.“ Потоа почна да ми зборува за времето на Кирил и Методи, па сѐ до Климент Охридски. Му реков: „Другар Кочо, за Кирил и Методи сум учел, ама за Климент не знам ништо.“

Почна да ми раскажува за македонската историја, за која јас малку знаев. Од сето што ми го раскажyваше, видов дека тој не е обичен борец, иако беше многу обично облечен – во палтенце, со вовлечени панталони во бели чорапи, со качкет направен од некој велешки шапкар, озгора исшаран со разнобојни платнени триаголници, кои се состануваат под едно платнено петличе од некоја слична боја. Таа тетратка, по неговото загинување, ја носев со моите радио-документи сѐ до доаѓањето во слободно Скопје, кога ја предадов во една канцеларија на Главниот штаб на Македонија.

Партизанската база, каде што престојуваше Штабот, беше сместена во еден ендек. Местото беше целосно тревјосано и полно со суви букови лисје. На еден свиок од ендекот, беа собрани и се советуваа – Страхил Гигов – Андро, Добривое Радосавлевиќ – Орце и Цветко Узуновски – Абас. По кусиот разговор, станаа и отидоа во селото Кленоец. Во базата останавме само ние тројцата: Кочо, Киро Георгиевски – Дејан и јас. Денот веќе беше преполовен. Дејан нешто чепкаше околу пљачките и, како да ја наречам, кујната и редеше нешто во неа. Кочо ми рече: „Море другар, нели ти се јаде, јас веќе чувствувам глад. Ајде да одиме кај Дејан да видиме што има во кујната да апнеме.“ Станавме и отидовме кај Дејан кој уште беше наведнат над некои вреќи. Кочо го праша: „Другар, има ли тука нешто да се апне?“ Дејан се исправи и рече: „Има, Кочо, само треба да се направи. Во оваа вреќа има брашно, тука има маст, во кантите има сирење, а во овие вреќулки има секакви работи.“ Тогаш Кочо го праша дали има сода бикарбона, бидејќи тој знаел да прави мекици со брашно, сода и вода.

Го запаливме огнот и го ставивме црното тавче на камењата и сѐ беше приготвено за пржење на мекиците. Кочо како што ги плескаше мекиците една по една, така ги ставаше во тавчето. Тие се пржеа и за чудо почнаа да се надигаат како да имаше квасец во нив. За цело време Кочо се смееше и се шегуваше на наша сметка, оти сме дошле на такво дереџе, во оваа пустелија. Викаше – другари, гладот ќе нѐ натера на сѐ, па и да станеме готвачи, но сѐ тоа е за нашата борба. По кусо време, слатко се изнајадовме мекици и сирење.

Дејан прв се најаде, го зеде тенџерето во кое Кочо го месеше брашното, го зами со вода и од една вреќа почна да го полни со грав. Потоа го донесе кај нас, зеде од мекиците и почна да става во него, кое со грав беше наполнето речиси до врвот. (За правењето мекици спомнува и Мино Миновски на Трибината во Друштвото на писателите Г. С.) – „Земи го тенџерето и однеси го горе кај печатницата. Тие таму нека го варат гравот.“ Јас реков, зошто горе да се вари гравот, кога ете, тука, огништето е готово и има уште оган. Дејан ми одговори дека не може тука, дека гравот таму ќе се вари, дека горе има примус, апарат за готвење на шпиритус, а има и пештера. Му го подаде тенџерето на Кочо и му рече: „Оди горе кај другарите и дај го гравот да го сварат“. Кочо го погледна навредено: „Добро де, ако треба да се оди горе нека оди Перо, зашто баш јас да одам", рече. Дејан упорно настојуваше Кочо да оди. Јас видов оти се создаде непријатна атмосфера, станав и го зедов тенџерето. Дејан го стегна со двете раце, не ми го даваше и силно му викна на Кочо да стане и да оди. Кочо насила како да се насмеја: „Добро, дај ќе го носам“, рече и го фати тенџерето, ги стави на колкот и тргна по левата страна на ендекот. Густата шума бргу го скри. Дали минаа повеќе од 5-6 минути се слушна истрел од правецот кајшто тргна Кочо. Јас веднаш станав, грабнав една суровица и се стрчав во тој правец. Но Дејан скокна и ми рече: „Ти биди тука, јас ќе одам.“ Дејан кривеше и тешко одеше, се чудев зошто не ме пушти мене. Јас како помлад ги слушав наредбите од постарите другари. Дејан, кривејќи, полека отиде да види што се случило. Јас пак останав со големото дрво што уште го држев в рака, оти тука немаше никакво оружје. Легнав на ендекот подготвен за ново изненадување. По извесно време, се собраа Дејан, Страхил Гигов, Цветко Узуновски, Мино Миновски, Митре Инадески и други другари, кои јас не ги знаев. Кога дојдовме до Кочо, тој легнат на грб, уште свесен, праша: „Што е ова, бре другари, со мене, дали сето она е вистина или нешто сонувам.“ Кога почна да ја губи свеста, собра сила само уште да рече: „Другари, имам една стара мајка во Велес, кажете ѝ оти загинав за Македонија.“ Потоа Дејан објаснуваше каде бил удрен Кочо. Куршумот го удрил во стомакот, над колкот. Тој бил од типот СС, кој, кога влегува во погуста средина, се движи напред спирално. Тие го превиле само што тоа ништо не помогнало. Мино, за кого рекоа дека пукал, стоеше настрана и замислено гледаше во ендекот. Кога сето ова го ислуша, Страхил им викна на другарите: „Нели ви кажав оти е малку наглув и да не го праќате никаде.“ На тоа сите замолчеа. Кочо го закопавме на Козјак, а ние веќе се спремавме кон Галичица и за Преспа.

По ослободувањето, Сојузот на борците на Македонија организираше посета на местото каде што загина Кочо Рацин. По пристигнувањето на Козјак, го видовме камен-белегот изделкан од гранитна карпа на која беше запишан датумот на загинувањето на Кочо. Присутните другари и борци од Кичевско-мавровскиот одред, младинци и други од блиските села на Кичево, му оддадоа почит на големиот македонски поет, борец и револуционер. Младинците се интересираа за партизанското движење на овој терен, а посебно за загинувањето на Рацин. Тогаш се сетив на Киро Георгиевски – Дејан кога рече дека тука негде имало некоја пештера каде била сместена печатницата. Го прашав и водичот дали тука има некаква пештера, но тој ми рече дека нема нигде во близината.



Рацинова архива

Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива