Митре Инадески

Рацин на Лопушник и неговата смрт


Првпат објавено: 1972
Извор: Перо Коробар (ур.), „Сеќавања на современиците“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 97-99 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2018


На петти или седми мај 1943 година преку другарот Страхил Гигов ни беше кажано дека ЦК КПМ донел одлука да се префрли печатницата од Битуша во местото Лопушник. Префрлувањето имаше тешкотии, бидејќи до Лопушник требаше да минеме една карабинерска станица. Натоваривме две магариња со делови и материјали од печатницата, од кои во случај на претрес не ќе можеше да се забележи што се пренесува. Заедно со нас беа и другарките Ратка Инадевска и Дукадинка Стефановска, облечени во селски носии. „Одевме” во Косоврашките бањи. Кога дојдовме до местото Јама скршнавме кон Бистра-планина, навлегувајќи во густата шума, барајќи го закажаното место со Страхил Гигов. Почнавме да чукаме со камења по буките — три долги удари. Ударите одекнуваа во густата шума. Набргу го чувме одговорот. Се појави другарот Страхил Гигов со оружје. Ние тројцата ги растоваривме магарињата и ги зедовме материјалите со нас и по подолго патување низ шумата дојдовме во базата „Лопушник“. Стражата на базата нè пропушти без задржување, бидејќи со нас беше другарот Гигов.

Во базата ние се упативме кон една барака. Таму при самиот влез веднаш го забележав Рацина наведнат над една машина за пишување. На главата имаше галичко кече со петокрака ѕвезда, а на масата беа расфрлани хартии. Галичкото кече со петокрака ѕвезда тој постојано го носеше. Во тоа време мнозина другари носеа такви кечиња, бидејќи сè уште се дискутираше, каква да биде партизанската капа, која секако требаше да има национален белег. За мене беше посебно задоволство да го видам Кочо во партизанските редови. Јас него го познавав уште како графички работник во Скопје.

Радосен му пријдов, поздравувајќи се срдечно со него, ословувајќи го со „Другар Рацин”, на што тој веднаш ми забележа дека се вика „Дончо”. Другарот Гигов нè информира дека ЦК КПМ донел решение другарот Рацин да раководи со печатницата, дека тој ќе ги подготвува материјалите, а ние двајцата ќе ги печатиме. Потоа добив задача да ги пренесам другите материјали од Битуша, а Рацин и мојот другар да најдат погодно место за сместување на печатницата во околината на базата.

Јас преку ноќта со еден курир ги префрлив материјалите. Идниот ден уште во раните мугри другарот Добривое Радосављевиќ-Боби-Орце, Страхил Гигов, Кочо Рацин и ние отидовме на местото избрано за печатницата, за правење на земуница. Добивме алат и почнавме да копаме. Рацин беше многу добро физички граден и со голема страст се даде на копање. Пет дена и пет ноќи без прекин копавме, а за да не оставиме трага од земјата со вреќи, ја пренесувавме далеку од местото каде што копавме. Местото на печатницата се држеше во тајност и од другарите што беа во базата, иако таа беше на петстотини метри од базата во една густа букова шума. Земуницата ја направивме солидно, со нужните греди и маскирана, така што не можеше да се забележи. Влезот беше исто така камуфлиран. Внатре беа сместени три кревети и нужните материјали за печатење. Преку ден излегувавме од земуницата и работевме. Рацин си направи маса под една голема бука и тука работеше.

Отпочнавме со работа со набирањето на збирката „Македонски народно-ослободителни песни”. Песните му беа средени уште пред нашето доаѓање. Тој се носеше со мисла, а затоа имаше и приготвени материјали, за издавање неколку дела. Додека ние ги набиравме и печатевме песните, тој работеше на средувањето на Сталиновиот говор, одржан по повод Први мај 1943 година. Со почнувањето на нашата работа околу печатењето на говорот, тој се зафати околу средувањето на Прогласот на ЦК КПЈ, кој беше упатен до македонскиот народ по повод Илинденското востание. Прогласот требаше да се печати во тираж од 2.500 примероци. Истиот ден, кога се заврши печатењето на „Прогласот до македонскиот народ”, Кочо Рацин беше заминал по некаква работа до базата на Главниот штаб и преквечерината (13 јуни 1943 година) се враќаше кон складиштето на печатницата. Не забележувајќи дека се приближил кон печатницата, Рацин слободно продолжил да се пробива меѓу буките, без да се јави со вообичаените конспиративни знаци. Тоа го разбуди сомнението на стражарот, кој почна внимателно да гледа кон местото, откаде што допираше шумолењето.

Неколку секунди подоцна во густиот мрак на шумата сред летната вечер, остро одекна гласот на стражарот:

— Стој!...

И по повикот, Рацин продолжи да се движи низ буките. Не можејќи да го распознае, стражарот пак силно извика:

— Стој!...

Како што е познато, Кочо беше прилично наглув и не го чу гласот на стражарот, на кого што му изгледаше сосем сомнителен молчеливиот човек, што врви напред кон него, кон печатницата. А при тоа сите во печатницата знаеја дека непријателот имаше сконцентрирано голема војска во подножјето на планината, во месноста „Извор”, и во целата околија владееше опсадна положба.

По третиот предупредителен вик на стражарот изгрме пушка, што надалеку одекна низ планината...

Вековните буки на Лопушник, како живи луѓе поткосени од остра болка, замреа во ноќта. Како да затагува целата родна планина во црниот час што го вледени срцето на крилатиот поет Рацин, верниот син на татковината, поетот, што безмерно го сакаше својот народ и се жртвуваше за него.

Другарите од печатницата го грабнаа оружјето и притрчаа кон стражарското место. Се чу офкање. По гласот познаа оти е Рацин. Притрчаа, — беше смртно погоден. По неполни два часа тој умре.

Голема тага ги облеа сите другари. Веста за несреќната смрт на Рацина со голема и неизмерна болка ја примија партизаните, како и целиот народ, кој многу очекуваше од овој свој верен син.



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива