Перо Ивановски

Осуда без сослушување


Првпат објавено: 1972
Извор: Перо Коробар (ур.), „Сеќавања на современиците“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 92-94 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2018


Уште од првите години на моето воведување во класната и националната борба сум слушал за Рацина, особено од студентите и работниците кои имале непосредни контакти со него и кои ја следеле неговата политичка и културна активност. Рациновата поезија се рецитираше на излети и на приредби, што се организираа во градот од напредните работници и интелектуалци.

Во почетокот на 1940 збирката „Бели мугри”, како и кај многу други прилепчани дојде и до мои раце. Се радував на неа како и другите мои другари кои ја читаа таа збирка. Во пролетта 1940 година, по доаѓањето на Темпо во Прилеп, јас заминав за Скопје на работа во Покраинскиот комитет.

Во овој период се чувствуваше позасилен револуционерен бран што ги опфаќаше широките народни маси во Македонија. Набргу по моето доаѓање во Скопје, ми беше соопштено дека Кочо се наоѓа во градот и дека некои наши другари му обезбедиле прием за разговор кај банот на Вардарска Бановина, на кој Рацин му го изнел малтретирањето што секој ден врз него и врз неговата фамилија го вршеле органите на велешката полиција, и не само велешката, туку и белградската полиција, каде што наишол на услови за живот и творечка работа.

Според искажувањата на Коча, а пренесени преку другар до нас, банот извонредно добро го примил. На неговата маса во кабинетот се наоѓала збирката „Бели мугри”. Тој изразил задоволство што му се дала можност лично да се сретне со Рацина и искажал пофални зборови за поезијата на Кочо. Го прашал: дали има намера и натаму да пишува и дали ќе издаде и друга збирка песни. Рацин тогаш искористи прилика да искаже мислење дека толку многу е малтретиран што воопшто нема услови за да може да се оддаде на таква работа. Банот му ветил дека ќе настојува да му го реши неговото прашање. Тој, низ разговорот, се „трудел” да му се престави на Рацина како човек и бан кој по своите уверувања е демократ и кој не се согласува со методите што се применуваат кај македонскиот народ прикажувајќи се широкоград во согледувањето на патилата и стремежите на македонскиот човек. Дури и му изразил готовност, до колку има нешто напишано, да му обезбеди издавање на книга и тој лично да го напише предговорот. Овој разговор веројатно бил многу интересен од фактот што се среќаваат две спротивно класно определени личности во извонредно сложена ситуација. На крајот на разговорот банот го поканил Рацина да го продолжат овој интересен разговор во попригодна домашна атмосфера кај него. По посетата, преку другарот што ја одржуваше врската со Рацина, бевме информирани за текот на разговорот како и дека на Кочо му е понудено да биде гостин на ручек и таму да продолжат со разговорот. Но ние не ја гледавме потребата за понатамошното одржување контакти со банот за решавање на неговиот проблем. Меѓутоа, подоцна дознавме, преку постојната врска, (кога Рацин го известил), дека тој бил кај банот дома.

Факт е дека за сето ова што се случуваше беше пренесувано преку трето лице за кое и не се сеќавам. Потоа Рацин замина за Белград. Продолжувајќи ја својата активност на политичко и културно поле, тој се наоѓаше во центарот на актуелните и раздвижените прогресивни процеси.

Во март или април 1940 година Кузман Јосифовски, секретар на Градскиот комитет на Прилеп се сретнува со Кочо Рацин во кројачкиот дуќан на Коста Циривири во Белград, разговарајќи за политички проблеми и активности на Покраинскиот комитет. Тој преостро се изразил за неговата активност во дадените услови на внатрешен и надворешен план, употребувајќи ги зборовите што ми останале во сеќавање дека ПК е отворен „кепенок” и дека претставува мало еснафско дуќанче.

Ова негово искажување за ПК и случајот со банот беа предмет на разгледување на Покраинската конференција што се одржа во септември 1940 година во Скопје. На Конференцијата, покрај претставници на одделни градови, присуствуваа Светозар Вукмановиќ-Темпо, Сретен Жујовиќ, како инструктори на ЦК КПЈ и Методија Шаторов-Шарло, кој на таа конференција беше официјално избран за секретар на Покраинскиот комитет. На конференцијата, од името на Бирото се изнесе случајот за Кочо Рацин и банот, и се предложи, поради недисциплина и критизерство, да биде исклучен ад Партијата и бојкотиран, што може да се види од Билтенот на ПК бр. 4 од 30 октомври 1940 година. („Поетот Кочо Рацин за неговото нездраво држење има бојкот. Не треба да се прибира, ниту разговор со него да се прави”). На предлогот никој не се спротивстави.

Меѓутоа, морам да го изнесам фактот дека и во случаи кога не биле од таква важност, како што е овде во прашање една од најистакнатите личности во партискиот и културниот живот во Македонија – Кочо Рацин, се формираа партиски комисии, кои преку директни контакти со оној кој е обвинет се испитуваше вистината за соодветниот случај. 3а Рацина информациите беа добивани сè по индиректен пат, во кои, најверојатно, доаѓале до израз и лични односи и толкувања спрема случајот и самиот Рацин.

Јас како организационен секретар на ПК бев задолжен да го известам Рацина за изречената партиска казна. Тоа беше моја прва и последна средба со него. Тешко е да се опише како сум се чувствувал во моментот кога требаше да му ја пренесам непријатната вест на човек со огромно револуционерно искуство. Се сретнавме на закажаното место во паркот пред тогашното Народно позориште. Седнавме заедно на една клупа. Забележав дека со нетрпение очекуваше да ја чуе одлуката на ПК. Кога му ја соопштив, тој како да не ме слушна, или, пак, беше толку збунет, што не сакаше да поверува во ваквата одлука, та ме прашуваше: „Што, што?” Си помислив: дека не ме чу, поради тоа што му ја кажав на онаа страна на која беше наглув. Тогаш реков погласно. Одеднаш очите му се раширија и потона во размислување.

Оваа средба ми е постојано во сеќавање. И подоцна, веста за неговата смрт во Скопскиот затвор длабоко ме потресе и инстинктивно чувствата ме пренесоа со него во паркот крај Вардар.[1]



Забелешка на транскриберот

[1] Ивановски во времето на смртта на Рацин се наоѓал во затворот „Идризово”.


Рацинова архива

Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива