Страхил Гигов

Така загина Рацин

(извадок од мемоарското дело „Сеќавања“)


Првпат објавено: „Нова Македонија“, 7 септември 1976, 9 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018


...

При крајот на мај заедно со поголема група комунисти и борци, во Базата пристигна Кочо Рацин. Беше бескрајно среќен кога ги виде партизаните. Се радуваше како дете, им ги бакнуваше петокраките на капите. Беше возбудливо да се гледа со каков поетски жар и восхит ја доживуваше Револуцијата. Просто не можеше да се нарадува на сето она што го виде во базата: дека веќе сме формирале ЦК и ГШ и дека се создава македонска војска. Сето тоа го правеше бескрајно среќен. Ги гушкаше партизаните викајќи возбудено: „Другари, ќе победиме!“

Како искусен револуционер и идејно поиздигнат комунист го приклучивме во одделението за агитација и пропаганда, во подготвувањето, редактирањето и печатењето на материјалите. Работата ја прими со голем жар, љубов и совесност. Исцело ѝ се предаде на задачата која му беше доверена. Инаку, тој и порано имаше проблеми со слухот, а сега во шумата слухот, уште повеќе му ослабе. Беше необично љубопитен и сакаше веднаш сè да види, да разбере и нашата организација во Базата, техниката, околината. Еден ден ни се загуби. Го баравме цел ден. Се плашевме од најлошото. Го најдовме дури приквечер. Излегол да прошета по околината, но загубил ориентација и залутал. Тогаш му забранивме да излегува сам надвор од Базата. Се движеше само во кругот, најдалеку до печатницата, која од просторијата во која живееше не беше оддалечена ниту триста метри. Не сакавме да го изложуваме на опасност. Требаше допрва да создава, да пишува за борбата и за Револуцијата. Беше многу вреден. Работеше неуморно од утро до мрак. Немаше за него задача што не би можел да ја изврши навреме. Беше и ретко упорен човек и не сакаше ништо да прифати и да одобри пред самиот во тоа да се убеди. Токму во тоа време, се сеќавам, стана актуелно прашањето за распуштање на Коминтерната. Тој никако не можеше да сфати дека во новонастанатите услови комунистичките партии не можат повеќе да бидат раководени од еден центар, т.е. од Коминтерната. Во врска со ова прашање беше готов да дискутира со секого надолго и нашироко. Понекогаш дури и остро се расправаше со оние што имаа поинакво мислење од неговото.

Во овој период настојувавме колку што е можно повеќе да ги прошириме врските со народот од овие краишта, особено со населението од турска и албанска националност. Попладнето на 13 јуни, Добривое Радосавлевиќ и јас тргнавме за селото Кленовец, кое беше оддалечено само неколку километри од Базата. Таму требаше да се состанеме со Вели-оџа од Ругово [Другово] и да поразговараме за неговото целосно вклучување во движењето. Тој инаку беше напреден човек и соработуваше со нас. Сакавме уште повеќе да го придобиеме, зашто бевме сигурни дека по него, како авторитетно свештено лице, ќе тргне поголемиот дел од муслиманското население од овој крај.

Во приквечерината, некаде по првиот мрак, додека уште бевме во селото, слушнавме истрел од правецот на Базата. Најнапред помисливме дека се балистите, бидејќи дотогаш неколкупати ја напаѓаа. Очекувавме пукањето да се развие, но по истрелот што го чувме не се слушна веќе ништо. Прислушувавме уште извесно време и продолживме со преговорите.

По еден час во селото дотрча Аризан Несторовски – Марче, тогаш курир при Главниот штаб.

„Рацин е тешко ранет!“, ни јави возбудено. „Не се знае дали ќе остане жив!“

Веста нè потресе. Веднаш ги прекинавме преговорите и побрзавме кон Базата. Кога стигнавме беше веќе мртов. Издивнал на рацете на Киро Георгиевски – Дејан.

Сакавме да формираме комисија и да го провериме случајот. Беше очигледно дека се работи за несреќен случај. Рацин беше ранет од Мино Минов, негов најблизок другар и соработник, во моментот кога им носел вечера на своите соработници во печатницата. Мино тогаш бил на стража. Неколкупати викнал: „Стој!“ но Рацин не го слушнал поради ослабениот слув.

Загинувањето на Рацин беше голема загуба за нашата Револуција. Неговата загуба ја поднесувавме тешко сите што бевме таму, а најтешко му беше на Мино Минов, неговиот добар пријател и другар – со кого се познаваа и дружеа уште пред војната.

Го погребавме утредента во една тешка и мачна атмосфера.

Ги издвоивме сите негови лични работи, кои требаше да се спакуваат и во згоден момент да се предадат на неговото семејство.



Рацинова архива

Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива