Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА СЕДМА

Hоpмата на вишокот на вредноста


Содржина

1. — Степенот на експлоатацијата на работната сила
2. — Претставување на вредноста на производот во пpoпopционални делови на производот
3. — „Последниот час“ на Сениор
4. — Вишокот на производот


1. Степенот на експлоатацијата на работната сила

Вишокот на вредноста, што го создал во процесот на производството авансираниот капитал К, или оплодувањето на авансираната вредност на капиталот К, најнапред се претставува како вишок на вредноста на производот над сумата вредности на елементите од неговото производство.

Капиталот К се разделува на два дела, на парична сума с издадена на средствата за производство, и на друга парична сума v, издадена на работната сила; с го претставува оној дел од вредноста што се претворил во постојан капитал, v делот од вредноста што се претворил во променлив капитал. Значи отпрво е K = c + v, на пр. авансираниот капитал од 500 ф. ст. = 410 ф. ст. (с) + 90 ф. ст. (v). На крајот на процесот на производството се добива стока со вредност = с + v = m, каде што m го означува вишокот на вредноста, на пр. 410 ф. ст. (с) + 90 ф. ст. (v) + 90 ф. ст. (m). Првобитниот капитал К се претвора во К', од 500 ф. ст. во 590 ф. ст. Разликата меѓу обата е = m, на вишок на вредноста до 90 ф. ст. Бидејќи вредноста на елементите на производството е еднаква со вредноста на авансираниот капитал, тогаш е вистинска тавтологија кога се тврди дека вишокот на вредноста производот над вредноста на елементите на неговото производство е еднаков со оплодената вредност на авансираниот капитал, или еднаков со произведениот вишок на вредноста.

Сепак оваа тавтологија бара една поблиска определба. Тоа што се споредува со вредноста на производот е вредноста на елементите на производството, потрошени при неговото создавање. Туку ние веќе видовме дека дел од применетиот постојан капитал што се состои од средства на трудот, му предава на производот само едно парче од својата вредност, додека другото парче продолжува да суштествува во својата стара форма. Бидејќи последново не игра никаква ролја при создавањето на вредноста, ние можеме да го апстрахираме. Неговото вовлекување во сметката ништо не би изменила. Да земеме дека с = 410 ф. ст. се состои од суровини за 312 ф. ст., од помошни материјали за 4 ф. ст. и од 54 ф. ст. за машинеријата што се изабила во процесот, во вредноста на машинеријата што е вистински употребена изнесува 1.054 ф. ст. Кaкo вредност, авансирана во производството на вредноста на производот ги сметаме само 54 ф. ст., што ја изгуби машинеријата за време на нејзиното функционирање и со тоа му ја предаде на производот. Ако ги сметавме и овие 1.000 ф. ст. кои продолжуваат да суштествуваат во нивната стара форма како парна машина итн., тогаш ние моравме да ги сметаме на обете страни, на страната на авансирана вредност и на страната на вредноста на производот,[26a] и така ние ќе ги добиеме resp. [соодветните] 1.500 ф. ст. и 1.590 ф. ст. Разликата или вишокот на вредноста ќе биде како понапред 90 ф. ст. Затоа под постојан капитал што е авансиран во производството на вредноста ние разбираме секогаш само вредност на средствата за производство што се потрошени во производството, до колку од самиот склоп не излезе обратното.

Со таква претпоставка да се вратиме назад кон формулата К = с + v, која се претвора во K = c + v + m, а со тоа К се претвора во К'. Ние знаеме дека вредноста на постојаниот капитал само повторно се појавува во производот. Значи вистински новопроизведениот во процесот производ-вредност се разликува од вредноста на производот што се добива од процесот, затоа таа не е како што се чини на прв поглед c + v + m или 410 ф. ст. (с) + 90 ф. ст. (v) + 90 ф. ст. (m), туку е v + m или 90 ф. ст. (v) + 90 ф. ст. (m), не е 590 ф. ст., но 180 ф. ст. Ако с, постојаниот капитал, е = 0, со други зборови кога би имало индустриски гранки во кои капиталистот не би морал да употребува произведени средства за производството, ни суровини, ни помошни материи, ни орудија на трудот, но само работната сила и материите што се дадени од природа, тогаш не би имало постојан дел од вредноста да се пренесува на производот. Овој елемент од вредноста на производот, во нашиот пример 410 ф. ст. би отпаднал, но производот-вредност од 180 ф. ст., што содржи 90 ф. ст. вишок на вредноста, би останала сосема иста големина, како кога с би ја претставувал најголемата сума вредности. Ние би имале К = 0 + v = v, а K', оплодениот капитал, = v + m, K' — K би било како и понапред = m. Напротив, кога би било m = 0, инаку речено, кога работната сила, чија вредност е авансирана во променлив капитал, би произвела само еквивалент, тогаш К = с + v, а К' (вредноста на производот) = с + v + 0, а со тоа К = К'. Авансираниот капитал не би се оплодил.

Вистина ние веќе знаеме, дека вишокот на вредноста е само последица од измената на вредноста, што се врши со v, со оној дел од капиталот што е преобратен во работна сила, значи дека v + m = v + v' (v плус прирасток од v). Но вистинската измена на вредноста и на односот во кој се изменува вредноста се замрачува со тоа, што поради порастот на неговиот променлив составен дел расте и вкупниот авансиран капитал. Тој беше 500 ф. ст. а сега тој е 590 ф. ст. Значи, чистата анализа на процесот бара сосема да се апстрахира оној дел од вредноста на производот, во кој само повторно се јавува вредноста на постојаниот капитал, значи постојаниот капитал да се сведе c = 0, и со тоа да се примени оној закон на математиката, каде што таа оперира со променливи и постојани големини, и каде што постојаните големини се сврзуваат со променливите само со собирањето и одземањето.

Една друга мачнотија произлегува од првобитната форма на променливиот капитал. Така во горниов пример е К' = 410 ф. ст. постојан капитал + 90 ф. ст. променлив капитал + 90 ф. ст. вишок ја вредноста. Но деведесетте ф. ст. се една дадена, значи постојана големина, та поради тоа ни се чини дека не е на место да се разгледува како променлива големина. Туку 90 ф. ст. или 90 ф. ст. променлив капитал, вистински овде е само симбол за процесот низ кој тече оваа вредност. Делот од капиталот авансиран за купување работна сила е определено количество опредметен труд, значи вредност од постојана големина како и вредноста на купената работна сила. Но во самиот процес на производството влегува на местото на авансираните 90 ф. ст. дејствувачка работна сила, на местото на мртвиот жив труд, на местото на неподвижна подвижна големина, на местото на постојана променлива. Резултатот од тоа е препроизводство на v плус прирасток од v. Од гледна точка на капиталистичкото производство овој тек е самодвижење на првобитната постојана вредност што е преобратена во работна сила. На вредноста ѝ се припишуваат процесот и неговиот резултат. Затоа ако се покаже противречна формулата 90 ф. ст. променлив капитал или вредност што се оплодува, тогаш таа само ја одразува внатрешната противречност на капиталистичкото производство.

Изедначувањето на постојаниот капитал со нула може на прв поглед да е чудно. Сепак тоа постојано се врши во секојдневниот живот. Ако сака некој, на пр. да ја пресмета печалбата на Англија од памучната индустрија, тогаш тој пред сѐ ќе ја одбие цената на памукот исплатена на Соединетите Држави, Индија, Египет итн., т. е. тој ќе ја сведе на нула вредноста на капиталот што само повторно се појавува во вредноста на производот.

Секако, односот на вишокот на вредноста не само кон оној дел на капиталот од кој тој непосредно произлегува и што ја претставува измената на неговата вредност, туку и кон целокупниот вложен капитал има големо економско значење. Затоа со овој однос ние понашироко ќе се позабавиме во третата книга. За да се оплоди еден дел од капиталот со неговото превртување во работна сила, мора другиот дел од капиталот да се претвори во средства за производство. За да функционира променливиот капитал мора да се авансира постојан капитал во соодветна пропорција според определениот технички карактер на процесот на трудот. Но околноста дека за некој хемиски процес се потребни реторти и други садови, ништо не пречи ако се апстрахира при анализата самата реторта. Сѐ додека го разгледуваме создавањето на вредноста и изменувањето на вредноста само за себе, т.е. во чист вид, средствата за производство, овие материјални ликови на постојаниот капитал, ни доставуваат сама материја, во која треба да се стави течната сила што создава вредност. Затоа е и сеедно од каква природа е оваа материја, дали е памук или железо. Сеедно е и колкава ќе биде вредноста на оваа материја. Само неа мора да ја има во достатна маса, за да може да исцица количество труд што треба да се потроши за време на процесот на производството. Кога е оваа маса дадена, може нејзината вредност да се качува или паѓа, или може да биде без вредност, како земјата и морето, но процесот на создавањето на вредноста и на изменувањето на вредноста нема ништо од тоа да биде засегнат.[27]

И така постојаниот дел од капиталот ние отпрво ќе го изедначимe со нула. Затоа авансираниот капитал се сведува од c + v на v, а вредноста на производот од v + с + m на производ-вредност v + m. Ако е даден производот-вредност = 180 ф. ст., во кои е претставен трудот што течеше за целото време додека траеше процесот на производството, тогаш ние треба да ја одземеме вредноста на променливиот капитал = 90 ф. ст., за да го добиеме вишокот на вредноста од = 90 ф. ст. Бројот од 90 ф. ст. = m ја изразува овде апсолутната големина на произведениот вишок на вредноста. На неговата пропорционална големина, значи односот во кој променливиот капитал се оплодил, очевидно е определена со односот на вишокот на вредноста спрема променливиот капитал, или е изразена во дропката m / v. Значи според горниот пример 90 / 90 = 100%. Ова сразмерно оплодување на променливиот капитал, или сразмерната големина на вишокот на вредноста, јас ја викам норма на вишокот на вредноста.[28]

Ние видовме, дека работникот за време на еден отсек од процесот на трудот ја произведува само вредноста на својата работна сила, т. е. вредноста на потребните средства за живот. Бидејќи тој произведува во состојба што почива врз општествената поделба на трудот, тој не ги произведува неговите средства за живот непосредно, туку во форма на некоја особена стока, на пр., во преѓа, тој произведува вредност еднаква на вредноста на неговите средства за живот, или еднаква на парите со кои тој нив ги купува. Делот од неговиот работен ден, што го употребува за тоа, е поголем или помал, веќе според вредноста на неговите средни дневни средства за живот, значи според средното работно време што е потребно дневно за нивното производство. Ако вредноста на неговите дневни средства за живот претставува средно 6 опредметени работни часа, тогаш работникот мора да работи средно секојден по 6 часа за да ја произведе неа. Ако не работи за капиталистот туку сам за себеси, самостојно, тогаш пак ќе мора под сосема истите услови, како и понапред да работи средно ист аликвотен дел од денот, за да ја произведе вредноста на неговата работна сила и за да ги добие со тоа средствата за живот потребни за неговото сопствено издржување или за неговото постојано препроизводство. Но бидејќи во тој дел од работниот ден, во кој ја произведува дневната вредност на работната сила, да речеме 3 шилинзи, тој го произведува само еквивалентот на нејзината вредност која веќе капиталистот му ја исплатил,[28a] значи со новосоздадената вредност сама се надоместува вредноста на авансираниот променлив капитал, тоа, производството на вредноста се јавува како голо препроизводство. Значи, тој дел од работниот ден, во кој се врши ова препроизводство, јас го викам потребно работно време, а трудот потрошен за ова време потребен труд.[29] Потребен за работникот, бидејќи е независен од општествената форма на неговиот труд. Потребен за капиталот и капиталистичкиот свет, бидејќи постојаното суштествување на работникот е негов темел.

Вториот период на процесот на трудот, кога работникот 'ргa надвор од границата на потребниот труд, навистина го чини труд, трошење работна сила, но не создава никаква вредност за него. Тој создава вишок на вредноста, кој му се насмевнува на капиталистот сосе сета дражест на едно создание од ништо. Овој дел од работниот ден јас го викам вишок работно време, а потрошениот во него труд: вишок на трудот (surplus labour). Колку што е од решавачка важност за сознавањето на вредноста воопшто, да ја разбереме како само стврднато работно време, како само опредметен труд, толку е од решавачка важност за создавањето на вишокот на вредноста, да го разбереме како само стврднат вишок работно време, како само опредметен вишок на трудот. Само по формата во која се цеди овој вишок на трудот од непосредниот производител, од работникот, се разликуваат економските формации на општеството, на пр. општеството на ропството од општеството на наемниот труд.[30]

Бидејќи вредноста на променливиот капитал е = на вредноста на работната сила купена од него, бидејќи вредноста на оваа работна сила е определена со потребниот дел од работниот ден, додека вишокот на вредноста од своја страна се определува со одвишниот дел од работниот ден, тогаш излегува: вишокот на вредноста се однесува спрема променливиот капитал како вишокот на трудот спрема потребниот труд, или нормата од вишокот на вредноста m / v = вишок на трудот / потребен труд. Обете пропорции го одразуваат истиот однос во различна форма, еднаш во форма на опредметен труд, а другпат во форма на течен труд.

Поради тоа нормата на вишокот на вредноста е егзактен израз за степенот на експлоатацијата на работната сила од страна на капиталот или на работникот од страна на капиталистот.[30a]

Според нашата претпоставка вредноста на производот беше 410 ф. ст. постојан + 90 ф. ст. променлив + 90 ф. ст. вишок на вредноста, а авансираниот капитал = 500 ф. ст. Бидејќи вишокот на вредноста е = 90 ф. ст. а авансираниот капитал 500 ф. ст. би се добило според обичниот начин на пресметување дека нормата на вишокот на вредноста (што ја мешаат со нормата на профитот) е = 18% пропорционален број, чија малост би можела да ги нажали господин Кејриј и другите хармонисти. Вистински пак нормата на вишокот на вредноста не е m / K или v / c + v, ами = m / v, значи не 90 / 500 туку 90 / 90 = 100%, повеќе од петпати отколку што изгледа да е степенот на експлоатацијата. Иако сега, во дадениов случај, ние не ја познаваме апсолутната големина на работниот ден, па ни периодот на процесот на трудот (ден, седмица итн.), најпосле ни бројот на работниците, што променливиот капитал од 90 ф. ст. едновремено ги става во движење, нормата на вишокот на вредноста m / v со нејзината возможност да биде вишок на трудот претворена во вишок на труд / потребен труд ни го покажува точниот заемен однос меѓу двата составни дела на работниот ден. Таа е 100%. Значи, работникот работел половината ден за себеси, а другата половина за капиталистот.

Значи, кусо речено, методот за пресметување на нормата на вишокот на вредноста е овој: Ние ја земаме целата вредност на производот и постојаната вредност на капиталот, која само повторно се појавува во него и ја сведуваме на нула. Преостанатата сума на вредноста е единствената производ-вредност што е вистински произведена во процесот на создавањето на стоките. Ако е даден вишокот на вредноста, тогаш го одземаме од овој производ-вредност, за да го најдеме променливиот капитал. Ако е даден последниов, а го бараме вишокот на вредноста, ќе постапиме обратно. Ако се дадени обата, тогаш ни останува да се изведе само завршната операција, да се пресмета односот на вишокот на вредноста спрема променливиот капитал — m / v.

Колку да е прост методот, сепак ќе биде наместо, да се изнесат неколку примери за да се привикне читателот со начинот на гледање што лежи во основата на овој метод, а со кој тој не е свикнат.

Најнапред еден пример, со предачница од 10.000 mulе-вретена, која преде од американскиот памук преѓа № 32 и произведува по 1 ф. преѓa неделно на 1 вретено. Отпадокот изнесува 6%. Значи, седмично се преработуваат 10.600 ф. памук во 10.000 ф. преѓа и 600 ф. отпадоци. Во април 1871 г. овој памук чинеше по 7 и 3/4 пенси фунтата, значи за 10.600 ф. заокружено 342 ф. ст. Овие 10.000 вретена, заедно со машинеријата за подготвителното распредување и парната машина, чинат по 1 ф. ст. вретеното, значи 10.000 ф. ст. Нивното годишно абење изнесува 10% = 1.000 ф. ст., или 20 ф. ст. седмично. Киријата за фабричката зграда изнесува 300 ф. ст. или 6 ф. ст. неделно. Ќумурот, (4 фунти на час и на коњска сила, на 100 коњски индикаторски сили и 60 часа неделно заедно сосе затоплувањето на зградата) 11 тони неделно, по 8 шилинзи и 6 пенси тонот, чини точно 4 и 1/2 ф. ст. неделно; гас 1 ф. ст. неделно, масло 4 и 1/2 ф. ст. неделно; значи сите помошни материи 10 ф. ст. неделно. Значи, постојаниот дел на вредноста изнесува 378 ф. ст. неделно. Наемнината изнесува 52 ф. ст. неделно. Цената на преѓата е 12 и 1/2 пенси, фунтата или 10.000 фунти = 510 ф. ст., значи вишокот на вредноста е 510 — 430 = 80 ф. ст. Постојаниот дел на вредноста од 378 ф. ст. ќе го сведеме на нула, бидејќи тој не учествува во создавањето на вредноста во седмицата. Ни останува неделен производ-вредност од 132 = 52 (v) + 80 (m) ф. ст. Значи, нормата на вишокот на вредноста е = 80 / 52 = 153 11/13%. При десетчасовен среден работен ден се добива: потребниот труд = 3 31/33 часа, а вишокот на трудот 6 2/33 часа.[31]

За 1815 г. Џекоб, под претпоставка дека цената на пченицата е 80 шилинзи за квартер а средниот принос дека е 22 бушели на екар, така што екарот да придонесува 11 ф. ст. ја дава следнава сметка што е за нашата цел доволна, иако поради претходни израмнувања на разни позиции е сосема недостатна.

Производство на вредноста по екар
Семе на пченица  1 ф. ст. 9 ш.  Десетоци, даноци
и такси 
1 ф. ст. 1 ш. 
Гној  2 ф. ст. 10 ш.  Рента  1 ф. ст. 8 ш. 
Наемнина  3 ф. ст. 10 ш.  Профит на закупецот
и интерес 
1 ф. ст. 2 ш.. 
Вкупно  7 ф. ст. 9 ш.  Вкупно  3 ф. ст. 11 ш. 

Вишокот на вредноста, во секој случај под претпоставката дека цената на производот е = на неговата вредност, е распореден овде на различни рубрики, на профит, интерес, десеток. Овие рубрики за нас се без значење. Ние ќе ги собереме нив наедно и ќе добиеме еден вишок на вредноста од 3 ф. ст. 11 ш. Оние 3 ф. ст. и 19 ш. за семето и гнојот како постојан капитал ги сведуваме на нула. Останува како авансиран променлив капитал 3 ф. ст. 10 ш. на чие место е произведена нова вредност од 3 ф. ст. 10 ш. + 3 ф. ст. 11 ш. Значи m / v = 3 ф. ст. 11 ш. / 3 ф. ст. 10 ш. изнесува над 100%. Работникот повеќе од половината својот работен ден го употребува за производство на вишок на вредноста, што разни лица, под разни изговори си го делат меѓу себеси.[31a]

2. Претставување на вредноста на производот во пpoпopционални делови на производот

Да се вратиме назад кон примерот што ни покажа како прави капиталистот од парите капитал. Потребниот труд на неговиот предач изнесува 6 часа, вишокот на трудот исто толку, а според тоа и степенот на експлоатацијата над работната сила е 100%.

Производот од дванаесетчасовниот работен ден е 20 фунти преѓа во вредност од 30 шилинзи. Не помалку од 8/10 од оваа вредност на преѓата (24 ш.) се образувани од вредноста на потрошените средства за производство (20 фунти памук за 20 шилинзи, вретена итн. за 4 ш.), кои само повторно се појавуваат, или се состојат од постојан капитал. Преостанатите 2/10 се нова вредност од 6 ш. што настана за време на процесот на предењето, од кои едната половина ја надоместува авансираната дневна вредност на работната сила или променливиот капитал, а другата половина го сочинува вишокот на вредноста од 3 ш. Значи, целокупната вредност од 20 ф. преѓа е составена како што следува: вредноста на преѓата од 30 ш. = 24 ш. c + 3 ш. v + 3 ш. m.

Бидејќи целокупнава оваа вредност се претставува во целокупниот производ од 20 ф. преѓа, и различните елементи на вредноста треба да можат да бидат претставени во пропорционални делови на производот.

Ако вредноста на некоја преѓа од 30 ш. суштествува во 20 фунти преѓа, тогаш 8/10 од оваа вредност, или нејзиниот постојан дел од 24 ш. суштествува во 8/10 од производот, или во 16 ф. преѓа. Од нив 13 1/3 ф. ја претставуваат вредноста на суровината, на испредениот памук од 20 ш., а 2 2/3 ф. вредноста на потрошените помошни материи и средствата за производство, вретената итн. од 4 ш.

Така 13 1/3 фунти преѓа го претставуваат сиот памук испреден во целокупниот производ од 20 ф. преѓа, суровината на целокупниот производ, ама и ништо повеќе. Вистина, во нив има само 13 1/3 ф. памук во вредност од 13 ш., а придадената вредност од 6 2/3 го образува еквивалентот за испредениот памук во другите 6 2/3 фунти преѓа. Тоа му излегува како да е искубан памукот од задниве фунти преѓа и како сиот памук од целокупниот производ да е нагнетен во 13 1/3 ф. преѓа. И напротив, овие сега не содржат ни атом од вредноста на потрошените помошни материи и средства на трудот, како ни од новата вредност создадена во процесот на предењето.

Понатака исто така 2 2/3 ф. преѓа, во кои се најдува остатокот од постојаниот капитал (= 4 ш.), не претставуваат ништо друго освен вредност на помошните материи и средствата на трудот потрошени во целокупниот производ од 20 ф. преѓа.

Значи, осумте десетини од производот, или 16 ф. преѓа, иако се разгледуваат телесно, како употребна вредност, како преѓа, исто така се творба на предачкиот труд, како и другите делови на производот, сепак во овој склоп не содржат никаков предачки труд, никаков труд што би бил исцицан за време на самиот процес на предењето. Излегува така како да се претвориле тие без предење во преѓа и како да е нивниот облик на преѓа чиста лага и видение. И навистина ако ги продаде нив капиталистот за 24 ш., и ако со овие пари повторно ги купи своите средства за производство, ќе се покаже дека 16 ф. преѓа се само преоблечен памук, вретено, ќумур итн.

Обратно, преостанатите 2/10 од производот или 4 ф. преѓа, сега не претставуваат ништо друго освен новата вредност од 5 ш., произведена во дванаесетчасовниот процес на предењето. Што имаше во нив од вредноста на потрошените суровини и средствата за работа, беше веќе извадено од нив и приклучено кон првите 16 ф. преѓа. Предачкиот труд отеловен во 20 ф. преѓа е концентриран во 2/10 од производот. Тоа му излегува така како предачот да ги испрел 4 ф. преѓа во воздухот или со таков памук и со такви вретена што се дадени од самата природа, без содејство на човечкиот труд, што не му придаваат на производот никаква вредност.

Од овие 4 ф. преѓа, во кои така егзистира целата производ-вредност од дневниот процес на предењето, едната половина ја претставува само вредноста што ја надоместува вредноста на потрошената работна сила, значи променливиот капитал од 3 ш., а другите 2 ф. преѓа само вишокот на вредноста од 3 ш.

Бидејќи 12 работни часа на предачот се опредметуваат во 6 ш. тогаш во вредноста на преѓата до 30 ш. се опредметени 60 работни часа. Тие суштествуваат во 20 ф. преѓа, од кои 8/10 или 16 ф. ст. се материјализација на 48 работни часа изминати пред „да почне“ процесот на предењето, имено тие се опредметен труд во средствата за производство на преѓата, а 2/10 или 4 ф., напротив се материјализација на 12 работни часа потрошени во самиот процес на предењето.

Порано видовме дека вредноста на преѓата е еднаква со збирот на новосоздадената вредност во нејзиното производство и вредностите што веќе од порано суштествуваа во нејзините средства за производство. Сега се покажа како составни делови на вредности на производот, функционално или поимно различни можат да бидат претставени во пропорционални делови на самиот производ.

Ова разделување на производот што е резултат на процесот на производството, — на едно количество производ, што го претставува само трудот што е содржан во средствата за производство или постојаниот дел на капиталот, на едно друго количества што го претставува само потребниот труд придаден во процесот на производството или променливиот дел од капиталот, и едно последно количество на производот, што го претставува вишокот на трудот придаден во самиот процес или вишок на вредноста, — ова разделување исто толку е просто колку што е важно, како што ќе покаже неговата натамошна примена на заплетканите и уште нерешените проблеми.

Тукушто го разгледавме целокупниот производ како готов резултат од дванаесетчасовниот работен ден. Но ние можеме да го проследиме него и во процесот на неговото изникнување, и сепак одделните производи да ги претставиме како функционално различни делови на производот.

Предачот за 12 часа произведува 20 ф. преѓа, според тоа за еден час 1 1/3, а за 8 часа 13 1/3 ф., значи еден дел од производот што е еднаков со целокупната вредност на памукот, што се испредува за целиот работен ден. На ист начин делот од производот од следниот час и 36 минути е = 2 2/3 ф. преѓа и затоа ја претставува вредноста на средствата на трудот потрошени за време од 12 работни часа. Токму така предачот произведува во следниот час и 12 минути 2 ф. преѓа = 3 ш., вредност на производот еднаква со целата произведена вредност, што ја создава за 6 часа потребен труд. Најпосле тој произведува во последните 6/5 од часот исто така 2 ф. преѓа, вредност што е еднаква со вишокот на вредноста произведен со неговиот полудневен вишок на трудот. Овој начин на пресметување му служи на англискиот фабрикант за домашна употреба, и тој на пр. ќе каже дека за првите 8 часа или во 2/3 од работниот ден тој го вади само својот памук итн. Се гледа, формулата е точна, навистина само првата формула пренесена од просторот каде што готовите делови на производот лежат еден крај друг, во време каде што тие течат еден по друг. Но формулата може да биде проследена и од сосема варварски претстави, имено во главите што се исто толку практички заинтересирани во оплодувањето на вредноста, колку што им е во интерес и теоретски да ја разберат наопаку. Така може да се вообрази дека нашиот предач на пр. во 8 часа од неговиот работен ден ја произведува или ја надоместува вредноста на памукот, во следниот час и 36 минути вредноста па потрошените средства на трудот, во следниот час и 12 минути вредноста на наемнината, и само многу прочуениот „последен час“ го посветува на фабрикантот, на производството на вишокот на вредноста. Така, на предачот му се натоварува двојно чудо, да произведува памук, вретена, парна машина, ќyмуp, масло итн. во истиот момент кога тој со нив преде, та од еден работен ден со даден степен на интензивност да прави пет такви дена. Во нашиов случај, имено, производството на суровината и средствата на трудот бараат 24 / 6 = 4 дванаесетчасовни работни дена, а нивното претворање во преѓа уште еден друг дванаесетчасовен работен ден. Дека грабачката лакомост верува во овие чудеса, и дека не е лишена од доктринерски сикофанти, што нив ги докажуваат, ќе ни покаже еден пример од историска слава.

З. „Последниот час“ на Сениор

Во едно прекрасно утро 1836 година, прочуениот со својата економска наука и со својот убав стил Насау В. Сениор, некој вид Клаурен меѓу англиските економисти, бил повикан од Оксфорд во Манчестер, да учи таму политичка економија, место да ја предава во Оксфорд. Фабрикантите го одбрале него за борец против неодамна издадениот Factory Act [фабрички закон] и пратив агитацијата за десетчасовниот работен ден, која одеше и уште потака. Тие разбрале со својата вообичаена практична остроумност дека на господин професорот „Wanted а good deal of finishing“ [му треба уште многу за да биде токму печен]. Затоа тие писмено го поканиле во Манчестер. Господин професорот, од своја страна, ги стилизирал лекциите што ги добил од фабрикантите во Манчестер, во памфлетот: „Letters on the Factory Act, as it affects the cotton manufacture“. London 1837. Овдека меѓу другото, може да се прочита и следнава поука:

„Под сегашниов закон, не може ни една фабрика во која работат лица под 18 години да работи дневно повеќе од 11 1/2 часа т. е. 12 часа за време на првите 5 дена и 9 часа во сабота. Следнава анализа (!) ќе покаже сега дека во една таква фабрика целата чиста добивка се извлекува од последниот час. Фабрикантот издава 100.000 ф. ст. — 80.000 ф. ст. во фабрички згради и машини, 20.000 во суровини и наемнина. Под претпоставка дека капиталот се обрнува еднаш годишно и дека бруто добивката изнесува 15%, годишниот обрт на фабриката изнесува стоки во вредност од 115.000 ф. ст... Од овие 115.000 ф. ст. секоја од 23 половинки работни часови произведува дневно 5/115 или 1/123. Од овие 23/23 што ги сочинуваат сите 115.000 ф. ст. (constituting the whole 115.000 ф. ст.), 20/23, т.е. 100.000 од 115.000 го надоместуваат само капиталот; 1/23 или 5.000 ф. ст. од 15.000 бруто добивка (!) го заместува абењето на фабриката и машинеријата. Преостанатите 2/23 т.е. обете последни половинки од часот во секој ден ја произведуваат чистата добивка од 10%. Според тоа, кога би можело фабриката при неизменети цени да работи 13 часа места 11 1/2 тогаш, со некој придаток на обртен капитал од приближно 2.600 ф. ст., чистата добивка би се вудвоила и нешто повеќе. Од друга страна, кога би се намалиле работните часови дневно за 1 час, чистата печалба ќе исчезне, а ако се намали за 1 1/2 час ќе исчезне и бруто печалбата.[32]

И тоа господин професорот го вика „анализа“! Ако веќе поверувал во поплаките на фабрикантите дека најголемиот дел од денот работниците го растураат на производство, значи и на препроизводство или на надоместување на вредноста на зградите, машините, памукот, ќумурот итн., тогаш би била излишна секаква анализа. Тој би можел да одговори просто: „Господа? Ако пуштите да се работи 10 часа место 11 1/2, под инаку неизменети околности, тогаш дневното трошење на памук, машинерија итн. ќе се смали за 1 1/2 час. Значи, вие ќе добиете толку колку што ќе изгубите. Во иднина Вашите работници ќе растураат 1 1/2 час помалку за производство или за надоместување на авансираната вредност на капиталот.“ Тој, да не беше им поверувал на зборот, но, како човек што се разбира во работата, да најдеше за нужно да изврши анализа, тогаш тој пред сѐ ќе требаше да ги замоли господата фабриканти, што тие во едно прашање кое исклучиво се врти околу односот на чистата печалба кон големината на работниот ден, да не ги трупаат на шарен куп машинериите и фабричките згради, суровините и трудот, туку да благоволат да го одделат постојаниот капитал содржан во фабричките згради, машинерии, суровини итн. на една страна, а капиталот авансиран во наемнината на друга страна. Кога би се покажала тогаш нешто дека, според сметката на фабрикантот, работникот за 2/2 работни часа или за еден час ја произведува или ја надоместува наемнината, тогаш аналитичарот би требало да продолжи:

„Според вашите наводи работникот ја произведува својата наемнина во претпоследниот час, а во последниот вишокот на вредноста или чистата добивка. Бидејќи тој во еднакви временски периоди произведува еднакви вредности, тогаш производот од претпоследниот час има иста вредност како и од последниот. Потака тој произведува вредност само до колку тој троши работна сила, а количество на неговиот труд се мери со неговото работно време. Според вашите наводи ова изнесува 11 1/2 часа на ден. Еден дел од 11 1/2 часа тој троши за производство или за надоместување на својата наемнина, друг за производството на вашата чиста добивка. Потоа тој преку целиот ден ништо не работи. Но бидејќи, според вашите наводи, неговата наемнина и вишокот на вредноста што ви го доставува се вредност од еднакви големини, очигледно е дека тој ја произведува својата наемнина за 5 3/4 часа, а вашата чиста добивка на другите 5 3/4 часа. Потака, бидејќи вредноста на преѓата произведена за 2 часа е еднаква со сумата вредности од неговата наемнина плус чистата добивка, мора оваа вредност од преѓата да се мери со 11 1/2 работни часа, производот од претпоследниот час со 5 3/4 работни часа, а последниот dito [исто]! Ние сега пријдуваме кон една скокотлива точка. Значи, внимание. Претпоследниот работен час е еден обичен работен час како и првиот. Ni рluѕ, ni moins [ни повеќе ни помалку]. Па како може тогаш предачот да произведе за еден работен час вредност на преѓа што претставува 5 3/4 работни часа? Навистина тој не прави такви чуда. Употребната вредност, што ја произведува тој за еден работен час, е определено количество преѓа. Вредноста на оваа преѓа се мери со 5 3/4 работни часа, од кои 4 3/4 се најдуваат без неговото содејство во средствата за производство што ги потрошува тој за еден час, во памукот, машинеријата итн., а самиот тој придава 4/4 или еден час. На бидејќи неговата наемнина се произведува за 5 3/4 часа, а и преѓата произведена за 1 час предење содржи исто работни часа, тогаш сосем не е никакво волшепство тоа што производ-вредноста од неговите 5 3/4 часа предење е еднаква со вредноста на производот од 1 час предење. Но вие сте сосем во заблуда кога мислите дека тој губи макар само еден атом од својот работен ден со препроизводството или со „надоместувањето“ на вредноста на памукот, машинеријата итн. Со тоа што неговиот труд од памукот и од вретената прави преѓа, со тоа што тој преде, вредноста на памукот и вретената сама од себе преминува на преѓата. Тоа се должи на квалитетот на неговиот труд, а не на неговиот квантитет. Секако тој за еден час ќе пренесе повеќе вредност од памукат итн. на преѓата отколку за 1/2 час, но само затоа што тој за 1 час ќе испреде повеќе памук отколку за 1/2 час. Значи вие сфаќате: Дека вашето тврдење оти работникот во претпоследниот час ја произведува вредноста од својата наемнина, а во последниот вашата чиста добивка, не значи ништо повеќе од тоа, дека во преѓата произведена за два часа од неговиот работен ден, без разлика дали тие стојат однапред или одназад, се овоплотени 11 1/2 работни часа, точно толку часа колку што има целиот негов работен ден. А тврдењето, дека тој ја произведува во првите 5 3/4 часа својата наемнина, а во последните 5 3/4 часа вашата чиста добивка, значи пак само тоа дека вие првите 5 3/4 часа ги плаќате, а последните 5 3/4 часа не ги плаќате. Јас зборувам за плаќање на трудот, место за работната сила, за да ви зборувам на вашиот жаргон. Ако го споредите сега, господа, односот на работното време што го плаќате, со работното време што не го плаќате, тогаш ќе најдете дека е тој половина ден, според половина ден, значи 100%, што секако е добар процент. Исто така, нема ни најмалку сомнение дека ако ги натерате вашите „раце“ место 11 1/2 часа да ви работат 13 часа, што вам толку ви личи како едно јајце на друго, ако го додавале вишокот од 1 1/2 час само кoн вишокот на трудот, последниов ќе порасне од 5 3/4 часа на 7 1/4 часа, а со таа нормата на вишокот на вредноста ќе порасне од 100% на 126 2/23%. Напротив, вие сте сосем бесни сангвиници, ако чекате со додавањето од 1 1/2 часа таа да се крене од 100% на 200%, па дури повеќе од 200%, т.е. да стане „повеќе од двојно.“ Од друга страна — срцето на човекот е чудно нешто, особено ако човекот си го носи срцето во ќесето — вие сте дури очајни песимисти, кога се плашите дека со сведувањето на работниот ден од 11 1/2 часа на 10 1/2 часа целата ваша чиста добивка ќе се стори прав и пепел. Не, никако. Под претпоставка да останат сите други околности неизменети, вишокот на трудот ќе спадне од 5 3/4 часа на 4 3/4 часа што сѐ уште дава сосем значителна норма на вишокот на вредноста, имено 82 14/23%. Но судбоносниот „последен час“, за кој вие распредовте повеќе фабули одошто хилијастите за пропаста на светот, е „аll bosh” [празно дрдорење]. Ако го загубите него вие не ја губите „чистата добивка“ и нити децата од обата пола што претерано работат за вас не ја губат „чистотата на душата“.[32a]

Кога еднаш вистински ќе ви тропне вашиот „последен час“, спомнете си за професорот од Оксфорд. А сега: до пријатна гледање во некој поарен свет. Addio? ...[33] Сигналот за „последниот час“ изнајден од Сениора во 1836 г., беше на 15 април 1848 во „London Economist“ одново раздуван од Џемс Вилсон, еден од главните економски мандарини во неговата полемика против законот за десетчасовниот работен ден.

4. Вишокот на производот

Оној дел од производот (1/10 од 20 фунти преѓа или 2 ф. преѓа од примерот под 2), во кој се претставува вишокот на вредноста јас го викам вишок на производот (surplus produce, produit net). Како што нормата на вишокот на вредноста не се определува со нејзиниот однос кон целокупната сума, туку кон променливиот составен дел на капиталот, така и висината на вишокот на производот не се определува од неговиот однос спрема остатокот на целокупниот производ; ами кон оној дел на производот, во кој се претставува потребниот труд. Како што е производството на вишокот на вредноста онаа цел што го определува капиталистичкото производство, така и степенот на висината на богатството не се мери со апсолутната големина на производот, туку со релативната големина на вишокот на производот.[34]

Сумата на потребниот труд и на вишокот на трудот, на временските периоди, во кои работникот ја произведува вредноста со која ја надоместува неговата работна сила и вишокот на вредноста, ја сочинуваат апсолутната големина на неговото работно време — работниот ден [working day].


Фусноти

[26a] „Ако ја сметаме вредноста на употребениот основен капитал како издаток на капиталот, тогаш при крајот на работната година преостанатата вредност на тој капитал мораме да ја вклучиме во годишните приходи.“ (Malthus: „Principles of Politiсal Economy”, 2 изд., London 1836, стр. 296.)

[27] Белешка кон второто издание. Само по себе се разбира, како што вели Лукрециј, „nil роѕѕе creari dе nihilo”. Од ништо не може да се создаде ништо. „Создавањето вредност“ е превртување на работната сила во труд. Од своја страна, работната сила пред сѐ е природна материја преобразена во човечки организам.

[28] На ист начин како што употребуваат Англичаните „rate of profits”, „rate of interest” [норма на профит, норма на интерес] итн. Од третата книга ќе се види дека е лесно да се разбере нормата на профитот штом се познаваат законите на вишокот на вредноста. Па обратен пат не ќе се разбере ni l'un, ni l'auire [ни едното ни другото].

[28a] Белешка кон третото издание. Авторот овдека го употребува обичниот јазик на економијата. Треба да се потсетиме дека на стр. 160 [види Квантитативна определеност на релативната форма на вредноста] беше докажано оти всушност капиталистот не го „авансира” работникот, туку работникот го „авансира" капиталистот — Ф. Е.)

[29] Изразот „потребно работно време“ ние го употребуваме досега во ова дело за работното време што е општо општествено потребно за производство на некоја стока. Отсега ние ќе го употребуваме и за работното време потребно за производство на специфичната стока — работната сила. Употребата на истите termini technici [технички термини] во различна смисла е незгодно, на тоа ни во никоја наука не може да се избегне. Нека се споредат на пр. вишите и нижите делови од математиката.

[30] Господин Вилхелм Тукидид Рошер со вистинска готшедска генијалност открива оти ако образувањето на вишокот на вредноста или вишокот на производот и со тоа сврзаната акумулација во денешниве дни се должи на „штедењето“ на капиталистот, кој за тоа „на пр. бара интерес“, тогаш напротив, „на најниските степени на културата — послабите беа присилувани од посилните на штедливост“. („Die Grundlagen etc.,“ стр. 78.] Кон штедење труд? Или на прекувишните производи што не суштествуваат? Покрај вистинското незнаење и апологетскиот страв пред научната анализа на вредноста и на вишокот на вредноста, и нешто да не се добијат сомнителни резултати за полицијата, ете тоа е што го присилува еден Рошер и компанија повеќе или помалку јасните мотиви со кои капиталистот го оправдува своето присвојување постојни вишоци вредност да ги превртат во основи врз кои изникнува вишокот на вредноста.

[30a] Белешка кон второто издание. Иако е точен израз за степенот на експлоатацијата на работната сила, нормата на вишокот на вредноста не е никаков израз за апсолутната големина на експлоатацијата. На пр. ако е потребниот труд = 5 часа и вишокот на трудот е = 5 часа, тогаш степенот на експлоатацијата е = 100%. Големината на експлоатацијата се мери овдека со 5 часа. Напротив, ако е потребниот труд = 6 часа и вишокот на трудот е— 6 часа, така степенот на експлоатацијата останува неизменет од 100%, додека големината на експлоатацијата расте за 30% од 5 на 6 часа.

[31] Белешка кон второто издание. Примерот на една предилница од 1860 година, изнесен во првото издание, имаше неколку фактички грешки. Coceм точните податоци изнесени во текстот ми ги достави еден манчестерски фабрикант. — Треба да се забележи дека во Англија старата коњска сила се сметала според дијаметарот на цилиндерот, а новата се смета според вистинската сила што ја покажува индикаторот.

[31a] Дадената сметка важи само како илустрација. Имено, ние зедовме за претпоставка дека цената е = на вредноста. Во третата книга ќе се види дека ова изедначување, дури и за средните цени, не се врши на овој прост начин.

[32] Senior во горенаведеното дело, стр. 12, 13. Ние нема да се запираме на куриози кои не се однесуваат на нашата цел, на пр. на тврдењето дека фабрикантите го сметаат надоместувањето на изабените машини итн., значи еден составен цел од капиталот, како печалба, бруто или нето, гнасна или чиста. Нема да се запираме ни на точноста или неточноста на бројните податоци. Оти тие не вредат повеќе од таканаречената „анализа“ докажа Леонард Хорнер во „A letter to Mr. Senior etc.,“ London 1837. Леонард Хорнер, еден од Factory Inquiry Commissioners [комесари за проучување на односите во фабриките], од 1833, и фабрички инспектор, навистина фабрички цензор до 1859 г. се здоби со бесмртни заслуги за работничката класа на Англија. Тој водеше борба во текот на целиот живот не само со огорчените фабриканти туку и со министрите, за кои беше многу поважна да ги бројат „гласовите“ на фабрикантите во Долниот дом, отколку работните часови на „рацете“ во фабриката.

Додаток кон белешката 32. Изложувањето на Сениор е конфузно, а и да не зборуваме за неточностите во неговата содржина. Она што сакаше тој токму да каже е ова: фабрикантот го држи работникот на работа дневно 11 1/2 или 23/2-ни часа. Како одделниот работен ден, така исто и годишниот труд се состои од 11 1/2 или 23/2 часа (помножено со бројот на работните дни во годината). Под оваа претпоставка 23/2-ните работни часови произведуваат годишен производ од 115.000 ф. ст.; 1/2 работен час произведува 1/23 Х 115.000 ф. ст.; 20/2 работни часа произведуваат 20/23 Х 115.000 ф. ст. = 100.000 ф. ст., т.е. тие го надоместуваат само авансираниот капитал. Остануваат 3 1/2 работни часови, кои произведуваат 3/23 Х 115.000 ф. ст. = 15.000 ф. ст. т.е. бруто печалба. Од овие 3/2 работни часа 1/2 работен час произведува 1/23 X 115.000 ф. ст. = 5.000 ф. ст., т. е. го произведува само надоместувањето за абењето на фабриката и машинеријата. Последните две половинки работен час, т.е. последниот работен час произведува 2/23 Х 115.000 ф. ст. = 10.000 ф. ст., т. е. чист профит. Во текстот Сениор ги претвора последните 2/23 од производот во делови на самиот работен ден.

[32а] Ако Сениор докажуваше дека од „последниот работен час“ зависи чистата добивка на фабрикантите, т.е. суштествувањето на англиската памучна индустрија и големината на Англија на светскиот пазар, тоа Ендрју Jyp докажуваше пак кон тоа дека на фабричките деца и младите лица под 18 години, ако не се држат полни 12 часа во топлите и со чист морален воздух фабрички работилници, туку ако се пуштаат „еден час“ порано во душевно ладниот и фриволен надворешен свет, тогаш мрзливоста и порокот ќе им ја земат светлината на нивната душа. Од 1848 г. фабричките инспектори во своите полугодишни „Reports“ [извештаи] неуморно ги дразнат фабрикантите со „последниот“, „судбоносниот час“. Така г. Хавел во својот фабрички извештај од 31 мај 1855 вели: „Ако беше точна следнава остроумна сметка (тој го цитира Сениор), тогаш ќе треба сите памучни фабрики во Обединетото Кралство да работат со загуба уште од 1850 г.“ („Reports of the Insp. of Fact. for the half year ending 30th April 1855, стр. 19, 20.)[1*] Кога во 1848 законот за десетчасовниот труд помина низ парламентот, фабрикантите во селските предилници на лен растурени меѓу грофовствата Дорсет и Сомерсет присилија неколку работници да потпишат една контра петиција, во која, меѓу другото се вели и ова: „Молителите, родителите, мислат дека уште еден час повеќе во безделноста не би можел да има никаков друг резултат, туку само деморализација на нивните деца, дека бездејноста е почеток и мајка на сите пороци“. Фабричкиот извештај од 31 октомври 1848 г. на ова забележува: „Атмосферата во предилниците на лен, каде што работат децата на овие добротворни и нежни родители, така е заситена со прашина и безбројни влакненца од суровините, што е извонредно непријатно да се остане во предачните соби дури и 10 минути, оти вие тоа не можете да го издржите без да ви се смачи, оти вашите очи, уши, ноздри и уста веднаш ќе ви се исполнат со облаци од ленена прашина од која не можете да се откинете. Самата работа бара поради трескавата брзина на машинеријата, неуморно трошење вештина и движење, под контролата на едно неуморно внимание, и изгледа прилично жестоко да се натеруваат родителите да го употребат изразот „мрзливост“ за своите сопствени деца, што се приковани, откога ќе го одбиеме времето за јадење, полни 10 часа на таква работа, во една таква атмосфера... Овие деца работат подолго отколку земјоделските момци во соседните села... Такво немилосрдно обвинување за „мрзливост и порок“ мора да се обележи како најчисто извртување и најбесрамно лицемерство... Оној дел од публиката, што пред околу дванаесет години се возбудуваше против самоувереноста, со која отворено и сосем сериозно се прокламираше, потпирајќи се на санкцијата на висок авторитет, дека целиот „чист профит“ на фабрикантите произлегува од „последниот час“ на трудот, и дека според тоа смалувањето на работниот ден за еден час ќе го уништи „чистиот профит“, овој дел од публиката, велиме, одвај ќе им поверува на своите очи ако тој сега најде дека оригиналното откритие за добрините од „последниот час“ оттогаш толку се усовршиле, што тоа во еднаква мера вклучува но себе и „морал“ и „профит“; така што ако се смали траењето на детскиот труд, на полни десет часа, тогаш ќе пропадне заедно со чистиот профит на фабрикантите и моралот на детето, зашто обата зависат од овој последен, фатален час“. („Rep. of Insp. of Fact. for 31st Oct. 1848”. стр. 101). Истиот фабрички извештај донесува потоа образец за „моралот“ и „добродетелта“ на овие г.г. фабриканти, за интригите, итроштините, измамите, заплашувањата, фалсификациите што ги употребија тие за да присилат неколку сосем запуштени работници да го стават потписот под таква петиција, а после да му ја подметнат неа на парламентот како петиција од една цела индустриска гранка, од цели грофовства. За сегашната состојба на таканаречената економска „наука“ во највисока мера е карактеристична тоа дека ни самиот Сениор, кој подоцна најенергично истапуваше за фабричкото законодавство, што му служи за чест, ни неговите првобитни и попослежни противници, не можеле да ги разјаснат лажните заклучоци на оригиналното откритие“. Тие апелираа на вистинскиот опит why and wherefore [како и зошто] си остана за нив тајна.

[33] Сепак господин Професорот при својот излет во Манчестер профитира нешто! Во „Letters on the Factory Act“ целата чиста печалба, „профит“ и „интерес“, и дури „something more“ [нешто повеќе] зависи од еден неплатен работен час на работникот! Една година пред тоа, во своите „Outlines of Political Economy”, што ги напиша во полза на оксфордските студенти и образованите филистри, тој наспроти Рикардовото определување на вредноста со работното време „откри“ оти профитот произлегува од трудот на капиталистот, а интересот од неговата аскеза, од неговата „апстиненција“. Самата лага беше стара, на нов беше зборот (воздржување). Господин Рошер го преведе него на германски со зборот „Enthaltung“ (воздржување). Неговите компатриоти Виртови, Шулцови и други Михлови, потковани помалку во латинскиот, го покалуѓериле него во „одречување“.

[34] „За една индивидуа со капитал од 20.000 ф. ст. чиј профит изнесува 2.000 ф. ст. годишно, би ѝ било сосем сеедно дали нејзиниот капитал зема на работа 100 или 1.000 работници, дали произведените од него стоки се продаваат за 10.000 или за 20.000 ф. ст., само под претпоставка дека во сите случаи неговиот профит нема да падне под 2.000 ф. ст. Зар реалниот интерес на една нација не е исто таков? Ако земеме оти нејзините реални чисти приходи, нејзините ренти и профити остануваат исти, тогаш не е ни најмалку важно дали нацијата се состои од 10 или 12 милиони жители“. (Ricardo: „The Principles etc.,“ стр. 41). Уште одамна пред Рикардо фанатикот на вишокот на производот Артур Јанг, инакy брборко и бескритичен писател, чијашто слава стои во обратна сразмера со неговите заслуги, го рече, меѓу другото, и ова: „Каква полза би имала во едно модерно кралство една цела провинција чијашто земја ја обработуваат на староримски начин ситни, независни селани, колку добро и да ја обра6отуваат? Каква цел освен една единствена, да се произведуваат луѓе [„the mere purpose of breeding men) што само по себе дури нема никаква цел“ („is a most useless purpose”) Arthur Young: „Political Arithmetic etc.“ London, 1774, стр. 47.

Додаток кон белешката 34. Чудна е таа „голема склоност да се прикаже чистото богатство (net wealth) како полезно за работничката класа... Меѓутоа, очевидно е дека тоа може да биде полезно не поради тоа што е чисто...“ (Th. Hopkins: „On Rent of Land etc.“ London 1828, стр. 126.)


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во понатамошниот текст скусена: RIF.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива